!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Ако се договорат, ни Уставот не ги спречува партиите да ги поместат локалните избори


Скопје, 11 јануари, 2017 - 15:17 (META) 

Според измените во Изборниот законик од јануари 2014 година, локалните избори во Македонија, наместо во втората половина на март, се одржуваат во првата половина на мај, но и оваа календарска одредница може да претрпи измени бидејќи прашањата околу локалните избори не се целосно уредени со Уставот туку со закон, кој го носи Собранието.

„Изборите за членови на совет и за градоначалник се одржуваат секоја четврта година истовремено во сите општини, во првата половина во месец мај“, стои во член 16, став 1 од Изборниот законик.

Поради тесните резултати од изборите на 11 декември лани, кои не овозможуваат формирање на стабилно парламентарно мнозинство и го доведуваат во прашање составот на идната влада, сè поизвесно е дека годинава ќе има нови предвремени парламентарни избори.

Ако тоа биде случај, тогаш можни се три сценарија:

  • Парламентатните избори да бидат заедно со локалните, кои, според членот 16, став 1 од Изборниот законик, треба да се одржат во мај;
  • Одржување на предвремени парламентарни избори рано напролет или по локалните, летоска или наесен;
  • Одржување и на локалните и на предвремените парламентарни избори заедно, на датум кој ќе го договорат партиите, а кој не мора да биде во првата половина на мај.

За спроведување на кое било од овие сценарија, изборите треба да ги распише претседателот на Собранието, кој и две недели по конституирањето на новиот пратенички состав, не е избран.

Ако партиите се договорат за последното сценарио, Уставот не ги спречува да ги направат неопходните измени во Изборниот законик и да направат поместување на локалните избори.

„Локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Законите за локално финансирање, локални избори, општинските граници и за градот Скопје, се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија“, се вели во амандманот 16 од Уставот.

Не е исклучена и можноста ваквите измени да бидат донесени и да важат само за конкретниот случај и да се однесуваат само на овие избори.

Ваков преседан беше направен пред локалните избори во 2013 година, кога на неколку недели пред изборите беа направени измени во Изборниот законик заради продолжување на роковите за регистрација на кандидати.

Имено, по насилното исфрлање на членови на опозицијата и на медиумите од Собранието во текот на расправата за буџетот на 24 декември 2012 година, СДСМ почна со бојкот на парламентот, а на 2 јануари 2013 година партијата објави дека ќе ги бојкотира и локалните избори ако не им бидат исполнети неколку барања.

Изборите беа распишани на 11 јануари, бојкотот на СДСМ на локалните избори заврши на 1 март кога Европската Унија посредуваше за постигнување договор меѓу лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Бранко Црвенковски, а следниот ден Собранието на итна седница го продолжи рокот за регистрација на кандидати за учество на изборите до 8 март за да им овозможи на опозициските кандидати да се регистрираат.

Универзитетскиот професор Јове Кекеновски за „Мета“ вели дека нема потреба од поместување на локалните избори и дека заедно со нив во мај треба да се одржат и нови предвремени парламентарни избори затоа што тоа го налага актуелната ситуација.

„Во една ваква ситуација логично е локалните избори и новите предвремени избори за пратеници да се одржат заедно и на еден трошок. Локалните избори не би требало да се одложуваат. Проблеми околу спроведувањето на двата избори не би требало да има, освен можеби што покомплоцирано ќе биде печатењето на гласачките ливчиња. Доколку и локалните и предвреените парламентарни избори се одржат заедно, тоа ќе придонесе за поголема излезност на гласачите, а крајниот исход ќе го зголеми легитимитетот на победникот“, смета Кекеновски.


Собрание на 31 декември, влада во февруари ако се чекаат крајните рокови


Скопје, 13 декември, 2016 - 0:58 (META) 

Ако новоизбраните пратеници ги чекаат крајните рокови предвидени со Уставот на државата, тогаш новиот собраниски состав ќе биде конституиран најдоцна до 31 декември, а новата влада најдоцна до средината на февруари следната година.

Вака изгледа календарот за конституирање на Собранието и за формирање на новата влада:

  • 31 декември – избраните пратеници се состануваат на конститутивна седница, која во случајов треба да ја свика претседателот на претходниот собраниски состав, Трајко Вељаноски (Конститутиваната седница може да биде и на 1 јануари 2017 година, a седницата, според деловникот на Собранието, ја свикува најстариот по години избран пратеник);
  • 9-10 јануари – претседателот Ѓорге Иванов му го дава мандатот за формирање нова влада на кандидатот на партијата или партиите што имаат мнозинство;
  • 29-30 јануари – Мандатарот го предлага составот на владата и поднесува програма;
  • 14 февруари – се одржува седница за избор на владата (односно 15 дена по приемот на предлогот за состав на владата и програмата, според деловникот на Собранието);
  • 16 февруари – Пратениците гласаат за избор на новата влада. Владата е избрана ако за неа гласало мнозинството од вкупниот број пратеници.

Инаку, вчера, еден ден по изборите, високата претставничка за надворешна политика на Европската Унија, Федерика Могерини, и еврокомесарот Јоханес Хан ги поздравија спроведените предвремени парламентарни избори во Македонија и истакнаа дека очекуваат брзо формирање на новото Собрание и на новата влада и да се фокусираат на спроведувањето на реформите. Идентичен став искажа и шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмаер во неговиот коментар за изборите и очекувањата на Германија околу постизборните процеси во земјава.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој најверојатно ќе го добие мандатот за формирање на нова влада, синоќа на партиската прослава по објавувањето на првичните неофицијални резултати од изборите на Државната комисија, најави дека веднаш ќе почне преговори за формирање влада, за кончено завршување на политичката криза.

Новоизбраното Собрание, според Уставот, се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав. „Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите“, стои во членот 63 од највисокиот правен акт.

Според членот 90, пак, претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.


Ако успеат изборите, аирлија ново Собрание на Нова година и нова Влада на Св. Трифун


Скопје, 19 октомври, 2016 - 11:22 (META) 

Доколу изборите на 11 декември поминат во најдобар ред и ги исполнат очекувањата на граѓаните, партиите и на гарантите на Договорот од Пржино, новиот собраниски состав ќе биде конституиран најдоцна до 31 декември, а новата Влада најдоцна до средината на февруари следната година.

Ова произлегува од роковите за формирање на новиот состав на законодавниот дом и на владата по избори, пропишани со Уставот.

Новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав. „Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите“, стои во членот 63 од највисокиот правен акт.

Според членот 90, пак, претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Ако се чека крајниот рок, календарот за конституирање на Собранието и за формирање на новата Влада е овој:

  • 11 декември – одржување на предвремените парламентарни избори;

Најдоцна до:

  • 31 декември – избраните пратеници се состануваат на конститутивна седница, која во случајов треба да ја свика претседателот на, сега веќе распуштениот собраниски состав, Трајко Вељаноски (Конститутиваната седница може да биде и на 1 јануари 2017 година, a седницата, според деловникот на Собранието, ја свикува најстариот по години избран пратеник);
  • 9-10 јануари – претседателот Ѓорге Иванов му го дава мандатот за формирање нова влада на кандидатот на партијата или партиите што имаат мнозинство;
  •  29-30 јануари – Мандатарот го предлага составот на Владата и поднесува програма;
  •  14 февруари – се одржува седница за избор на Владата (односно 15 дена по приемот на предлогот за состав на Владата и програмата, според деловникот на Собранието);
  •  16 февруари – Пратениците гласаат за избор на новата влада. Владата е избрана ако за неа гласало мнозинството од вкупниот број пратеници.