Бизнис-заедницата бара одложување на воведувањето на прогресивно оданочување


Скопје, 7 ноември, 2018 - 11:21 (META) 

Најсоодветен начин за уредување на прашањето за обезбедување дополнителни средства во буџетот, за обезбедување подобар квалитет на јавните услуги, е прво да се искористат сите расположливи можности за рационализација на расходите, е еден од заклучоците на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија.

„Пред сé рационализација на процесите на државната администрација, пред да се пристапи кон воведување поголеми обврски за субјектите во системот и поголемо даночно зафаќање, особено ако се има предвид континуираниот тренд на раст на сите даночни приходи во буџетот во периодот 2005-2017 година. Искуствата покажуваат дека системски промени од ваков вид треба да бидат најавени и усвоени многу претходно во текот на календарската година, во партнерски однос, преку усогласување со најзначајниот партнер од деловниот сектор, како би можеле субјектите навремено да го усогласат своето работење. Во конкретниот случај, предложената даночна реформа е презентирана на почетокот на месец ноември, на помалку од 60 дена до започнувањето на новата фискална и даночна година, во време кога голем број од деловните субјекти веќе ги имаат утврдено финансиските планови за следната година, што има сериозни импликации врз предвидливоста и стабилноста на деловното опкружување“, се вели во соопштението на Стопанска комора.

Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија смета дека најдобриот начин за усогласување на ставовите по однос на ова прашање е барањето доставено до Владата во септември 2018 година, во рамките на Проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“, кој се спроведува со поддршка на американската агенција за меѓународен развој УСАИД.

„Во поднесеното барање, четирите комори во државата заеднички побараа одложување на реформата за воведување прогресивно оданочување. При тоа, посочениот период треба да биде искористен за спроведување на широки консултации со сите засегнати страни, вклучувајќи ја и бизнис заедницата, во насока на согледување не само каков ќе биде планираниот ефект врз приходната страна на буџетот, туку и какви ќе бидат ефектите врз севкупното деловно опкружување и продуктивноста на македонската економија“, се вели во еден од заклучоците на Стопанска комора.


УСАИД и Владата потпишаа меморандуми за енергетските реформи


Скопје, 15 октомври, 2018 - 17:11 (META) 

Со новите меморандуми потпишани денеска меѓу Владата, Министерството за економија и Меѓународната агенција на САД за развој (УСАИД), како и помеѓу Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и УСАИД, за „Проектот за развој на регионални енергетски пазари – поддршка на реформите во секторот енергетика“, ќе се овозможи подобра иднина на енергетскиот сектор во Македонија, порача вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

–  Со техничка помош од УСАИД беше создаден текстот на Законот за енергетика изгласан во мај, а оваа поддршка продолжува и преку креирање на преку 80 подзаконски акти кои произлегуваат од Законот и кои се неопходни за целосна имплементација на овој Закон. Сите засегнати страни напорно работат во создавање на подзаконските акти и истите ќе бидат завршени во предвидената динамика, со што ќе се обезбеди заштита на потрошувачите и ќе се овозможи развојот на обновливите извори на енергија – потенцираше Анѓушев.

Амбасадорот на САД, Џес Бејли, истакна дека транспарентните услови и конкурентните енергетски пазари се витални за домаќинствата и развојот на индустријата и економијата.

– Сигурното снабдување со енергенси е возможно преку користење на микс на енергетски извори како што се ветер, соларна енергија, природен гас и фосилни горива. Преку реализација на овој проект, во кој соработуваат Владата, Министерството за економија, Регулаторната комисија за енергетика и УСАИД, ќе се озвозможи разновидно  и конкурентно енергетско портфолио на Македонија, а воедно ќе се овозожи усогласување на националното енергетско законодавство со енергетските регулативи и директиви на Европската Унија – рече Бејли.


УСАИД и „Метаморфозис“ со нов повик до граѓанските организации


Штип, 10 октомври, 2018 - 9:54 (META) 

Граѓанските организации беа светлото, кое за време на политичката криза укажување на недостатоците, што придонесе за демократизација на процесите. Ова вчера во Штип го изјави директорот на Канцеларијата за општ развој на УСАИД, Едвард Гонзалес, кој најави дека остануваат со поддршката за овие организации, кои продолжија да ја играат улогата на контролор на власта.

-Сметам дека владата успеа да усвои инкулзивен и транспарентен дискурс, но граѓанските организации и понатаму треба да бидат поддржувани во вршењето на нивната улога на „воч дог“ или следачи на работата на власта. Затоа од таа причина, УСАИД продолжува да поддржува проекти, како тие на Платформата за спречување на корупција и на Центарот за граѓански комуникации, бидејќи тие ја играат вистинската улога на „воч дог“, бидејќи тие се оние кои ги следат постапките на владата и отчетноста во работењето – рече Гонзалес.

Во Штип Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ заедно со УСАИД – Проект за граѓанско учество, го презентираа новиот повик до граѓански организации, со кој се предвидува финансирање на седум проекти во висина до 90.000 долари. Од граѓанските организации се очекуваат идеи за одржливи заедници и градови, потоа поддршка на организации кои ќе работат во компонентата на издржливост на заедницата во Националната стратегија на Владата на Република Македонија за борба против насилниот екстремизам и социјалното претприемништво.


ИКТ компаниите бараат подобрување на даночната регулатива


Скопје, 26 септември, 2018 - 11:48 (META) 

Претставниците на проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ одржаа форум за подобрување на бизнис-климата во Македонија преку поттикнување на општествени и економски промени.

Целта на форумот беше да се презентираат и дискутираат теми поврзани со даночната регулатива, даночната политика и работните односи кои се специфични за ИКТ секторот. Настанот е организиран како одговор на потребите на компаниите за подобрување на даночната регулатива и статусот на работната сила од ИКТ секторот, со цел да продолжи растот на ваквите бизниси.

„ИКТ индустријата е еден од нај брзорастечките сектори во Македонија и има огромен извозен потенцијал. Уште поважен е фактот дека обезбедува можности за вработување на високо едуцирани млади, со плати двојно над просекот во државата. Но, индустријата исто така се соочува со специфични предизвици поврзани со глобалната мобилност на работната сила од овој сектор и брзата промена на квалификациските побарувања на индустријата“, изјави директорот на Канцеларијата за општ развој на УСАИД во Македонија, Едвард Гонзалез.

Паралелно со земјите од регионот Македонија треба да се стреми да овозможи една конкурентна средина за ИКТ компаниите, кои ќе ја следат глобалната динамика на овој сектор и ќе овозможат услови за развивање и задржување на висококвалификувани домашни кадри.

Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива е четиригодишен проект со буџет од 1,9 милиони долари кој има за цел да ја подобри бизнис регулативата и да им помогне на малите и средни претпријатија полесно да ја следат и имплементираат честопати комплексната и неповолна регулатива.


23 милиони долари грант од САД за Македонија


Скопје, 7 септември, 2018 - 9:38 (META) 

Македонија доби 23 милиони долари грант од САД  за развојна цел. Договорот е потпишан меѓу државата претставена од Министерството за финансии и Соединетите Американски Држави претставена од Агенцијата на САД за меѓународен развој, УСАИД.

За оваа цел, Македонија ја посети високиот претставник на УСАИД, Гречен Биркл, a на потпишувањето присуствуваа амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли и директорот на канцеларијата на УСАИД во Македонија, Давид Етбери.

– Договорот е особено важен. Средствата се наменети за активности кои ќе овозможат зголемен раст на приватниот сектор, поголема вклученост на граѓаните во носењето на одлуките, зајакнато добро владеење и подобрена кохезија во општеството – рече Тевдовски и додаде дека со овој договор се зајакнува соработката со САД кои го поддржуваат напредокот на Македонија на нејзиниот пат напред.

Биркл изрази верување дека иницијативите ќе помогнат Македонија да го забрза патот кон само-одржливост и евентуалното пристапување кон НАТО и Европската Унија.

– Нашите проекти ќе имаат за цел да ја зајакнат конкурентноста на микро, малите и средните претпријатија, да го подобрат пристапот до финансии, да создадат поедноставено деловно опкружување и да обезбедат поголема енергетска сигурност. За да го промовираме учеството на граѓаните, нашите програми ќе го поддржат јакнењето на граѓанското општество и зголемувањето на професионалноста на независните медиуми. За да го зајакнеме доброто владеење, ќе обезбедиме помош за градење на капацитетите на извршната власт, законодавните тела и националните изборни тела. И на крајот, за да ги зајакнеме врските меѓу заедниците, ќе ги поддржиме активностите што ја подобруваат меѓуетничката интеграција и го зголемуваат вклучувањето на маргинализираните групи во општеството – истакна Биркл.

УСАИД од 1993 година до денес во Македонија имаат инвестирано 640 милиони долари во програми кои создадоа нови работни места, поддржаа слободни и фер избори, ги подобрија меѓуетничките односи и придонесоа за вклучување на маргинализирани и ранливи групи.


Форум за справување со дезинформации денеска ќе се одржи во Велес


Велес, 19 јуни, 2018 - 9:56 (META) 

Денеска во Велес ќе се одржи Форум за јавни политики на тема „Справување со дезинформациите – комбиниран пристап на властите, граѓанското општество и медиумите за долгорочни решенија“, во големата сала на Општина Велес со почеток во 10 часот.

„На Форумот, во одделни панел дискусии, ќе се обратат Роберт Поповски – министер задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност,  Дамјан Манчевски – министер за информатичко општество и администрација, Аце Коцевски – градоначалник на Општина Велес, Едвард Гонзалес – директор на канцеларијата на УСАИД за општ развој, пратеници и претставници на политичките партии, како и стручњаци од областа и претставници на новинарски и медиумски организации“, соопштуваат од Влада.

Темите на кои ќе се разговара се феноменот на дезинформирање неговото потекло и развој како и што можат да преземат властите, медиумите, граѓанското општество и политичките партии во борбата против дезинформациите.


УСАИД го олеснува пристапот за компаниите до финансии од државните фондови и програми


Скопје, 11 април, 2018 - 14:14 (META) 

Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем денеска одржа работилница за зголемување на искористеноста на државните фондови и програми за поддршка на микро, мали и средни претпријатија (ММСП).

За време на работилницата, Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР), Агенција за поддршка на претприемништвото (АППРМ) и Агенцијата за вработување (АВРМ) ги презентираа нивните програми за поддршка на микро, мали и средни претпријатија пред публика од 30 финансиски консултанти и консултантски фирми специјализирани во обезбедување пристап до финансии.

„Врската која консултантите денес ја воспоставија со ФИТР, АППРМ и АВРМ ќе им овозможи полесно да обезбедат финансии за нивните клиенти од државните фондови, со што ќе се зголеми и нивната искористеност“, изјави Едвард Гонзалез, директорот на Канцеларијата за развој на УСАИД.

Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем ќе ја зајакне конкурентноста на ММСП преку подобрување на деловните услуги, финансирањето и пазарните врски за да поттикне значителен пораст на продуктивноста и вработувањата.

„Поради комплексноста на процесите за пристап до финансии, експертизата која финансиските фасилитатори им ја нудат на фирмите е неопходна за зголемување на искористеноста на државните фондови и програми за поддршка на приватниот сектор“, се вели во соопштението на УСАИД.


За четири години со поддршка на УСАИД се вработиле 115 лица со попреченост


Скопје, 12 март, 2018 - 14:07 (META) 

Повеќе од 115 лица со попреченост се вработиле во периодот од 2012 до 2016 година како резултат на соработката на агенцијата на САД за меѓународна помош (УСАИД) со над 360 компании од приватниот сектор, со 40 организации кои работат во областа на застапување на правата на лицата со попреченост и со јавни институции и асоцијации. Притоа, 12 од нив отвориле сопствен бизнис, а повеќе од 70 лица добиле практична работа во различни компании, јавни институции и невладини организации. Преку 250 лица од приватниот сектор ги поминале обуките за менторство на лица со попреченост, посочија од агенцијата.

И во моментов УСАИД работи на проект кој има за цел да ја зголеми  интеграцијата на младите лица со попреченост на пазарот на трудот во Македонија, со акцент на ИКТ индустријата, па е изработена иновативна платформа со онлајн обуки за интерактивно учење, развој на деловно работење и меки вештини, како и обуки од полето на информатичката технологија. Сите курсеви се достапни за сите заинтересирани млади, без разлика дали имаат некој вид на попреченост или не, при што курсевите во комбинација со практично искуство во компаниите ќе им овозможат на младите да се стекнат со потребните вештини за да ги надминат бариерите што го спречуваат нивното учество во работната сила на пазарот на информатичката технологија.


Со помош на УСАИД се отвори првиот центар за поддршка на млади лица со попреченост


Скопје, 7 март, 2018 - 12:39 (META) 

Проектот на УСАИД за социјална инклузија преку технологија, организираше завршен настан и официјална промоција на првиот центар во Македонија и во регионот, што ќе нуди услуги на млади лица со попреченост и ќе ги оспособи да можат да започнат кариери во ИТ-секторот.

Исто така, центарот „ХабИТ“ ќе обезбедува услуги за компании за да ја зголемат пристапноста на своите услуги и производи.

„Ние сме горди на нашите учесници на проектот на УСАИД за социјална инклузија преку технологија, бидејќи тие ги разбија митовите и му покажаа на бизнис-секторот дека младите луѓе со попреченост можат да бидат вработени и целосно да придонесуваат во брзо растечкиот сектор на информатичката технологија во Македонија“, рече амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли.

„ХабИТ“ беше основан од проектот на УСАИД за социјална инклузија преку технологија и дополнително награден како успешен концепт за социјално претприемништво од проектот на Европска Унија „Смарт старт“.

Овој проект на УСАИД поттикна социјална инклузија на млади лица со попреченост на пазарот на трудот преку нивно интегрирање во брзо растечкиот сектор на информатичката технологија во земјава.

Проектот беше имплементиран од фондацијата „иВоте“ во соработка со „Отворете ги прозорците“ и „Здруженито на студенти и млади лица со попреченост“ во Македонија.


УСАИД: Со граѓанско учество до посилно општество


Скопје, 9 февруари, 2018 - 17:50 (META) 

Проектот на УСАИД за граѓанско учество кој започна во август 2016 година, е проект чија цел е да се зајакнат граѓанските организации и капацитетот на младите за унапредување на јавните политики, подобрување на јавните услуги, промовирање на доброто владеење со цел да придонесе за подобрување на животниот стандард на луѓето во Македонија.

Проектот е посветен на родова еднаквост и заштита на правата на социјално исклучени групи во Македонија. Проектот се состои од четири компоненти: зајакнување на алијансите на граѓанските организации, зајакнување на граѓанските организации, јакнење на лидерските капацитети кај младите и учеството на младите во решавање на предизвиците во општеството.

Досега Проектот на УСАИД за граѓанско учество преку доделените грантови чија вредност надминува 1 милион американски долари, вклучи над 3.600 граѓани, и над 5.000 млади лица во најразлични активности за зајакнување на граѓанското учество и младите особено.