„Еко-свест“ предупредува дека на парк шумата Водно ѝ се заканува уништување


Скопје, 15 август, 2018 - 15:24 (META) 

На парк шумата Водно ѝ се заканува уништување од изградбата на гасовод низ значајни подрачја на природа богати со биодоверзитет, велат од невладината „Еко-свест“ и додаваат дека минатата недела испратиле дописи до меѓународни институции и банки со цел да алармираат за повеќе проблеми кои ги има изградбата на гасовод низ Водно.

„Во последните неколку месеци еколошките организации и иницијативи водат битка со институциите за да го зачуваат единственото поголемо парче зеленило кое му остана на градот Скопје. Станува збор за спорната делница пет Скопје-Гостивар-Кичево на проектот за национален гасификациски систем на Република Македонија за чии потреби е одбрана траса која минува по сртот на парк шумата Водно и низ значајни подрачја на природа чие уништување е неповратно“, велат од „Еко-свест“.

Трасата низ парк шумата Водно, според нив, минува низ значајни растителни подрачја со ретки и загрозени билки, а нејасно е какво ќе биде влијанието на изградбата на трасата и градежните активности врз Матка, Пештерата Убавица и Буково кое е исто значително растително подрачје.

„Во фазата на планирање биле разгледани повеќе можни траси за овој дел од гасоводот, меѓутоа, останува нејасно зошто сите биле отфрлени и била избрана токму трасата низ парк шумата Водно. Во постапката за Оценката за влијание врз животната средина биле спроведени јавни расправи во засегнатите општини на кои не биле поканети засегнати граѓани и граѓански организации кои работат во сектор животна средина. Единствени кои се потпишани на списоците се вработени во општините и присутните институции. Поради сите овие причини, а и важниот факт дека на одбраната траса постојат барем две ерозивни подрачја чија дефорестација би значела зголемување на ризикот од лизгање на земјиштето и загрозување на безбедноста на скопјани уште еднаш апелираме до властите, гасоводот за овој дел да не поминува низ Водно, меѓутоа и бараме почитување на законите и подзаконските акти“, додаваат од „Еко-свест“.


„Го сакам Водно“: Заев да престане поедноставено да гледа на уништувањето на Водно


Скопје, 20 јуни, 2018 - 14:01 (META) 

Граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ реагираше на вчерашните изјави на премиерот Зоран Заев во емисијата на Канал 5 „Само вистина“, порачувајќи му дека не смее поедноставено да се гледа на животната средина и дека многу работи што ги кажал за изградбата на гасоводот на Водно се неточни.

Од иницијативата велат оти е неточно дека со гасоводот ќе се реши комплетно делот на гасификацијата за Скопје, бидејќи станува збор за магистрален гасовод кој само минува на Водно и од Скопје ќе го „носи“ гасот до Косово, Тетово, Гостивар, а потоа и Кичево.

Во врска со изјавата на Заев дека „секое дрво 10 пати повеќе ќе се обнови, делот каде поминува гасоводот низ парк-шума Водно е нискостеблеста шума, само тој дел од изградбата на гасоводот е закочен”, од „Го сакам Водно“ велат дека не садењето дрвја на уништениот потег е никакво решение, бидејќи самиот процес на изградбата нанесува огромна штета на природата и на многу животински и растителни видови.

„Заштитено подрачје како што е парк-шума Водно, каде живеат ретки, ендемски и загрозени видови, не смее да се избанализира и не може да се сведе на ниво “за секое исечено дрво, 10 ќе насадиме”. Вакви изјави укажуваат на големо непознавање за функционирањето на еден екосистем и навистина мора да се стави крај на вакво несоодветно и крајно симплифицирано гледање на природата со целиот жив свет во неа и нејзиното значење. Гасоводот поминува низ 4 км шума, високостеблеста, а делот што се смета за нискостеблеста шума е густа шума на дрвја, високи околу 2 метра“, велат од иницијативата.

Од таму го оспоруваат тврдењето на Заев за повторно пошумување, велејќи дека над гасоводот нема да смее да се садат дрвја. Екологистите го повикаа Заев заедно со нив да се искачи на Водно за да види со какво уништување се согласил.


Анѓушев: Промената на трасата на гасоводот од Водно ќе ја одложи изградбата за пет години


Скопје, 29 мај, 2018 - 16:46 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев смета дека, ако се промени трасата на гасоводот од Водно, изградбата ќе се одложи до пет години. Затоа, како што одговори на новинарско прашање, треба да се вложат сите средства уништувањето на зеленилото да се сведе на минимум, а потоа сè што ќе биде уништено да се санира и да се надомести со ново зеленило.

– Со интервенции во самата траса на градење е направено да се минимизира уништувањето на шумата Водно и ќе биде минимизирано оштетувањето, а Владата ќе биде ригорозна во компензација на се што ќе биде уништено. Јас лично ќе бидам поборник на тоа, за секое исечено дрво, да се засадат најмалку десет, и мислам дека решението треба да го бараме во тој правец. При секој инфраструктурен проект се што ќе биде уништено во животната средина треба биде многукратно надополнето од инвеститорите во тој процес – рече Анѓушев.

Тој додаде дека и да се промени трасата на гасоводот, повторно ќе има ситуација во која ќе треба да се уништи дел од некоја природна убавина, бидејќи нема градење на каков било инфраструктурен проект, кој нема да влијае на животната средина.

Вчера, граѓанските иницијативи за спас на Водно соопштија дека постои алтернативно решение за изградба на гасоводот кое поминува од северната страна на Скопје и затоа сметаат дека штетите нанесени на парк-шумата Водно се неоправдани.


Во турските воздушни напади уништен древниот храм Аин Дара во Сирија


Дамаск, 28 јануари, 2018 - 19:36 (META) 

Во воздушните напади на Турција на регионот Африн на северот на Сирија оштетени се 60 отсто од древниот храм Аин Дара кој датира од арамејската ера (1300 – 700 година пред новата ера), соопшти сириската опсерваторија за човекови права, пренесува „ХРТ“.

Храмот е откриен во 1982 година, а се простира на површина од околу 50 хектари и е познат по остатоците од големи резбани блокови базалт и по ѕидните релјефи.

Сириската управа за антиквитети и музеи ги осуди турските напади на археолошките наоѓалишта, потврдувајќи ја информацијата за „уништувањето на храмот Аин Дара, една од археолошки највредните градби на Арамејците во Сирија“.

– Три илјади години цивилизација е уништено во само еден воздушен напад – изјавил директорот на управата Мамун Абделкарим.

Од управата ја повикуваат меѓународната заедница да изврши притисок на Турција за да се спречи гранатирањето и бомбардирањето на археолошките и културните локации.

Операцијата на турската војска против единиците на сириските Курди во Африн почна пред една недела со силно гранатирање и бомбардирање на курдската милиција во регионот.

Сириската влада на претседателот Башар ал-Асад го осуди нападот на Турција, но се противи и на курдските аспирации за автономија во северните делови на Сирија.

Сириската граѓанска војна, која почна во 2011 година, досега резултираше со огромни штети на многу историски градби, меѓу кои се древната Палмира и стариот дел на Алепо, кои се на списокот на УНЕСКО на светско културно наследство.


Да не се уништува опремата во парк-шумата „Водно“, апелира ЈП „Паркови и зеленило“


Скопје, 2 јануари, 2018 - 12:23 (META) 

Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ реагираа на уништувањето на опремата во парк-шумата „Водно“ и апелираа до посетителите да се однесуваат посовесно и поодговорно.

Изминатиов период чуварските служби на ЈП „Паркови и зеленило“ на реонот во парк – шумата „Водно“ регистрирале уништување на повеќе парковски елементи. Се почесто се среќаваат уништени и оштетени информативни табли, корпи за отпадоци, оштетувања на видиковци, парковски клупи и маси за посетителите, што говори за вандалско и несовесно однесување кон истите.

„Потребата и значењето на парковскиот инвентар и нивната намена за одмор и рекреација е се поголема, особено во градските средини, како составен дел од програмската содржина при посета на парк – шумите, парковите и урбаното зеленилото. Оттука апелираме до посетителите да совесно и одговорно се однесуваат кон урбаната парковска опрема, како и кон природата“, стои во соопштението на ЈП „Паркови и зеленило“.


Ристоска побара од судот максимална казна за Грујовски за „Тврдина 2“


Скопје, 6 ноември, 2017 - 11:55 (META) 

Обвинителката на Специјалното јавно обвинителство, Ленче Ристоска, денеска побара од судот максимална казна за поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, за случајот „Тврдина 2“, додека за другите шест службенички од УБК, обвинети во случајот, таа му предложи на судот да им одреди алтернативни, односно условни казни.

Инаку, Грујовски и службеничките во УБК беа обвинети за уништување на документацијата од незаконското прислушување. СЈО ги гонеше за фалсификување службена исправа, според членот 361, став 2, за што е предвидена затворска казна од три месеци до пет години.

По денешните завршни зборови, судот в среда ќе ја изрече пресудата.

Ристоска, во завршните зборови пред Кривичниот суд во Скопје за случајот „Тврдина 2“, истакна дека мотивот на Грујовски, како наредбодавец за уништувањето на докуемнтацијата од УБК, бил да се сокријат трагите за тоа кој и како прислушувал стотици граѓани во Македонија и да се отежни истрагата за масовното кршење на човековоте слободи и права од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Таа рече дека уништувањето на документите во Петровец, во близина на Скопје, се случувало истовремно со уништувањето на системите од незаконското следење на комуникациите во МВР, за што Грујовски исто така е обвинет во случајот „Тврдина“.

Обвинителката на СЈО, побара од судот при определувањето на казната да не го зема како олеснителна околност тоа што Грујовски е татко на две деца, туку фактот дека е во бегство, со што децата и семејството ги оставил на цедило, без извор на егзистенција.

За шесте службенички од УБК, кои наместо да ја одбијат наредбата на Грујовски, учествувале во постапката за уништување на документите, Ристоска побара условни казни. Како отежнителна околности таа побара од судот да го оцени тоа што ниту една не се покајала за стореното, но нагласи дека секоја од нив, наведувајќи ги по име, имала беспрекорно однесување во УБК и дека немале дамка во работењето и оти дел од нив се самохрани мајки.

Адвокатот на Грујовски, Љупчо Шврговски, пред судот рече дека во случајот нема основи за кривично, туку за евентуално прекршочно дело. Одбраната наведе дека СЈО нема мандат да гони дела сторени во 2015 години и дека ова проширување на надлежноста на СЈО ќе доведе до правна конфузија.

Инаку, на Грујовски му се судеше во отсуство, бидејќи тој заедно со својот колега од УБК, Никола Бошковски, се наоѓаат во екстрадициски притвор во Солун, откако беа уапсени на солунскиот аеродром, во обид со лажни бугарски пасоши да заминат за Будимпешта.


На американското крајбрежје му се заканува нов ураган


Вашингтон, 5 октомври, 2017 - 11:46 (META) 

Американскиот Национален центар за урагани предупреди дека овој викенд заливското крајбрежје на САД би можело да го погоди нов ураган и дека ако тоа се случи, на мета ќе бидат Алабама и Талалахаси.

Ова предупредување следува еден месец откако огромни делови на југот на САД и Карипските Острови останаа уништени од ураганите што ги погодија.

Ураганот Харви предизвика поплави какви што не се беа случиле од ураганот Сенди од 2012 година.

Потоа следуваше Ирма која уништи неколку острови од Карибите пред да се упати кон Флорида.

Ураганот Марија подоцна го погоди америкланскиот дел од островот Порторико.


Трамп се закани дека САД би можеле целосно да ја уништат Северна Кореја


Њујорк, 19 септември, 2017 - 19:12 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во своето прво обраќање пред Генералното собрание на Обединети нации во седиштето на организацијата во Њујорк, изјави дека доколку Америка биде во ситуација да мора да се брани себеси или нејзините сојузници, би немала друг избор освен целосно да ја уништи Северна Кореја.

Тој ја нападна земјата и нејзиниот лидер Ким Јонг-ун, велејќи дека Северна Кореја „се заканува на целиот свет со незамисливи загуби на животи“ со својата нуклеарна програма.

– Ако праведното мнозинство не се спротивстави на злобното малцинство, злото ќе триумфира – порача Трамп, говорејќи на отворањето на 72. Генерално собрание на светската организација.

Тој порача дека против интересите на целиот свет е Северна Кореја, која ја нарече „банда криминалци“, да има ракети и нуклеарно оружје.

– Ракетарот е на самоубиствена мисија – рече Трамп, мислејќи на севернокорејскиот лидер. Тој го обвини Ким Јонг-ун дека води режим кој го изгладнува сопствениот народ и го убил братот на лидерот со отровни хемикалии.

Иако се заблагодари на Русија и на Кина за поддршката на неодамнешните санкции од ОН против Северна Кореја, тој индиректно ги нападна поради продолжувањето на соработката со севернокорејскиот лидер.

– Сега е време сите заедно да работиме и да го изолираме Ким сè додека тој не престане со непријателското однесување. Суверените држави мора да бидат основа на светскиот поредок. Мораме да ги отфрлиме заканите по суверенитетот од Украина до Јужно Кинеско Море. Очекувам сите држави да ги почитуваат интересите на својот народ, како и правата на другите суверени држави – посочи Трамп.

Тој се осврна и на Иран и ја нарече „економска празна отпадничка држава, чиј единствен извозен производ е насилството“. Договорот за нуклеарната програма на Иран, Трамо го нарече „срамен“ и рече дека светските лидери не можат да се држат до договорот ако тој ја продолжува иранската нуклеарна програма.

Во врска со кризата во Венецуела, нарекувајќи ја „неприфатлива“, Трамо рече дека во земјата владее „социјалистичка диктатура“.

– САД не можат само да стојат на страна и да гледаат – рече Трамп.


Мексико погодено од ураганот Катја еден ден по земјотресот што уби 61 човек


Мексико Сити, 9 септември, 2017 - 13:23 (META) 

Еден ден откако доживеа разорен земјотрес од 8,2 степени по Рихтеровата скала, Мексико вчеравечер беше погодено од уште една природна катастрофа, ураганот Катја.

Мексиканскиот претседател Енрике Пења Нието прогласи тридневна жалост поради катастрофалниот земјотрес, кој ја погоди земјата вчера ноќта и во кој загинаа 61 човек. Претседателот изјави дека земјотресот бил со интензитет од 8,2 степени според Рихтеровата скала и оти бил најсилниот во Мексико во изминатите сто години.

Бројот на загинатите во најсилниот земјотрес што го погоди Мексико во последните 100 години се зголеми на 61 лице, а едно лице загинало и во Гватемала.  Земјотресот  можеше да се почувствува сè до главните градови на Мексико и на Гватемала, но најголемите штети ги направи на јужниот брег на Мексико, погодувајќи ги државите Табаско, Чијапас и Оаксака, кои се сметаат за најсиромашни и за најмалку развиени во земјата. Таму во моментов се одвива голема операција на спасување.

Поради земјотресот, чиј епицентар бил во Пацификот, 120 километри од брегот на Мексико, беше прогласена и тревога за цунами, но таа подоцна беше укината.

Вчеравечер, додека земјата сè уште се соземаше од шокот од земјотресот, ураганот Катја ја погоди  Теколутла, а се очекува да донесе врнежи од 25 до 30 сантиметри воден столб на квадратен метар во северните држави Веракруз, на истокот на државата Хидалго и во Пуебла.

Се очекува тоа да предизвика поплави и одрони на земјиште, поради што луѓето што живеат на падини се повикани да се евакуираат.


Ураганот Ирма ја погоди Куба и оди кон Флорида


Мајами, 9 септември, 2017 - 12:30 (META) 

Ураганот Ирма денеска, откако зајакна до бура од петти степен, сe насочи кон Флорида, оставајќи зад себе уништување и многу загинати луѓе на Карибите. Ирма претходно ја погоди Куба, а во подрачјето на Карибите и на Флорида предизвика можеби најголема евакуација во историјата на тој предел.

Бројката на жртви на Ирма се искачи до 21 лице, откако ураганот го погоди крајбрежјето на Куба со ветрови со максимална брзина од 260 километри на час, соопшти Националниот центар за урагани на САД.

Ирма е на околу 485 километри од Мајами и се движи на запад со околу 20 километри на час. Се очекува ураганот попладнево по локално време да стигне до Флорида.

Властите во Флорида повикаа 5,6 милиони лица, повеќе од една четвртина од населението да се евакуираат пред налетот на Ирма. Гувернерот на Флорида Рик Скот веќе неколку дена ги повикува жителите на државата, особено оние кои живеат во крајбрежните региони. да се евакуираат.

Две нуклеарни централи во Флорида ќе бидат затворени поради Ирма. Компанијата оператор „Флорида пауер енд лајт“ соопшти дека ќе ги затвори централите „Тарки поинт“ и „Сент Луси“ пред ураганот да стигне на копното.

Ирма ги погоди Куба и Бахамите, како и источниот дел на Карипскиот Регион, нанесувајќи катастрофални штети. Биланост на жртвите изнесува 21, но постои можност тој да се зголемува.

Истовремено, ураганот Катја го достигна мексиканското крајбрежје кај градот Теколутла. Бурата е од прва категорија и е проследена со ветрови од 120 километри на час.

Во Атлантскиот Океан ураганот Хозе се зајакна речиси до бура од петта категорија со ветрови со брзина од 250 километри на час. Хозе речиси во чекор го следи ураганот Ирма.