Тепачка помеѓу ученици во „Зеф Љуш Марку“ во Скопје


Скопје, 8 ноември, 2014 - 14:26 (META) 

Во средното училиште „Зеф Љуш Марку“ во Скопје синоќа околу 18 часот  се степале неколку ученици.

Полицијата интервенирала, по што нарушувањето е расчистено, а по целосно документирање на случајот, на четири лица ќе им бидат издадени платни налози за сторен прекршок.


ВМРО-ДПМНЕ: Со Кембриџ-програмата сме лидери во регионот


Скопје, 7 ноември, 2014 - 16:10 (META) 

Од оваа година нови наставни програми и учебници добија учениците од прво до трето одделение, за што, многупати информиравме дека вложени се 148 милиони денари, или околу 2,4 милиони евра, а не 12 милиони евра, реагираат од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на СДСМ.

„Од 1 септември 2014 година, Република Македонија стана единствената земја во регионот којашто го воведува образовниот систем „Кембриџ“, во делот на основното образование. Тоа е најкрупната образовна реформа којашто се реализира во нашата земја од нејзиното осамостојување и претставува многу голема болка за членовите на СДСМ, кои впрочем и никогаш и ништо не понудија пред граѓаните за унапредување на состојбите во која било општествена сфера, а најмалку во образованието“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека пред воведувањето на програмата, направена е сеопфатна анализа и добра подготовка, дека наставните програми и учебници на „Кембриџ“ содржат нов концепт на изучување на математиката и на природните науки, поголемо научно истражување од страна на наставникот и на учениците. Со реализирањето на овие наставни програми, велат, ученикот се става во центарот на образовниот процес.

„Целосното заокружување на реформата во делот на основното образование е предвидено со почетокот на учебната 2016/2017 година, кога ќе бидат воведени наставните програми и учебници за учениците од 7 до 9 одделение. И ниту една прес-конференција на СДСМ нема да нè поколеба да истраеме во намерата“, додаваат од партијата.


СДСМ: Јавно да се објави договорот за Кембриџ-програмата во училиштата


Скопје, 7 ноември, 2014 - 14:50 (META) 

Јавно да се објави договорот за Кембриџ-програмата, јавно да се обелодени за што МОН потроши 12 милиони евра и јавно да се покаже извештајот од комисијата при Министерството за образование што ја одобрила програмата, побара денеска најголемата опозициска партија СДСМ.

Сашо Тодоровски од комисијата за образование и наука на СДСМ, рече дека дека до нив пристигнале голем број поплаки од родители кои не успеле да им помогнат на своите деца што учат по учебници од „Кембриџ“ да напишат домашно.

– Поплаки има и од наставници кои предаваат по учебниците, бидејки тешко можат на децата од трето одделение да им објаснат материја што не ја учеле претходните две години. Наставниците имаа обука за предавање по новите учебници од само два дена – тврди Тодоровски.

Според него, по потрошените 12 милиони евра пари на граѓаните за учебници од оваа програма, се отвора сериозно сомневање дали има изработено наставни програми според учебниците од „Кембриџ“, прилагодени за учениците во Македонија, или само се следат содржините во донесените учебници.


Обезбедена нафта за струшките училишта


Струга, 6 ноември, 2014 - 12:04 (META) 

Учениците од струшкото училиште „Јосип Броз Тито“ од утре ќе продолжат со настава откако е обезбедена нафта за греење на училниците. Наставата беше во прекин затоа што родителите решија да не ги пуштаат децата на школо оти нема греење. Околу десет тони нафта претпладнето се испорачани во Централното основно училиште „Јосип Броз Тито“ во Струга, а дел од неа, во текот на денот, ќе биде испорачана и во подрачните паралелки во селата Враништа и Мислешево.

Во училиштето „Јосип Броз Тито“ во Струга, како и во подрачните објекти во Мислешево и Враништа, учат околу 800 ученици.


Учениците во Кичево на протест поради ладните училишта


Повеќе од 1.000 ученици од основните училиште „Кузман Jосифоски-Питу“ и „Д-р Владимир Полежиноњски“ во Кичево одбиваат да следат настава поради ладните простории.

Според информациите, во училиштата нема пари за нафта за парното греење, а поради застарени долгови сметките се блокирани.

Поради ова, советот на родители од основното училиште „Кузман Јосифоски-Питу“ реши и денеска учениците да седат дома, а родителите најавија протест пред Општина Кичево.