Тетовци се жалат на нечисти улици, за власта состојбата е задоволителна


Тетово, 15 октомври, 2018 - 10:34 (META) 

Граѓаните на Тетово се жалат дека споредните улици во градот не се мијат и чистат колку што е потребно, а локалните власти велат дека улиците се одржуваат секој ден и нивната состојба е задоволителна.

Граѓаните коишто ги контактира „Порталб.мк“, велат дека споредните улици се нечисти поради ниското ниво на одржување од страна на властите, но и поради жителите, кои фрлаат отпадоци насекаде низ градот.

– Не можам да кажам дека улиците се чисти, имаме отпадоци, одговорноста е на општината, но и на граѓаните бидејќи се многу неодговорни. Гледам како се фрлаат отпадоци, но и да сакаш да ги фрлиш како што треба, нема можност бидејќи нема ниту една корпа за отпадоци – вели тетовецот Венхар Исени за „Порталб.мк“.

Тетовци имаат можност да пријават потреба од чистење на улиците на фиксниот број 044 331 167, но и на бесплатниот телефонски број – 0800 808 10. Но граѓанин вели дека имаат тешкотии да ги контактираат локалните органи, кога имаат потреба да побараат чистење и миење на одредени улици.

– Уличната чистота не е на потребното ниво на кое треба да биде. А кога има улици кои треба да се мијат и исчистат, не можеме да стапиме во контакт со јавното претпријатие. Тоа се случува особено во текот на викендите – вели Абедин Селмани.

Директорот на Јавното комунално претпријатие „Тетово“, Џелал Цека, вели дека улиците се чистат секојдневно и дека чистотата на улиците е на задоволително ниво. Апелира до граѓаните да бидат внимателни и да не фрлаат отпадоци.

– Улиците во градот на Тетово секојдневно се чистат, во текот на третата смена се ангажирани 12 вработени кои ги чистат главните улици на градот и булеварите, а во текот на денот ги одржуваат парковите. Миењето на улиците се врши во текот на ноќните часови, за што се наменети две цистерни. Мислам дека нивото на чистота во улиците е на задоволително ниво, но секогаш апелираме до граѓаните да не фрлаат ни догорчиња од цигари ниту пак отпадоци по улиците – вели Цека за „Порталб.мк“.


Викендов посебен сообраќаен режим во Скопје поради три настани


Скопје, 5 октомври, 2018 - 15:07 (META) 

Поради улична трка, автомобилистички натпревар и марш во рамки на кампања, во двата дена на викендот во Скопје ќе бидат затворени неколку важни улици и ќе има посебен сообраќаен режим, соопшти МВР.

За меѓународниот натпревар во автомобилизам „Скопје 2018“ во организација на АКК Примо АВЈ – Скопје и утре и задутре во периодот од 7 до 17 часот ќе биде затворен дел од булеварот Гоце Делчев, како и блиските сообраќајници. Трката ќе се одржува на потегот од крстосницата кај Мавровка сè до железничкиот надвозник кај поранешен Скопски саем, но и на улицата Беласица  пред него сè до кружниот тек кај хотелот Континентал. Посебен режим ќе има на блиските сообраќајници.

Исто така, поради уличната трка на 10 километри  „Скопје трча 10К 2018“ во организација на Сојузот на спортови на Скопје, задутре од 7.30 до 11 часот ќе биде затворен булеварот Илинден на потегот од крстосницата со булеварот Климент Охридски до крстосницата со улицата Никола Парапунов. И во овој случај, посебно ќе биде регулиран режимот на сообраќај на сообраќајниците во непосредна близина на трасата.

Во организација на здружението „Борка – За секој нов ден“ задутре во времето од 10 до 15 ќе се одржи марш во рамки на кампањата за борба против рак на дојка, насловена „Напред розово 2018 – чекори против ракот на дојка“. Поради тоа, ќе има посебен сообраќаен режим на делот на булеварот Илинден кај Зоолошката градина и стариот дел на Градски парк сè до крстосницата кај Фонтана, појаснуваат од МВР.


Фрлени 30 тони сол на скопските улици


Скопје, 10 декември, 2017 - 11:51 (META) 

Откако утрово беа регистрирани првите врнежи на снег во СКопје оваа сезона, по што екипите на зимската служба на Град Скопје веднаш излегоа на терен и превентивно интервенираа на булеварите и магистралните улици кои се во надлежност на Градот, информира градската управа.

Притоа превентивно на повеќе сообраќајници и критични точки биле растурени околу 30 тони сол.  Зимската служба на Град Скопје во моментов има залиха од сол во депоата на јавното претпријатие „Улици и патишта” од околу 1.300 тони и во тек е тендерската постапка за набавка на уште 3.000 тони сол.

Покрај солта и ладниот асфалт, зимската служба ќе ја користи и механизацијата на јавното претпријатие „Улици и патишта“ составена од 16 разновидни возила и машини, а на располагање е и механизацијата на останатите јавни градски претпријатија. Дополнително, обезбедена е и техничка поддршка од компанија која на зимската служба во текот на сезоната  и става на располагање 15 специјални возила – камиони за зимско одржување на улиците, информира Град Скопје.


Во шест скопски општини отстрaнети 2.754 кубни метри смет


Скопје, 8 декември, 2017 - 10:43 (META) 

Екипите на јавните градски претрпијатија досега ги исчистија улиците и јавните површини во општините Аеродром, Бутел, Гази Баба, Кисела Вода, Центар, Чаир и во Шуто Оризари и оттаму отстранија 2.754 кубни метри смет, информираат од Град Скопје.

Последниве два дена акцијата се спроведува во Општината Карпош, а во текот на наредните денови работите ќе се преселат во општините Ѓорче Петров и Сарај.

„Целта на оваа голема акција е чистење и миење на улиците од прашината што со години се таложи и претставува една од краткорочните мерки за намалување на загадувањето во градот. Екипите на јавните градски претпријатија, засилени со дополнително ангажираните работници, деновиве ги метеа и ги миеја градските улици и булевари, ги расчистуваа јавните површини од отпадоци, ги отстрануваа дивите депонии, ги чистеа шахтите, сливниците и канализациската мрежа, ги кастреа гранките на дрвјата и го чистеа зеленилото“, се вели во соопштението на Град Скопје.

Со оваа голема акција за чистење, опфатени се сите 10 општини во Скопје. Акцијата се очекува да трае околу 20 дена. По завршувањето на чистењето на улиците, работните активности ќе продолжат на кејот на реката Вардар.

За оваа акција Град Скопје ангажираше неколку стотини невработени лица, кои се повикани во соработка со Министерството за труд и социјална политика и со Агенцијата за вработување.


Трајановски спинува околу неговата ефикасност


Скопје, 29 септември, 2017 - 21:30 (META) 

Градоначалникот Трајановски кој од граѓаните на Скопје го бара третиот мандат има нереализирани крупни проектни ветувања, особено во делот на инфраструктурата и екологијата. Оттука, неговото спротивно тврдење е извртена вистина или спин, пишува „Вистиномер“.

„Еден од кандидатите за нов градоначалнички мандат за Скопје, Коце Трајановски, презентирајќи ја својата програма на отворањето на градскиот изборен штаб, меѓу другото го искажа и следново тврдење што го сметаме за спин: Спин:  Моите програми никогаш не биле ветени, а да не се реализираат. Се надевам дека мојата посветеност и работа на терен веќе ви е позната…

Поединечните проверки што ги правеше „Вистинимер“ во изминатите години, исто така, покажуваат дека има проекти кои биле ветени, а до ден денес не се исполнети и тоа не било кои, туку поголеми и позначајни од областа на инфраструктурата и од областа на животната средина. Така, на пример, не е реализирано ниту едно од ветувањата за подземни улици или надземни крстосници на две нивоа, за што „Вистиномер“ направил проверка“, се вели во написот.

(Целиот текст од „Вистиномер“ можете да го прочитате и да го преземете ТУКА)


Жителите на Дебар Маало утре ќе протестираат за безбедни улици и тротоари


Скопје, 20 август, 2017 - 13:45 (META) 

Жителите на Дебар Маало во Скопје, утре ќе протестираат за безбедни улици и тротоари за пешаци пред Министерство за култура, во 18 часот.

„Окупираните тротоари, неконтролираното градење, нерешениот паркинг-простор и лошиот режим за дотур на роба, го направија маалото небезбедно за живеење“, се вели на фејсбук-страницата „Вратете ни ги тротоарите“.

Настанот е во организација на иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“ која долго време реагира за да се реши сообраќајниот хаос.

На 17 август, во близина на Министерството за култура беше прегазена жена која почина на самото место на несреќата.


Движење Беса: Срамот на Теута Арифи не го покриваат ни чадори


Тетово, 20 јули, 2017 - 15:07 (META) 

Младинскиот форум на Движењето Беса денеска во Тетово изведе герила-акција и постави чадори на дупки на улиците и на дивата депонија на влезот на Тетово. Со тоа го изразија своето негодување за владеењето на градоначалничката Теута Арифи.

– Иако знаеме дека пропаднатите и срамни политики на градоначалничката на Општина Тетово, госпоѓа Теута Арифи, не може да ги покрие ништо, ние, Младинскиот форум на Движењето Беса се трудиме да го покриеме овој срам кој нè покрил бидејќи Тетово се води од една неспособна градоначалничка. Се наоѓаме денеска тука, меѓу овој куп отпад кој се наоѓа во влезот на Тетово, за да ја оствариме оваа симболична активност во знак на револт кон оваа еколошка катастрофа – порачаа младите од Беса.

Тие ја потсетија Арифи на нејзиното ветување дека Тетово ќе го направи најчист град во Македонија.

– Затоа, денеска ние, младината на Движењето Беса, преку оваа симболична акција овој срам ќе го прикриеме со чадори, на ист начин како што таа постапуваше сиве овие години – порачаа младите од Беса.


Општините Сопиште и Чешиново-Облешево добија грантови од ИПА-програмата


Скопје, 22 јуни, 2017 - 12:56 (META) 

Општините Сопиште и Чешиново-Облешево денеска добија грантови во вкупен износ од 237.733 евра од ИПА-програмата на Европската Унија.

– Денеска потпишуваме договори за изградба на детска градинка во Општина Сопиште и за изградба на локални улици и за подобрување на водоснабдувањето во Општина Чешиново-Облешево. Изградбата на инфраструктура во руралните средини е еден од приоритетите на реформската влада. Вложувањата во изградба на градинки, училишта, патишта и во енергетика се вложувања во трајни добра од кои директна корист имаат граѓаните. Тие придонесуваат за одржлив економски и социјален развој и воедно ги намалуваат разликите помеѓу урбаните и руралните заедници – изјави министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Тој додаде дека ИПА-програмата за рурален развој е од особена важност за Македонија, при што е предвидено е да бидат доделени 20,7 милиони евра во различни општини во земјава.

Тевдовски рече дека како министер за финансии ќе се заложи да има поголема искористеност на фондовите што Европската Унија ни ги дава на располагање.


Улиците околу градскиот стадион ќе бидат затворени од 15 часот


Скопје, 11 јуни, 2017 - 10:50 (META) 

Министерството за внатрешни работи информира дека од 15 часот ќе воведе посебен сообраќаен режим на возила и на движење на пешаците во непосредна близина на Градскиот парк во Скопје.

Ограничувањето на движењето ќе биде поради одигрувањето на меѓународниот фудбалски натпревар помеѓу репрезентациите на Македонија и на Шпанија со почеток во 20.45 часот.

„Ќе биде ограничено движењето на возилата по булеварот Илинден и по улиците Ристо Шишков, Аминта Трети, Наум Наумовски-Борче, како и по сервисните улици во Градски парк околу фудбалскиот стадион. Ограничувањето нема да важи само за возила кои имаат акредитација за движење по горенаведените сообраќајници за влез кон фудбалскиот објект, а во однос на пешаците ограничувањето нема да важи само за лица кои поседуваат билети за фудбалскиот натпревар“, велат од МВР.


8.500 учесници од 51 држава денеска трчаа на „Виз ер скопски маратон“


Скопје, 7 мај, 2017 - 15:22 (META) 

На „Виз ер скопски маратон 2017“, кој денеска се одржа низ скопските улици, трчаа 8.500 учесници од 51 држава, што е рекорден број, информираа организаторите.

Промоторки на маратонот годинава беа близначките од Естонија, Леила, Лина и Лили, кои трчаа и на маратонската трка на Олимписките игри во Рио. На маратонот денеска беа победнички на трката од 21 километар.

„Секоја година ги следевме искуствата на другите метрополи во кои се организира ваков спортски настан и затоа секоја година воведувавме иновативни решенија кои нè доближуваат до поголемите маратони во светот“, истакна директорот на „Виз ер скопски маратон“, Кире Синадиновски.