!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Осум лица загинаа кога се урна ѕид при стампедо на фудбалски стадион во Сенегал


Дакар, 16 јули, 2017 - 12:58 (META) 

Осум лица загинаа, а околу 40 се сериозно повредени вчера, кога се урна ѕид на фудбалскиот стадион „Демпа диоп“ во главниот град на Сенегал, Дакар. На уривањето на ѕидот му претходела тепачка, а потоа стампедо предизвикано од фрлениот солзавец од полицијата, при што бил урнат и ѕидот.

На финалето во кое играа клубовите „УС Оукам“ и „Стаде де Мбоур“, навивачите почнале тепачка, по што интервенирала полицијата, фрлајќи солзавец за да ги растера. Потоа уследило панично стампедо, и притоа бил урнат еден ѕид.

Претседателот на Сенегал, Маки Сал, објави на „Твитер“ дека тие што стојат зад трагедијата ќе бидат казнети.


Се урна хеликоптер во Грција, загинаа две лица


Атина, 23 јуни, 2017 - 12:08 (META) 

Цивилен хеликоптер се урнал северно од Атина, при што загинале две од трите лица што биле во него, јавија грчките медиуми.

Пожарникарите кои интервенирале на местото на несреќата, близу Маратон, на 40 километри северно од Атина, велат дека по падот на леталото во мочуришното подрачје, едно од лицата излегло од урнатиот хеликоптер, а другите двајца биле пронајдени во леталото во несвесна состојба и подоцна биле прогласени за мртви од екипите на брза помош.

Причините за несреќата се засега нејасни. Хеликоптерот бил најмен од локалните власти.


Се урна хеликоптер на војската на САД во Мериленд, еден загинат и двајца повредени


Вашингтон, 18 април, 2017 - 11:09 (META) 

Американски воен хеликоптер од типот „УХ-60 блек хок“ ноќеска се урнал на терен за голф во сојузната држава Мериленд, за време на рутински лет, при што едно лице загинало, а две биле повредени, соопштила армијата на САД, јавуваат светските агенции.

Причините за несреќата засега не се познати, соопштиле од американската војска.

Според информациите во медиумите, тројцата членови на екипажот на хеликоптерот спроведувале воена вежба кога леталото се урнало во близина на Леонардтаун, околу 97 километри југоисточно од Вашингтон.


Авион се урна во трговски центар во Мелбурн, пет лица загинаа


Мелбурн, 21 февруари, 2017 - 10:29 (META) 

Мал авион „бичкрафт“, во кој имало пет лица, се урна во трговски центар во близина на аеродромот „Есендон“ во Мелбурн.

Агенцијата АФП пренесе дека од местото каде што се урнал авионот се издигнува густ црн чад. Трговскиот центар не бил отворен кога се случила несреќата.

Австралиските власти не го соопштуваат точниот број на загинати, но потврдија дека во леталото што полетало од „Есендон“ кон островот Кинг имало пет лица.


Пронајдена и третата црна кутија од урнатиот руски авион


Москва, 29 декември, 2016 - 11:04 (META) 

Истражните тимови ја пронашле и третата црна кутија од рускиот авион „ту-154“, кој се урна во Црно Море. Полициски извори за агенцијата ТАСС рекле дека записот од црната кутија бил оштетен, но дека постои можност дел од податоците да бидат симнати.

Претходните два дена беа пронајдени уште две црни кутии од авионот, а дешифрирањето на податоците, како што пренесуваат агенциите, би можело да трае неколку недели.

Авионот на руското министерство за одбрана се урна во неделата, на 25 декември, кратко време по полетувањето од аеродромот во Сочи. Во несреќата животите ги загубија сите 92 патници и членови на екипажот, меѓу кои и 64 членови на познатиот ансамбл „Александров“ и девет новинари.


Пронајдена црната кутија на рускиот авион што се урна во Црно Море


Москва, 27 декември, 2016 - 9:22 (META) 

Истражните тимови ја пронашле црната кутија од рускиот воен авион кој завчера се урна во водите на Црно Море, при што загинаа 92 патници и членови на екипажот, јавуваат светските медиуми, повикувајќи се на информации од лица вклучени во истрагата.

Полициски извори за агенциите соопштиле дека црната кутија е извлечена на површина и наскоро треба да биде однесена од Сочи во Москва, каде податоците треба да бидат дешифрирани од стручен тим на министерството за одбрана на Русија.

Во меѓувреме, дел од агенциите, повикувајќи се на неименувани извори, пренесуваат дека Русија ги приземјила сите авиони од типот „тупољев 154“, кои потекнуваат од времето на Советскиот Сојуз, додека истрага не ги утврди причините за падот на леталото од истиот тип.

Авионот на руското министерство за одбрана се урна кратко по полетувањето од аеродромот во Сочи.

Меѓу настраданите во несреќата се 64 члена на познатиот ансамбл „Александров“, како и девет новинари.


Пакистанските власти почнаа истрага за авионската несреќа во која загинаа 47 лица


Исламабад, 8 декември, 2016 - 11:39 (META) 

Пакистанските власти почнаа истрага во врска со авионската несреќа, која се случи вчера и во која загинаа сите 47 патници и членови на екипажот, соопштија денеска официјални претставници на властите во Исламабад.

Меѓу загинатите, како што јавуваат светските агенции, имало и две деца и тројца странски државјани, а властите навеле дека во тек е ДНК-анализа за идентификување на жртвите.

Пакистанскиот министер за воздухопловство, Ирфан Елахи, изјавил дека патничкиот авион вчера имал проблеми со моторот, но дека е сè уште рано да се изведуваат заклучоци за причините за несреќата.

Директорот на пакистанската авиокомпанија „Пакистан интернешенл ерлајнс“, Мухамад Азам Сајгол, изјавил дека авионот бил редовно одржуван и дека во октомври годинава ја поминал проверката, која се спроведува по секои 500 часови лет.

„Мислам дека не е во прашање техничка или човечка грешка“, рекол Сајгол.

Авионот на пакистанската авиокомпанија се урна вчера, кратко по полетувањето од аеродром во северозападниот дел на земјата, недалеку од градот Хавелијан, кој се наоѓа на околу 75 километри северозападно од главниот град на Пакистан, Исламабад.


Авион со 40 патници и членови на екипажот се урна во Пакистан


Исламабад, 7 декември, 2016 - 16:04 (META) 

Авион на пакистанската авиокомпанија „Пакистан интернешнл ерлајнс“ со 40 патници и членови на екипажот денеска се урнал кратко по полетувањето од аеродром во северозападниот дел на земјата, потврдиле од полицијата и од цивилната авијација, јавуваат светските агенции.

Од авиокомпанијата претходно соопштиле дека еден од нивните авиони од типот АРТ-4 исчезнал од радарските системи.

Авионот се урнал во село недалеку од градот Хавелијан, кој се наоѓа на околу 75 километри северозападно од главниот град на Пакистан, Исламабад.

Тим на министерството за внатрешни работи на Пакистан се упатил на местото на несреќата, а свои екипи испратила и војската.

Урнатиот авион летал на линијата Шитрал – Исламабад. Засега нема информации околу можните причини за уривањето на авионот.


Авионот со бразилскиот фудбалски тим се урнал бидејќи останал без гориво


Богота, 1 декември, 2016 - 13:48 (META) 

Колумбиските власти соопштија дека има сè повеќе докази дека авионот што го превезуваше бразилскиот фудбалски тим се урнал бидејќи останал без гориво, додека се обидувал да се приземји, пренесува „Би-би-си“.

Авионот немал гориво при ударот, изјавил официјален претставник на властите, потврдувајќи ги аудиоснимките на кои се слуша како пилотот бара да слета поради недостиг од гориво и откажување електриката во авионот.

Несреќата ја преживеаја само шест лица од вкупно 77 патници и членови на екипажот.

„Имав можност да извршам инспекција на сите остатоци и делови од авионот и можеме да потврдиме дека авионот немал гориво во моментот на ударот“, изјавил на прес-конференција шефот на цивилната авијација на Колумбија, Алфредо Боканегра.

Неговиот колега Фреди Бонила истакнал дека според прописите леталото морало да има резервно гориво за лет од половина час, за да може да стигне до алтернативен аеродром во итни случаи. Но, во случајов, посочил Бонила, авионот немал резервно гориво.

„Моторите се електричен извор, но без гориво, очигледно дека изворот на електрична енергија целосно би бил изгубен“, додал тој.

Во аудиоматеријалите од несреќата, кои протекле во јавноста, се слуша гласот на пилотот како предупредува на „целосно откажување на електриката“ и „недостиг од гориво“. Пред крајот на снимката, тој вели дека лета на висина од 2.745 метри.

Авионот, кој се урна во планински предел близу градот Меделин, ги превезуваше фудбалерите од бразилскиот тим „Шапикоенсеа“, кој вчера со тимот на Атлетико насионал требаше да игра во финале од куп  во Меделин.


Во Колумбија се урна авион со бразилски фудбалски тим


Медељин, 29 ноември, 2016 - 10:10 (META) 

Авион со 81 патник и членови на екипажот кој патувал од Бразил кон Колумбија се урна во близина на градот Медељин. Во тек е акција за спасување, а дел од медиумите јавуваат дека има шестмина преживеани.

Во авионот се наоѓале фудбалери на бразилскиот клуб „Шапикоенсеа“. Причината за падот сè уште се утврдува, иако постојат сомневање дека до трагедијата дошло затоа што авионот останал без гориво.

Најмалку десет лица се повредени и префрлени во болница, јавуваат претставници на спасувачките служби, а точниот број на загинати сè уште не е познат. Акцијата за спасување ја отежнуваат лошите временски услови, а пристапот до местото на падот на авионот е можен единствено преку копно.

Во авионот се наоѓале 72 лица и девет членови на екипажот. Колумбиските медиуми пренесуваат дека во авионот се наоѓале 22 фудбалери, осум функционери на клубот, тројца гости и 21 новинар.

Авионот тип „аероспејс 146“ полетал од Сао Паоло во Бразил, имал едно застанување во Санта Крус де ла Сијера во Источна Боливија, од каде се упатил кон Колумбија.

Со истиот авион овој месец патуваа и фудбалерите на националниот аргентински тим.
Бразилските медиуми пренесуваат дека авионот изгубил контакт со контролата на летање нешто по полноќ по локално време и дека се урнал неколку моменти пред да слета.