!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Судот во Солун следната среда треба да ја соопшти одлуката за Грујовски и Бошковски


Солун, 13 декември, 2017 - 17:40 (META) 

Судот во Солун се очекува во среда следната недела да ја соопшти одлуката дали ќе го прифати барањето на македонските власти за екстрадиција на поранешните началници во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Горан Грујовски и Никола Бошковски, обвинети од Специјалното јавно обвинителство во случаите „Таргет“ и „Тврдина“, пренесува „Алсат М“.

Денешното рочиште траело речиси четири часа и се одвивало зад затворени врати, односно била исклучена јавноста на барање на грчките адвокати на Грујовски и на Бошковски кои во судот биле донесени со лисици на рацете.

Грујовски носел кеса со македонски весници, кои одбраната ги приложила во судот.

Како сведок во солунскиот суд денеска исказ дал адвокатот Петар Василев, кој објаснувал каква постапка се води против Грујовски и Бошковски во земјава. На следното рочиште, пред да биде донесена одлуката околу барањето за екстрадиција, судот треба да ја сослуша и сопругата на Грујовски, која е предложена како сведок на неговата одбрана.

Грујовски и Бошковски се во притвор во затвор во близина на Солун. Инаку, на двајцата им се суди во солунскиот суд и за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на 18 октомври, на аеродромот во Солун како се обидуваат да заминат за Будимпешта. Ова судење, кое се води одвоено од постапката за нивна екстрадиција, е одложено за 17 мај 2018 година.


Почна рочиштето за екстрадицијата на Грујовски и Бошковски во судот во Солун


Солун, 13 декември, 2017 - 13:36 (META) 

Во судот во Солун денеска почна рочиштето по барањето на македонските власти за екстрадиција на поранешните началници во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Горан Грујовски и Никола Бошковски, обвинети од Специјалното јавно обвинителство во случаите „Таргет“ и „Тврдина“.

Адвокатот Петар Василев за државната новинска агенција МИА изјавил дека судењето почнало, но дека рочиштето е затворено во јавност. Во меѓувреме, како што изјавил Василев, дадена е пауза „за да ги разгледаат документите што ги достави Министерството за правда, по што постапката ќе продолжи“.

Грујовски и Бошковски се во притвор во затвор во близина на Солун. Инаку, на двајцата им се суди во солунскиот суд и за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на 18 октомври, на аеродромот во Солун како се обидуваат да заминат за Будимпешта. Ова судење, кое се води одвоено од постапката за нивна екстрадиција, е одложено за 17 мај 2018 година.


Рочиштето за екстрадицијата на Грујовски и на Бошковски одложено за 13 декември


Солун, 29 ноември, 2017 - 16:49 (META) 

Судот во Солун за 13 декември го одложи рочиштето за одговор на барањето на Министерството за правда на Македонија за екстрадиција на поранешните функционери во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Горан Грујовски и Никола Бошковски, обвинети во случаите „Таргет“, „Тврдина“ и „Тврдина 2“ на СЈО.

Рочиштето, кое беше закажано за денеска, е одложено бидејќи била отсутна адвоката од адвокатскиот тим на Грујовски и на Бошковски. Друга причина за одложувањето бил некомплетниот превод на документацијата за екстрадиција испратена од македонското Министерство за правда.

Грујовски и Бошковски остануваат во притвор во затвор во близина на Солун. Тие в петок повторно треба да се појават пред судот во Солун, на рочиштето за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на 18 октомври на аеродромот во Солун, кога се обидоа да заминат за Будимпешта.

Ова судење е одвоено од постапката за екстрадиција. Тоа досега беше двапати одложувано бидејќи солунскиот суд не можеше да обезбеди преведувач од македонски на грчки јазик и обратно.


СЈО: Обвинет во „Таргет“ и во „Тврдина“ ја призна вината и доби условна казна


Скопје, 22 ноември, 2017 - 13:30 (META) 

Специјалното јавно обвинителство денеска соопшти дека едно лице обвинето во случаите „Тврдина“ и „Таргет“, ја признало вината и дека за него постапката била раздвоена, а во петокот минатата недела била донесена и пресуда.

На обвинетиот, чиј идентитет не се соопштува, му била изречена алтернативна мерка – условна осуда за помагање на сторител во извршено кривично дело.

Од СЈО нагласуваат дека станува збор за прва правосилна пресуда за случај на тоа обвинителство.

„Предлогот за раздвојување беше истакнат од ова јавно обвинителство, при што се имаше предвид интересот на обвинетото лице за побрзо завршување на постапката, како и економичноста и целисходноста на постапката“, стои во соопштението на СЈО.

Во случаите „Таргет“ и „Тврдина“, кои се споени во еден обвинителен акт, првообвинети се поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнвање (УБК), Сашо Мијалков, ексначалникот на петтата управа, Горан Грујовски, поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, и уште десетина лица. Тие се товарат за незаконското прислушување, што пред две години го разоткри тогаш опозициската, а сега владејачка партија – СДСМ, и за уништување на опремата од прислушувањето.

Инаку, неделава на рочиштето од судскиот процес за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година, поранешниот претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Томислав Лазаров, ја призна вината за учество во насилствата.

Судот на предлог на СЈО ја раздвои постапката за Лазаров, а пресудата треба да биде изречена на рочиште, закажано за в петок.


Судот го прифати обвинението за случаите „Таргет“ и „Тврдина“ на СЈО


Скопје, 27 октомври, 2017 - 16:09 (META) 

Кривичниот суд во Скопје го прифати обвинителниот акт за случаите „Таргет“ и „Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), потврдија од судот.

Како што велат оттаму, Советот за оценка на обвинителниот акт дал зелено светло предметот да оди на судење. Тој веќе бил распореден кај судија, а од понеделеник следната недела треба да биде закажан и датум за почеток на судскиот процес.

Инаку, во случаите „Таргет“ и „Тврдина“, кои се споени во едно обвинение, обвинети се поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, како и ексначалникот на петтата управа, Горан Грујовски и Никола Бошковски, вработен во УБК.

Тие се товарат за незаконското прислушување и за уништување на опремата од прислушувањето.

Грујовски и Бошковски се наоѓаат во екстрадиционен притвор во Солун, откако на 18 октомври беа уапсени на солунскиот аеродром додека со лажни бугарски пасоши се обидувале да заминат за Будимпешта.

Во Кривичниот суд и понатаму тече постапката за прибирање на материјалите за екстрадиционата постапка што ја води Министерството за правда.


На Грујовски и на Бошковски во Солун ќе им се суди за лажните пасоши


Солун, 24 октомври, 2017 - 9:44 (META) 

Во Првостепениот суд во Солун би требало денеска да почне судењето за поседување лажни пасоши против поранешниот началник на петтата управа во МВР, Горан Грујовски, и вработениот во УБК, Никола Бошкоски. По нив македонските власти имаат распишано меѓународни потерници, по обвинението од  Специјалното јавно обвинителство за нелегално прислушување и за уништување на системите за прислушување, случаи познати под името „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“. Беа уапсени минатата седмица на аеродромот во Солун, кога со лажни бугарски пасоши се обиделе да се качат на авион за Будимпешта.

Судењето во Солун требаше да почне во петокот, но беше одложено поради тоа што немало преведувачи, а денеска би требало да бидат обезбедени преведувачи од грчки на српски јазик.

На лажните пасоши, Грујовски и Бошковски имаа лажни идентитети, односно Христо Атанасов и Неџби Хасан.

Македонското Министерство за правда во петокот му наложило на Основен суд Скопје 1 да ја подготвува документацијата за барањето за екстрадиција на Грујовски и Бошковски.


Немало судски преведувачи – одложено рочиштето за Грујевски и за Бошковски во Солун


Солун, 20 октомври, 2017 - 18:16 (META) 

Рочиштето во Првостепениот суд во Солун за поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, по кои македонските власти имаат распишано меѓународни потерници, денеска е одложено поради тоа што во солунскиот суд немало преведувач, јави грчкиот портал „Ефсин“.

Судот го презакажал рочиштето за вторник, за кога би требало да се обезбедат судски преведувачи од српски.

Против Грујевски и Бошковски солунското обвинителство покрена обвиненија за поседување и користење фалсификувани документи.

Грујевски и Бошкоски се обвинети од Специјалното јавно обвинителство за нелегално прислушување и за уништување на системите за прислушување, случаи познати под името „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“. Беа уапсени завчера на аеродромот во Солун, кога со лажни бугарски пасоши се обиделе да се качат на авион за Будимпешта.

Претходно грчки медиуми јавија дека Грујевски и Бошкоски може да бидат екстрадирани кон крајот на ноември или во првите недели на декември годинава, а дотогаш ќе бидат во притвор во Грција.

Македонското Министерство за правда денеска соопшти дека му наложило на Основен суд Скопје 1 да ја подготвува документацијата за барањето за екстрадиција на Грујевски и Бошковски.


СЈО ќе се жали во Апелација за изземањето на „бомбите“ од три случаи


Скопје, 27 септември, 2017 - 12:52 (META) 

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ќе поднесе жалба на одлуките на Советот за оценка на обвинителен акт на Основниот суд Скопје 1 да се издвојат „бомбите“ од случите „Тендери“, „Топлик“ и „Тортура“. Советот проценил дека телефонските разговори се доказ прибавен на незаконит начин и со кршење на правата и слободите утврдени со Уставот на Република Македонија.

– Одлуките стасаа вчера и секако ќе биде поднесена жалба во Апелациски суд Скопје – вели за „Мета“, Панта Џамбазовски, портпарол на СЈО.


Комисија ќе испитува дали судиите им помогнале на Грујовски и на Бошковски да избегаат


Скопје, 25 август, 2017 - 13:37 (META) 

Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, денеска одржал седница на која донел одлука да формира комисија која ќе испита дали судиите од Кривичниот, Апелацискиот и Врховниот суд, кои одлучувале по барањата за притвори против обвинетите во случаите на СЈО „Таргет“ и „Тврдина“, ја прекршиле постапката и им овозможиле на Горан Грујовски и на Никола Бошковски да побегнат од државата.

На седницата, како што соопштуваат од Советот, бил разгледан извештајот на известителот на Советот во врска со предметот, формиран по допрен глас и по иницијативата поднесена од Здружението за истражувања, анализи и развој „Зелена Лупа“.

„На јавноста и е познато дека во одлучувањето учествувале судии во Основинот суд Скопје 1, Апелациониот суд Скопје и Врховниот суд. Врз основа на поднесениот извештај од страна на известителот, поткрепен со одредени факти обезбедени од негова страна, Советот донесе одлука извештајот да се прифати и од своите редови формира Комисија за утврдување на фактите во врска со изнесените наводи во јавните гласила и иницијативата поднесена од страна на Здружението за истражувања, анализи и развој „Зелена Лупа“ Скопје“, стои во соопштението.

Комисијата треба да утврди дали судиите сториле неправилности при донесувањето на нивните одлуки и за тоа ќе изготви извештај врз основа на која Советот ќе одлучи дали ќе се поведе постапка за утврдување одговорност на судиите пред Судскиот Совет или ќе ја одбие иницијативата.

Поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски и Никола Бошковски, вработен во УБК, веќе еден месец се во бгество, откако Врховниот суд ги потврди решенијата на Апелацискиот суд на двајцата да им биде одредена мерка притвор.

Останува спорна одлуката на судовите на обвинетите да им биде овозможено да се бранат од слобода додека траеше жалбената постапка во Врховниот суд, како и доцнењето на налогот за нивно приведеување, кој од Врховниот суд до МВР стигнал неколку часа по одлуката за притвор.


Распишана меѓународна потерница за Грујовски и за Бошковски


Скопје, 27 јули, 2017 - 13:54 (META) 

Министерството за надворешни работи соопшти дека побарало од судот да се распише меѓународна потерница за Горан Грујовски и за Никола Бошковски откако попладнето Врховен суд ги потврди притворите од 30 дена за двајцата, но полицијата не успеа да ги пронајде.

МВР денеска преку соопштение информираше дека по наредба од Апелацискиот суд, била распишана национална потерница и биле извршени проверки на објекти на адреси кои биле пријавени како места на живеење на осомничените.

„Проверки беа извршени и на повеќе локации на територијата на Република Македонија, поточно во Скопје, Велес и во Охрид, за кои имаше оперативни сознанија дека осомничените ги користат за криење. Со оглед на тоа дека не беа пронајдени, а во согласност со законските надлежности, МВР побара од судот согласност за распишување на меѓународна потерница и по наредба на судот веќе е распишана меѓународна потерница за Г.Г. и за Н.Б.“, велат од МВР.

Горан Грујовски е поранешен началник на петтата управа во Управата за безбедност и контраразузнавање и е обвинет во предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тврдина“ и „Таргет“. Никола Бошковски беше вработен во УБК и тој е обвинет во истите предмети.