Екологистите бараат од владата мораториум за градење на брегот на Охридското Езеро


Охрид, 20 април, 2018 - 13:43 (META) 

Еколошките здруженија, „Фронт 21/42“, „ОхридSOS“ и „Еко-свест“ преку отворено писмо побараа од премиерот Зоран Заев итно воведување мораториум на сите крајбрежни и и урбани трансформации во Охридскиот регион, според препораките на УНЕСКО.

Во дописот, здруженијата укажуваат на активности на терен кои веќе значат непочитување на препораката од УНЕСКО – како продолжување на изградбата на спорниот хотел во Лагадин, тампонирање, уништување на трската и поставување на бетонска основа во строго заштитениот крајбрежен појас.

„Бараме од Владата на Република Македонија во најбрз можен рок, не подоцна од 30 дена, да прогласи мораториум за сите крајбрежни и урбани трансформации на територијата на Светското природно и културно наследство – Охридскиот регион. Очекуваме Владата да ги напушти одамна застарените концепти за развој кои јасно покажаа дека завршуваат со деструкција токму на вредностите кои се основа за одржлив економски развој, односно недвосмислена определба за заштита на нашето најголемо национално природно богатство, во согласност со современите економски и еколошки стандарди“, се вели во дописот.

Здруженијата потсетуваат дека мораториумот морало да биде прогласен најдоцна до 2 февруари годинава, како што минатата година побарале реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО и Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, но тоа е игнорирано.

„Препораката за прогласување на мораториум беше во групата на итни мерки, кои Владата требаше да ги спроведе до 01.02.2018. Сепак, токму оваа препорака беше целосно игнорирана од страна на Владата во Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките од УНЕСКО. Владата на Република Македонија не само што ја испочитува оваа препорака, туку на својата 53та седница одржана на 06.02.2018 Владата усвои информации кои се однесуваат на активности во Охридскиот регион, а кои предвидуваат крајбрежни трансформации на Охридското езеро“, посочуваат еколошките здруженија.


Министерство за култура: Нема причини да запре реконструкцијата на Али-пашината џамија во Охрид


Охрид, 7 февруари, 2018 - 13:41 (META) 

Комисијата од стручни лица, која Министерството за култура ја формираше заради испитување на реконструкцијата на Али-пашината џамија во Охрид, заклучила дека нема основа министерот за култура да нареди прекинување на работите.

Реконструкцијата на оваа џамија, која треба да добие високо минаре од 32 метри предизвика бурни спротивставувања во Охрид и во земјава, со забелешка дека минарето ќе доминира над Чаршијата. Реконструкцијата, инаку, е по проект на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид, кој предвидува минарето да се изѕида до височината што ја имало во 16 век.

Сега за реконструкцијата ќе се бара и мислење од УНЕСКО.

„Работната група дојде до заклучок дека министерот за култура нема основа да ги запре работите, но ги охрабруваме сите надлежни институции да постапуваат доколку имаат индиции за прекршување на законските процедури. Работната група препорача, а Министерството ќе достави барање до УНЕСКО за стручно мислење – дали е во склад со стандардите за заштита на градот да се реконструира објектот во такви димензии“, соопшти Министерството за култура.


Израел ќе напушти УНЕСКО до крајот на следната година


Тел Авив, 23 декември, 2017 - 10:54 (META) 

Израел соопшти дека го напушта УНЕСКО наведувајќи дека причина за тоа се систематските напади на организацијата кон еврејската држава.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Израел, Емануел Нахсон рече дека одлуката е базирана на, како што наведе, обидите на организацијата „да ја одвои еврејската историја од Израел“.

Тој информираше дека официјалното писмо за излегување ќе биде поднесено пред крајот на годината и дека Израел ќе ја напушти организацијата до крајот на 2018 година.

Претходно оваа година и САД соопштија дека излегуваат од УНЕСКО наведувајќи слични причини.


Израел ја одби наградата на УНЕСКО за институтот „Волкани“


Ерусалим, 22 ноември, 2017 - 19:29 (META) 

Израелската влада решила да ја одбие наградата што Агенцијата за образование, наука и за култура на Обединетите нации (УНЕСКО) одлучи да ја додели на институтот „Волкани“ за достигнувања во областа на природните науки, јавуваат светските агенции.

Одлуката за одбивање на наградата ја донеле министрите за образование и за земјоделство на Израел, Нафтали Бенет и Ури Ариел, во договор со кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху, поради „антиизраелските резолуции“ што ги усвојувала агенцијата на ОН.

Во август годинава, УНЕСКО соопшти дека ќе го награди институтот „Волкани“, кој е истражувачки оддел на Министерството за земјоделство и рурален развој на Израел.

Доделувањето на наградата, на кое Израел одлучи да не присуствува, треба да се одржи за две недели во Екваторијална Гвинеја.

„Нема сомнеж дека институтот „Волкани“ и неговите истражувачи заслужуваат награди и признанија, но не од организација која поддржувала политички резолуции против Израел“, изјавил неименуван израелски функционер, кој додал дека наградата не може да служи како „смоквин лист“ за да се легитимираат политичките резолуции на УНЕСКО кои нанесуваат штета на Израел.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, неодамна одлучи да ги повлече САД од УНЕСКО поради необјективност кон Израел. За идентичен потег размислува и Израел.


Македонија нема да има клучна улога при приемот на Косово во УНЕСКО, рече Димитров


Скопје, 25 октомври, 2017 - 11:41 (META) 

Косово очекува поддршка од Македонија за влез во меѓународните институции, изјави денеска во Скопје косовскиот министер за надворешни работи, Беџат Пацоли, на заедничката прес-конференција со шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.

Тој истакна дека Македонија има поголема историја и искуство во меѓународните организации, поради што ја очекува поддршката, но додаде дека и Косово ги поддржува напорите за влез на Македонија во НАТО бидејќи тоа позитивно ќе влијае на стабилноста на неговата земја.

На новинарско прашање дали на средбата е побарана поддршка за влезот во УНЕСКО, Димитров рече било разговарано за европската иднина на Балканот и дека сите треба да гледаат дека не постојат страни туку дека постои само една перспектива.

-Ако сите сфатиме дека постои само една перспектива, тогаш побргу ќе го изодиме патот пред нас. Република Македонија го третира ова прашање со исклучителна внимателност. Нема да имаме клучна улога затоа што тангира два наши соседа. При одлучувањето ги имаме предвид интересите и на Косово и на Србија, но и интересите на Македонија и на албанската заедница што живее во неа – рече Димитров.

Двајцата министри на средбата разговарале за продлабочување на билатералната и економската соработка, како и за можноста за воведување слободна економска и безцаринска зона меѓу двете земји.


Новата директорка на УНЕСКО, Одри Азулеј, победи со два гласа разлика


Париз, 14 октомври, 2017 - 14:22 (META) 

Поранешната министерка за култура на Франција, Одри Азулеј, е избрана за нова директорка на УНЕСКО.
Таа на гласањето го победи кандидатот од Катар, исто така поранешен министер за култура, Абдулазиз ал Кавари.

Азулеј освои 30 гласови, наспроти 28 гласови колку што доби Ал Кавари, иако арапските држави лобираа на чело на УНЕСКО да дојде некој од тој регион.

Генералното собрание на УНЕСКО ќе мора следниот месец да го потврди изборот на директорот, но тоа е само формалност.

Агенцијата на Обединетите нации за култура, наука образование избра нов директор во моментот кога САД и Израел најавија дека ќе ја напуштат организацијата.


По САД, и Израел најави повлекување од УНЕСКО


Ерусалим, 12 октомври, 2017 - 21:03 (META) 

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, денеска дал инструкции на министерството за надворешни работи да го подготви повлекувањето на земјата од УНЕСКО, јавуваат светските медиуми.

Ова го соопштила израелската влада неколку часа откако САД најавија дека се повлекуваат од УНЕСКО поради „состојбата во организацијата, потребата за реформа и особено поради антиизраелскиот однос на организацијата“.

Нетанјаху ја поздрави одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп, за повлекувањето, оценувајќи ја како храбра и морална.

„Тоа е храбра и морална одлука бидејќи УНЕСКО стана театар на апсурдот. Наместо да ја чува историјата, таа ја искривува“, рекол Нетанјаху, пренесуваат израелските медиуми.

Нетанјаху претходно оваа година ја критикуваше УНЕСКО поради прогласувањето на стариот град во Хеброн на Западниот Брег за палестинско светско наследство.


САД се повлекуваат од УНЕСКО


Вашингтон, 12 октомври, 2017 - 15:47 (META) 

САД донеле одлука да се повлечат од УНЕСКО, соопшти американскиот Стејт департмент.

Како што јавуваат американските медиуми, за одлуката на официјален Вашингтон е известена и генералната директорка на УНЕСКО, Ирина Богова.

„Одлуката не беше лесно донесена и ја изразува загриженоста на САД за состојбата во организацијата, за потребата за реформа, особено на антиизраелскиот однос на организацијата“, стои во соопштението.

Одлуката е донесена поради тензиите околу Палестина, поточно поради резолуцијата што ја донесе УНЕСКО, а која Вашингтон ја смета за антиизраелска.

САД ќе ја напушти светската организација за заштита на историското и на културното наследство на 31 декември.


Зелен и современ Охрид бара „Охрид СОС“ од идниот градоначалник


Охрид, 12 октомври, 2017 - 11:04 (META) 

Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ до кандидатите за градоначалници се обрати со своја „Платформа за зелен и современ Охрид“.

Од иницијативата велат дека проектите што досега се предлагале биле за развој на масовен туризам кој е надминат, неодржлив, со краткотрајна и ограничена добивка и е сосема несоодветен за регионот.

„Охрид нема стратегија за развој на турзимот, ниту стратегија за управување со УНЕСКО-регионот. Заштитата на Охридското Езеро се раководи според Законот за трите езера од 1977 година и езерото веќе бележи знаци на неблагопријатни ефекти врз екосистемот. Студенчишко Блато десетици илјади години ја прочистува езерската вода, а сепак му се закануваше целосно бетонирање. Галичица е еден од само 20 прекугранични биосферни резервати на УНЕСКО во целиот свет, а со предлог-измените за управување со Националниот парк, повеќе од 604 хектари треба да го изгубат степенот на заштита, стотици хектари шума ќе бидат на удар, од кои 84 хектари само од ендемичниот македонски даб“, се вели во соопштението.

Од „Охрид СОС“ велат дека потребна е вистинска валоризација на брендот УНЕСКО, отворање на нови пазарни сегменти и следење на промените во побарувачката на глобално ниво, креирање туристички производ со поголема додадена вредност со таргетирање на општествено одговорни посетители.


Косово го одложи барањето за членство во УНЕСКО


Приштина, 5 октомври, 2017 - 10:14 (META) 

Косовското министерство за надворешни работи соопшти дека Косово го одложи поднесувањето барање за прием во УНЕСКО.

„Прагматичното одложување на зачленувањето на Република Косово во Интерпол и во УНЕСКО е договор во координација со САД,  Велика Британија, Франција, Германија и со Италија“, стои во соопштението.

Министерството, исто така, верува дека ваквата одлука придонесува за зајакнување на меѓународната позиција на Косово, унапредување на односите со сојузниците, како и за безбедноста и за мирот.

Генералното собрание на УНЕСКО ќе се одржи во ноември, додека Извршниот совет во моментов работи на подготовка на конференцијата.

Косово во 2015 година за три гласа ја изгуби битката за членство во УНЕСКО,  поради што мораше да чека две години пред да поднесе ново барање за членство.