!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ОЈО отворило предистражна постапка за исчезнатите уметнички дела од Владата


Скопје, 24 јули, 2017 - 17:59 (META) 

Основното јавно обвинителство отворило еден предмет за исчезнатите уметнички дела од Петар Мазев и од Владимир Величковски кои се наоѓале во објектите на Владата и на Министерството за одбрана, објави телевизија „Телма“.

„Јавниот обвинител кој работи на предметот веднаш презеде дејства во насока на утврдување на фактите. Издадена е наредба за прибирање на претходно известување од Министерството за внатрешни работи, како и од други надлежни институции, со кое се бара на Обвинителството да му бидат доставени информации и податоци во врска со досега извршените ревизии во институциите каде уметничките дела биле дадени на реверс“, велат од Обвинителство, од каде презеле и дејства за утврдување на вредноста на делата.

Предистражната постапка почнала по известувањето на Обвинителството од страна на МВР, за исчезнувањето на слика од Мазев, во 2007 година од Владата и на слика од Владимир Величковски, од Министерството за одбрана, во 2012 година, наведени во договорот од 2015 година меѓу тогашниот состав на СОЗР при Владата и Националната галерија на Македонија.