!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Полицијата убила едно лице во потрагата по напаѓачот од Барселона


Барселона, 21 август, 2017 - 17:59 (META) 

Во потрагата по главниот осомничен за нападот во Барселона, шпанската полиција денеска убила едно лице во близина на Барселона, кое наводно носело појас со експлозив, пренесува „Би-би-си“, повикувајќи се на шпанските медиуми.

Пукањето се случило на пат во областа Субиратс, оддалечена околу 40 километри од Барселона, каде во четвртокот, минатата недела, во терористички напад беа убиени 13 лица, а 100 беа повредени.

Претходно, полицијата потврди дека трага по 22-годишниот Јунес Абујакуб, осомничен дека го возел комбито кое влета во маса луѓе на улицата Ла Рамбла во центарот на Барселона.

Дел од шпанските медиуми пишуваат дека убиениот маж е Абујакуб, но, од полицијата засега нема потврда на ваквите наводи.

Според весникот „Ел Мондо“, полицијата била алармирана, откако бил забележан маж кој одговарал на описот на Абујакуб, во близина бензинска станица.


Светскиот шампион во кревање тегови Андреј Драчев убиен во тепачка со шампион на ММА


Хабаровск, 21 август, 2017 - 13:21 (META) 

Светскиот првак во дигање тегови, Русинот Андреј Драчев го загуби животот вчера претпладне во договорена тепачка во рускиот град Хабаровск. Тој се тепал пред едно кафуле во центарот на градот со шампионот во ММА, Анар Алакверанов.

Како што пренесуваат руските медиуми, до тепачката дошло откако двајцата „борци“ во алкохолизирана состојба се расправале кој спорт е посилен, дали дигање тегови и ММА, па одлучиле со тепачка да ги решат несогласувањата.

Откако  во тепачката Драчев паднал, шампионот во комбинирани боречки спортови Алакверанов, продолжил да го удира, како што се гледа на видеото.


Јавно обвинителство подигнало траги од местото на убиството на Лека


Струга, 15 август, 2017 - 9:50 (META) 

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Струга, заедно со увидна екипа од Полициската станица во Струга извршиле увид на местото на убиството на Дилавер Бојку – Леку.

Според првичните информации, убиството околу 17 часот го извршил непознат сторител со истрели од огнострелно оружје, на терасата на ресторанот „Аква блу“ во Струга, соопштуваат од Јавното обвинителство.

Од местото се подигнати траги и тие веднаш се дадени на вештачење, додека по наредба на јавниот обвинител, на телото на починатиот ќе се изврши обдукција. Интензивно се преземаат мерки и активности за откривање на сторителот на кривичното дело, велат од Обвинителството.​


Автомобил покоси група луѓе во Хелсинки, еден загина, четворица се повредени


Хелсинки, 28 јули, 2017 - 20:00 (META) 

Во тешка несреќа што се случи во центарот на Хелсинки, главниот град на Финска, попладнево еден човек го загуби животот, а четири лица се пренесени во болница со повреди. Другите повредени добиле прва помош на местото на несреќата.

Инцидентот се случил на раскрсница во центарот на градот кога автомобил управуван од маж кој бил под дејство на алкохол или дрога ги покосил пешаците.

Полицијата потоа го уапсила возачот, кој е на возраст од педесетина години. Инцидентот се случил околу 18 часот по локално време.


Кумановското обвинителство поведе истрага против лицето што уби тинејџер на свадба


Куманово, 27 јули, 2017 - 13:04 (META) 

Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против лицето кое застрела гостин на свадба завчера во кумановското село Липково.

Според соопштението, осомничениот на 25 јули во 22.45 минути, додека присуствувал на свадбена веселба, извадил од појас пиштол марка „смит и весон“ и со умисла истрелал еден куршум со кој го погодил сега починатиот 19-годишник Б.Х., државјанин на Република Германија.

Почната е истражна постапка против осомничениот, и тоа за убиство и за новластено  изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачи материи.

Основен суд Куманово, по предлогот од јавниот обвинител, на осомничениот му изрекол притвор од 30 дена.


Момче убиено на свадба во Липково


Куманово, 26 јули, 2017 - 13:12 (META) 

На свадба во кумановското село Липково вчеравчер бил застрелан 19-годишен германски државјанин, кој од добиената повреда починал во Медицински центар Куманово, соопшти СВР Куманово. Момчето кое имало потекло од Прешево, Србија, било донесено околу 23.30 часот во кумановската болница, со прострелна рана на левата страна на градниот кош.

Со полицискиот увид било констатирано дека околу 22.45 часот, додека момчето и други сватови седеле во дворот од куќата сопственост на З.Ш. (51) од Липково, А.Ш. (63) од Липково извадил пиштол, кој го поседувал без дозвола, и истрелал три куршуми, од кои еден го погодил момчето.

По наредба на Основно јавно обвинителство – Куманово, телото е предадено на Институт за судска медицина за обдукција. А.Ш. е уапсен и задржан во полициската станица во Куманово.


Најмалку 15 повредени при напад со нож во метро во Техеран


Техеран, 15 јули, 2017 - 11:54 (META) 

Најмалку 15 луѓе се повредени откако маж почнал да напаѓа со нож во метро на станицата Реј во предградие на Техеран, јавија иранските медиуми.

Еден од повредените бил муслимански свештеник, а според извештаите, нападот почнал по кавга меѓу имамот и напаѓачот, за кого се вели дека бил психички нестабилен.

По нападот, патниците се судриле со напаѓачот, а полицијата била принудена да ги отвори вратите за да го уапси напаѓачот. Притоа било пукано во него и тој бил ранет, а потоа починал од повредите, вели заменик гувернерот на јужен Техеран.


Исламска држава потврди дека Багдади е мртов и дека имаат нов калиф


Багдад, 11 јули, 2017 - 13:37 (META) 

Исламска држава наводно потврдила дека нејзиниот досегашен лидер Абу Бакр ал Багадади е убиен, пренесува телевизијата „Ал Сумарија“.

Мрежата се повикува на извор од Ирак, кој тврди дека ИД составила кратко соопштение во кое објавува дека Багдади е мртов, како и дека имаат нов калиф, но неговото име не е објавено.

Руското министерство за одбрана минатиот месец објави непотврдени информации дека во еден воздушен напад руската војска го убила лидерот на ИД и 300 други екстремисти.

Подоцна рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров, изјави дека нема докази за тоа, но дека Багдади најверојатно е убиен во тој напад.


Срби и Грк претепале до смрт американски турист на Закинтос


Закинтос, 7 јули, 2017 - 19:42 (META) 

Американски турист починал како резултат на повредите добиени од претепувањето од страна на српски туристи и на еден Грк. Нападот се случил во кафе-бар на грчкиот остров Закинтос, а му претходела расправија меѓу група Американци и група Срби. И двете групи биле под дејство на алкохол.

Околу 3.15 часот денеска, близу локалот „Бар код“ во Лаганас, српските гости заедно со грчкиот бармен и обезбедувачот Британец со српско потекло го претепале 22-годишното момче од Тексас. Откако излегол од локалот, го фатиле на 20-тина метри од излезот и го удирале и го клоцале околу половина минута. Неговите придружници кои излегле да му помогнат, не успеале да го одбранат. Потоа бил префрлен во болница со тешка рана на главата, но докторите не можеле да го спасат.

Полицијата ги уапсила барменот Грк и обезбедувачот на кафулето, кој е Србин со британско државјанство.


Еден полицаец е убиен, а друг ранет во престрелка во центарот на Париз


Париз, 20 април, 2017 - 22:23 (META) 

Еден полицаец е убиен, а друг е ранет во вооружен напад што вечерва се случил во центарот на Париз, соопштила француската полиција, пренесува „Би-би-си“.

Според информациите на дел од француските медиуми, напаѓачот кој отворил оган кон полицајците бил застрелан и убиен. Престрелката се случила на авенијата Шанзелизе, која е целосно блокирана и каде во тек е операција на француските безбедносни сили.

В недела во Франција се одржува првиот круг од претседателските избори, а џихадизмот е главната тема на изборите по нападите што беа извршени од Исламска држава.

Причините за нападот засега се непознати, а како што пренесува „Би-би-си“, засега нема индиции ниту дека станува збор за терористички напад.