Денеска температурата до 28 степени, невообичаено топло за октомври


Скопје, 15 октомври, 2018 - 9:18 (META) 

Времето во Македонија денеска ќе биде сончево и релативно топло, во западните делови со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од источен правец, вели прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Максималната температура ќе се движи од 21 до 28 Целзиусови степени, што е невообичаено топло за средината на октомври.

Во Скопје и околината времето ќе биде сончево, со дневна температура до 25 Целзиусови степени.

Во наредните денови продолжува период на претежно сончево и релативно топло време со дневни температури малку над просекот за овој период од годината. Извесно зголемување на облачноста ќе има од четврток.


Сончево време со умерен ветер и локална облачност


Скопје, 10 октомври, 2018 - 9:26 (META) 

Времето денеска ќе биде сончево со мала локална облачност и со слаб до умерен североисточен ветер. Утринската температура ќе се движи од нула до девет степени, а дневната температура од 17 до 26 Целзиусови степени. 

Во Скопје ќе биде сончево со мала локална облачност и со слаб до умерен североисточен ветер. 

Утринската температура ќе достигне до шест степени, а дневната температура ќе достигне до 24 Целзиусови степени. 

Од четврток повремено ќе има појава на мала до умерена облачност. Утрата ќе бидат малку постудени, а дневните температури ќе бидат без позначителни промени. 


Двојно зголемено нивото на Вардар кај Јегуновце и Велес


Скопје, 27 август, 2018 - 11:20 (META) 

Двојно е зголемен водостојот на реката Вардар кај Јегуновце и Велес, како и на Црна Река кај Новаци.

Денешните хидролошки мерења на Управата за хидрометеоролошки работи покажуваат дека скоро кај сите реки е забележано зголемување на нивото во однос на августовскиот просек, освен на Крива Река и Брегалница.

Кај езерата нема позначителни промени во споредба со августовскиот просек.


Аларм за невреме попладне и во текот на викендот


Скопје, 6 јули, 2018 - 11:52 (META) 

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) прогнозира невреме со пороен дожд и грмежи во некои региони на земјава попладнево и во текот на ноќта. Слична ќе биде временската состојба и во деновите на викендот.

Според алармот, попладнево и кон крајот на денот, особено во планинските региони ќе има изолирани појави на пороен дожд и грмежи, со голема можност невреме да има и во Скопскиот регион.

Преку ноќта облачноста ќе се зголемува и претежно на Истокот ќе има краткотраен дожд.

Утре наутро во северните и источните делови на Македонија ќе има повремен дожд проследен со ретки грмежи. Во текот на денот на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално се можни поинтензивни процеси со пообилни врнежи од дожд и со услови за појава на град.

Утре, а особено в недела ќе дува умерен, повремено засилен северен ветар, кој ќе предизвика опаѓање на температурите за неколку степени.

В недела и в понеделник ќе има повремен локален дожд со ретки грмежи, вели прогнозата на УХМР.


Нивото на Охридско и Дојранско Езеро над дозволениот максимум


Скопје, 11 јуни, 2018 - 11:28 (META) 

Водостоите на поголем дел од реките во Македонија, се на над просечно ниво за јуни, а кај езерата над дозволениот максимум се Охридското Езеро со 11 саниметри и Дојранското Езеро со девет сантиметри, информираат од УХМР.

„Денешните хидролошки мерења покажуваат дека под просекот за јуни се водостоите на Црна Река со 37 саниметри, Крива Река каде двојно е пониско нивото и Сатеска Река со 10 сантиметри пониско ниво од просекот. На исто ниво како јунскиот просек е водостојот на Брегалница“, се вели во соопштението на УХМР.


Водостојот на Вардар зголемен во однос на просекот за мај


Скопје, 16 мај, 2018 - 11:17 (META) 

По вчерашните врнежи, од УХМР информираат дека денеска водостојот на Вардар е зголемен во однос на вчера, но и во споредба со просекот за мај.

Најновите хидролошки мерења покажуваат дека кај Јегуновце нивото на Вардар е зголемено за 46 сантиметри, кај Зајчев Рид за 16 сантиметри и кај Велес за 19 сантиметри.

Над просекот за мај зголемени се и водостоите на Вардар кај Демир Капија, на Пчиња кај Катлановска Бања, а пониски се нивоата на Треска, Крива Река, Брегалница, Црна Река и Сатеска.

Кај езерата денеска нема промени во споредба со вчерашниот ден.


Водостоите на реките двојно повисоки за просекот во март


Скопје, 30 март, 2018 - 11:10 (META) 

Водостоите на сите реки се зголемени, а двојно повисоки од денешниот просек за март се нивоата на Треска кај Македонски Брод и Сатеска кај Ботун.

Според информациите на УХМР, пониски нивоа на водостоите има на Брегалница и Црна Река. Зголемувања на нивоата има и на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.

УХМР за викендов најавува врнежи од дожд и топење на снежната покривка што дополнително ќе ги зголеми водостоите.


Облачно време со врнежи од дожд, на планините снег


Скопје, 19 март, 2018 - 9:22 (META) 

Времето денеска ќе биде облачно со врнежи од дожд. На планините врнежите ќе бидат од снег. Пообилни врнежи ќе има попладне во западните и северните делови од државата.

Максималната температура ќе биде во интервал од осум до 12 Целзиусови степени.

Во вторник ќе биде претежно суво со умерен до засилен западен ветер. Во среда врнежи ќе има претежно во западните делови. Значително заладување од УХМР очекуваат од четврток, поради што врнежите на повеќе места ќе преминуваат во снег.


УХМР: Вардар излеан локално, внимателно движење покрај реките


Скопје, 7 март, 2018 - 16:45 (META) 

Водостоите на реките се зголемени, а поради променливото време и честите промени на температурата, топењето на снегот продолжува со променлив интензитет, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Од таму додаваат дека во горните текови на реките, се очекуваат постепени намалувања и стагнација, а низводно по теченијата, зголемување на водостојот.

– Предупредуваме на внимателно движење покрај реките и суводолиците. Треба со внимателност да се пристапува на местата каде нема насипи и каде речните брегови се ниски и без заштита. Ова се однесува на течението низводно од Скопје и Таорската клисура, низводно од Велес и Демир Капија и Гевгелиско-валандовскиот крај. На хидролошките станици Велес и Демир Капија веќе има одредени покачувања – велат од УХМР.

Во делови од горните текови на Вардар, Треска и Црна се уште постојат локални излевања и поплавени површини. Има и високи водостои на Пчиња, Сатеска и Бабуна.


Поплавувања во горните текови на Вардар, Црна и Треска


Скопје, 5 март, 2018 - 13:29 (META) 

Поплавувања има во горните текови на реките Вардар, Црна, Треска и нивните помали притоки, соопшти УХМР.

Новите врнежи од 10 до 15 литри на квадратен метар што се најавуваат за следните 24 часа на планините Кораб и Шар Планина, ќе предизвикаат дополнителен притисок врз водотеците и суводолиците во овие региони.

Во моментов, според информација од хидролошките станици, се гледа дека насекаде водостоите се високи, но високи водостои со тенденција на покачување има на реката Вардар кај станицата Јегуновце и Радуша, хидролошката станица кај Новаци на Црна, Катлановска Бања на реката Пчиња, Брегалница кај Штип. Од последните информации се гледа дека на хидролошката станица кај Македонски Брод се забележува намалување на водостојот, велат од Управата.

Најголеми покачувања се јавија на реките Треска, Црна, Вардар, Сатеска, Радика, Пчиња и други помали реки.