Руски нуклеарни научници користеле суперкомпјутер за „рударење“ биткоини


Москва, 10 февруари, 2018 - 18:17 (META) 

Руските безбедносни служби уапсиле неколку научници што работеле во супертаен погон за нуклеарни боеви глави, под сомнение за „рударење“ криптовалути. За тоа научниците се обиделе да користат еден од најмоќните суперкомпјутери во Русија, јавуваат руските новински агенции.

Апсењата се извршени во Федералниот нуклеарен центар во Саров, западна Русија, кој е строго заштитен капацитет.

Суперкомпјутерот во прв план воопшто и не смеел да се приклучува на интернет за да се спречат упади. Тоа ги издало научниците – кога се вклучиле на интернет, веднаш стасал аларм до безбедносниот оддел на нуклеарниот центар. Потоа научниците биле предадени на Федералната служба за безбедност (ФСБ).


Вонредна состојба на Малдиви, уапсени судии на Врховниот суд


Мале, 6 февруари, 2018 - 12:31 (META) 

Полицијата на Малдиви денеска уапсила двајца судии на Врховниот суд на земјата, јавуваат светските агенции. Апсењата следуваат неколку часа откако безбедносните сили на Малдиви влегле во зградата на Врховниот суд и била прогласена вонредна состојба во земјата.

Во краткото соопштение на полицијата било наведено дека претседателот на Врховниот суд, Абдила Саид и судијата Али Хамид се обвинети за корупција.

Малдивската опозиција денеска ги повика странските влади, особено на Индија и на САД, да и помогнат на земјата од власт да биде симнат претседателот Абдул Јамин и неговиот репресивен режим.

Владата на Малдиви прогласи вонредна состојба во земјата поради политичката криза која почна со судирот меѓу шефот на државата и Врховниот суд околу ослободувањето на лидерот на опозицијата.


Нови девет загинати во протестите во Иран


Техеран, 2 јануари, 2018 - 13:13 (META) 

Девет лица ги загубиле животите во текот на ноќта во новата рунда протести во повеќе ирански градови. Стотици луѓе се уапсени, а предизвикана е и голема материјална штета, јави иранската државна телевизија.

Повеќе од 100 луѓе се уапсени од полицијата ноќеска, во петтата ноќ на непрекинати протести.

Шест демонстранти загинале во судир со безбедносните сили откако ја нападнале локалната полициска станица во градот Чахдеријан. Уште две лица, меѓу нив и еден член на Револуционерната гарда загинале во регионот на Исфахан, а еден полицаец загинал во Наџафабад откако бил застрелан со ловџиска пушка.

Севкупно, од избувнувањето на протестите во четвртокот минатата недела, досега загинале најмалку 21 лица во земјата.

Мали групи демонстранти се појавиле на улиците на Техеран синоќа, но полицијата бргу ги сузбила.

Во неколку градови беа одржани и про-режимски демонстрации.


ВМРО-ДПМНЕ ќе блокира крстосници кај „Мавровка“, на Рампа и во Влае


Скопје, 4 декември, 2017 - 11:15 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе ги продолжи своите активности со блокирање крстосници и со протест пред Министерство за правда, барајќи ослободување на приведените и на притворените во најновата серија постапки на Јавното обвинителство за расчистување на крвавите настании од 27 април во Собранието на Република Македонија.

„ВМРО-ДПМНЕ бара слобода за патриотите. ВМРО-ДПМНЕ бара да запрат неправдите, хајките и местенките. ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на улиците сè додека ова лудило на власта не престане“, порачува опозициската партија.

Од 15 до 17 часот ќе бидат блокирани крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, крстосницата  меѓу улиците Васил Чакаларов и Ангел Динев во Карпош и крстосницата кај Рампа во Кисела Вода.

Од 18 часот, пак, ќе се одржи протест пред Министерството за правда, на улицата Димитрија Чуповски.


Полицијата трага по уште шестмина осомничени за насилствата од 27 април


Скопје, 1 декември, 2017 - 14:15 (META) 

Шест лица осомничени за насилствата во Собранието од 27 април годинава, и понатаму остануваат недостапни за органите на прогонот и по нив се трага, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата.

– Вчера беа 12, денеска се шест – рече Спасовски, алудирајќи дека во последните 24 часа по налог на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција се приведени уште шест лица.

Спасовски изјави дека налозите за претреси траат 15 дена и дека полицијата продолжува да постапува по нив.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во вторникот оваа недела, соопшти дека отворило истрага против 36 лица за насилствата од 27 парил во Собранието. Осомничените, меѓу кои се поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност и поранешен министер за внатрешни работи, Митко Чавков, како и дел од организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, Владо Јовановски, Борис Дамовски, Игор Дурловски и Богдан Илиевски, се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста на државата.


Шестмина уапсени и запленети 500.000 таблети дрога во лабораторијата во Тетово


Скопје, 1 декември, 2017 - 13:51 (META) 

Шест лица досега се уапсени во акцијата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и на Министерството за внатрешни работи, во која е откриена најголемата лабораторија за нелегално производство на синтетички дроги на Балканот, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Уапсените се државјани на Македонија и на Србија, а крајната дестинација каде одела дрогата била Турција.

Полициски екипи по наредба на Обвинителството вчера извршиле претреси на две локации во Тетово и на пет во Скопје и било запленето големо количество синтетичка дрога, чија вредност, како што рече Спасовски, надминува 2,5 милиони евра.

– Откриени се досега најголеми количества синтетичка дрога на Балканот. Доколку првичните проценки излезат точни, веројатно ќе биде една од поголемите заплени на синтетички дроги во меѓународни рамки. Во лабораторијата откриена во куќа во Тетово, според привичните сознанија, откриени се повеќе од 125 килограми синтетичка дрога или според некои првични процени, станува збор за минимум 500.000 таблети синтетичка дрога, чијашто вредност надминува 2,5 милиони евра – рече Спасовски, кој додаде дека се очекува бројките да бидат поголеми бидејќи активностите од акцијата се сè уште во тек.

Како што нагласи Спасовски, станува збор за меѓуародна истрага во која покрај македонското МВР и Обвинителството, вклучени биле и Јавното обвинителство за организиран криминал и Министерството за внатрешни работи на Србија, како и американската Агенција за борба против наркотици – ДЕА.

– Со оваа акција испраќаме порака дека сме подготвени да се справиме со секаков вид криминал – рече Спасовски.


Стотина симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ се собраа на протест пред судот


Скопје, 28 ноември, 2017 - 13:55 (META) 

Во овие моменти пред Кривичниот суд во Скопје се собрани околу стотина граѓани, симпатизери на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои се одзваа на повикот на партијата за протест против апсењето на нивни членови, функционери и пратеници, во рамките на истрагата за насилставата во Собранието од 27 април.

Пред судот засега е мирно. Насобраните граѓани не носат транспаренти и нема никакви извици.

Забележливо е засилено полициско присуство, а булеварот пред судот сè уште не е затворен за сообраќај.

Во меѓувреме, се очекува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, да одржи прес-конференција во седиштето на партијата. По прес-конференцијата, како што јавуваат дел од медиумите, тој заедно со членови партијата треба да се упати пред судот.


Стотици демонстранти уапсени во Москва


Москва, 5 ноември, 2017 - 17:44 (META) 

Стотици луѓе беа уапсени во центарот на Москва денеска, додека се собираа за протест кој беше забранет од власта. Протестот беше организиран од националистичка група.

Апсењата на плоштадот Манеж во непосредна близина на Кремљ се случија два дена откако агенција за домашна безбедност уапси некои од членовите на групацијата „Артподгатовка“, под сомневање дека сакале да извршат бомбашки напади на административни згради.

„Артподгатовка“ е прогласена за екстремистичка група од страна на суд. Нејзиниот водач Вјачеслав Маљцев, кој е во странство, повика на протести денеска, за да се побара оставка на претседателот Владимир Путин.
Според безбедносните агенции, денеска биле уапсени 376 луѓе во Москва и уште 36 лица во други градови.


30 дена притвор за четворица од уапсените за обидот за убиство на Зијадин Села


Скопје, 18 октомври, 2017 - 12:01 (META) 

На барање на Основното јавно обвинителство Скопје, судија на претходна постапка им одредил притвор од 30 дена на четворица од петтемина уапсени за обидот за убиство на пратеникот и лидер на Алијанса на Албанците, Зијадин Села, за време на насилствата во Собранието од 27 април годинава, соопштија од Обвинителството.

Обвинителството, како што информираат оттаму, побарало притвор и за петтиот осомничен, но поради влошена здравствена состојба, за него судот дополнително ќе одлучува.

За учество во насилствата во Собранието вчера беа уапсени уште три лица, кои беа идентификувани со помош на граѓаните, откако по наредба на Обвинителството, МВР на својата веб-страница објави фотографии од нив направени за време на упадот во Собранието од 27 април.


Уапсени уште пет лица за обидот за убиство на Зијадин Села на 27 април


Скопје, 17 октомври, 2017 - 9:53 (META) 

Пет лица се уапсени по наредба на јавното обвинителство во врска со обидот за убиство на пратеникот и лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, за време на насилствата во Собранието од 27 април оваа година.

Како што информираат од Обвинителството, донесена е наредба за проширување на истрагата за случајот против уште пет лица, кои се уапсени синоќа, при претресот во нивните домови.

„Во врска со постапката што се води во Основното јавно обвинителство Скопје за настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април и нападот врз Зијадин Села, надлежен јавен обвинител донесе наредба за проширување на истрага за уште пет лица за обид за убиство во соизвршителство, од член 123, во врска со член 19 и во врска со член 22 од Кривичниот законик. Петте лица, по барање на надлежен јавен обвинител, се лишени од слобода при вршење претрес во нивните домови“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.

Оттаму информираат дека во текот на денешниот ден Обвинителството ќе презема дејства и кон „други лица“.

Претходно за обидот за убиство на Села беа уапсени две лица – татко и син, кои во моментов се во притвор.