ЕК понуди помош за пронаоѓањето на убиецот на бугарската новинарка


Софија, 8 октомври, 2018 - 11:20 (META) 

Европската комисија соопшти дека со шок ја примила веста за убиството на бугарската новинарка Викторија Маринова (30), која работела на истражување за злоупотреба на ЕУ фондовите во Бугарија и ја понуди својата помош за пронаоѓањето на убиецот.

– Повторно еден храбар новинар настрада во борбата за вистината и против корупцијата. Внимателно ќе ја следам истрагата и ја нудам помошта од агенциите на ЕУ – рече Франс Тимерманс, потпретседателот на Европската Комисија.

Маринова во саботата беше пронајдена во парк во северниот бугарски град Русе. Била силувана, давена и претепана до смрт.

Нејзиното убиство уследи по телевизискиот прилог за наводна злоупотреба на ЕУ фондовите од бугарската компанија ГП „Груп“.

Сепак, бугарскиот министер за внатрешни работи, Младен Маринов, порача оти нема докази дека убиството е поврзано со нејзината работа.

– Станува збор за силување и убиство – вели тој.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов соопшти дека убиецот наскоро ќе биде фатен, оти имало многу докази.

– Прашање на време е кога убиецот ќе биде пронајден. Во Русе се испратени најдобрите криминолози, да не им правиме притисок. Обезбедено е големо количество ДНК – рече тој.

Убиството на Маринова се случува по убиството на Јан Куциак во Словачка во февруари годинава и на Дафне Каруана Галиција во Малта пред една година. И овие двајца новинари истражуваа корупција во владите и злоупотреби од различни компании и групи.


Универзитетска професорка искасана до смрт од кучиња во Грција


Солун, 25 септември, 2017 - 10:51 (META) 

Глутница кучиња скитници во Североисточна Грција искасале пензионирана универзитетска професорка од Велика Британија додека се враќала пеш од посета на археолошки локалитет, јавија британските медиуми.

Силија Холингворт (62) се јавила по телефон на своето семејство во четвртокот, во миговите кога била нападната од глутницата кучиња близу археолошкиот локалитет Месимвриа, кај границата со Турција. Семејството ги алармирало властите во Грција, но нејзиното искасано тело било пронајдено дури во саботата.

Холингворт престојувала во местото Маронеја и била вклучена во собирање пари за грчките невладини организации кои им помагаат на мигрантите, а исто така била вклучена во поддршка на грчките синдикати.

Се претпоставува дека во Грција има околу милион бездомни кучиња, од кои голем број биле пуштени на улица од нивните претходни сопственици со образложение дека поради економската криза не можеле да се грижат за нив.


Расчистено убиството на жената во Гостивар, осомничен нејзиниот сопруг


Гостивар, 18 септември, 2017 - 15:00 (META) 

Полицијата од Гостивар го расчистила убиството на 27-годишната скопјанка која вчера претпладнето беше пронајдена мртва на улицата Иво Лола Рибар.

За убиството на С.Р. осомничен е 38-годишниот скопјанец  Б.Г., сопруг на убиената, кој го извршил убиството со неколку убоди со нож. Тој веднаш потоа со возило го напуштил местото, а вчера попладне е лишен од слобода во Скопје и потоа е предаден и задржан во Полициската станица Гостивар.

Осомничениот Б.Г со соодветна пријава денеска ќе биде изведен пред судија на претходна постапка на Основниот суд Гостивар, а по наредба на јавен обвинител ќе се изврши обдукција врз тело на убиената.

Б.Г. и С.Р. имале три малолетни деца на возраст од една, три и шест години.


Во напад со нож во Лондон, загина една жена, а петмина се повредени


Лондон, 4 август, 2016 - 9:48 (META) 

Една жена загина синоќа, а пет лица се повредени при напад со нож на лондонскиот Расел сквер, јавува „Би-би-си“.

Полицијата синоќа околу 22.30 часот добила дојава дека маж со нож избодел неколку лица. Полицијата веднаш интервенирала и со помош на електричен пиштол успеала да го совлада напаѓачот.

Како што јавуваат британските медиуми, итната медицинска помош на местото на инцидентот регистрирала шест повредени, но 60-годишната жена подоцна им подлегнала на повредите. Засега не се откриваат повеќе детали за здравствената состојба на другите повредени.

Полицијата не ја отфрла можноста дека станува збор за терористички напад.

– Едно од можните објаснувања што се разгледуваат во оваа фаза, е дека станува збор за тероризам – изјави портпаролот на лондонската полиција.

По инцидентот, полицијата испратила дополнителни единици за обезбедување во квартот Блумсбери, каде се наоѓаат Британскиот музеј, Лондонскиот универзитет и бројни други образовни институции, музеи, хотели и ресторани.