Се расчистува шутот од мостот кај Џенова, потрагата по преживеани продолжува


Џенова, 17 август, 2018 - 12:23 (META) 

Багери утрово почнаа да ги расчистуваат урнатините на надвозникот во близина на Џенова, кој се урна во вторникот. По три дена од трагичната несреќа, сè уште се трага по преживеани.

Тешката механизација го тргна големиот вертикален дел на мостот, со што се отвора нов простор за потрага. Спасувачите трагаат по 10 до 20 луѓе, кои се водат за исчезнати.

Неофицијално, во трагедијата во која се урна дел од надвозникот висок 45 метри, загинаа најмалку 39 лица. Меѓу загинатите има шестмина Французи, а другите идентификувани се Италијанци.


Стотици луѓе исчезнати откако попушти брана во Лаос


Виентиан, 24 јули, 2018 - 12:37 (META) 

Стотици луѓе се водат како исчезнати откако се урна брана во источниот дел на Лаос, а насобраната вода поплави шест села и стотици луѓе се исчезнати, јави државната новинска агенција.

Браната во провинцијата Атапе се урнала синоќа, а а поплавата ги уништила живеалиштата на 6.600 луѓе. Засега официјалната бројка на загинати е десетина, но стотици луѓе се исчезнати.

Браната била пред завршување и наскоро требало да почне производството на струја. Почнала да се гради во 2013 година.

Точната причина за уривањето не е официјално утврдена, но  му претходеле обилни дождови, кои предизвикале поплави на многу места во јужен Лаос.


ВМРО-ДПМНЕ: Да се гради Универзална сала, а не да се фрлат 8 милиони евра за уривање на галиите


Скопје, 20 февруари, 2018 - 15:24 (META) 

Скопскиот градоначалник Коце Шилегов не сака да даде пари за реконструкцијата на Универзална сала, но затоа е подготвен да даде 8 милиони евра за рушење на галиите, за кои не се потрошени ниту евро народни пари, рече на прес-конференција Ирена Попова, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје.

– Со ова непромислено трошење на 8 милиони евра за рушење на веќе изградено, а немање средства за реконструирање на симболот на градот, Универзалната сала, Шилегов и СДСМ само потврдуваат дека работат за исполнување на своите лични хирови и задоволување на сопствениот гнев кон една успешна власт, а не работат за граѓаните и нивните потреби. Затоа му порачуваме на Шилегов, парите за рушење на галиите да ги пренамени за реконструкција на Универзалната сала – рече советничката од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа кажа дека за реконструкција на Универзална сала се доволни 4 милиони евра, а средствата за отпочнување на етапна реконструкција биле обезбедени и претходно со Буџетот во 2017 година, но СДСМ со ребалансот ги укинал.


Русин во последен момент го заменил билетот за авионот што се урна вчера


Москва, 12 февруари, 2018 - 14:18 (META) 

Максим Коломејцев од Сочи избегнал сигурна смрт во вчерашната авионска несреќа во Москва, бидејќи пред тргнување на авионот на компанијата „Саратов Ерлајнс“ билетот го заменил за една недела подоцна, јави „Раша бијонд“ во изданието на македонски јазик. За тоа Коломејцев дал 10.000 рубли (172 долари), но ја избегна трагедијата.

Патничкиот авион Антонов-148 на руската авиокомпанија „Саратов ерлајнс“ се урна вчера кратко време по полетувањето од аеродромот Домодедово во Москва, при што загинаа сите 65 патници и шест членови на екипажот.

Коломејцев планирал да го посети својот роден град Орск за да го прослави роденденот и да го преземе новиот автомобил што го купил. Првично компанијата му соопштила дека автомобилот ќе може да го преземе од 10 февруари, па тој ги купил билетите за вчерашниоти лет. Но, неколку часа пред полетувањето, го информирале дека преземањето на автомобилот може да се случи најрано следниот викенд, па тој го заменил билетот непосредно пред да полета.

– Изгубив 10000 рубли (172 долари) за замена на билетите, но добив втора шанса во животот – вели Коломејцев.

Инаку, спасувачките екипи вчера ги пронајдоа црните кутии на авионот Ан-148, а авиопревозникот  „Саратов ерлајнс“ ги приземји сите шест авиони Ан-148 во нејзината флота.

Авионот што се урна вчера, во јануари ја поминал контролата, при што сите делови на моторите, каросеријата и крилата се темелно испитани. И при вчерашните проверки пред полетувањето не биле утврдени проблеми.

Украинската државна компанија „Антонов“, која ги произведува и поправа авионите, соопшти дека е подготвена да ѝ се приклучи на истрагата.

Истражителите денес зедоа примероци од горивото на урнатиот авион, изјави за руската агенција извор во регионалната влада, додавајќи дека се проверуваат сите организации поврзани со „Саратов Ерлајнс“. Авионот пред падот не горел и до експлозијата дошло во моментот на удар во земја, велат од Истражниот комитет на Руската Федерација, пренесува „Раша бијонд“ на македонски јазик.


Загинаа 71 лице во несреќа на руски патнички авион во Москва


Москва, 11 февруари, 2018 - 15:22 (META) 

Руски патнички авион со 71 патници се урна набргу по полетувањето од московскиот аеродром Домодедово, јавија руските медиуми.

Авионот Антонов Ан-148 на компанијата Саратов ерлајнс, летал од аеродромот Домодедово кај Москва до Орск на јужен Урал, јави Интерфакс. Извор од службите за итна помош изјавил дека авионот се урнал во близина на селото Аргуново и оти „патниците и екипажот немале шанса да преживеат“. Во авионот имало 65 патници и шест членови на екипажот.


Почна судењето за „Космос“, Груевски и Јанакиески велат дека не се виновни


Скопје, 24 јануари, 2018 - 11:28 (META) 

Во Основниот суд Скопје 1 претпладнево почна судењето за случајот ТНТ покренат од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), во кое главни обвинети се поранешниот премиер и поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за траснпорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски. Покрај нив, обвинети се уште четири лица за уривањето на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски, кој исто така дојде во судот.

Во своите искази, и Груевски и Јанакиески и Трајковски, но и останатите четиримина обвинети, рекоа дека не се виновни по ниту една точка од обвинението. Цаноски, пак, рече дека ќе бара отштета од обвинетите.

На почетокот, адвокатот Димитар Дангов даде приговор дека двете камери со коишто ќе се снима судењето се „свадбарски“ и дека не се дел од АКМИС-системот, односно она што го снимаат, не може директно да се внесе во записникот.

– Поради ова, судот не може да ги спроведе одредбите од Законот за кривична постапка и нема услови за водење на постапката – рече Дангов.

Судијата Огнен Ставрев рече дека приговорот е неоснован и дека камерите се в ред, па се што снимаат ќе биде внесено во записникот.

Забелешка имаше и адвокатот Боро Тасевски, кој побара од судот првин да ја расчисти ситуацијата дали снимките од прислушуваните разговори се доказ или не. Тој рече оти одбраната смета дека „бомбите“ со правосилна одлука на Кривичниот суд се издвоени од доказниот материјал.

Обвинителот од СЈО, Бурим Рустеми, пак, посочи дека со одлука на Апелацискиот суд, „бомбите“ може да се користат како доказ.

Оваа одлука беше донесена на 4 ноември лани.

Судијата Ставрев потоа истакна дека одбраната ќе ги добие сите материјали вклучително и „бомбите“.

Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, при читањето на генералиите на обвинетите, даде забелешка дека повеќе не е вработен во партијата ВМРО-ДПМНЕ, туку во компанијата „Пелистерка“.

Обвинителот на СЈО, Рустеми, во воведните зборови нагласи дека Груевски, како тогашен премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, и Јанакиески, како министер и висок функционер на партијата, незаконски го срушиле комплексот „Космос“ на Цаноски, само затоа што тој, како претседател на Партијата за европска иднина, одлучил да ја напушти коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и склучил коалиција со СДСМ за изборите во јуни 2011 година.

– Груевски и Јанакиески одмаздата ја сториле преку институциите на централната и локалната власт и со тоа го оштетиле Цаноски за 16 милиони евра. Ова ќе го докажеме преку исказите на Цаноски и на другите сведоци, аудио записите од телефонските разговори меѓу Груевски и Јанакиески, СМС пораките испратени до Јанакиески од сега покојниот Фиданчо Илиевски, преку стручните мислења од Архитектонскиот факултет и преку урбанистичките и екомско-финанските вештачења на документацијата – рече обвинителот на СЈО во обемниот говор.


Груевски и Јанакиески ќе одговараат и за „ТНТ“, судот го прифати обвинението на СЈО


Скопје, 17 ноември, 2017 - 11:11 (META) 

Кривичниот суд го прифати обвинението на Специјалното јавно обвинителство за случајот „ТНТ“, во кој обвинети се актеулениот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски.

Од СЈО ни потврдија дека добиле известување од судот дека Советот за оценка на обвинителниот акт дал зелено светло за предметот да оди на главна расправа.

Судот сега треба да одреди судија што ќе го води предметот, кој треба да закаже датум за почеток на судењето.

Случајот „ТНТ“ се однесува на уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот и претседател на Партијата за европска иднина (ПЕИ), Фијат Цаноски, а во него, покрај Груевски, Јанакиески и Трајковски, обвинети се уште четири лица.

Инаку, обвинението за предметот „ТНТ“ беше распределено за оценување кај судијката и поранешна в.д. претседателка на Кривичниот суд Скопје, Татјана Михајлова.

Апелацискиот суд Скопје на почетокот на месецов одлучи прислушуваните разговори да се користат како доказ во судската постапка за случајот.


ВМРО-ДПМНЕ: Сè што СДСМ ќе урне, ќе го обновиме кога ќе се вратиме на власт


Скопје, 3 ноември, 2017 - 20:26 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ порача вечерва дека сè што СДСМ „ќе урне и ќе уништи од она што е создадено, веднаш по враќањето на власт ќе биде обновено и вратено таму каде што било и такво како што било“. Опозициската партија се закани и дека ќе се бара одговорност за секој што ќе учествува во разни уривања, уништување или преместувања.

Во соопштението партијата порачува дека отстранувањето на споменикот на Ќосето, како и на други личности, ќе внесе раздор во народот.

„ВМРО-ДПМНЕ укажува дека политиката на пресметка или обид за собирање на политички поени на СДС преку отсранување на спомениците на композиција на светица која за време на својот живот била и добитник на Нобелова награда за мир, скопјанката Мајка Тереза, или преку отстранувањето на обележјето на македонскиот војвода Андон Јанев Ќосето, близок и многу доверлив соработник на Гоце Делчев, Даме Груев и Христо Татарчев, човек кој сериозно го ризикувал својот живот за целите на македонската револуционерна борба за слобода, ќе биде чекор кој ќе внесе негативна енергија и нов раздор во македонското општество“, се вели во партиското соопштение.

Партијата му порача на владејачкиот СДСМ „да се фокусира на градење наместо на уривање, на создавање наместо на уништување и на решавање на проблемите на граѓаните“.


Проширување на улиците и повеќе зелени површини во Чаир ветија кандидатите


Скопје, 2 октомври, 2017 - 11:32 (META) 

Во телевизиската дебата „Живот во Македонија“, која ја организираа „Порталб“, „Калѕо“ и телевизијата „Арт“, четирите кандидати Албанци за градоначалници на општина Чаир, ветија дека во рамките на мандатот би граделе нови паркиралишта и би проширувале улици, а не би дозволиле дивоградби. Велат и дека ќе го сопрат претераното градење и воопшто нема да толерираат градење на зелените површини.

Идриз Орана од ДПА рече дека ќе биде бескомпромисен во врска со нелегалното градење и дека сите дивоградби ќе се уриваат. Фарук Авдиу од Алијанса за Албанците рече дека во првата година од неговиот мандат, ако победи на локалните избори, ќе го запре масовното градење и ќе спроведе ревизија на денационализацијата за да се види како градителите узурпирале паркови за да градат високи објекти. Висар Ганиу, градоначалничкиот кандидат на ДУИ, вели дека ќе се ревидираат сите детални урбанистички планови за да се усогласат со генералниот урбанистички план, за кој е надлежен Град Скопје.

Во поглед со проблемот со улиците блокирани од паркирани возила, сите четири кандидати кажаа дека решението е во изградба на нови паркиралишта. Сепак, ниту еден не прецизираше рок во кој ќе се реши овој горлив проблем за чаирчани.


Се урна петкатна зграда во Неапол


Неапол, 7 јули, 2017 - 12:02 (META) 

Станбена зграда со пет ката се урна во близина на Неапол, а спасувачите се обидуваат да откријат дали под урнатините има затрупани лица.

Пожарникарите за локалната телевизија „Скај ТГ24“ рекле дека стравуваат дека најмалку шест или седум лица се заробени под урнатините во местото Торе Ануцијата.

Италијанската агенција АНСА пренесе изјави од очевидци кои велат дека пред уривањето на зградата не се слушнала експлозија.

На фотографиите објавени на социјалните мрежи се гледа урнатиот дел од зградата и внатрешноста на некои станови.