Урбана уметничко-активистичка акција „Идното македонско евро“


Скопје, 13 септември, 2018 - 13:56 (META) 

Секоја земја членка на Европската Унија, по прифаќањето на еврото како валута, има право на монетите да ги аплицира своите национални симболи, порачаа активистите преку урбана акција која е дел од граѓанската кампања „Зачекори напред! Изборот е твој!“ (zacekorinapred.mk).

„Се надеваме дека набргу ќе дојде денот кога шарпланинецот, рисот, охридската пастрмка и другите нашите симболи, ќе заблескаат на монетите на еврото. Поттикнати од оваа европска практика, решивме на граѓаните, практично, на улица, да им доловиме како таа би можела, во иднина, да се примени и кај нас. Со оваа акција, ние како група урбани уметници – активисти, решивме на свој начин, онака како што најдобро знаемe, да го освежиме сувопарниот пред-референдумски пејсаж, но и да ги поддржиме напорите за приближување на Македонија и нејзините граѓани кон ЕУ“, велат активистите.


Скопје денеска одбележува 55 години од катастрофалниот земјотрес


Скопје, 26 јули, 2018 - 11:16 (META) 

Скопје денеска одбележува 55 години од катастрофалниот земјотрес што се случи на 26 јули 1963 година. Утринава, група урбани уметници од Центарот за современи уметници точно во 5:17 часот, времето кога се случи земјотресот, реализираа аудио акција на пет различни локации низ градот и ги потсетија скопјани на точното време на трагичниот настан.

„Со оваа аудио акција, урбаните уметници дадоа нивен оригинален придонес во оддавањето почит на жртвите од земјотресот и внесоа нова димензија во одбележувањето на оваа скопска трагедија. Со влегувањето на звукот на сирените во домот на скопјани и будењето на граѓаните во 5:17 часот на најдобар начин кај секој жител на Скопје ќе се вреже сеќавањето на земјотресот, тажните сеќавања за трагедијата кои со тек на времето нема да бледнеат од генерација до генерација, бидејќи секој што ќе го чуе звукот на сирените ќе се потсети на катастрофата од далечната 1963 година и во својата меморија ќе го вреже датумот 26 јули“, се вели во соопштението на Град Скопје.

Во катастрофалниот земјотрес загинаа 1.070 граѓани, а повеќе од 3.000 биле повредени.


Денеска започнува фестивалот на улични изведувачи „Баскерфест“


Скопје, 12 јуни, 2018 - 10:09 (META) 

Фестивалот на улични изведувачи „Баскерфест“ ќе започне денеска на градскиот плоштад „Македонија“ во 19 часот.

„Градскиот плоштад „Македонија“, шест дена од 12-17 јуни ќе биде претворен во уличен театар под отворено небо со улични артисти од Јапонија, Индија, Аргентина, Франција, Шпанија, Бразил, како и млади македонски музичари и светски баскер-бендови. За најмладите ќе има и детска едукативна работилница, едукативен корнер за животни, како и неколку интеркативни игри. Во склоп на „Баскерфест“ ќе има и интерактивни инсталации поставени на целиот плоштад, како и натпревар за креативни уметници. За фудбалските фанови, по повод престојното Светско фудбалско првенство, ќе има спортски забавен корнер“, информираат организаторите.

Фестивалот, традиционално е под покровителство на Град Скопје.



Уапсена министерката за култура на Јужна Кореја поради „црна листа“ на уметници


Сеул, 21 јануари, 2017 - 18:17 (META) 

Јужнокорејското обвинителство денеска ги уапсило министерката за култура на земјата, Чо Јун-сун, и поранешниот шеф на кабинетот на отповиканата претседателка на државата, Парк Геун-хе, Ким Ку-чин, под обвинение дека правеле списоци со уметници кои имаат критички ставови кон владата, јавуваат светските медиуми.

Министерката и Ким Ку-чин, заедно со уште тројца претходно уапсени функционери, според обвинувањата, направиле листа со имињата на неколку илјади „неподобни“ уметници и други лица од областа на културата, за да ги оневозможат да учествуваат во програмите финансирани од државата. Тие, меѓу другото, се товарат и за злоупотреба на моќта.

Неколку часа по апсењето, министерката за култура си поднела оставка, која веднаш била прифатена од премиерот Хванг Кјо-ан, кој по отповикувањето на Парк, ја врши должноста претседател на земјата.

Како што јавуваат светските медиуми, меѓу уметниците на „црната листа“ наводно, се и режисерот на филмот „Олдбој“ (Oldboy), Парк Чан-вук, и поетот Ко Ун, кого многумина го сметаат за кандидат за Нобеловата награда.

Обвинувањата за правење „црни листи“ се појавиле откако јужнокорејските власти ја прошириле истрагата за политичкиот скандал кој доведе до импичмент на претседателката Парк Геун-хе, на крајот на минатата година.

Конечната одлука дали претседателката Парк предвреме ќе го заврши својот мандат или ќе се врати на функцијата треба да ја донесе уставниот суд на земјата.


Утре марш „Борбата продолжува, гласот победува“ од СЈО до Собранието


Скопје, 10 октомври, 2016 - 15:26 (META) 

Утре во 14 часот, граѓани, граѓански активисти, новинари и уметници ќе маршираат по повод 11 Октомври.

Граѓанскиот марш го иницираат лидерот на СДСМ, Зоран Заев, новинарите Томислав Кежаровски и Атанас Костовски, активистот Влатко Васиљ, актерката Ирена Ристиќ, музичарите Златко Ориѓански и Бени Шакири и припадничката на Сојузот на борци, Вера Бунтеска.

Под мотото „Борбата продолжува, гласот победува“, предводени од иницијаторите, граѓаните ќе го почнат маршот кај раскрсницата на булеварот Партизански одреди и улицата Франклин Рузвелт, во близина на новиот објект на Специјалното јавно обвинителство.

Граѓански марш под мотото „Борбата продолжува, гласот победува“

Фото: Саша Богдановиќ („Фејсбук“)

Потоа, маршот ќе продолжи по булеварот Партизански одреди до зградата „Тифани“, а по улицата Димитрие Чупоски ќе продолжи кон Собранието.

Пред Законодавниот дом ќе има поставено бина и на граѓаните ќе им се обратат четворица говорници.

Утрешниот марш, според иницијаторите, ќе се одржи за да се одбележи Денот на востанието во Македонија и да се испрати слободарска порака.

„Ќе маршираме за борба против сиромаштијата, за повисоки плати, за работни места, за млади кои сакаат да останат да живеат во родната земја. Да застанеме рамо до рамо сите заедно, еднакво важни, независно од каква било различност“, велат организаторите.


Заев: На 11 Октомври ќе испратиме порака дека си ја враќаме слободата


Скопје, 7 октомври, 2016 - 13:44 (META) 

„Борбата продолжува, гласот победува“, ова мото нè обедини нас, иницијаторите на граѓанскиот марш, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференцијата како најава на маршот што ќе се одржи на 11 Октомври од 14 часот, на раскрсницата меѓу булеварот Партизански одреди и улицата Френклин Рузвелт.

– Ве повикуваме на 11 Октомври сите заедно да се огласиме со силна слободарска порака. Граѓанската акција продолжува. Ние граѓаните склучивме сојуз, си го враќаме животот, ја враќаме слободата. 11 Октомври е симбол на борбата за слобода, на граѓански пркос, на народно востание, на слобода. Затоа и маршот се случува на тој датум. Ќе маршираме за борба против сиромаштијата, за повисоки плати, за работни места, за млади кои сакаат да останат да живеат во родната земја. Да застанеме рамо до рамо сите заедно, еднакво важни, независно од каква било различност. Ова е мојот мотив да ве повикам на маршот на 11 Октомври, што ги најавува промените во Македонија, за граѓански глас – рече Заев.

Според членката на Сојузот на борците на Македонија, Вера Бунтеска, граѓаните на Македонија сакаат да живеат во држава во која ќе има правда за сите, држава во која демократијата ќе се развива во позитивна смисла.

– Граѓаните сакаат и очекуваат таква Македонија, а не држава заглавена во минатото. Минатото го почитуваме, на него сме горди, од него влечеме поуки. Што се однесува на нашата борба, ние, членовите на сојузот, ќе се бориме за една изградена иднина и тоа за општество во кое граѓаните ќе бидат почитувани. Ќе бидеме горди доколку граѓаните со сопствени сили ги решат проблемите кои се пред нив – рече Бутнеска.

Новинарот Томислав Кежаровски рече дека секогаш ќе биде на страната на правдата и на слободата. Тој рече дека должноста на медиумите е да го штитат јавниот интерес, но денеска новинарството е само запчаник во политиката.

– Новинарството во Македонија може да се поистовети со именката хаос. Во Македонија немаме слобода на говор, имаме слобода на омраза. Секој обид да се крикне против наметнатото едноумие, актуелната власт вешто го задушува. Медиумите станаа плен на политичкиот и на економскиот интерес, занемарувајќи го интересот на граѓаните. Јас сум подготвен да се борам за битката која се смета за изгубена. Без оглед на сè што ми сторија и што сè уште ми прават, и понатаму ќе бидам на страна на вистината, никој нема да биде господар на мојот ум – рече Кежаровски.

Атанас Костовски, спортски новинар во пензија, рече дека неговата генерација има кондиција да протестира и да се бори за правдата.

Музичарите Златко Ориѓански и Бени Шакири рекоа дека го иницирале овој марш затоа што сакаат Македонија да оди напред, а не да се враќа наназад.

Актерката Ирена Ристиќ рече дека 11 Октомври не треба да го прославиме протоколарно, како што се прославуваат другите празници во Република Македонија, туку со масовност „затоа што е крајно време по овие мачни десет години да покажеме подготвеност да ги преземеме во свои раце окупираните институции“.


На хуманитарната изложба собрани околу 3.000 евра за поплавените граѓани


Скопје, 10 август, 2016 - 10:31 (META) 

Уметниците и дизајнерите собраа 178.425 денари (2.925 евра) на хуманитарната изложба која синоќа се одржа во кафулето „Концепт 37“, објавија организаторите на акцијата на нивниот профил на „Фејсбук“.

На изложбата се продаваа слики, фотографии, книги, цртежи, накит, модни креации, а продажбата продолжува и денеска.

Средствата ќе бидат наменети за поплавените граѓани.

 


Единаесеттото издание на фестивалот АКТО годинава ќе се одржи во четири градови


Битола, 6 август, 2016 - 18:28 (META) 

Единаесеттото издание на АКТО Фестивалот за современи уметности, оваа година под мотото „Поп ап“ (Pop Up), или „Искрснување“, ќе се одржи во четири градови низ Македонија. Од 12 до 14 август фестивалот ќе се одржи во Битола, а потоа со нови содржини ќе продолжи во септември во Скопје, во октомври во Штип и во Тетово во ноември.

Покрај секојдневната музичка програма, на овогодинешното издание на фестивалот тема ќе биде политичката моќ на колективите, која, како што велат организаторите, ќе биде отворена од повеќе аспекти преку дискусии со уметници и членови на независни иницијативи од Балканот.

„Тридневната програма во Битола ќе се одвива во специјално дизајнирана хала во поранешниот комплекс на фабриката за фрижидери, како и во кафе-барот ‘Јагода’. Во рамки на програмата ќе има музички настапи, конференции, изложби, претстави и работилници. Во музичкиот дел ќе настапат бендовите Дисциплина Кичме, Фолтин, Ти, диџејот Џимпстер од Англија, како и многу локални бендови и диџеи од битолската сцена. Во театарскиот дел помеѓу другото ќе може да се погледнат претставите „Битката на Неретва“ (Хрватска) на Борис Бакал, како и претставата „Кампакам“ (Словенија) на Владо Репник“, се наведува во соопштението за фестивалот.

Во рамките на фестивалот ќе се одржи и конференцијата „Енгејџ“ (ENGAGE) во организација на Младинскиот образовен форум (МОФ).

„Поп ап АКТО“ е организиран од ФРУ – Факултет за работи што не се учат, а финансиски е поддржан од Агенцијата на САД за меѓународен развој – УСАИД.


Ликовнa изложба на уметници Роми од Унгарија


Охрид, 9 мај, 2016 - 10:09 (META) 

Денеска, со почеток од 14 часот, во ликовниот салон на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, свечено ќе биде отворена изложба на ликовни уметници Роми од Унгарија.

Организатори на настанот се Општина Охрид и Амбасадата на Унгарија во Република Македонија.

На изложбата ќе бидат поставени 28 слики од 19 ликовни уметници.

Најавено е на отворањето да присуствуваат и да се обратат Неждет Мустафа, министер без ресор во Владата на Република Македонија, Јозеф Бенце, унгарски амбасадор во Република Македонија, Никола Бакрачески, градоначалникот на Охрид, и Горан Стојаноски, директор на Центарот за култура.