!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

ВМРО-ДПМНЕ: Не гласавме за улица на кеј, СДСМ да отстапи од тиранската платформа


Скопје, 21 март, 2017 - 16:19 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ има целосно разбирање за волјата на граѓаните и затоа не гласаше против одлуката за запирање на изградба на улицата на Кејот 13 Ноември, се вели во партиското соопштение.

„Единствено ВМРО-ДПМНЕ бара Општина Центар своите одлуки да ги носи во согласност со законските прописи во државата. ВМРО-ДПМНЕ бара и СДСМ да има разбирање за волјата на граѓаните и да отстапи од тиранската платформа. Иднината на Република Македонија е сериозно загрозена од елементите содржани во тиранската платформа, кои водат кон редефинирање на Македонија и нејзино претворање од унитарна и мултиетничка држава, во бинационална држава со тенденција за федерализација“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека ако улицата во општина Центар е од големо значење за граѓаните, одбивањето на тиранската платформа е од суштинско значење за целиот народ и за државата.


Богдановиќ: Го спасивме кејот, нема да се гради улица во центарот на Скопје


Скопје, 21 март, 2017 - 14:27 (META) 

„Го спасивме кејот на реката Вардар во центарот на Скопје. Нема да се гради улица за приватни интереси на бизнис-партнери на Никола Груевски“, вели претседателот на општинската организација на СДСМ во Центар, Саша Богдановиќ.

– Кејот останува шеталиште со зеленило, отворен за сите граѓани. Ќе добие и урбанистичка опрема, клупи, фонтани, жардиниери… Успеавме да го заштитиме кејот заедно со граѓаните. Ја спречивме намерата на Груевски и на Коце Трајановски да го уништат кејот за да се реализира планираниот бизнис на партнерот на Груевски, Алек „Теренова“ – вели Богдановиќ.

Претседателот на општинската организација на СДСМ во Центар вели дека советничката група во Советот на Општина Центар покажала како се соработува со граѓаните и како се штитат интересите на граѓаните.


Советот на Општина Центар ја стопираше изградбата на улица на кејот на Вардар


Скопје, 20 март, 2017 - 17:22 (META) 

Советот на Општина Центар на денешната вонредна седница со 12 гласа „за“ ја стопираше одлуката за изградба на улица на кејот на Вардар. Наместо улица со посебен режим на сообраќај, Советот на Општина Центар донесе одлука со која на шеталиштето се предвидуваат клупи, жардиниери и корпи за отпадоци.

За одлуката не гласаа советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои жестоко се спротивставија на одлуката да не се гради улица. Тие ја побараа скицата за улицата, иако таа им беше претходно приложена.

Градоначалникот на Општина Центар рече дека Владата намерно ги сменила законите за да ѝ ги одземе ингеренциите на Општина Центар.

– Оваа седница е за стопирање на изградбата на улицата. Изминативе години Владата ги смени законите за да ги одземе ингеренциите на Општина Центар. Законот за градба е сменет дури 25 пати и да не се правиме наивни и неинтелигентни, тоа е за да се одземат ингеренциите на Центар за грдите вештачки стиропор-фасади. Во ДУП над земја се гледа пристапна улица, но како таа ќе има посебен режим кога е единствен пристап до катната гаража. Ние четири години не можевме ниту да почнеме да работиме на измените на планот за Мал ринг, бидејќи немаме конзерваторски основи, а не можеме да добиеме ниту податоци од Агенцијата за катастар – рече Жерновски.

Вчера градежен инспектор на Општина Центар, по налог на градоначалникот на општината, Андреј Жерновски, нареди стопирање на градежните работи за изградба на спорната улица на Кејот 13 Ноември.

Градежните работи за изградба на спорната улица почнаа во саботата што наиде на силно негодување и кај сопствениците на околните угостителски објекти, кои излегоа на протест.

Од Општината ги обвинија Градот Скопје и градоначалникот Коце Трајановски дека донеле незаконска одлука за изградба на сервисна улица, со која се узурпира шеталиштето на кејот. Оттаму велат дека во актуелниот детален урбанистички план (ДУП) никаде не е предвидена изградба на ваква улица, туку подземна сервисна улица.


Општина Центар: Во ДУП никаде не постои улица на кејот, Трајановски ги крши законите


Скопје, 19 март, 2017 - 11:40 (META) 

Град Скопје, под чија ингеренција е кејот, донесе незаконска одлука да го узурпира шеталиштето и да направи сервисна улица, која според актуелниот детален урбанистички план (ДУП) никаде не постои, велат од Општина Центар.

„Вчера, Град Скопје и ВМРО-ДПМНЕ повторно се обидоа да ги кршат законите и да ги манипулираат граѓаните, кои мора да ја знаат вистината за улицата што Град Скопје сака да ја прави на кејот на Вардар и чија е одговорноста за оваа незаконска одлука. Во постоечкиот ДУП за Мал Ринг, никаде нема предвидено таква улица, туку подземна сервисна улица, како што и јасно се гледа на планот. Лага е дека тоа ќе биде повторно шеталиште или дека улицата ќе биде само за достава. Ако е така, рестораните и сега го користат кејот за достава и затоа нема потреба ништо да се гради. Доколку е потребна сервисна улица за зградата на ‘Телеком’, таа мора да биде направена под земја, согласно важечкиот ДУП“, стои во соопштението од Општината.

Оттаму велат дека Општина Центар досега ја блокирала изградбата на улицата со сите расположливи механизми и дека ќе продолжи да го прави тоа, за да го заштити кејот на Вардар. Од Општината го повикуваат државниот инспекторат веднаш да го преиспита „незаконски издадено одобрение за градба од страна на Град Скопје“, кое градоначалникот Коце Трајановски го потпишал на 31 декември 2016 година.

„Градоначалникот Коце Трајановски и неговата партија мора да разберат дека од пролетта 2013 година, општина Центар престана да биде полигон за незаконски и криминални активности. Инспекциските служби на Општина Центар ќе направат увид во постоечката документација и ќе го информираат државниот инспекторат, за истиот да се произнесе за оваа незаконска градба“, нагласуваат од Општина Центар.

Вчера, на Кејот 13 Номеври почнаа градежните работи за изградба на спорната улица што наиде на силно негодување и кај сопствениците на околните угостителски објекти, кои излегоа на протест.


Со месеци раскопана една од најпрометните улици во Тетово


Тетово, 5 февруари, 2017 - 16:09 (META) 

И по речиси три месеци, улицата Иво Лола Рибар во Тетово, која води кон граничниот премин кон Косово, не е санирана.

Под оваа улицата, градските власти поставуваа атмосферска канализација, но овој коловоз сè уште е раскопан поради градежните работи што се изведуваа за реализација на овој проект.

Возачите се жалат. Велат дека досега неколкупати ги носеле своите возила на поправка, кои се расипуваат од огромните дупки и кратери на самата улица.

– Треба дупките да се пополнат и улицата да се санира. Плаќаме за одржување на патиштата и даноци и сè, а види какви услуги добиваме – се жали една возач од Тетово.

Од секторот за сообраќај и патишта при Општина Тетово, се согласуваат дека улицата Иво Лола Рибар е во многу лоша состојба. Велат дека задоцниле со санирање на дупките и со асфалтирање на улицата поради техничко-објективни причини.

– Кога ја поставувавме атмосферската канализација, наидовме на главен цевковод, кој поминува под улицата Иво Лола Рибар. Исто така, наидовме и на фекална канализација. И затоа оваа атмосферска канализација моравме да ја поставуваме под овие два инфраструктурни објекти, па задоцнивме со овие градежни активности – вели Хусеин Демири, раководител на секторот за сообраќај и патишта, при Општина Тетово.

Минатата година се реконструираше улицата Иво Лола Рибар во долниот дел на Тетово. Но, и тие градежни активности се оддолжуваа и траеја една година.


ВМРО-ДПМНЕ: Кога СДСМ беше на власт, затвори 684 фирми и остави на улица 200.000 луѓе


Скопје, 4 јануари, 2017 - 15:10 (META) 

„Кога СДСМ беше на власт, затвори 684 фирми и остави на улица 200.000 луѓе. Денес зборуваат за субвенции, а кога беа на власт не дадоа ниту денар за фирмите“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Драган Тевдовски.

– Каде беше СДСМ со мерки и со предлози како конструктивна опозиција кога почна светската економска криза. Во тоа време, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ инјектираше во стопанството 350 милиони евра свеж капитал од Европската инвестициона банка, со кои беа поддржани малите и средни претпријатија и беа отворени илјадници работни места – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека „ќе го помогнат рестартирањето на претпријатијата што СДСМ ги одведе во стечај и ќе инјектираат нови 101 милион евра во стопанството“.


Анкара ќе именува улица по убиениот руски амбасадор


Анкара, 20 декември, 2016 - 13:11 (META) 

Турскиот министер за внатрешни работи, Мевлут Чавушоглу, изјави дека една улица во Анкара ќе се именува по убиениот руски амбасадор.

Тој соопшти дека по Андреј Карлов ќе биде наречена улицата на која се наоѓа амбасадата на Русија во турската престолнина.

Карлов вчера беше убиен на отворањето на изложбата „Русија во очите на Турците“.

– Донесовме одлука, во чест на господинот Карлов, улицата на која се наоѓа амбасадата на Руската Федерација да биде наречена по него – рече Чавушоглу.

Тој денеска се сретна со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, и двајцата го нарекоа убиството на амбасадорот „грозоморно злосторство“.

Министерот Чавушоглу ја откажа посетата на Украина, која беше закажана за 21 и за 22 декември.


Ердоган предупреди дека е можен нов напад


Анкара, 16 јули, 2016 - 11:18 (META) 

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, преку официјалниот претседателски твитер-профил ги повика турските граѓани да бидат подготвени повторно да излезат на улица затоа што е можен нов напад на пучистите.

„Овој напад може да дојде до уште една фаза, во која ќе мора повторно да излеземе на улица. Затоа што може да има ново движење“, напиша Ердоган на „Твитер“.

Според неговите зборови, опасноста уште не е помината и напад може да се случи во секој момент, а народот треба да ја задржи контролата над улиците.


Денеска ќе се протестира во Скопје, Штип и во Битола


Скопје, 18 април, 2016 - 11:54 (META) 

По еден ден пауза, демонстрантите денеска во 18 часот повторно се враќаат на улица. Денешниот протест ќе почне пред Специјалното јавно обвинителство, но сè уште не се знае каква ќе биде маршутата по која ќе се движат демонстрантите.

Протести за денеска се најавени и во Штип, Кочани и во Битола. Протестот во Штип ќе се почне во 18 часот, пред Основниот суд, а во Битола на плоштадот Магнолија.

Граѓанските организации од Битола денеска ќе се состанат да одлучат што понатаму со протестите против претседателот Ѓорге Иванов и градоначалникот Владимир Талески. Од организациите велат дека по синоќешниот протест заклучиле дека нивната цел не е да се судираат со полицијата. Неофицијално се дознава дека можно е вечерва протест да има и пред куќата на градоначалникот Талески.

За утре протест е најавен и во Прилеп, во 18 часот, на камената бина која се наоѓа во центарот на градот, а в четврток ќе се протестира и во Гостивар.

Изминативе неколку денови, освен во Скопје, се протестираше во Битола, Струмица, Велес и пред македонската амбасада во Вашингтон.


Жителите го блокираа булеварот Илирија во Тетово поради зонското паркирање


Тетово, 26 декември, 2015 - 16:14 (META) 

Жителите што живеат покрај булеварот Илирија во Тетово, каде месецов се воведе зонско паркирање, попладнево ја блокираа улицата.

Велат дека се револтирани поради воведувањето зонско паркирање, со кое им е оневозможено да ги оставаат возилата во близина на живеалиштата зашто паркирањето сега е ограничено на три часа.

– Ние немаме ништо против зонското паркирање. Бараме само Општината да ни овозможи загарантирано место за паркирање, за кое би плаќале месечен билет – изјави Перо Јовчески, жител на Илирија.

За проблемот со паркирањето, жителите поднеле петиција до Општина Тетово.

– Поднесовме петиција до Општина Тетово, на која се потпишаа повеќе од 1.000 граѓани. Преку петицијата побаравме слободно место за паркирање за нас во рамки на зонското паркирање или, пак, Општината нека го реши ова прашање, затоа ги плаќаме. Но, за жал, од локалната самоуправа по поднесувањето на петицијата добивме негативен одговор – вели Никола Киропулос, станар од Илирија.

Зонското паркирање е воведено само на булеварите Илинденска и Илирија.

Сега, голем број од возачите се паркираат во единствената зона А, каде се создава голем метеж и хаос во сообраќајот.

Од Општина Тетово велат дека овој проблем ќе се надмине со воведување зонско паркирање и во другите делови, односно зони во градот.