!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Централен регистар потврди дека 22 милиони денари биле исплатени на „Бетон“


Скопје, 23 август, 2017 - 18:48 (META) 

Централен регистар потврди дека добивката од 22 милиони денари во 2016 година, наместо во буџетот, претходното раководство ја исплатило на компанијата „Бетон“, информираат од таму.

На тој начин, како што стои во соопштението „претходниот Управен одбор и раководството го прекршиле членот 26, став 3 од законот за Централен регистар, во кој стои дека, вишокот на средства од годишната нето-добивка треба да се уплати во буџетот.“

Средствата биле уплатени на сметката на „Бетон“, како исплата на времени ситуации за изградбата на новиот објект.

„Покрај Централен регистар, ко-инвеститори се и Регулаторната комисија за енергетика, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Комисијата за хартии од вредност, Акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давател на услуги на воздухопловната навигација „М-НАВ“, како и Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење на Републиката – Скопје“ се вели во соопштението.

Во него се додава дека „проектот за новиот објект бил инициран од Службата за општи и заеднички работи во Владата која била во улога на координативно тело – носител на сите активности поврзани со градбата во која ко-инвеститори се споменатите шест институции меѓу кои и Централниот регистар.“

„Централниот регистар најавува дека ќе поведе постапка за преиспитување на извршувањето на ваквите одлуки од страна на поранешното раководство и Управниот одбор, согласно препораките на Владата донесени на вчерашната седница“, се додава во соопштението.


Елизабета Шелева на местото на Лешоски на чело на Струшките вечери на поезијата


Скопје, 21 август, 2017 - 13:09 (META) 

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски, донел одлука за именување на нови членови на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, откако младиот поет Дарко Лешоски, кратко по именувањето на функцијата претседател на Управниот одбор на СВ, реши да се повлече по реакциите во јавноста за неговиот избор.

Како што соопштија денеска од Министерството за култура, нов претседател на Управниот одбор на СВП е Елизабета Шелева, а членови се Лидија Димковска и Димитрие Дурацоски.

Елизабета Шелева е редовен професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност, при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Таа е претседавач на Здружението на независните писатели на Македонија и уредничка на книжевното списание „Наше писмо“. Членка е на македонскиот ПЕН центар. Долгогодишна уредничка на регионалното списание за литература и култура „Сараевске свеске“. Шелева е уредник на Антологијата на македонската современа поезија „ Песна меѓу две лета“ за Струшките вечери на поезијата, во 2009 година. Преведува од англиски, српски и словенечки јазик, а објавила повеќе од 200 прилози и 9 авторски книги.


Дарко Лешоски се повлече од раководството на Струшки вечери на поезијата


Струга, 16 август, 2017 - 10:34 (META) 

Дарко Лешоски, младиот поет кој ја разбранува културната и пошироката јавност во изминативе денови откако беше назначен за претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, објави дека ќе се повлече од функцијата.

Одлуката тој ја соопшти во интервју за „Дојче Веле“.

– Ги слушнав сите мислења и сите ги почитувам. Се повлекувам и се откажувам од претседателствувањето со Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата. Се заблагодарувам на укажаната доверба и останувам посветен на мојот примарен ангажман во Сервисот за односи со јавност на Владата. Нека биде ова почеток на една поинаква демократска практика – рече Лешоски.

Неговото назначување минатата седмица беше дочекано на нож во голем дел од јавноста и беше силно критикувано, поради неговата возраст, малото искуство за таква значајна функција, но и поради релативно скромниот творечки опус. Спротивниот табор пак нагласуваше дека неговата неконвенционалност – поезијата почна да ја објавува на Фејсбук, а се гордее дека нема напишано ниту една книжевна критика – ќе биде одлична можност да се извади манифестацијата Струшки вечери на поезијата од наводната зачмаеност.


СЈО бара да има член во управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители


Скопје, 28 февруари, 2017 - 10:26 (META) 

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) бара измени на Законот за Академијата на судии и јавни обвинители, со кои на СЈО ќе му биде овозможено да има член во управниот одбор на Академијата и да учествува во носењето одлуки.

Од СЈО до Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ вчера испратиле допис со барањата за законски измени. Во дописот од СЈО се наведува дека „врз основа на законски пропишани обврски, Академијата има должност да остварува професионална соработка со Специјалното јавно обвинителство исто како и со другите јавни обвинителства“.

Во дописот се наведува дека Академијата не ги вклучила обвинителите на СЈО во годишната програма за обуки и не го доставила годишниот каталог за задолжителни обуки до Специјалното јавно обвинителство.