„Економист“: Виена е најдобриот град за живеење во светот


Лондон, 14 август, 2018 - 10:20 (META) 

Главниот град на Австрија, Виена, е најдобар за живот, покажа анализата на „Економист интелиџенс јунит“ (дел од групацијата „Економист“).

Ова е првпат европски град да биде на врвот на оваа листа, на која седум години по ред „владееше“ Мелбурн.

За листата од 140 градови во светот биле анализирани повеќе фактори, како политичката и социјалната стабилност, стапката на криминал, образованието и здравствената заштита.
Според Роксана Славчева, раководител на истражувањето, во последните 365 дена безбедноста се засилила во неколку градови во Западна Европа, а искачувањето на Виена на листата ја одразува „релативната стабилност во најголемиот дел на Европа“.

Според годишниот извештај на истражувачките служби на „Економист“, меѓу првите десет градови најпогодни за живот, покрај Виена и Мелбурн, се и Осака, Калгари, Сиднеј, Ванкувер, Токио, Торонто, Копенхаген и Аделаида.

Според „Економист“ најнепогоден град за живот е од војна разорениот Дамаск во Сирија. Меѓу десетте најлоши градови за живот се и Дака, Лагос, Карачи, Порт Моресбај, Хараре, Триполи, Дуала, Алжир и Дакар.


Во Грција има повеќе од 60.000 бегалци


Атина, 13 септември, 2016 - 11:37 (META) 

Бројката на бегалци во Грција и официјално надмина 60.000 лица. Според денешниот извештај од грчката влада, во државата има регистрирано 60.042 бегалци. Најголем дел од нив се на островите, каде капацитетите во бегалските центри одамна се надминати. Освен во центрите, бегалците на грчно тло престојуваат и во изнајмени станови во Северна Грција.

Во последните 24 часа во државата стигнале 183 нови бегалци. Изминатата недела речиси секој ден на островите пристигнувале од 100 до 180 нови лица. Ситуацијата е најкритична на Лезбос и на Хиос, каде бегалците се речиси двојно повеќе од капацитетот што го имаат бегалските центри. На Лезбос има 5.660 бегалци иако во кампот има место само за 3.500 лица, додека на Хиос, каде има капацитет за 1.100 бегалци, има 3.598 лица. На сите острови заедно има вкупно 13.171 бегалец.

Според договорот меѓу ЕУ и Турција, бегалците што пристигаат во Грција по 21 март остануваат на островите и мора да бидат вратени во Турција. Меѓутоа, враќањето на луѓето во Турција е екстремно тешко и оди многу бавно бидејќи речиси сите поднесуваат барања за азил, одбивајќи да се вратат во Турција. Поради ова островите веќе се преполни со бегалци, кои и самите заедно со локалното население апелираат владата да реагира и да се забрза процесот за нивно релоцирање и да се донесат одлуките за азил. Последните два дена на Лезбос и на Кос во бегалските центри имаше постојани протести поради лошите услови за живот и доцнењето со одлуките за барањата за азил.

Ситуацијата не е ништо полесна ниту во Северна Грција, каде има 16.425 бегалци во бегалските центри, иако илјадници бегалци во Солун се сместени во изнајмени станови и во хотели платени од УНХЦР.

Според владините бројки, речиси 8.000 бегалци живеат надвор од регистрираните бегалски центри и во изнајмени апартмани. Дел од нив се претпоставува дека се кријат и околу грчко-македонската граница, барајќи начин да го продолжат патувањето кон Северна и Западна Европа.

Иако доаѓаат постудени денови и државата ветуваше нови, подобри бегалски центри, каде бегалците ќе бидат сместени во бунгалови наместо во шатори како досега, сè уште нема информации до каде е изградбата на овие кампови и кога бегалците би биле преселени во нив.