Мицкоски: Објавувањето на Законот за јазици без потпис на Иванов е ново кривично дело


Скопје, 27 април, 2018 - 16:17 (META) 

По изјавите на претседателот на Собранието Талат Џафери дека Законот за јазици ќе го објави во Службен весник, преку социјалните мрежи се огласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој вели дека објавување на Закон за јазици без потпис од претседателот на државата претставува ново кривично дело за кое доколку се случи сега или подоцна, одговорност мора да има.

– Во Македонија веќе се воспоставува пракса на владеење со преседани, кои ја подриваат правната држава и владеењето на правото. Не ни треба нов преседан кој ќе стане пракса. Исто така подеднакво важна е и дилемата зошто повторно се актуелизира од страна на власта ова прашање….Етничките теми, каде се манипулира со чувствата на граѓаните, било тоа да е законот за јазици или пак случајот Монструм се димната завеса кои треба да го отргнат вниманието од реалните теми каде има вистински хаос. Па преку овие измислени прашања ќе ловат виновници, ќе создаваат поделби, а себе си ќе се прикажуваат за спасители, напредни политичари и реформисти, а за сите конфликти и поделби за свесно сервираните прашања кои создаваат етнички поделби и разлики треба повторно да биде виновно ВМРО – вели Мицкоски.

Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ сега се води битка за спас на власта поради бенефитите кои таа ги носи, а не поради доброто на државата и граѓаните, битка која е за спас на политичката кариера на Зоран Заев. Мицкоски повторно побара законот за јазици да се повлече.

-Наместо да трошат време на тоа како да го заобиколат законот, нека го повлечат законот за јазици и преку опширна анализа, низ транспарентна постапка и широка вклученост на стручната јавност, заеднички да го направиме законот уставен и применлив. Од вакво нешто никој нема да загуби – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.


И по седум дена, Законот за јазиците е во лимбо, ги чека „варијантите“ на Џафери


Скопје, 22 март, 2018 - 11:16 (META) 

По седум дена откако во Собранието на Република Македонија беше изгласан Законот за употреба на јазиците, а претседателот Ѓорге Иванов, одби да го потпише Указот за неговото стапување на сила сè уште е нејасно што и како понатаму.

Ваква ситуација не е предвидена со Уставот, кој, иако вели дека претседателот по второто усвојување во Парламентот го потпишува законот, не кажува што ако тој тоа не го стори.

Според објаснувањето на законодавниот процес на веб-страницата на Собранието, во нормални услови законот веќе требаше да биде објавен во Службен весник, односно во рок од 7 дена од изгласувањето.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на прашањето како понатаму, лаконски и загадочно изјави дека „има варијанти“.

Некои експерти сметаат доколку не го потпише указот, Иванов ќе се соочи со кривична одговорност, а Јавниот обвинител ќе треба да го процесуира случајот по службен должност.

Според универзитетскиот професор Темелко Ристовски, одбивањето на Иванов е навлегување во дел од законодавната надлежност, со што се создава двојство, односно судир на надлежности.

Во меѓувреме, претседателот на Собранието Талат Џафери нагласи дека претседателот е должен да го потпише законот, оти бил изгласан во легална процедура.

Беше пласирана идејата ако Иванов подолго време одбива да го одобри законот за тој да може да биде објавен во Службен весник на Република Македонија и да стапи на сила, Џафери ќе може да го потпише законот како втор по ранг – по претседателот на државата.

Но, за тоа сепак се испречуваат уставните одредби, кои не предвидуваат можност претседателот на Собранието да ги преземе ингеренциите на претседателот на државата, кога вториот ја врши функцијата. Така, додека тогашниот претседател на Собранието, Тито Петковски, во 1990-тите го потпишува Указот на законот за знамињата на националностите, додека тогашниот претседател на државата е на службен пат, Уставниот суд на 18 ноември 1998 година го поништува тој чекор бидејќи на  претседателот на Републиката не му престанала функцијата, ниту бил спречен да ја врши. Притоа се повикале на  членот 82 од Уставот каде што е дефинирано кога собранискиот спикер ја врши и функцијата претседател на државата – во случај на смрт, оставка, трајна спреченост или престанок на мандатот на Претседателот по сила на Уставот до избор на нов шеф на државата. Втората можност е да настапиле услови за престанок на функцијата, што го утврдува Уставниот суд по службена должност, а третата ситуација е во случај на спреченост на претседателот на Републиката да ја врши функцијата.


Осум можни сценарија околу судбината на Законот за јазиците


Скопје, 15 март, 2018 - 10:40 (META) 

Вчера со 64 гласа и во тензична атмосфера, на раб на физичка пресметка, беше изгласан Законот за јазиците во трето читање, откако еднаш претседателот Иванов одби да го потпише.

Шефот на државата и синоќа во обраќање до јавноста изјави дека „Уставот и совеста не му дозволуваат да го потпише Указот за прогласување на Законот“.

Од сите страни стигнуваат реакции во кои или се поздравува или се оспорува Законот и начинот на неговото донесување.

Во моментов кружат неколку сценарија за судбината и примената на Законот.

  1. Иванов да го потпише Указот (малку веројатно)
  2. Иванов да не го потпише (иако, според Уставот, нема право на второ вето, односно ако веќе одбил да потпише указ за закон и тоа во повторена постапка на гласање повторно е донесен од пратениците е должен да го потпише указот)
  3. Уставна криза – Никој со сила не може да го натера Иванов да стави потпис на Указот, но тоа веќе ќе создаде уставна криза – веќе изгласано законско решение да остане непотпишано.
  4. Тужби пред Управниот суд за утврдување надлежност и повреда на управна постапка.
  5. Без потпишан указ од претседателот на Републиката законот НЕ МОЖЕ да биде објавен во „Службен весник“, а штом не е објавен не може да стапи на сила и не може да се применува во практика.
  6. Уставот не утврдил рок кога претседателот треба да го потпише указот што значи остава широк простор за блокада на објавувањето на законот и неговото влегување во сила.
  7. Да се поднесе (кој?) барање за автоматско објавување на Законот за употреба на јазиците во „Службен весник“ за да започне и официјално да се применува.
  8. Серија претставки до Уставниот суд.

Иванов: Уставот и совеста не ми дозволуваат да го потпишам Законот за јазиците


Скопје, 14 март, 2018 - 21:34 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов вечерва во обраќање до граѓаните и пратениците рече дека нема да стави потпис на штотуку усвоениот Закон за употреба на јазиците.

Иванов, со остра реторика, говореше за „закон со репресивна содржина, закон е израз на тиранијата на парламентарното мнозинство, за противуставен, анти-државен и суштински неправеден закон, кој не заслужува да се нарече закон“.

– Уставот и совеста не ми дозволуваат да ставам потпис на Указ за прогласување на ваков закон – вели Иванов.

Според него тоа е и „закон со кој се злоупотреби европското знаме, закон за кој не се водеше дебата по амандманите кои произлегоа од моите укажувања, закон кој се изгласа вон сите процедури, закон кој е противуставен и закон кој ги крши дадените гаранции“.

Ова е интегралниот текст од обраќањето на Иванов.

Најпрво, би сакал да се обратам до народните избраници во Собранието на Република Македонија.

Кога го вратив Законот за употреба на јазиците, детално и правно ја образложив мојата одлука. Побарав од вас внимателно да ги разгледате моите забелешки и очекував да постапите одговорно, совесно и како што налага Деловникот на Собранието.

Внимателно го следев вашето делување во собраниските комисии и на пленарните седници.

Начинот на кој по втор пат го изгласавте овој закон претставува институционално насилие и удар врз демократијата. Се надевам дека сте свесни за преседанот што го правите и за последиците и штетите по правото и правната држава, што во иднина можат да произлезат од овој преседан.

Не само што го злоупотребивте европското знаме на овој закон, туку ги прекршивте и сите правни процедури, постапки и рокови во начинот на неговото носење.

Во ниту еден момент не побаравте консултации со науката и надлежните институции кои се најповикани да дадат свое мислење по прашањето на Законот за употреба на јазиците во Република Македонија.

Така не се води држава. Така не се остваруваат нашите стратешки цели. Така не се почитува Уставот, нешто на што се заколнавте при стапувањето на вашата исклучително одговорна општествена функција.

Во периодот на доделувањето на мандатот на сегашниот премиер, во неколку наврати јасно и јавно укажав дека прашањето на употреба на албанскиот јазик не смее да го загрози уставното уредување на Република Македонија.

Од тие причини, од тогашниот мандатар, а сегашен премиер, побарав да добијам писмени гаранции дека новата коалициска влада, со своите политички мотивирани потези, нема да го загрози суверенитетот и уставниот поредок на Република Македонија.

Гаранциите беа дадени, но не беа испочитувани.

Законот за употреба на јазиците, на начинот на кој што е напишан, но и изгласан, ќе предизвика целосна блокада на работата на институциите. Во услови на блокада на институциите, голема е веројатноста да се отвори прашањето за редефинирање на нашето уставно уредување.

Законот за употреба на јазиците е неправеден и репресивен закон, кој фаворизира само еден јазик. Ваков закон ќе ги продлабочи меѓуетничките тензии и претставува закана по меѓуетничкиот соживот.

Преминат е предвидениот рок од 30 дена за отворање на собраниската дебата, заобиколена е расправата по пратеничките амандмани на опозицијата, игнорирани се советите од Европската Унија, повреден е Уставот на Република Македонија и деловникот за работа на Собранието.

И по својата репресивна содржина, и по насилниот начин на кој е донесен, овој закон не е израз на демократијата. Овој закон е израз на тиранијата на парламентарното мнозинство врз мнозинството граѓани на Република Македонија. Мнозинството граѓани никогаш не гласале ниту некогаш би гласале за политичка програма во која е предвиден ваков противуставен, анти-државен и суштински неправеден закон. А неправедниот закон и не заслужува да се нарече закон.

Како Претседател на Република Македонија јас ова нема да го дозволам.

Затоа, нема да потпишам Указ за прогласување на закон кој е донесен на ваков начин. Закон со кој се злоупотреби европското знаме, закон за кој не се водеше дебата по амандманите кои произлегоа од моите укажувања, закон кој се изгласа вон сите процедури, закон кој е противуставен и закон кој ги крши дадените гаранции.

Уставот и совеста не ми дозволуваат да ставам потпис на Указ за прогласување на ваков закон.


Владата: Сите одредби од законот за јазиците се усогласени со членот 5 од Уставот


Скопје, 17 јануари, 2018 - 19:29 (META) 

Владата на Република Македонија реагираше на денешното обраќање на претседателот Ѓорге Иванов, во кое тој објави дека решил да не го потпише указот за Законот за јазиците бидејќи е противуставен, го фаворизира албанскиот јазик и се воведува скап паралелизам во државната власт и ќе доведе до блокада и нефункционалност. Владата вели дека законот е ускладен со Уставот.

„Владата на Република Македонија изразува жалење за одлуката на Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов да не го потпише указот за Законот за употреба на јазиците. Во оваа прилика сакаме уште еднаш да нагласиме дека сите одредби во законското решение за употребата на јазиците се во согласност со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија“, се вели во реакцијата.

Владата вели дека со законот се унапредува употребата на јазиците на сите заедници во Република Македонија и е чекор кон градење општество за сите. Исто така, уверува дека законот за јазиците целосно ја гарантира соодветната употреба на македонскиот јазик и на другите јазици кои се во службена употреба во одредени единици на локална самоуправа.

„Законот беше донесен соодветно на предвидените процедури во Собранието на РМ. Опозицијата ги имаше сите можности амандмански да учествува во усовршувањето на законот. Опозицијата сама донесе одлука да не учествува во политичкиот процес на донесување на Законот за употреба на јазиците. Неучеството не ја исклучува политичката одговорност“, велат од владата на забелешките на Иванов дека се прекршени процедурите.

Од Владата исто така уверуваат дека формулацијата на законот не го нарушува унитарниот карактер на Македонија и посочуваат дека законот ќе биде испратен на мислење во Венециската комисија.


Иванов не го потпишал указот за Законот за јазиците


Скопје, 17 јануари, 2018 - 17:57 (META) 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, попладнево објави дека не го потпишал указот за Законот за јазиците, затоа што e, како што рече, неуставен.

– Имајќи ги предвид моите согледувања за неусогласеноста на Законот за употреба на јазиците со Уставот, но и изнесените укажувања на експертската  и пошироката јавност за противуставноста на овој закон, а врз основа на член 75 од Уставот на Република Македонија, донесов одлука да не го потпишам указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците. Денес упатив писмо до Собранието на Република Македонија со кое информирам дека не го потпишувам – рече Иванов.

Претседателот на Република Македонија вели дека овој закон е донесен неправилно – без јавна расправа, научна дебата и сосема неоправдано му било додадено европското знаменце.

– На 11 јануари 2018 година, Собранието на Република Македонија го изгласа Законот за употреба на јазиците, без јавна расправа, без научна дебата, без вклученост на академската и експертската јавност и без опозицијата. Во последното годишно обраќање потенцирав дека овој закон е донесен со европско знаменце, без притоа да постои европска директива што налага усогласување на македонското законодавство со законодавството на Унијата. Со овој закон, Република Македонија ќе стане можеби единствената европска држава која сама си поставува услови за членство во Унијата кои никој не ги бара. За апсурдот да биде поголем, дури и укажувањата на претставниците на Европската Унија не беа испочитувани и беа игнорирани – порача Иванов.

Според претседателот, со законот се фаворизира албанскиот јазик и се воведува скап паралелизам во државната власт, што ќе донесе блокада и нефункционалност.

– Со овој закон се воведува многу скап паралелизам во сите органи на државната власт што води кон нивна целосна блокада и нефункционалност.  Во услови на блокада постои опасност да се отвори прашањето за уставното редефинирање и загрозување на унитарноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија. Наместо во духот на дијалогот и соживотот да градиме мултиетничко општество преку праведни и општоприфатени закони, ние донесуваме неправеден и репресивен закон со кој се фаворизира само албанскиот јазик – порача Иванов.


Димовски ќе бара од Уставниот суд да го поништи Законот за јазиците


Скопје, 16 јануари, 2018 - 12:35 (META) 

Пратеникот Илија Димовски денеска најави дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за поништување на Законот за употреба на јазиците.

Тој преку својот фејсбук-профил апелераше до претседателот на државата, Ѓорге Иванов да не го потпишува указот за прогласување на законот, а до неговите колеги во Собранието да не гласаат за овој закон кога тој повторно ќе се врати на седница во законодавниот дом.

„Доколку и покрај укажувањата на целокупната јавност пратениците на СДСМ повторно одлучат да гласаат за овој закон, најавувам дека ќе поведам иницијатива пред Уставниот суд на Република Македонија за поништување на овој закон“, напиша Димовски на „Фејсбук“.

Според него Законот за употреба на јазиците или како што го нарекува „Законот за двојазичност“ е штетен, дезинтегрирачки, дискриминирачки и целосно неуставен документ.

„Овој закон е донесен како плод на партиски пазарења помеѓу партиите, а не како плод на суштинска, длабока и сеопфатна анализа на реалните потреби на нашите сограѓани од помалубројните етнички заедници (Албанците, но и сите други помали заедници). Процедурата за донесување на овој закон во Собранието на Република Македонија беше целосно неделовничка и спротивна на основните демократски стандарди. Овој закон е донесен на сила. Овој закон ја загрозува позицијата на македонскиот јазик во Република Македонија, но и ја загрозува унитарноста и иднината на нашата држава“, пишува Димовски.


Ако Иванов не го потпише за седум дена, законот за јазиците ќе почека уште еден месец


Скопје, 11 јануари, 2018 - 19:31 (META) 

По денешното усвојување во Собранието, Законот за употреба на јазиците во следните седум дена е во рацете на претседателот на државата Ѓорге Иванов кој треба да го потпише указот за негово прогласување за да може законот да биде објавен во Службен весник и официјално да стапи на сила.

Надлежностите на претседателот на државата и роковите за попишување на указите за прогласување на законите се регулирани во Уставот, Деловникот на Собранието и во Законот за Собрание.

Според Законот за Собранието, претседателот на законодавниот дом, во случајов Талат Џафери уште денеска треба да го достави законот кај Иванов заради потпишување на указот.

Иванов, според истиот закон, има рок од седум дена да го потпише указот за негово прогласување.

Претседателот на државата има право да не го потпише законот, освен во случај кога е донесен со двотретинско мнозинство, за што треба писмено да го извести собранискиот спикер.

Во таков случај Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот, стои во членот 75 од Уставот.

Постапката за повторно разгледување на законот е пропишана во Деловникот и во Законот за Собрание.

„Ако претседателот на Републиката одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува законот согласно со Деловникот, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот. По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот на Републиката“, стои во ставовите 3 и 4 од членот 38 од Законот за Собрание, како и во членот 173 од Деловникот на Собранието.


Путин нареди западните медиуми да се регистрираат како странски агенти


Москва, 4 декември, 2017 - 15:11 (META) 

Рускиот претседател Владимир Путин му наложил на Министерството за правда на Русија во посебен регистар да ги заведе  странските медиуми како странски агенти. Указот на претседателот е објавен на официјалниот портал за правни информации. Ресорот има право да решава кој ќе им дава на странските медиуми статус на странски агенти, како и да ги исклучува од списокот.

Првите медиуми – странски агенти – ќе бидат регистрирани веќе оваа недела, изјавил за „Спутник“ извор во Советот на Федерацијата.

– Се работи за девет американски медиуми кои веќе добиле предупредување од Министерството за правда – навел соговорникот на „Спутник“.

Путин го потпиша законот за медиуми – странски агенти на 25 ноември. Законот нема да се однесува на работата на руските медиуми.


Суд во Сиетл привремено го блокира указот на Трамп за имигрантите


Вашингтон, 4 февруари, 2017 - 11:47 (META) 

Федералниот суд на САД во Сиетл синоќа привремено го сопре спроведувањето на указот на американскиот претседател Доналд Трамп, со кој на државјаните на седум доминантно муслимански држави им се забранува влез во САД. Одлуката на федералниот судија од Сиетл, Џејмс Робарт, важи за целата територија на САД.

Судијата Робарт ја донесе ваквата одлука по жалбата против указот на Трамп која ја поднесе јавното обвинителство на сојузната американска држава Вашингтон. Во жалбата се бараше указот на Трамп да се прогласи за противуставен.

Претставниците на американската администрација ја оспоруваа надлежноста на судот да решава по претседателскиот указ. Сепак, судијата Робарт ги отфрли ваквите аргументи и истакна дека обвинителството ги доставило „неопходните докази дека документот нанесува непоправливи штети“.

Администрацијата на Трамп најави дека ќе ја обжали пресудата во најкус можен рок.

Трамп минатата недела потпиша указ со кој се забранува издавање визи за влез во САД на државјаните на седум претежно муслимански земји од Блискиот Исток и од Африка, со образложение дека би можеле да преставуваат терористичка закана за националната безбедност.