Заев и Мицковски утревечер на прв ТВ дуел на МТВ


Скопје, 22 мај, 2018 - 12:58 (META) 

Македонската телевизија утревечер во 20 часот, ќе го организира првиот ТВ дуел меѓу премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, и претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, јави МИА.

ТВ дуелот минатата недела го побара лидерот на опозициската партија, а фрлената ракавица беше прифатена од премиерот. За организатори на овој прв ТВ дуел меѓу првите луѓе од власта и опозицијата по повеќе години, првично се пријавија три телевизии.

Стојан Трпчевски, уредникот на Информативната редакција на МТВ, ќе биде домаќин и водител на ТВ дуелот.


Заев прифати ТВ дуел со Мицкоски


Скопје, 16 мај, 2018 - 9:37 (META) 

Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, ја прифати поканата за ТВ дуел од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тоа го соопштија од Владата вчера, кратко време откако Мицкоски по седницата на Централниот комитет на партијата упати таков предизвик до Заев.

– Премиерот Зоран Заев е подготвен за ТВ дуел во секое време со Христијан Мицкоски, бидејќи основа на демократијата е отвореноста и подготвеноста да се соочиш со политичките опоненти – изјави за МИА портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

Мицкоски синоќа по седницата на Централниот комитет на партијата го повика Заев да се соочат на телевизија и да дискутираат за преговорите за името.

– Да дискутираме за ова прашање, да може тој да ги информира граѓаните Република Македонија, за тоа како преговара, за што преговара. Но, и да дискутираме за сите оние фаули што ги прави на полето на економијата, на немањето реформи, во образованието, во здравството, да дискутираме за сите оние погрешни политики што се случуваат оваа измината една година, така што еве можност да можат граѓаните да видат за каква политичка гарнитура станува збор, а ние се разбира да можеме да слушнеме да видиме и да ја дознаеме конечно таа лекција која така одамна ја најавуваше само да можат граѓаните да ја слушнат, па можеби и ќе научиме нешто – рече Мицкоски.

Тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ на 2 јуни во Скопје пред Владата на Република Македонија ќе организира голем протест.


Груевски презафатен да излезе на ТВ-дуел на МТВ и на „Телма“


Скопје, 7 декември, 2016 - 15:30 (META) 

Лидерите на четирите најголеми политички партии Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, нема да имаат предизборно телевизиско соочување.

Вакви ТВ-дуели помеѓу лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и на ДПА беа закажани на неколку телевизии, но беа и откажани поради, како што соопштиле дел од лидерите, презафатеност.

Изборно соочување помеѓу лидерите на четирите најголеми партии за утре беше закажано на националниот радиодифузен сервис, МРТВ, и на телевизија „Телма“, но тоа нема да се случи. Политичките партии поканите за телевизиска дебата ги добиле навреме, но сепак дел од нив ги одбиле.

Уредничката на МРТВ, Санта Аргирова, за „Мета“ вели дека поканата за дебата на националниот сервис ја одбиле тројца од четворицата лидери. Единствениот кој прифатил бил лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

– Поради презафатеност, одбија лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на ДУИ – Али Ахмети и на ДПА – Мендух Тачи. Единствениот кој прифати беше лидерот на СДСМ, Зоран Заев, така што најверојатно в четврток ќе имаме кратко интервју со него – вели Аргирова.

И од телевизија „Телма“ велат дека Груевски ја одбил поканата за дебата поради презафатеност.

– Понуда за телевизиски дуел имаа двете политички партии од македонскиот блок. Зоран Заев прифати дуел, но Никола Груевски одби со образложение дека е презафатен. Ние во телевизија „Телма“ сме зачудени како лидер на владејачка партија за овие 10 години, не успеа да најде време за дуел и да излезе на јавно соочување – изјави за „Мета“, директорот и главниот уредник на „Телма“, Атанас Кировски.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, неколкупати на предизборните митинзи го повикуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, да се соочи со него на ТВ-дуел. Тој дури го повикуваше, доколку сака, да дојде и со неговите најблиски соработници, Сашо Мијалков, Никола Тодоров и Трајко Вељаноски.

Пред две недели „Мета“ го праша директорот на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски, дали лидерот Груевски ќе одговори на повикот на својот политички опонент, лидерот на СДСМ, и ќе прифати телевизиски дуел. Котевски ни одговори дека не сè што бара Заев треба да му се прифати.

– Заев повикува на многу работи. Повикува на отворање и на редефинирање на Охридскиот рамковен договор, повикува на воведување двојазичност на целата територија на државата. Но, тоа не значи дека сè треба да му се прифати и да се исполни, па така и ова – ни изјави Котевски.

Единствената предизборна дебата на четирите политички партии беше на телевизија „Алсат М“, каде на соочување позиција – опозиција, се појавија носителите на листите во првата изборна единица, Никола Попоски од ВМРО-ДПМНЕ, Стево Пендаровски од СДСМ, Артан Груби од ДУИ и Издриз Орана од ДПА.


Котевски: Заев бара и ТВ-дуел и други нешта, но не треба сè да му се прифати


Скопје, 25 ноември, 2016 - 11:42 (META) 

Зоран Заев повикува на многу работи, но тоа не значи дека сè треба да му се исполни, па ниту ТВ-дуел, рече за „Мета“ директорот на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски, одговарајќи на нашето прашање дали Никола Груевски ќе одговори на повикот на својот политички опонент, лидерот на СДСМ, и ќе прифати телевизиски дуел.

– Заев повикува на многу работи. Повикува на отворање и на редефинирање на Охридскиот рамковен договор, повикува на воведување двојазичност на целата територија на државата. Но, тоа не значи дека сè треба да му се прифати и да се исполни, па така и ова – ни изјави Котевски.

Лидерот на СДСМ од почетокот на изборната кампања, неделава, неколкупати го повика Груевски на телевизиско соочување, но не доби одговор од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ајде Никола, повели на дуел, да ги соочиме фактите, да те прашам што ги боли граѓаните, па да ја платиш цената пред екраните за тоа што не се повлече три дена по „бомбите“. Ако си тоа што велиш дека си, нема да бегаш. Прифати дуел или замини среде кампања во политичката историја на Македонија. Пенкалото е кај граѓаните на Македонија! Тие на 11 декември ќе изберат живот во Македонија! Режимот ќе падне на изборите!“, рече Заев од митингот во Крушево.

Националниот радиодифузен сервис, „Македонска радио-телевизија“, ќе организира предизборно соочување на четворицата лидери на најголемите политички партии, три дена пред изборите, на 8 декември.

– Веќе испративме покани до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на СДСМ, Зоран Заев, на ДУИ, Али Ахмети, и на ДПА, Мендух Тачи, за дебата на 8 декември. Досега сè уште никој не ни одговорил на поканата. Одговор, најверојатно, ќе добиеме последната недела пред избори и се надевам дека лидерите ќе прифатат – вели за „Мета“ уредничката на МРТВ, Санта Аргирова.

Истиот ден, на 8 декември, на телевизија „Телма“ треба да се соочат носителите на листата во четвртата изборна единица, каде се среќаваат лидерите на двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев. Освен нив, носители на листа во таа изборна единица се и поранешниот разузнавач Слободан Богоевски од Коалицијата за промени и правда, како и поранешниот премиер Љубчо Георгиевски од ВМРО за Македонија.

Водителот од „Телма“, Боби Христов, на својот фејсбук-профил информираше дека дел од носителите на изборните листи го прифатиле телевизиското соочување, а од четвртата изборна единица досега поканата ја прифатиле тројца носители.

Никола Груевски избегнува телевизиско соочување уште од 2006 година, кога и дојде на власт.

Последното соочување меѓу Груевски и Заев се случи пред точно една деценија во емисијата „Чуму“ на новинарот Александар Чомовски на телевизијата А1, но во поширок состав. Тогаш, на Чомовски му гостуваа Груевски, како премиер, со својот „мини-кабинет“ и Заев, како потпретседател на СДСМ, со повеќе експерти и новинари.

Досега јавноста не била сведок на директен ТВ-дуел на претставниците на најголемите македонски партии откако Груевски ја предводи ВМРО-ДПМНЕ од 2003 година.