!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Скопје и Тетово се загадени поради големиот и брз урбан развој без еколошки стандарди


Тетово, 19 мај, 2017 - 16:10 (META) 

Аерозагадувањето во Скопје и во Тетово е резултат на нивниот голем и брз урбан развој, кој се одвива без да се запазат основните урбанистички и сообраќајни стандарди. Ова е ставот на дел од учесниците на Меѓународната конференција на применети науки, која се одржа на Државниот универзитет – Тетово.

Професорот Вулнет Палоши смета дека градот треба да се развива на основа на генерален урбанистички план. Но, наместо тоа, во градот се носат урбанистички планови за неколку објекти, без да се утврди дали тој план содејствува со другиот дел од градот, вели Палоши.

– Добро е што Тетово се развива, има студенти, има трговија, за сето ова се потребни градби. Тие градби се градат, но не се градат планирано, во содејство со другиот дел од градот, туку парцијално. Ние во Тетово не можеме да се потпреме на генералниот урбанистички план, затоа што е стар и затоа се носат парцијални урбанистички решенија за градби, кои кога се градат, не се внимава дали ќе му пречат некому или ќе ја запрат ружата на ветрови. Затоа потоа воздухот се загадува, во градот се намалува провевот – рече професор Палоши.

Професорот Миле Димитриевски, кој учествуваше на конференцијата, вели дека за прочистување на воздухот, ќе треба сите макотрпно да работиме и дека проблемот не се решава наеднаш.

– Ние сите работевме повеќе од една деценија да го загадиме воздухот, сега ќе треба толку да работиме да го прочистиме воздухот. Треба да работиме да го дислоцираме поголемиот дел од сообраќајот од градот, преку изградба на обиколница за град Тетово, треба да ја дислоцираме и дивата депонија, каде повеќе од една деценија се таложи ѓубрето. Како што сме работеле на уништување на зеленилото, така треба сега да работиме на негово засадување. Треба да ги намалиме возилата кои циркулираат на квадратен метар. За сето ова е потребно време и затоа овие чекори треба да ги почнеме да ги реализираме, затоа што доцниме – рече Димитриевски.

На Меѓународната конференција за применети науки беа презентирани 120 научни трудови од областа на архитектурата, геодезијата, сообраќајот и на инженерството.


Павлески: Општините ќе останат обезглавени, а последиците ќе бидат врз граѓаните


Скопје, 11 април, 2017 - 14:27 (META) 

„Локалните избори требаше да се одржат најдоцна до 15 мај, но поради тоа што Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ја блокираат работата на парламентот, изборите нема услови да се одржат во предвидениот законски рок“, изјави претседателот на комисијата за локална самоуправа на СДСМ, Дејан Павлески.

Тој додаде дека по тој рок, целосно прекинува мандатот на градоначалниците и на советниците, со што тие губат секакво право на раководење со општините.

„Општините ќе останат обезглавени, а последиците ќе паднат врз граѓаните, кои не ќе може да ги реализираат своите потреби. Незаконски и недозволиво е насилно да се носат детални урбанистички планови на штета на граѓаните, во време кога градоначалниците и општините вршат само техничка функција. Особено нагласуваме дека во услови на техничко функционирање на општините, советниците и градоначалниците не смеат да распишуваат тендери“, изјави Павлески.

Тој ја посочи како пример Општина Аеродром, каде што, како што кажа, градоначалникот Ивица Конески и советниците на ВМРО-ДПМНЕ „за тендер-интереси, без согласност од граѓаните, по итна постапка, изменија детален урбанистички план.

„Согласно Законот за локална самоуправа, мандатот на сите членови на советите на општините и на сите градоначалници е четири години и е веќе истечен. Советите и градоначалниците, во периодот што следува, своите надлежности мора да ги извршуваат исклучиво технички, за да се даваат услугите што им се потребни на граѓаните. Советниците и градоначалниците, исто така, не смеат да ги задолжуваат општините, односно граѓаните! И не смеат да почнуваат инфраструктурни објекти за да се додворуваат на граѓаните во пресрет на локалните избори“, додаде Павлески.


Бочварски: Урбанистичките планови се правеа за бизнис интересите на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 18 февруари, 2017 - 13:53 (META) 

СДСМ има подготвено закон за заштита на зеленилото и за зголемување на процентот на зеленилото во градовите и по формирањето на новото парламентарно мнозинство ќе го пуштиме во собраниска процедура, изјави денеска Благој Бочварски, претседател на Комисијата за транспорт и врски на СДСМ.

Бочварски соопшти дека Законот ќе предвидува површините планирани во Генерален урбанистички план и во Детален урбанистички план, со намена зеленило, спорт и рекреација да не можат да се пренаменуваат во било што друго.

– Во Македонија досега се правеа урбанистички планови за бизнис интереси на криминалната власт на ВМРО-ДПМНЕ, без да се води грижа за хуманото живеење. Исекоа многу паркови. Уништија многу зелени површини за непотребни градби, што немаат никаков придонес за развој на градовите. На тој начин е нарушена циркулацијата на воздухот. Тоа е и една од причините зошто Скопје е во првите три најзагадени градови во Европа, а на врвот по загадување на воздухот се и Тетово и Битола – вели Бочварски.


Весковски: ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ на Бадник незаконски носеа урбанистички планови за Карпош


Скопје, 9 јануари, 2016 - 14:16 (META) 

Советничката група на СДСМ во Општина Карпош поднела две иницијативи за покренување постапки пред надлежните органи, поради, како што велат, незаконското и неделовничко носење на два урбанистички планови, кои советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на ГРОМ ги усвоиле на 6 јануари, на празникот Бадник.

– На седницата на Советот на општина Карпош, одржана на големиот христијански празник Бадник, скришно, на нетранспарентен начин, советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на ГРОМ ги усвоија деталните урбанистички планови за Тафталиџе 1 и за Карпош 3. Ваквата насилна, недемократска одлука на ВМРО-ДПМНЕ и на ГРОМ, односно на Никола Груевски и на Стевчо Јакимовски е спротивна на интересите и на барањата на граѓаните на Карпош. Граѓаните со право реагираат и не се согласуваат со „дил-оринтед“ одлуките на Груевски и на Јакимовски, за што беа подесени и стотици анкетни листови токму за овие детални урбанистички планови. Граѓаните на Карпош бараат зеленило наместо урбана џунгла од згради – изјави денеска на прес-конференција претседателот на општинската организација на СДСМ во Карпош, Душко Весковски.

Тој соопшти дека советниците на СДСМ демонстративно ја напуштиле седницата „на која што без претходна најава, нетранспарентно и кукавички“ биле вметнати двете точки за усвојување на овие детални урбанистички планови.

– До Државниот инспекторат за локална самоуправа поднесoвме претставка поради прекршувањето на повеќе законски и подзаконски акти на Општината. Дополнително, ќе ги поддржиме и сите иницијативи на граѓаните со кои на демократски начин се изразува незадоволството од ваквиот начин на внесување урбанистички хаос и уништување на квалитетот на животот на граѓаните во општина Карпош – рече Весковски.