Суд во Албанија пресуди во корист на новинари тужени од богат судија


Тирана, 1 јуни, 2018 - 17:11 (META) 

Суд во Тирана ги отфрли обвинувањата за „морална повреда“ на судијата на Апелацискиот суд, Ѓин Ѓони и неговата сопруга, кои ја тужеа БИРН Албанија и новинарите на оваа мрежа, јави БИРН.

По неколку одлагања, вчера судот во Тирана донесе ослободителна пресуда во процесот што судијата и неговата жена-бизнисменка го почнаа поради известувањето на БИРН за богатството на Ѓони.

Претседавачкиот судија Астрит Фаќоли при соопштувањето на одлуката рече дека упорното непојавување на Ѓин и неговата жена Елона Чауши во судот е „исмевање“ на судот. Процесот се развлече на 12 месеци и имаше 11 рочишта.  Апелацискиот судија и неговата жена не беа на изрекувањето на пресудата, со која покрај БИРН Албанија, од вина се ослободени и новинарите Бесар Ликмета и Александра Богдани.

Тужбата беше поднесена поради три статии објавени на „Reporter.al“ посветени на затворањето и на повторното отворање на истрагата на јавното обвинителство за Ѓони, откако Високиот инспекторат за анкетирање и ревизија на имот и за конфликт на интереси поднесе пријава за прикривање богатство, фалсификување официјални документи и перење пари.

Третата статија ги навела десетте најбогати судии во Албанија според анкетниот лист што го поднел Ѓони, кој исто така е член на Високиот правосуден совет. На тој список апелацискиот судија бил на првото место.

Со тужбата Ѓони и Чауши бараа надомест од 52.000 евра од тужената организација и нејзините новинари.