!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Бројот на загинатите во поплавите во Италија достигна до седум лица


Рим, 12 септември, 2017 - 10:28 (META) 

Бројот на загинатите во поплавите во централно-италијанскиот град Ливорно достигна до седум лица по откривањето на телото на уште една жртва што претходно се водеше како исчезната. Телото на 34-годишна жена е пронајдено во понеделникот попладне, во двор на куќа во градот, прекриено со кал. Таа и нејзиниот сопруг излегле да гледаат што се случува со поплавата, но биле однесени од водата. Нејзиниот сопруг беше пронајден жив во неделата.

Сега уште едно лице се смета за исчезнато. Четворица од седумте жртви биле членови на едно семејство кои се удавиле во подрумски стан.

Поплави имаше и во делови од Рим, поради што некои метро-станици беа затворени. Потоа дождовната бура се премести на југ и предизвика поплави и во градот Салерно. Поплави имаше и на Сицилија, каде покрај силниот дожд, дуваше и силен ветер.


Момче од Тетово се удави во Валона обидувајќи се да спаси две девојки


Валона, 16 јули, 2017 - 10:55 (META) 

Двесет и четиригодишно момче од Тетово вчера попладне се удавило во водите на Јонско Море, во албанскиот приморски град Валона, при неуспешен обид да спаси две девојки од давење, јавуваат албанските медиуми.

Трагичниот настан се случил на познатата плажа Зврнец, во близина на заливот Портанова, околу 14.30 часот. Според медиумите, кои се повикуваат на полицијата, момчето од Тетово било на плажата кога здогледало две девојки кои, само што влегле во водата, биле вовлечени од голем бран. За жал, и двете девојки и момчето не успеале да се спасат.

Според полицијата, удавени се Б.Ф. (24) од Тетово, М.М. (27) од Валона и Џ.Ц. (25) од Тирана.
Инаку, вчерашниот ден бил навистина трагичен за Валона – претходно се удавило и 14-годишно момче.


Годинава се удавиле 5.000 мигранти


Женева, 23 декември, 2016 - 14:16 (META) 

Рекордни 5.000 мигранти се удавија во Средоземно Море оваа година, по двете бродски несреќи што се случија вчера и во кои настрадаа 100 лица, соопштија хуманитарните организации.

Два преполни брода се превртеле помеѓу Италија и Ливија, соопштија Меѓународната организација за миграција и УНХЦР.

– Со последните две несреќи, годинава настрадаа 5.000 лица – соопшти портпаролот на Меѓународната организација за миграција, Џоел Милман.

Портпаролот на УНХЦР, Вилијам Спиндлер, изјави дека ова е досега најголем број на настадани.

УНХЦР апелираше до државите да отворат легални патишта за прием на бегалци.


Стотици бегалци од Грција навлегле кај гевгелиското село Моин, АРМ и МВР на готовс


Гевгелија, 14 март, 2016 - 16:30 (META) 

Околу 600 до 700 мигранти од илјадниците кои изминативе десетина дена се заглавени во кампот кај Идомени од грчката страна на границата, попладнево успеале нелегално да ја преминат границата со Македонија и да влезат во гевгелиското село Моин, потврдија за „Мета“ од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Оттаму додаваат дека групата била задржана од полицијата и во моментов се преземаат мерки за враќање на мигрантите на територија на Грција.

Претходно телевизијата „Канал 5“ јави дека илјадници мигранти од Идомени ја минале границата и влегле во селото Моин, каде се распоредени голем број припадници на полицијата и армијата, кои се обидуваат да се справат со толпата луѓе и да ги вратат назад.

Според информациите во Грција, непознат човек од изутринава делел флаер во кампот кај Идомени со текст дека границата е херметички затворена и дека доколку пропешачат само пет километри од Идомени ќе може слободно да преминат во Македонија.

Попладнево и британскиот национален сервис „Би-би-си“, јави дека стотици мигранти се движат кон реката на грчко – македонската граница, обидувајќи се да најдат пат низ оградата долж граничната линија кај Гевгелија.

Според „Би-би-си“, голем број на мигранти и бегалци биле забележани како го напуштаат кампот кај Идомени и се движат кон реката. Групата, според информациите била обиколена од грчката полиција. Нема информации за евентулани судири меѓу мигрантите и полицијата.

Утрово, како што потврдија од македонската полиција, тројца мигранти, од кои една жена и двајца мажи, биле најдени удавени во Сува река. Уште 23 лица, со помош на полицијата и на екипи на гевгелиската територијална противпожарна бригада биле спасени од надојдените води на Сува река и пренесени дел во болница, дел во Прифатниот центар на македонско – грчката граница.


УНХЦР, ИОМ и УНИЦЕФ алармираат: Во Егејско Море секој ден има по две удавени деца


Женева, 19 февруари, 2016 - 16:06 (META) 

Од септември 2015 година досега, во водите на Егејско Море, меѓу Турција и Грција, во просек секој ден животите ги губеле по две деца додека со своите семејства се обидувале да стигнат во Европа, велат од ИОМ, УНХЦР и од УНИЦЕФ и предупредуваат дека бројот на смртни случаи на деца на бегалската рута постојано е во пораст.

Според податоците на агенциите, во источниот дел од Средоземно Море, во овој период се удавиле повеќе од 340 деца. Но, како што информираат од УНХЦР, ова не е вкупниот број на удавени деца, кој се смета дека е многу поголем бидејќи нивните тела сè уште не се пронајдени.

Делот од Егејско Море меѓу Турција и Грција е една од најсмртоносните рути во светот за бегалците и за мигрантите, велат од ИОМ, УНИЦЕФ и од УНХЦР.

Во првите шест недели од 2016 година, од 80.000 лица колку што преминале преку Егејско Море, 410 лица ги загубиле животите, што според агенциите е 35 пати повеќе од 2015 година.

Според УНХЦР, процентот на деца кои се дел од луѓето што се движат по оваа рута, сега изнесува 36 отсто, со што пропорционално се зголемува опасноста од трагични исходи.

„Броењето на животите не е доволно. Мора да дејствуваме. Ова не е само медитерански проблем, па дури ни европски. Ова е хуманитарна катастрофа во пораст, која бара да се ангажира целиот свет“, изјавил Вилијам Лејси Свинг, генералниот секретар на ИОМ во Женева.


Најмалку 18 мигранти, меѓу кои и деца, се удавиле во Егејско Море


Атина, 24 декември, 2015 - 18:32 (META) 

Најмалку 18 мигранти, меѓу кои неколку деца, денеска се удавиле откако бродот со кој се обидувале да преминат од Турција во Грција се превртел во Егејско Море, јавува „Би-Би-Си“ повикувајќи се на информации од службени лица.

Дрвениот брод се превртел поради високите бранови додека пловел од турскиот град Измир кон грчкиот остров Лезбос. Како што пренесува „Би-Би-Си“, по несреќата од водите на Егејско Море биле спасени 21 лице, кои патувале со бродот.

Во две слични несреќи што се случија оваа недела, животите ги загубија 24 мигранти.

Меѓународната организација за миграција (ИОМ) во вторникот соопшти дека бројот на мигранти што влегле во Европа оваа година, преку копно и море, надминал еден милион лица, што е четирикратно повеќе во споредба со минатата година.

Како што соопшти ИОМ, 3.695 мигранти, во обидот да стигнат до Европа, се удавиле или сè уште се водат како исчезнати.


ИОМ: Годинава во Европа стигнале повеќе од еден милион мигранти


Женева, 22 декември, 2015 - 11:06 (META) 

Бројот на мигранти што влегле во Европа оваа година, преку копно и море, надмина еден милион лица, што е четирикратно повеќе во споредба со минатата година, соопшти денеска Меѓународната организација за миграција (ИОМ).

Најголем дел од мигрантите, односно повеќе од 800.000 луѓе, стигнале во Европа преку море, патувајќи од Турција во Грција. Според државјанството, најбројни се мигрантите со потекло од Сирија, Ирак и од Авганистан.

Како што соопшти ИОМ, 3.695 мигранти се удавиле или сè уште се водат како исчезнати.

Бројката од повеќе од еден милион луѓе била надмината вчера, кога според ИОМ биле регистрирани вкупно 1.005.504 мигранти што влегле во Европа.

Обединетите нации (ОН) минатата недела соопштија дека бројот на присилно раселени лица во светски рамки годинава надминува 60 милиони луѓе.


Најмалку 11 бегалци се удавија денеска во Егејско Море


Атина, 1 ноември, 2015 - 13:47 (META) 

Најмалку 11 бегалци, од кои шест деца, се удавија денеска во близина на грчкиот остров Самос. Како што соопшти грчката крајбрежна стража, чамецот пловел од турскиот брег и во еден момент се превртел.

Во слични инциденти покрај грчките острови на Егејско Море, изминатите денови загинаа десетици бегалци.


Нова бегалска несреќа, кај Фармакониси се удавија 28 луѓе


Атина, 13 септември, 2015 - 17:40 (META) 

Досега се пронајдени 28 луѓе, меѓу кои и едно дете, кои се удавиле покрај брегот на грчкиот остров Фармакониси, откако потонал чамецот што превезувал стотина мигранти.

Крајбрежната стража на Грција спасила 68 лица, а 29 успеале сами да стигнат до брегот. Потрагата по патниците од превртениот брод продолжува.