Притвор од 30 дена за советникот на градоначалникот на Шуто Оризари


Скопје, 1 март, 2018 - 11:19 (META) 

Oсновното јавно обвинителство (OJO) Скопје соопшти дека јавен обвинител донел наредба за спроведување истражна постапка против советникот на градоначалникот на Општина Шуто Оризари поради примање мито и побарал да му се изрече притвор.

Како што објавија медиумите, станува збор за Суад Мемеди. Според ОЈО Скопје осомничениот завчера во простории на општината примил претходно договорена награда во висина од 1.000 евра.

„Имено, тој ги побарал парите за да се донесе решение за утврдување правен статус на бесправно изграден објект“, соопшти обвинителството.

Јавниот обвинител кој работи на случајот до судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за притвор. Барањето е удоволено и судијата изрекол притвор од 30 дена.


Ослободени сите заложници од поштата во Харков, напаѓачот уапсен


Харков, 30 декември, 2017 - 21:11 (META) 

Сите заложници во поштата во украинскиот град Харков се ослободени, а напаѓачот е уапсен. Во инцидентот нема настрадани лица, јавуваат агенциите.

„Успешно заврши операцијата за ослободување на заложниците во поштата во Харков. Сите заложници се ослободени, а напаѓачот е уапсен. Им наложив на локалните власти да им ја обезбедат сета неопходна помош на жртвите“, напиша на „Твитер“ украинскиот претседател, Петро Порошенко.

Претходно, напаѓачот, кој денеска со експлозив околу појасот влезе во поштата и држеше во заложништво 11 лица, ослободи петмина од нив – три жени и две деца.

Според информациите на агенциите, напаѓачот влегол во поштата со намера да ја ограби.


Уапсен осомничениот за бомбашкиот напад во Санкт Петерсбург


Москва, 30 декември, 2017 - 18:22 (META) 

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) денека соопшти дека го уапсила осомничениот за терористичкиот напад што се случи во супермаркет во Санкт Петерсбург, јавуваат руските новински агенции.

Рачно изработена експлозивна направа на 27 декември експлодира во супермаркет на трговскиот ланец „Перекресток“ во Санкт Петерсбург, при што беа повредени 18 лица.

Во соопштението на ФСБ не е објавен идентитетот на напаѓачот, мотивите за нападот ниту дали осомничениот дејствувал сам.

Одговорноста за нападот ја презеде екстремистичката организација Исламска држава.

Рускиот претседател, Владимир Путин нападот го окарактеризира како терористички.


Во Данска уапсено лице кое подготвувало напади во Копенхаген


Копенхаген, 22 декември, 2017 - 15:37 (META) 

Данската полиција уапсила 30-годишен маж обвинет дека планирал напад во главниот град Копенхаген.

Како што пренесуваат светските агенции, мажот планирал нападот да го изведе со користење ножеви и експлозиви.

Таблоидот „Екстра бладет“ наведува дека станува збор за неименуван маж кој им е познат на шведските разузнавачки служби поради наклонетоста кон терористичката група Исламска држава.

Полицијата го потврди апсењето, но одби да открие повеќе детали поради сослушувањето на мажот пред судењето.

Таблоидот исто така наведува дека уапсениот веројатно е соученик на сириски бегалец, кој во јули годинава беше осуден на шест и пол години затвор во Германија, за планирање терористички напад во Данска.


Уапсен Михаил Саакашвили, поддржувачите протестираат во Киев


Киев, 9 декември, 2017 - 10:27 (META) 

Во главниот град на Украина, Киев, доцна синоќа беше уапсен поранешниот грузиски претседател, исто така и поранешен гувернер на областа Одеса во Украина и актуелен лидер на украинското опозициско Движење на новите сили, Михаил Саакашвили, соопшти јавниот обвинител на Украина, Јуриј Луценко.

Саакашвили се наоѓа во изолација, објави Луценко, додавајќи дека безбедносните сили при тоа сториле сè за да се избегне насилство и крвопролевање.

Група негови поддржувачи се собрале пред седиштето на Службата за безбедност во Украина по веста за неговото апсење.

Ова беше трет обид за апсење на Саакашвили, откако во претходните два неговите приврзаници не им дозволија на полицијата да го лишат од слобода.

Тој се товари за обид за уривање на уставниот поредок откако минатиот викенд организираше протести против украинскиот претседател Петро Порошенко.


Милан Зарубица, притворениот од „фабриката“ во Тетово, бил доктор за рак и за дрога


Белград, 5 декември, 2017 - 13:45 (META) 

Милан Зарубица, некогаш угледен фармацевт кој докторирал на анализа за лекување карцином, а подоцна станува озлогласен српски нарко-хемичар, е еден од главните организатори на нелегалното производство на амфетамини во „лабораторијата“ во Тетово.

Бил уапсен во Мала Речица, во фабриката за екстази и за каптагон во петокот, но тоа не е неговото прво апсење.

Како што пишува српскиот весник „Блиц“, Милан Зарубица од Земун, по ненадејната смрт на неговиот брат, фармацевт и стоматолог, Горан Зарубица, во деведесетите години на минатиот век, го презел неговиот бизнис со увоз на лекови и на фармацевтска опрема, го развил, но набргу зачекорил на другата страна на законот.

Милан докторирал на почетокот од деведесеттите години на минатиот век, со дисертација за лекување рак на тироидната жлезда на медицинскиот факултет во Белград, а откако го презел фармацевтскиот бизнис од брат му, односно во моментот на првото апсење во февруари 2003 година, бил сопственик и косопственик на фирмата „Ленал НБЦ“ и уште пет фирми за увоз на лекови и на фармацевтска опрема – „Микропоинт“, „Давидшпед“, „Варан фармасеутикалс“, „Варан кемикалс“ и „Кимел“. Повремено хонорарно ангажирал професори од Фармацевтскиот факултет во Белград, а таму доведувал и светски имиња.

Истовремено го ширел и бизнисот со производство на синтетички дроги, сокривајќи го зад фиктивните фирми кои му биле параван за продажбата, сè до моментот кога го „извезува“ бизнисот во Македонија. За тоа, како што пишува „Блиц“, информацијата дошла од американската агенција за борба против дрогата ДЕА.

Милан Зарубица првпат е уапсен на 4 февруари 2003 година, заедно со неговиот татко Филип, пред дрогата од тогаш најголемата балканска „фабрика“ да ја продаде на купувачи од Македонија и од Бугарија. Иако нивниот идентитет не се дознал, Зарубица добил 11 години затвор. Но, затворската управа на докторот на науки од Земун му дала повластен статус и слободни викенди, а тој тоа го користел за развивање на „бизнисот“, во кој го вклучил и внукот од брат, Бојан Зарубица, кој исто така бил уапсен во Белград, во рамките на големата акција на полициите на Македонија, Србија и на ДЕА.

Второто апсење на Милан поради производство и продавање синтетички дроги се случило на 12 мај 2011 година, откако на границата со Македонија била фатена негова пратка за двајца Турци и за еден Македонец. И откако во последниот ден до 2014 година излегол од затвор отслужувајќи ја првата затворска казна, следната година направил спогодба со српското обвинителство за организиран криминал за случајот од 2011 година, признавајќи дека поседува опрема и материјал за производство на синтетичка дрога, но специјалниот суд му ја потврдил казната и му изрекол единствена казна за случаите од 2003 и од 2011 година, односно 11 ипол години без решетки. Сепак, бидејќи веќе ја одлежал, не се вратил во затвор.

Потоа, пишува српскиот весник, со клиентите од Македонија кои првин му купувале дрога, а потоа посакале и повеќе и го довеле во Македонија за да произведува, бил следен од ДЕА, која заедно со српската и со македонската полиција обезбедила докази за да го врати зад решетки.

Милан Зарубица сега е во 30-дневен притвор изречен од судија на претходна постапка по барање од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција на Македонија.


Уапсено лице кое се барало со потерница поради шверц на 20 килограми марихуана


Скопје, 17 ноември, 2017 - 9:59 (META) 

Полицијата вчера го уапсила 39-годишниот М.О., по кој била распишана потерница поради шверц на 20 килограми марихуана од Косово во Македонија, во март годинава, соопшти МВР.

По неколкумесечно бегство, осомничениот бил пронајден вчера и веднаш предаден на Основното јавно обвинителство за понатамошна постапка.

Тој и 65-годишниот Д.И., кој бил приведен при обидот за шверц на марихуната, се товарат за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.

Дрогата, според МВР, тие ја набавиле во Приштина кон крајот на март и сакале да ја прошверцуваат преку граничниот премин Долно Блаце. На преминот, М.О. пеш влегол во земјава, додека Д.И., според негови иструкции, требало да ја пренесе дрогата со автомобилот што го изнајмиле од агенција.

Но, царинските службеници на Долно Блаце извршиле детален преглед на возилото, во кое пронашле 42 пакувања марихуана со вкупна маса од околу 20 килограми.


Уапсен бегалец од „Идризово“ кој за неколку месеци извршил десет кривични дела


Куманово, 9 ноември, 2017 - 14:08 (META) 

Екипи на СВР Куманово во координација со Централните полициски служби на МВР, вчера попладне го уапсиле 39-годишниот О.М. од Куманово, кој се барал со потерница поради бегство од затворот „Идризово“.

Уапсениот О.М., како што соопштија денеска од МВР, подолг период бил во бегство, а претходно издржувал затворска казна од 20 години поради убиство и трговија со дрога.

Според полициските информации, тој во периодот додека бил во бегство на подрачјето на Куманово извршил десет кривични дела, односно шест разбојништва, три тешки кражби и одземање на моторно возило.


Пучдемон и министрите се предале на белгиската полиција


Брисел, 5 ноември, 2017 - 14:29 (META) 

Според медиумите во Белгија, сменетиот претседател на каталонската влада, Карлес Пучдемон, ѝ се предал на полицијата. Освен Пучдемон, уапсени се и четворицата министри со кои тој пребега во Белгија, откако шпанските власти наредија апсење на неговиот кабинет.

Обвинителството во Брисел за денеска најави дополнителни информации за ектрадицијата на Пучдемон и на министрите во Шпанија.

По поранешниот каталонски лидер, властите во Мадрид распишаа европска потерница. Десет од поранешните министри во кабинетот на каталонската влада се во затвор, а еден е пуштен со кауција да се брани од слобода.


Арачиновец уапсен пред Врховниот суд, околу појасот носел прачки налик на експлозив


Скопје, 2 ноември, 2017 - 17:39 (META) 

Припадниците на полицијата што денеска го обезбедуваа судскиот комплекс додека траеше изрекувањето на пресудите за случајот „Диво Насеље“, уапсија педесет и седумгодишен жител на Арачиново со иницијали И.И., кој околу појасот имал четири прачки кои личеле на експлозив.

Како што потврдуваат од МВР, осомничениот е одведен во полициската станица во Центaр, каде со него се разговара.

Прачките ќе бидат предадени на вештачење за да се утврди за што точно станува збор.

На видеоснимка од инцидентот што ја објави „А1 он“ се гледа машко лице со тобра како му приоѓа на полицаец пред судот, кратко му се обраќа, по што веднаш следи интервениција на полицаецот и на повеќемина негови колеги кои го приведуваат лицето.