Хигиеничар турнал ученик по скали


Битола, 16 април, 2018 - 14:41 (META) 

СВР Битола соопшти дека во саботата хигиеничар во училиштето „Коле Канински“ во Битола турнал ученик по скалите. Според полицискиот билтен, околу 15 часот 14-годишен ученик додека чекал наставник, случајно турнал лименка од прозорецот.

Во тој момент хигиеничарот Ј.Т. почнал да му вика, барајќи да ја фрли лименката во ѓубрето. Откако не го послушал, хигиеничарот најпрвин го турнал по скалите, по што го удирал по лицето.

Малолетникот се здобил со повреди и отишол во Клиничката болница во Битола за укажување лекарска помош, а го известил и родителот за настанот. Подоцна, настанот бил пријавен и од директорот за училиштето.


Седмоодделенец застрелан во училиштето во Палатица од 17-годишник, се бори за живот


Палатица, 5 април, 2017 - 12:38 (META) 

Седмоодделенец од основното училиште „Фан Ноли“ во селото Палатица, општина Желино, вчера попладнето во дворот на училиштето бил застрелан и е во животна опасност, соопшти Јавното обвинителство.

Во него еден куршум истрелал 17-годишник од Скопје, со пријавен престој во селото Палатица. Детето поради сериозноста на повредите е пренесено во Ургентниот центар во Скопје, оперирано е, но се наоѓа во животна опасност.

Од Јавно обвинителство информираат дека, по сослушување на осомничениот малолетник, поднесено е барање за поведување подготвителна постапка против него и согласно Законот за правда на деца, а во врска со член од Законот за кривична постапка, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство – Тетово до судијата за деца достави предлог за определување на мерка – притвор.  Судијата постапувајќи по предлогот со решение на осомничениот му определи мерка – притвор во траење од 30 дена. ​​


Четири момчиња нападнале соученик пред скопската гимназија „Лазар Танев“


Скопје, 18 февруари, 2016 - 13:36 (META) 

Ученик од трета година во скопското средно училиште „Лазар Танев“ вчера бил физички нападнат од негови соученици пред влезот на гимназијата, информираат од полицијата.

Момчето, по инцидентот, со возило на итната медицинска помош било пренесено во Клиничкиот центар, каде му била укажана лекарска помош.

Екипа од полициската станица Карпош привела тројца малолетници, ученици во гимназијата, како и 19-годишниот М.Д., поранешен ученик во „Лазар Танев“, кој бил заедно со нив.

Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот.


Ученик од скопска гимназија заболел од туберкулоза


Скопје, 10 декември, 2015 - 21:34 (META) 

Ученик од трета година во средното училиште „Зеф Љуш Марку“, во скопската населба Бутел, од понеделник е на болничко лекување во Институтот за ТБЦ, откако му била дијагностицирана туберкулоза, пренесува порталот „Здравство 24“.

Од Здравствен дом Скопје за порталот соопштиле дека во согласност со законските прописи, било испратено писмо до училиштето во кое било побарано соучениците на заболеното момче да дојдат во диспанзерот и да направат контрола.

Инкубацискиот период на болеста е шест недели.

Како што пренесува „Здравство 24“, по откривањето на случајот, скопскиот центар за јавно здравје и државниот санитарен и здравствен инспекторат направиле увид во училиштето, каде не нашле забелешки, но препорачале повеќе проветрување и одржување на личната хигиена. Денеска била направена и дезинфекција во училиштето.

Оваа година се регистрирани два случаи на туберкулоза во образовни установи.


Вооружан тинејџер држел во заложништво 29 ученици


Чарлстон, 26 август, 2015 - 10:40 (META) 

Четиринаесетгодишен ученик со пиштол држел во заложништво 29 ученици и наставник во средно училиште во градот Филип во Западна Вирџинија. Ученикот потоа се предал, а во инцидентот нема повредени.

Началникот на државната полиција, Мајкл Бајлус, рекол дека инцидентот започнал вчера, нешто по 13 часот по локално време, а полицијата ја ставила ситуацијата под контрола околу 15 часот и 30 минути.

Началникот на градската полиција, Џеф Волтерс, преговарал за ослобдување на учениците од училниците и на крај го придобил малолетниот киднапер да се предаде.

Окружниот обвинител, Лекта Полинг, рекла дека планира да подигне обвинение против осомничениот кој е одведен во болница на набљудување. Бидејќи случајот вклучува малолетник, судскиот случај ќе биде затворен за јавноста.


15-годишен ученик претепал врсник со боксирач


Тетово, 3 јуни, 2015 - 13:14 (META) 

Петнаесетгодишен ученик од Тетово вчера, околу 10 часот, со боксирач нападнал свој врсник и му нанел повреди на главата, информираат од полицијата.

Повредениот ученик по инцидентот бил пренесен во Клиничкиот центар во Тетово, каде по укажната лекарска помош бил задржан на лекување.

Од полицијата информираат дека по преземените мерки, осомничениот бил приведен и со него е извршен разговор во присуство на родител.

Полицијата работи на целосно расчистување на случајот.


Нападнат ученик во „Панче Караѓозов“


Скопје, 10 декември, 2014 - 13:53 (META) 

Петнаесетгодишен ученик вчера, доцна попладнето, бил нападнат од две лица, во државното средно училиште „Панче Караѓозов“, кои со остар предмет му нанеле исеченици на градниот кош и на рамото, информира полицијата.

Нападот, според полицијата, се случил околу 17.40 часот.

Ученикот бил пренесен во Ургентниот центар, а полицијата презема марки за откривање на сторителите.


Професор претепал ученик во скопско Студеничани


Скопје, 14 ноември, 2014 - 8:47 (META) 

Тринаесетгодишен ученик бил претепан од професор во училиштето на скопското село Студеничани. Момчето имало повреди на главата и побарало лекарска помош, пренесува „МКД“.

Чичкото на ученикот, во изјава за телевизија „Сител“, рекол дека инцидентот се случил во основното училиште „Наим Фрашери“.

Повеќе информации за случајот се очекува полицијата да соопшти во текот на денот.


Се степале роднини на ученик и професор во Скопје


Скопје, 11 ноември, 2014 - 15:55 (META) 

Попладнево, во средното училиште „8 Септември“ (ЕМУЦ), во Автокоманда, се степале професори и роднини на ученик. Во ова училиште има неколку паралелки од ДСУ „Владо Тасевски“ од албанска националност.

Според непотврдени информации, ученик од четврта година излегол од час кој го имал со класниот раководител и на училишното обезбедување му кажал дека бил удрен од професорот.

За кратко време во училиштето пристигнале и таткото и роднина на ученикот, кои влегле во училницата каде се наоѓал професорот и почнале вербална расправија со него, по што физички го нападнале. Во просторијата кратко потоа дошле и други професори, при што настанала општа тепачка.

Случајот бил пријавен во полиција, која интервенирала, а за случката е известен и Јавен обвинител.