!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Тврдокорни“ го прогласија Иванов за „кукавица од претседател“ бидејќи не ги примил


Скопје, 12 октомври, 2017 - 20:21 (META) 

Дваесеттината членови на здружението „Преродба“, Семакедонскиот национален совет „Македониум“ и Македонското патриотско здружение „Тврдокорни“ кои денеска излегоа на протест пред претседателската резиденција, не успеаја да му го предадат барањето на претседателот Ѓорге Иванов за одземање на мандатот на премиерот Зоран Заев.

Претставници на здруженијата пред резиденцијата соопштија дека биле известени од обезбедувањето дека Иванов си заминал.

Гневни поради ова, тие го прогласија Иванов за „кукавица“.

– Овој момент да биде јавно пренесен за да види македонскиот народ каков кукавица од претседател има избрано. Кукавица од претседател кој што не сака да прими претставници на сопствениот народ, не може да има легитимитет – изјави Страшко Олумчев, претседател на Семакедонскиот национален совет „Македониум“.

Тој рече дека протестите ќе продолжат и дека повторно ќе се обидат да му ги достават барањата на Иванов.

Членовите на здруженијата денеска одржаа мирен протестен марш, кој почна пред канцеларијата на Делегацијата на Европската Унија и преку булеварот Мајка Тереза (поранешна Водњанска) продолжи до претседателската резиденција на Водно.

Од иницијативата велат дека со одземањето на мандатот на премиерот Зоран Заев „ќе биде овозможено да се преземат сите неопходни мерки за заштита на уставниот поредок на државата, од сите дејства со кои државата и македонскиот народ се ставаат под директна мирна окупација“.


„Тврдокорни“ на протест пред вилата на Иванов ќе бараат да му се одземе мандатот на Заев


Скопје, 12 октомври, 2017 - 9:56 (META) 

Иницијативата „Тврдокорни“ денеска повика на сенароден протест пред вилата на претседателот на државата, Ѓорге Иванов, со барање да му се одземе мандатот на премиерот Зоран Заев за, како што велат, непридржување кон дадените гаранции и работење против македонските национални и државни интереси за туѓи интереси и за уривање на државата.

„Со одземањето на мандатот ќе биде овозможено да се преземат сите неопходни мерки за заштита на уставниот поредок и на државата, од сите дејства со кои државата и македонскиот народ се ставаат под директна мирна окупација“, велат од инцијативата.

Протестот ќе почне во 17 часот, пред канцеларијата на Делегација на Европска Унија, од каде, како што велат од инцијативата, ќе се обратат до ЕУ и до НАТО и ќе испратат 12 протестни барања. Протестот ќе продолжи по улицата Мајка Тереза, сѐ до Вилата Водно, каде на претседателот Иванов ќе му биде предадено протестното барање.


„Тврдокорни“ протестираа за аболиција на напаѓачите во Собрание


Скопје, 2 септември, 2017 - 21:08 (META) 

Граѓанското здружение „Тврдокорни“ денеска во Скопје протестираше против најавениот закон за двојазичност, населување мигранти и побара да не се дели Македонија меѓу Бугарија и Грција.

„Тврдокорни“ со транспаренти „Слобода за патриотите, затвор за предавниците на Македонија“, побараа аболиција на, како што велат, „уставобранителите“, односно учесниците во насилниот упад во Собранието на 27 април.

Протестот почна со едноминутна молитва во дворот на Соборниот храм, по што пордолжи пред Владата каде демонстрантите извадија црвени картони, кои симоблично ѝ ги покажаа на новата Влада, за која велат дека лошо владее.

Организаторите најавија дека на 13 септември, кога ќе се носи законот за двојазичност, повторно ќе излезат на протест за да го искажат своето незадоволство.

Јанко Бачев од Народното движење на Македонија, кој се обрати пред насобраните граѓани, рече дека тие што упаднале во парламентот не се терористи туку луѓе кои го бранеле Уставот и никој не влегол таму заради насилство против лидерот на СДСМ, Зоран Заев.


„Тврдокорни“ на 2 септември ќе протестираат против двојазичност и кампови за мигранти


Скопје, 24 август, 2017 - 19:42 (META) 

Иницијативата „Тврдокорни“ преку нивната „Фејсбук“ страница повика на марш кој ќе се одржи на 2 септември во сабота, со почеток во 17 часот под мотото „Марш за аболиција на патриотите – Марш за будење на Македонскиот народ“.

Според најавите, протестот ќе почне од Соборниот храм по што ќе продолжи до Владата, а ќе заврши пред Собранието.

„Ајде сите заедно да се спротивставиме на неправдите кон македонскиот народ кои континуирано се спроведуваат десетина години наназад, сите заедно да се спротивставиме на двојазичноста, да се спротивставиме на обидот во Македонија да се населат т.н мигранти, ајде да им ставиме до знаење на политичарите дека народот е тој кој одлучува за својата иднина, и дека народот нема да седи мирен додека некој се обидува да му го одземе и тоа малку што е останато и нераспродадено, да им покажеме дека и ние имаме гордост. Ги повикуваме сите искрени патриоти да присуствуваат“, се вели во најавата на инцијативата на „Фејсбук“.


Почнува судењето на деветтемина обвинети за нападот во Собранието


Скопје, 18 мај, 2017 - 9:24 (META) 

Денеска во Основниот суд Скопје 1 почнува судењето против девет лица за кои Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение за насилствата во Собранието на 27 април.

Тие се товарат за учество во толпа што ќе спречи службено лице во извршување службено дејство.

На дел од обвинитетите судот им одреди мерки на претпазливост, а четворица од нив треба да бидат спроведени во судот од куќен притвор за денешното рочиште.

Пред судот се собрани околу триесетина членови на здружението „Тврдокорни“, кои, како што најавија вчера, ќе протестираат и ќе им дадат поддршка на своите „браќа и сестри“. Дел од насобраните носат црни маички на кои на предниот дел пишува „Слобода за жабата“, а на задниот дел – „Македонија на Македонците“.

Тие покажаа транспарент „Верував во сè, но не дека моите ќе ми судат за Македонија“.

Пред судот има полициско обезбебедување, но не во голем број, а засега нема ниту припадници на специјалните полициски сили.

Инаку, вчера претседателот на државата Ѓорге Иванов, во интервју за телевизијата „Канал 5“, побара амнестија од Собранието за обвинетите за насилствата.

Пратениците и членови на високото раководство на СДСМ кои беа нападнати во Собранието неколкупати го критикуваа јавното обвинителство за квалификацијата на кривичното дело, учество во толпа, бидејќи, како што велат, станува збор за многу посериозни дела, меѓу кои обид за убиство и терористичко загрозување на уставниот поредок на државата.

Досега се поднесени кривични пријави за 30 осомничени за насилствата во Собранието, од кои двајца се товарат за обид за убиство на лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села.


„За заедничка Македонија“ порача дека нема да дозволи да се раздели црвеното и жолтото


Скопје, 27 февруари, 2017 - 19:10 (META) 

Со мирен марш од Влада до Собрание, граѓани протестираа за да го изразат своето незадоволство од, како што велат, „прифаќањето на албанската платформа од страна на лидерот на СДСМ, Зоран Заев“.

Собирот на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ или, како што организаторите го нарекуваат „четврти Илинден“, почна пред Владата каде учесниците извикуваа „Македонија“ и „Чиста Македонија“.

Организаторите од име на граѓаните пред Собрание порачаа дека нема да дозволат црвеното и жолтото да бидат разделени. Се пееше македонската химна и песната „Едно име имаме“.

– Со еден симболичен гест сакаме да им покажеме како се сака Македонија. Тие сакаат да ги раздвојат црвената и жолтата од македонското знаме. Ние не сакаме и нема да го дозволиме тоа. Тие сакаат разнебитување, ние сакаме заедничка Македонија, затоа нашиот симбол ќе биде спојување на црвеното и на жолтото, црвено-жолтата линија која нема да ја поминат – рече во својот говор Богдан Илиевски од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.


Неколку стотици граѓани на протестот на „Тврдокорни“ во Скопје


Скопје, 24 февруари, 2017 - 19:46 (META) 

Неколку стотици граѓани, претежно млади, вечерва беа дел од протестниот марш организиран од „Тврдокорни“, иницијатива што се заложи против, како што рекоа, „обидот на политичарите да ја поделат Македонија и да воведат уште еден јазик“.

Маршот почна од Соборниот храм, од каде поворката тргна со извици „Македонија, Македонија“, а заврши во паркот Жена-борец, каде учесниците извикуваа „Еден јазик сакам ја, нејќам три, нејќам два“.

На крајот на маршот, од иницијативата порачаа дека тука се поради „молкот на оние што се сметаат дека се најголеми, молкот по една отворена агресија напишана во Тирана и Приштина, агресија што нашите две партии ја премолчеа“.

Маршот заврши со положување цвеќе пред споменикот на бранителите и со едноминутен молк за загинатите во конфликтот во 2001 година.