!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Српски уметник приведен поради маска со ликот на Вучиќ


Белград, 21 октомври, 2017 - 13:51 (META) 

Српскиот уметник Владан Јеремиќ синоќа биле приведен од полицијата пред Музејот на современа уметност во Белград по изведувањето на уметничката акција во рамките на настанот „Салон на неподмитливите“, јавува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

Посетителите на оваа акција биле поканети да станат „сендвич-човек“, односно да стават маска со ликот на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и да делат сендвич-летоци на гостите кои приоѓаат на музејот.

– Полицаецот ми кажа дека мора да бидам приведен затоа што користам слика на која како колаж е прикажан ликот на претседателот на Србија. Јас бев збунет, реков дека тоа е уметничка работа и дека е дозволено да се користат слики во медиумите и во уметноста, и дека немам намера да навредувам никого со тоа. Но, сепак ме приведоа во полициска станица во Нов Белград на сослушување – вели Јеремиќ за РСЕ.

Тој вели дека имал покана за отворањето на Музејот на современа уметност и дека двајца кустоси ѝ го потврдиле тоа на полицијата и им рекле на полицајците дека треба да го пуштат бидејќи станува збор за перформанс.

Јеремиќ по час и половина бил пуштен од полициската станица, каде, како што вели, дал две изјави.


Почина академскиот сликар Владимир Георгиевски


Скопје, 25 мај, 2017 - 22:19 (META) 

Академскиот сликар Владимир Георгиевски почина денеска на 74- годишна возраст. Негови изложби на слики, цртежи и релјефи имало во Скопје, Белград, Истанбул, Виена, Рим, Киев, Софија и Санкт Петербург.

Во текот на неговиот богат творечки опус, Георгиевски создал сценографски и костимографски решенија за преку 30 театарски претстави во Македонија и во земјите на поранешна Југославија.

Тој беше член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, а работеше и како професор на Архитектонскиот и Факултетот за драмски уметности во Скопје.


Почина канадскиот пејач, поет и уметник Леонард Коен


Монтреал, 11 ноември, 2016 - 10:15 (META) 

Вчера, на 82-годишна возраст, почина канадскиот пејач, текстописец и поет Леонард Коен. Веста за неговата смрт е објавена на официјалниот фејсбук-профил на музичарот, но не се наведени детали околу причините за смртта.

„Со длабока тага соопштуваме дека почина легендарниот поет, текстописец и уметник Леонард Коен“, стои во соопштението.

Канадскиот премиер Џастин Трудо му оддаде почит на пејачот, кој беше еден од највлијателните музичари и текстописци, кој со својот впечатлив баритон раскажуваше приказни за љубов, смрт, омраза, војна и за мир.

„Со длабока тага ја примив веста за смртта на легендарниот Леонард Коен. Тој ќе остане запаметен по своите груби вокали, карактеристичниот хумор и прогонувачките лирики кои ги направија негови песни омилени за многу генерации“, изјавил Трудо, пренесува „Би-би-си“.

Коен се појави во 1960-тите години, заедно со други музчки легенди, меѓу кои и годинешниот добитник на Нобеловата награда за литература, Боб Дилан, и неговиот сонародник Џони Мичел.

Во петдецениската кариера Коен објави 14 студиски албуми, од кои последниот, насловен „Сакавте помрачно“ (You Want It Darker), минатиот месец.

Во 2008 година канадскиот музичар беше примен во „Рокенрол холот на славните“.


Турскиот уметник Мустафа Чеват Атал со изложба во Куќата на Уранија


Охрид, 9 септември, 2016 - 11:43 (META) 

Вечерва, со почеток од 20 часот, во Куќата на Уранија, во организација на Завод и музеј од Охрид, ќе биде отворена самостојна изложба на турскиот уметник Мустафа Чеват Атал, насловена „Инскрипции, жена во простор“.

Мустафа Чеват Атал дипломирал на Универзитетот „Селџук“, докторирал на Универзитетот „Гази“, а од 2013 година работи како лектор на Универзитетот „Намик Кемал“ во Текирдаг, Турција.

Зад себе има шест самостојни и голем број групни изложби.

„Инскрипции, жена во простор“ е најновиот циклус слики со кој авторот ќе се претстави пред охридската публика.


Почина академик Томе Серафимовски


Скопје, 3 март, 2016 - 12:41 (META) 

Денеска во Скопје, на 80-годишна возраст почина академик Томе Серафимовски, познат македонски скулптор.

Погребот ќе се изврши в недела, на градските гробишта во Бутел, во 12 часот, а посмртните останки ќе бидат изложени во капелата на гробиштата од 11 до 12 часот.

Македонската академија на науките и уметностите на 7 март ќе одржи комеморативна седница во 12 часот.

Серафимовски има создадено повеќе од 550 скулптури во бронза, мермер, оникс и во дрво. Од нив, околу 250 се одделни портрети, повеќе од 170 актови, стотина скици, минијатури, идејни решенија од областа на ситната пластика, повеќе од 15 скулптури со анимални сцени, околу 10 торза и релјефи. Реализирал и околу 40 споменици и спомен-обележја кои се наоѓаат на просторите на Република Македонија, на поранешна Југославија и во светот.

Неговите дела се наоѓаат и во повеќе приватни и јавни колекции, во галерии и во музеи, како и во многу други институции во светот.

Во текот на 60-годишното активно творештво, Серафимовски учествувал на околу 300 групни изложби, а реализирал 40 самостојни изложби во земјата и во странство.

Роден е во гостиварското село Зубовце на 14 јули 1935 година. Основното образование го завршил во Гостивар, а во 1957 година завршува средно уметничко училиште во Сплит, на отсекот вајарство, во класата на проф. Жељко Радмиловиќ, а соработува со професорите Иван Мирковиќ и Марин Студин. Извесен период работи како сликар сценограф во Народниот театар во Сплит.

Во 1957 година, своето образование го продолжува на Академијата за ликовни уметности во Загреб, каде дипломира во 1963 година, во класата на професорот Антун Аугустинчиќ. Истата година тој е соработник во мајсторската работилница на својот професор.

Како стипендист на Владата на Република Франција, реализира повеќегодишен студиски престој во Париз. За тоа време работи како соработник на позната француска скулпторка Алиција Пеналба.

Во критиката е ситуиран во традицијата на париската школа останувајќи, притоа, верен на духот на медитеранската традиција. По враќањето од Париз, кон крајот на 1969 година, извесно време работи како сценограф во Телевизија „Скопје“. Од средината на 1970 година до 1987 година живее и работи во Гостивар и во Охрид, а потоа одново се враќа во Скопје. Активно учествува на многу југословенски и македонски конкурси и создава голем број споменици.

Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија од 1962 година, а од 1977 до 1978 година е негов претседател. Од 1977 до 1980 година бил член на претседателството на Сојузот на здруженијата на ликовните уметници на Југославија.

На 7 октомври 1988 година е избран за член на Македонската академија на науките и уметностите. Од 1992 до 1999 година е секретар на одделението за уметност и член на претседателството на МАНУ.

Во 2003 година е избран за странски член на Српската академија на науките и уметностите, а во 2006 година за член на Светската академија за уметност и наука со седиште во Сан Франциско, САД. Во 2010 е избран за член на Креативниот круг „Орфеј“, додека следната година ја добива титулата почесен доктор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Во 2015 година е избран за странски член на Црногорската академија на науките и уметностите.

Во спомен на неговите предци и на неговото родно место, во 2008 година во селото Зубовце е осветена црквата „Св. апостол Тома“, чиј ктитор е токму Серафимовски. Иконостасот во црквата е дело на Серафимовски и е изработен во единствена техника, барелјеф во бронза, што се смета за прв пример во поновата уметност.

За своето скулпторско творештво, тој е добитник на многубројни награди и признанија.


Уметнички проект на Зоран Попоски на границата помеѓу Јужна и Северна Кореја


Пјонгјанг, 22 јануари, 2016 - 20:19 (META) 

Уметнички проект од македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски е изложен во демилитаризираната зона на границата помеѓу Јужна и Северна Кореја.

Изложбата е дел од меѓународниот уметнички фестивал „DMZ Pilgrimage International Art Festival“, на кој учествуваат повеќе од 60 уметници од 11 земји во светот. Тема на годинешното издание на фестивалот е „Соочување со другиот“.

Попоски се претставува со дигиталната графика „Конфликтот во Македонија однесе две жртви“, дел од проектот „Апстрактна политика“ (2009-2015).


Самостојна изложба на уметникот Горан Јованов


Скопје, 11 декември, 2014 - 14:15 (META) 

На 13 декември, во 19 часот во Ликовниот салон на ДЛУМ, Дом на АРМ, ќе биде отворена самостојна изложба на уметникот Горан Јованов.

Горан Јованов е роден 1982 година, во Гевгелија. Во 2009 година магистрира на Факултетот за ликовни уметности, Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, на отсекот графика, под менторство на професор Димитар Малиданов.

 


Свети Климентовата награда отиде во рацете на Јордан Манасиески


Охрид, 5 декември, 2014 - 14:18 (META) 

Познатиот сликар кој живее и твори во Охрид, Јордан Манасиески, е годинашен добитник на Свети Климентовата награда, додека Повелбата постхумно му е доделена на Слободан Крлески, фолклорист.

Високите општински признанија ги добиваат личности кои дале свој особен придонес за развојот и за афирмацијата на градот Охрид.

Манасиески е ликовен уметник кој сè повеќе ја зацврстува својата позиција на големо уметничко име на светската ликовна мапа. Најновото признание за него пристигна од „Кембриџ“, светскиот храм на знаењата и на постигнувањата, од каде му е испратен медалот за „Личност на годината за 2013 година“. Истовремено, Интернационалниот биографски центар од овој британски град, го забележа во книгата на најзначајни личности од светот.

Во последниве пет години, тој изложуваше во Париз, Токио, Њујорк и во Фиренца и други светските уметнички метрополи и салони, од каде се врати со ласкави признанија и награди. На парискиот „Есенски салон“ во 2009 година, со делото „Пред величествената порта“, беше официјален кандидат за главната награда на манифестацијата. За своето дело „Молитва за радоста“, Мансиески ја доби специјалната награда на Јапонската асоцијација за современа уметност. Изложуваше во Токио, Њујорк и во Фиренца и на други места. Во 2009 година, Манасиеки ја доби и специјалната награда на Светската галерија за цртеж на „Остен“, во Скопје.

За годинешната Повелба „Свети Климент Охридски“, на конкурсот што традиционално го објавува Општина Охрид, аплицираа пет кандидати: доктор Никола Филев, професорот Стефан Каневче, Здружението на пензионери од Охрид, постхумно Слободан Крлески и Зоран Велјаноски – Летра.

За наградата, пак, номинирани беа д-р Ванчо Чифлиганец кој беше еден од кумовите за Водици во Охрид и донатор на споменикот „Фаќач на крстот“, Влатко Димитров, Димче Стојкоски, Јордан Манасијевски, Славе Банар и Свето Стаменов.


Изложба на академскиот сликар Димитар Малиданов


Скопје, 1 декември, 2014 - 10:15 (META) 

Во Мултимедијалниот центар „Матица ексклузив“, на 2 декември (вторник), во 12 часот, ќе биде отворена изложбата на академскиот сликар Димитар Малиданов. Познатиот уметник ќе се претстави со 35 дела, создавани во последниве неколку години. За оваа пригода, книгоиздателството „Матица македонска“, подготви каталог за творештвото на Малиданов. Изложбата ќе ја отвори академикот Луан Старова.

Димитар Малиданов досега има реализирано 30 самостојни изложби, а учествувал и на повеќе од 200 групни изложби. За својата уметничка и педагошка работа, добитник е на национални и на меѓународни признанија.
Со оваа изложба, „Матица македонска“ ја продолжува востановената традиција да ги афирмира високите вредности на македонските сликари и уметници.


Манасиески – големо уметничко име на светската ликовна мапа


Охрид, 25 ноември, 2014 - 10:34 (META) 

Познатиот ликовен уметник Јордан Манасиески, кој живее и создава во Охрид, сè повеќе ја зацврстува својата позиција на големо уметничко име на светската ликовна мапа. Најновото признание за него пристигна од Кембриџ, светскиот храм на знаењата и на постигнувањата, од каде му е испратен медалот за „Личност на годината за 2013 година“. Истовремено, Интернационалниот биографски центар од овој британски град, го забележа во книгата на најзначајни личности од светот.

– Овој медал го добиле неколкумина од светот во различни категории, а јас сум единствен од областа на уметничката дејност – вели уметникот Манасиески.

Истовремено, во последниве пет години, тој ги освои Париз, Токио, Њујорк и Фиренца и други светските уметнички метрополи и салони, од каде се врати со ласкави признанија и награди.

Манасиески, ја доживеа светската промоција во Бон и во Троисдорф во Германија. На парискиот „Есенски салон“ во 2009 година, со делото „Пред величествената порта“, беше официјален кандидат за главната награда на манифестацијата. За своето дело „Молитва за радоста“, Мансиески ја доби специјалната награда на Јапонската асоцијација за современа уметност. Изложуваше во Токио, Њујорк и во Фиренца и на други места. Во 2009 година, Манасиеки ја доби и специјалната награда на Светската галерија за цртеж на „Оосен“, во Скопје.

Пред своите сограгани, во Охрид, Манасиевски последно излагаше кон крајот на јули годинава, во централниот подиум за вакви случувања – галерискиот простор од „Куќата на Робевци“.

Владимир Величковски, професор по историја на уметноста, за тој повод ќе забележи: „Во најновата серија слики, авторот ја отфрла стварноста како директен предизвик, во интерес на создавањето слики од имагинацијата“.