!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Шпанската полиција ден пред гласањето за независност на Каталонија затвора училишта


Барселона, 30 септември, 2017 - 17:16 (META) 

Националната гарда на Шпанија денеска затвори 1.300 од 2.315 училишта во Каталонија, во кои според плановите треба да се гласа на референдумот за независност на оваа покраина, кој е закажан за утре. Полицијата исто така го држи под контрола и регионалниот центар за телекомуникации на подрачјето на Каталонија.

Како што известуваат шпанските медиуми, полицијата има наредба да ги исчисти сите училишта од активисти за одржување на референдумот и покрај тоа што внатре има и цивили, односно родители кои со своите децаа остана по завршувањето на наставата во петокот за да ги окупираат зградите за да може во нив да се гласа в недела.

Вкупно 163 училишта беа окупирани од семејства, кои се обидуваа на тој начин да го овозможат утрешното гласање. Приврзаниците на референдумот кампуваа во текот на минатата ноќ во голем број училишта. Луѓето со разни активности и денеска „ги бранат“ гласачките места. Јога вежби, прикажување филмови, социјални собири се организирани на некои од избирачките места, на кои се наоѓаат гласачи, со цел да ја спречат полицијата да ги затвори.

Шпанската полиција денеска го заземала телекомуникацискиот и технолошкиот центар на каталонската влада со цел да спречи електронско гласање, тврди радиото RAC1, но засега полицијата и Министерството за внатрешни работи не ги потврдуваат рациите.

Поддршка за шпанската влада пристигна и од Уставниот суд на Шпанија кој веќе го прогласи референдумот за неуставен. Шпанската полиција во изминативе денови конфискуваше милиони гласачки ливчиња и останати потребни материјали. Избирачките списоци не се објавени. Избирачката комисија, што е надлежна за контрола на гласањето, беше распуштена поради закани за казни.

Но каталонските лидери не се откажуваат од идејата. Лидерот на Каталонија, Карлес Лигдемонт порача дека референдумот сигурно ќе биде одржан.

Според шпанската влада и противниците на идејата за независност на Каталонија, регионот веќе има доволно автономија внатре во Шпанија, како што тоа го имаат и Баскија и Галиција.

Во Мадрид, пак, денеска илјадници луѓе со шпански знамиња демонстрираа денесказа единство на Шпанија спроти референдумот за незвисност на Каталонија, кој е распишан и покрај забраната. Демонстрантите се собраа на плоштадот во Мадрид на повик на конзервативната Фондација за заштита на шпанската нација. Со шпански знамиња во рацете тие извикуваа „Каталонија“ е дел од Шпанија.


Снабдувачот со едукативни програми „Кембриџ“ не е исто со Универзитетот „Кембриџ“


Скопје, 12 септември, 2017 - 10:55 (META) 

„Кембриџ интернешнл“ (Cambridge International Examinations) е најголем светски снабдувач на интернационални едукативни програми за ученици на возраст од 5 до 19 години. Нивните програми се присутни во повеќе од 10.000 училишта, во 160 држави, но таа компанија не треба да се поистоветува со светски познатиот универзитетски центар.

Министерката за образование и наука Рената Дескоска вчера информираше дека „Кембриџ интернешнл“ уште лани изразиле загриженост за брзањето со воведување на оваа програма во средните училишта и со начинот на избор на учебниците.

– „Кембриџ интернешнл“ предупреди дека за реформи во средното образование треба повеќе време и укажуваат дека е многу веројатно дека Кембриџ-програмата нема да може да почне од септември 2017 година. Дури и тие предлагале одложување на програмата за деветто одделение за една година. Во второто писмо, „Кембриџ интернешнл“ укажува дека е потребно време од 18 месеци до 2 години и за адаптација на учебниците, а со оглед на тесните рокови во кои тоа се прави во Македонија, процесот содржи многу слабости. За жал, во тој процес воден од претходната влада, процес во кој биле игнорирани предупредувањата од самиот „Кембриџ“, штета им била нанесена и на учениците и на наставниците, но и на угледот на „Кембриџ“ – изјави Дескоска при отчетот за 100 дена од работата на МОН.


Учебната година ќе почне на 4 септември, информираат од МОН


Скопје, 18 август, 2017 - 14:52 (META) 

Учебната 2017/2018 година за јавните основни и средни училишта ќе почне на 4 септември (понеделник), информираше денеска Министерството за образование и наука.

Календарите за организација на учебната 2017/2018 година во јавните основни и средни училишта ќе бидат објавени во Службен весник на Република Македонија.

Министерката за образование и наука, Рената Треневска-Десковска, на 5 јуни најави дека е почнат обид да се спречи воведувањето на Кембриџ-програмата во средното образование и дека е можно да се намали бројот на предметите во основното образование.

Министерката тогаш најави и преиспитување на наставните програми и намалување на бројот на предметите во основното, како и нов закон за високо образование. Реформскиот процес во образованието, според неа, почнал со укинувањето на екстерното тестирање.


Граѓаните не видоа бенефит од задолжувањето од 100 милиони евра, велат од ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 9 август, 2017 - 15:23 (META) 

СДС, откако е на власт, за два месеци, само врз основа на аукции на државни хартии од вредност, ја задолжи државата за повеќе од 100 милиони евра, од кои граѓаните не видоа никаков бенефит, изјави на прес-конференција Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека со тие пари не се почнала изградба на нови училишта, ниту се почнала изградба на нови градинки, канализации, водоводи или слично.

– Напротив, со ребалансот тие дури и предвидоа кратење на овие проекти. Оттука, отворено се прашуваме за што новата влада на СДС ги потроши овие пари? Дали овие 100 милиони евра се за партиски вработувања, договорни услуги и за вдомување на шарени револуционери, твитер-ликови и комедијанти за дебели хонорари? – изјави Делев.


Стотина средношколци од Охрид отворено застанаа зад „За заедничка Македонија“


Охрид, 20 март, 2017 - 12:37 (META) 

Средношколци од Охрид од утринава застанаа зад протестите на движењето „За заедничка Македонија“.

Околу стотина ученици од средното техничко училиште „Св. Наум Охридскки“, средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ и од охридската гимназија „Св. Климент Охридски“, се собраа на градскиот плоштад.

Носејќи го државното знаме, скандираа дека се за зачувување на унитарниот карактер на државата и за поддршка на политиката на претседателот Ѓорге Иванов.

Тие тврдат дека никој не ги организирал, туку спонтано ги напуштиле училиштата за да се приклучат кон барањата да не се воведе двојазичност во земјава и да се зачува унитарноста на државата.

Некои од учениците рекоа дека имале поддршка од директорите и најавија ново собирање в среда.


СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ да престане со притисоците и со злоупотребите на ученици


Скопје, 17 март, 2017 - 10:27 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ да престане со притисоците и со злоупотребите на ученици за учество на протести со националистичка реторика и на кои се шири говор на омраза, порачуваат од СДСМ.

Од партијата ја повикуваат ВМРО-ДПМНЕ да престане да прави притисоци врз наставниците и директорите на училиштата и потсетуваат дека злоупотребата на ученици за политички цели е кривично дело и дека за тие што го прават тоа, ќе има одговорност.

„Наставниците и директорите на училишта да соберат храброст и да се спротивстават на нарачките од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, кое единствено се грижи за сопствен спас од одговорност за сторените милионски криминал и злоупотреби“, стои во соопштението на СДСМ.

Оттаму додаваат дека доаѓа време на суштински промени во образование и дека „новата реформска влада ќе го врати достоинството на образовните институции, кои ќе бидат првото место каде што треба да се градат вредностите на едно заедничко општество“.

„Затоа, неопходно е Ѓорге Иванов веднаш да го даде мандатот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, зад кого стои мнозинство од 700.000 граѓани преточени преку 67 пратенички потписи“, нагласуваат од СДСМ.


СДСМ бара да престане злоупотребата на ученици во партиски цели


Скопје, 16 март, 2017 - 15:54 (META) 

Повикуваме веднаш да престане злоупотребата на ученици за партиски цели и, уште посериозно, за протести на кои се поттикнува и се шири етничка и национална омраза, вели Петар Атанасов, претседател на комисијата за образование на СДСМ.

Од СДСМ велат дека тоа што го прават директорите на училишта, под директива на ВМРО-ДПМНЕ, е кривично дело и за тоа лично се одговара.

– Укажуваме на директорите на училиштата дека е неопходно да најдат сили, да се спротивстават на ваквото разулавено однесување на раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа не избира ни луѓе, ни средства да ја продлабочи политичката криза, затоа што Груевски и соработниците се само заинтересирани како да се заштитат од одговорност за направениот криминал. Но, директорите на училиштата мора да се свесни дека одговорност носат и тие што се соучесници во противзаконските сценарија на политичарите во заминување. Вчера директорот на прилепската гимназија, цела јавност го виде како наложува ученици да бојкотираат настава за да одат на партиски протести – вели Атанасов.

Насочувањето деца, малолетници, тинејџери, кон поделби, омраза, дискриминација, остава трајни последици кај нив, додава Атанасов, според кој, секој има и индивидуална одговорност да не го дозволи тоа.


Беса го осуди „говорот на омраза и ксенофобијата во училиштата и во МАНУ“


Скопје, 16 март, 2017 - 15:20 (META) 

Движењето Беса денеска го осуди мешањето на политиката во основните и во средните училишта и принудувањето ученици да излезат на протестите што, како што стои во соопштението, ги организира македонската партија на власт, а на кои се слушаат „ксенофобични, расистички и извици кои поттикнуваат омраза кон Албанците“.

„Вчера беше објавена една видеоснимка, во која директорот на едно средно училиште во Прилеп јавно држеше говор на омраза против Албанците и албанскиот јазик и бараше од учениците да се мобилизираат и да учествуваат во протестите, кои се организираат под изговорот дека се за заштита на унитарниот карактер на државата и за заштита на македонскиот од албанскиот јазик. Движењето Беса најостро го осудува политизирањето на основните и на средните училишта и апелира до надлежните институции, како што се Министерството за образование и наука и Државниот просветен инспекторат, како и до другите институции, да преземат чекори и да го осудат ваквото однесување и притисоци врз учениците и вработените од страна на директорите на училиштата“, стои во соопштението од Беса.

Од партијата велат дека деновиве и академици од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) го засилиле говорот на омраза, кој повеќе им доликува на инквизитори и на антисемити отколку на луѓе од образованието, науката и од културата.

„Исто така, се надеваме дека и другите разумни интелектуалци и академици ќе се дистанцираат од говорот на омраза, кој денеска се слуша и од институцијата што треба да биде гнездо на знаењето и на највисоките интелектуални вредности, како што е МАНУ“, велат од Движењето Беса.


Народен правобранител: Да престанат обидите за политичко инволвирање на учениците


Скопје, 16 март, 2017 - 13:43 (META) 

Народниот правобранител на Република Македонија денеска, преку соопштение, изразува сериозна загриженост за обидите за инвловирање на деца во протестите што се организираат во повеќе градови во земјава.

Омбудсманот истовремено ги осудува настапите на раководни лица во училиштата и ги повикува училишните одбори, градоначалниците, Државниот просветен инспекторат и Министерството за образование и наука веднаш, секој во рамките на своите надлежности, да преземат соодветни мерки против лицата што агитираат или дозволуваат во училиштата да се врши агитација и обиди за политичко инволвирање на учениците.

Ваквите настапи, стои во соопштението на Народниот правобранител, се спротивни на Законот за средното образование, со кој е забрането секакво политичко и верско организирање и дејствување во училиштата.


МОФ: Агитирањето меѓу млади луѓе за партиски цели мора да престане


Скопје, 6 март, 2017 - 15:48 (META) 

„Учениците треба да бидат оставени сами да размислуваат и критички да се изразуваат, а секое наметнување туѓ став врз нив, секое заплашување и злоупотреба најостро го осудуваме. Агитирањето меѓу млади луѓе за остварување партиски цели мора да престане“, се вели во соопштението на Младински образовен форум (МОФ).

Оттаму додаваат дека „директорите, професорите и родителите треба да реагираат на секоја намера учениците да бидат вмешани во агендата на политички партии и под превезот на нивното право на здружување да се поткреваат меѓуетнички тензии“.

– Вакви активности на долг рок ќе донесат сегрегација и отуѓување на младите, зголемување на говорот на омраза и креирање конфликти. Жалиме што учениците почнуваат да се прашуваат на кои начини може да се заштитат бидејќи се чувствуваат небезбедно да одат на училиште или да се движат по улица поради својата етничка припадност. Срам е што острите реторики се користат за да се создаде привидна меѓуетничка тензија – се вели во соопштението на МОФ.

Тие бараат училиштата да не дозволат ширање тенденциозни материјали, постери или соопштенија, да ги заштитат учениците од присилување за излегување на протести и да не дозволат да се создаваат поделби меѓу учениците.

– Ги повикуваме надлежните институции да ги испитаат ситуациите на терен и информациите кои се шират во јавноста, а се однесуваат на злоупотреба на малолетници за остварување политички цели – се додава во соопштението на МОФ.