!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Иницијатива за бесплатно сместување за обожавателите што ќе дојдат за Суперкупот


Скопје, 25 јули, 2017 - 10:26 (META) 

Поради огромниот пораст на цените за сместување во хотелите во Скопје и кај некои станоиздавачи поради претстојниот Суперкуп на УЕФА, неколку млади луѓе почнаа акција да го обелат образот на Скопје пред фудбалските обожаватели. Со нивниот проект „Суперкуп Скопје“ SuperCupSkopje, членовите на заедницата WeTalkIT ги поврзуваат фудбалските обожаватели на кои им треба сместување со луѓе од Македонија кои имаат желба да им понудат бесплатен престој.

Целта на овој проект е што поголем број граѓани да бидат домаќини на еден или двајца гости во својот дом, за да им овозможат место за преноќување на обожавателите кои ќе дојдат да го следат натпреварот помеѓу „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“.

За да му овозможите сместување на некој од обожавателите, сè што треба да направите е да се логирате на специјалната веб-страница и да наведете каков тип сместување може да понудите. Гостите заинтересирани за сместувањето преку е-маил директно ги контактираат оние тие што објавиле сместување, а домаќинот потоа самиот одлучува кој гостин или гости сака бесплатно да ги прими во својот дом.


Спотот на ФФМ за Суперкупот на УЕФА како реклама за „Скопје 2014“


Скопје, 3 јули, 2017 - 14:01 (META) 

Натпреварот од Суперкупот на УЕФА, кој на 8 август во Скопје ќе го играат „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“, повторно ја подгреа страста кај вљубениците во фудбалот, откако медиумите информираа дека „УЕФА го објавила“ промотивниот видеозапис.

На јутјуб-каналот на УЕФА, пак, како и на нејзината веб-страница нема тако нешто. Последната информација на веб-страницата на Унијата е објавена на 17 јуни, а вели дека во Скопје ќе се игра натпреварот меѓу „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“, но – видеозаписот го нема.

Тој е објавен од Фудбалската федерација на Македонија, која, иако членка на УЕФА, сепак не ја претставува целата европска фудбалска федерација.

Видеозаписот, инаку, е во манирот на класичните промоции за телевизиската публика веќе видени во изминатава деценија, кога се промовираше Македонија како туристичка дестинација или винските ресурси на Македонија, но за разлика од тие спотови, овојпат доминираат градбите од „Скопје 2014“.

Во видеозаписот е претставена и Националната арена „Филип Втори“, каде би требало да се игра натпреварот, ама претежно се гледаат Матка, Скопје од Водно, но и споменикот на Филип Втори, Владата, Милениумскиот крст, црквата „Свети Спас“, кадри од центарот на градот… Во втората половина следува поопсежно претставување на стадионот, испресечено со кадри од Порта Македонија, Археолошкиот музеј, и т.н. сува фонтана на плоштадот Македонија.


ВМРО-ДПМНЕ: До последниот извештај на УЕФА, редовно добивавме позитивни извештаи


Скопје, 24 јуни, 2017 - 16:40 (META) 

СДСM, Зоран Заев и Драги Рашковски сè уште се однесуваат како опозиција, а не како власт која треба да работи за доброто на граѓаните, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на генералниот секретар на Владата.

„До последниот извештај на УЕФА, Владата на ВМРО-ДПМНЕ редовно добиваше позитивни извештаи. Сè што беше побарано од стручните лица на УЕФА беше реализирано. Единствените обврски кои остануваат да се реализираат до последната најавена посета од страна на УЕФА се тековни работи околу климатизацијата и средување на просторот, таканаречен ТВ-компаунд, каде што би се сместувале возилата преку кои би се вршел преносот“, стои во реакцијата.

Од партијата наведуваат дека и покрај тоа што Општина Центар, која е, како што се истакнува, под контрола на СДСМ, го повлекла одобрението за градба за просторот за репортажни возила, владата на ВМРО-ДПМНЕ успеала да ги надмине проблемите и да ги исполни барањата на УЕФА.

„ВМРО-ДПМНЕ бара Владата на СДС да не си поигрува со угледот на Република Македонија. Одржувањето на Суперкупот не смее да биде загрозено. Време за губење нема. Одржувањето на Суперкупот е многу поважно од сите манипулации со кои се занимава Владата на СДС“, стои во реакцијата.


Рашковски: Владата ќе направи сè Суперкупот да се одржи во Скопје


Скопје, 24 јуни, 2017 - 16:20 (META) 

Владата ќе направи сè за навреме да ги отстрани сите забелешки од УЕФА и финалето на европскиот Суперкуп во фудбал да се одржи во Скопје, изјави денеска генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.

– Владата сака да ја промовира Република Македонија во најдобро светло и затоа и покрај сите сопки што се прават внатрешно од некои структури, Суперкупот, сепак, ќе се одржи во Скопје. Сме ја имале привилегијата да го добиеме организацискиот дел на Суперкупот и она што како информација и забелешка е давано до ФФМ и од ПУИГ, односно Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, навреме ќе го отстраниме – рече Рашковски, додавајќи дека сè мора да биде завршено до 21 јули бидејќи на 23 јули доаѓа финалната контрола, која ќе одлучи дали Суперкупот ќе се одржи во Скопје или не.

Тој истакна дека забелешките на УЕФА за состојбата на Арената „Филип Втори“ во Скопје се нотирани во сите извештаи од септември 2015 година и дека истите се наведени и во последниот извештај, кој бил испратен до ФФМ на 15 јуни годинава.

– Федерацијата го чувала седум дена по што го пратила до Владата. Сите работи можеле да се направат навреме, а во последните шест месеци поради неразбирливи причини воопшто не се работело ништо – рече Рашковски, истакнувајќи дека ФФМ со чувањето на извештајот не ѝ нанесува штета само на Владата, туку и на хотелиерите, угостителските објекти и на репутацијата на земјата.

УЕФА во својот извештај забележува дека на стадионот нема климатизација, простор за стационирање на репортажни возила, инфраструктура за интернет-мрежа и пристап до интернет во согласност со капацитетот на стадионот, планови за евакуација, соодветно напојување во случај да снема електрична енергија и други недостатоци.


ВМРО-ДПМНЕ: Од подготовките на арената „Филип Втори“, остана уште паркиралиштето за репортажни возила


Скопје, 23 јуни, 2017 - 16:12 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ денеска порача дека ако не се одржи Суперкупот на УЕФА на Национална арена „Филип Втори“, виновна за тоа ќе биде власта на СДСМ.

– До последниот извештај на УЕФА, Владата на ВМРО-ДПМНЕ редовно добиваше позитивни извештаи. Сè што беше побарано од стручните лица на УЕФА беше реализирано од наша страна. Единствените обврски што остануваат да се реализираат пред да дојде последната најавена посета од стручните лица на УЕФА се тековни работи околу климатизацијата и средување на просторот, таканаречен ТВ-компаунд, каде што треба да бидат сместени репортажните возила за ТВ-преносот на Суперкупот – рече Димче Арсовски, потпретседател на Унијата на млади сили на партијата, на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој нагласи дека нема сериозни пропусти во поглед на подготовките правени од претходната власт.

– Единствено треба да се обезбеди буџет за Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор со што сè би било реализирано во наредните 10 дена. Одржувањето на Суперкупот не смее во ниту еден случај да биде загрозено. Време за губење нема – рече Арсовски.


Владата ќе им помогне на овоштарите и ќе ги стопира парите за невладините


Скопје, 23 јуни, 2017 - 9:22 (META) 

Владата на вчерашната осма седница донела две одлуки, за помош на производителите на праски кои протестираа против ниските цени на откупот, како и за укинување на одлуката на претходниот состав на владата за доделување пари на невладините организации.

„Владата на Република Македонија донесе одлука за дополнителна финансиска поддршка на земјоделците – прозводители на праски со слаб квалитет. Станува збор за финансиска поддршка на производителите на праски, со откупна цена до  5 денари, што во периодот од 12 јуни до 30 јуни ќе се искористат во преработувачките капацитети. За да им помогне на овие земјоделци, Владата одлучи да обезбеди дополнителна финансиска поддршка за произведувачите на праските со ниска цена поради лошиот квалитет, од 6 денари по килограм“, се вели во соопштението.

Истовремено, на седницата вчера била дискутирана одлуката на Генералниот секретаријат на Владата од претходниот состав за финансирање здруженија и фондации со средства од буџетот во висина од околу 50 милиони денари или 850.000 евра. Бил задолжен  Генералниот секретаријат да ги преземе сите потребни чекори за запирање на постапката за распределба средства од буџетот на овие здруженија и фондации.

„Одлучено е да се извести Државниот завод за ревизија да ја преиспита претходната одлука за доделувањето на овие средства, а доколку постои основа за сомнеж за сторени злоупотреби, да се отвори истрага за обид за ненаменско трошење буџетски пари“, соопшти Владата.

Донесени се и одлуки за новиот тендер на ЕЛЕМ во вредност од 34 милиони евра, при што е наложено тој да се поништи. Станува збор за тендер за набавка на опрема за ископ на јаловина, а Владата му наложила на надзорниот одбор на ЕЛЕМ да ја поништи одлуката за распишаната јавна набавка и за тоа да биде известена.

Исто така, на осмата седница на Владата вчера констатирани се сериозни пропусти од страна на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор и на претходата Влада, во реализацијата на преземената обврска за одржување на УЕФА Супер купот 2017 на Арената „Филип 2“, со оглед дека стадионот не е подготвен согласно бараните стандарди на УЕФА. Задолжен е Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија, во соработка со другите надлежни министерства да ги преземе сите потребни мерки во рок од три дена и да најдат начин за одржување на УЕФА Супер купот, за што, како што е најавено претставници на УЕФА ќе дојдат во Скопје на 21 јули да ги проверат условите за одржување на натпреварот меѓу „Манчестер јунајтед“ и „Реал Мадрид“.

Истовремено, министрите биле задолжени да ги декласифицираат сите информации за службени патувања и репрезентации што претходните нивни колеги ги воделе како класифицирани, како и отсега тие информации да бидат јавни, освен ако не станува збор за информации што мора да останат заштитени по сила на закон.


Спасовски се сретна со претставници на УЕФА


Скопје, 10 јуни, 2017 - 16:33 (META) 

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска одржал работна средба со Жељко Павлица и со Франк Вијнвелд, претставниците на Европската фудбалска федерација (УЕФА), кои се вклучени во организацијата на претстојниот Супер куп на УЕФА, што треба да се одигра на 8 август во Скопје, помеѓу екипите на „Реал Мадрид“ и на „Манчестер јунајтед“.

Спасовски на претставниците на УЕФА им соопштил дека сите капацитети на МВР ќе бидат ставени на располагање за успешна организација на овој настан.

Претставниците на УЕФА го нагласиле огромното значење на МВР за организација на овој натпревар.


Вежба за спречување терористички напад на стадионот во Лион


Лион, 31 мај, 2016 - 10:01 (META) 

Вчера вечер на стадионот „Парк олимпик“ во предградието на францускиот град Лион се одржа масовна воена вежба за спречување на терористички напади за време на Европското првенство во фудбал.

Според сценариото пред натпреварот Украина-Северна Ирска двајца напаѓачи се кренале во воздух на влезот на стадионот, при што загинале десет, а ранети се 80 лица. Гледачите се во паника, а обезбедувањето на стадионот, полицијата и жандармеријата преземаат мерки за нивно совладување.

Во вежбата учествувале војници, медицински лица, противпожарни и спасувачки служби.

Весникот „Монд“ објави дека во вежбата учествувале неколку стотици лица, меѓу кои и службениците во локалната власт на Лион и околните градови, соработници на УЕФА, вработени во француските железници и на лионскиот аеродром.

„Евро 2016“ се отвора на 10 јуни и ќе трае до 10 јули.


Замрзнати милиони швајцарски франци од сметките на ФИФА


Цирих, 17 декември, 2015 - 15:52 (META) 

Милиони швајцарски франци на банкарски сметки сопственост на Светската фудбалска организација (ФИФА) денеска биле замрзнати на барање на истражните органи на САД, соопшти швајцарското министерство за правда.

Како што пренесува „Би-Би-Си“, американските власти, кои ја водат истрагата за корупцскиот скандал во ФИФА, во чиј фокус е нејзиниот претседател Сеп Блатер, веруваат дека парите од корупцијата биле трансферирани преку замрзнатите сметки.

Според медиумските извештаи, станува збор за сума од 50 милиони до 100 милиони швајцарски франци или околу 50,1 милиони до 100,2 милиони американски долари.

Денеска Блатер, кој е под суспензија на својата функција, е на сослушување пред етичкиот комитет на ФИФА. Тој попладнево пристигнал во седиштето на ФИФА во Цирих, придружуван од еден од своите адвокати.

Блатер ги отфрла сите обвиненија за корупција.

Етичкиот комитет на ФИФА отвори истрага по одлуката на швајцарското обвинителство да поведе кривична постапка против претседателот на ФИФА поради сомневање дека исплатил околу 2 милиони американски долари на претседателот на УЕФА, Мишел Платини, во 2011 година.

Двајцата ги отфрлија обвинувањата дека сториле нешто протизаконски. Во октомври тие добија тримесечени суспензии од етичкиот комитет на ФИФА.


Платини останува под суспензија, арбитражниот суд му ја отфрли жалбата


Лозана, 11 декември, 2015 - 12:26 (META) 

Арбитражниот суд за спорт ја отфрилил жалбата на претседателот на УЕФА, Мишел Платини, со која тој бара да му биде укината суспензијата од 90 дена, јавува „Би-Би-Си“.

Поради суспензијата, на претседателот на УЕФА му се забранети какви било активности поврзани со фудбалот.

Платини и претседателот на Светската фудбалска организиација (ФИФА), Сеп Блатер, беа суспендирани на почетокот од октомври поради истрагите што се водат против нив под сомневање за корупција.

Двајцата ги отфрлија обвинувањата и тврдат дека не сториле ништо противизаконски.