„Јадран филм“: Тозија нè уценуваше и бараше поткуп


Скопје, 2 февруари, 2018 - 14:09 (META) 

Хрватската куќа „Јадран филм“, продуцент на серијата „Македонија“, со која Горјан Тозија в.д. директорот на Агенцијата за филм, го раскина договорот набргу по неговото стапување на функција, го обвини Тозија дека ја уценувал и барал поткуп.

Според „Јадран филм“, тоа што на судењето по тужбата за незаконско раскинување на договорот Горјан Тозија не се појавил, а поканата за рочиштето се вратила во судот како неуредна, претставува свесно одолговлекување на постапката и негово индиректно признание на вината. Според продуцентската куќа, единствено Управниот одбор на Агенцијата за филм, а не в.д. директорот, можел да го раскине договорот.

Потегот на Тозија, според продуцентот, е предизвикан од одбивањето на предлогот на Тозија, кој барал поткуп и уценувал.

„Горјан Тозија предизвика штета од огромни размери злоупотребувајќи ја својата позиција за сопствени интереси. Дополнително тој од службените тела ја сокрил понудата со која Јадран филм нуди  гаранција на за секој денар вложен од Агенцијата за филм за серијата „Македонија“. Таа понуда и понатаму стои“, се вели во соопштението од продуцентот, кој вели дека сепак ќе ја сними серијата.

Тозија го раскина договорот со образложение дека иако за време на претходниот директор на Агенцијата за филм исплатила однапред 1,1 милиони евра за серијата, а до септември минатата година не ги доставила 14. епизоди.


Исклучените ќе продолжат да плаќаат паушал за парно-греење, пресече Уставен суд


Скопје, 20 декември, 2017 - 14:07 (META) 

Домаќинствата кои се исклучени од системот за снабдување со топлинска енергија на БЕГ ќе продолжат да плаќаат паушален надомест, пресече денеска Уставниот суд.

Уставниот суд ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на член 66 од правилата за снабдување со топлинска енергија, донесени од Регулаторната комисија за енергетика, што значи, обрската на граѓаните на плаќање на паушален надомест останува.

Исклучените граѓани од системот на БЕГ, неколку години протестираа против одлуката да плаќаат паушален надоместок за топлинска енергија. Тие најавија и тужба пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.


Ердоган тужи член на опозицијата бидејќи го нарекол „фашистички диктатор“


Анкара, 31 октомври, 2017 - 11:03 (META) 

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган поднел тужба против Булент Тезџан, член на опозицијата, бидејќи го нарекол турскиот лидер „фашистички диктатор“, пренесува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

Тезџан, кој е портпарол на главната турска опозициска Републиканска народна партија, изјавил дека намерата му била да ја прекине атмосферата на страв во Турција.

Адвокатот на Ердоган, Хусеин Ајдин, изјавил дека е поднесена тужба против Тезџан поради навреда на претседателот на државата.

Ибрахим Калин, портпарол на Ердоган, ја осудил изјавата на опозиционерот, додавајќи дека неговиот говор на омраза претставува срамно однесување на опозицијата.

Во Турција навреда на претседателот е кривично дело за кое е предвидена казна до четири години затвор.


Поранешниот шеф на Кривичниот суд, Панчевски, осуден за мобинг


Скопје, 14 септември, 2017 - 10:28 (META) 

Поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, е осуден за мобинг, по тужбата што против него ја поднесе Горан Стаменковски, поранешен раководител на секторот за човечки ресурси во судот, објави денеска Основниот суд Скопје 2.

Според „Википедија“, мобинг е појава на психичко малтретирање на работното место, кое се повторува низ активности чија цел е деградација на работните услови на работникот, кои може да предизвикаат повреда на човековите права и достоинството, да наштетат на психичкото и телесно здравје и да ја компромитираат професионалната иднина на жртвата.

Во македонската правна терминологија за поимот „мобинг“ се употребува изразот „вознемирување на работното место“.

Пресудата против Панчевски е неправосилна и тој има право на жалба пред Апелацискиот суд. Во случај Апелација да ја потврди пресудата, Панчевски нема да може да извршува раководна функција во судот.

На изрекувањето на пресудата Панчевски не беше присутен, а во судницата беше само неговиот адвокат Димитар Дангов.

Стаменковски го тужеше поранешниот претседател на Кривичниот суд бидејќи подолг временски период го прераспоредувал на други работни позиции, го казнувал и го терал да исполни норма која не постои во практиката на судот.

Покрај тужбата, Стаменковски поднесе и две кривични пријави против Панчевски за малтретирање во службата и за повреда на рамноправноста.


Конгресмени поднесоа тужба против Трамп за примање пари од странски влади


Вашингтон, 14 јуни, 2017 - 10:52 (META) 

Околу 200 конгресмени од редот на Демократската партија денеска поднесоа тужба против американскиот претседател Доналд Трамп пред федералниот суд, тврдејќи дека примал финансиски средства од странски влади преку своите компании, а без одобрување на Конгресот, што претставува кршење на Уставот на САД.

Во тужбата, која ја поднесоа најмалку 30 сенатори и 166 членови на Претставничкиот дом, стои дека Трамп не побарал одобрение од Конгресот за ниту една од уплатите на стотина своите компании кои ги добивал од странски влади, откако во јануари го презел претседателскиот мандат, иако според Уставот е должен да побара такво одобрение.

Ова е досега најголем број на членови на Конгресот да тужат еден американски претседател.

Белата куќа засега не излезе со коментар по ова прашање, но соопшти дека бизнис-интересите на Трамп не претставуваат кршење на Уставот.

Компаниите на Трамп ветија дека профитот од клиентите кои претставуваат странски влади ќе го донираат во Министерството за финансии, но дека нема да бараат клиентите да се идентификуваат.


ТЕ–ТО го доби спорот со „Топлификација“


Скопје, 13 јуни, 2017 - 15:38 (META) 

Апелацискиот суд во Скопје донесе пресуда со која го одби тужбеното барање на „Топлификација“ АД за присилна наплата на побарувања врз основа на заеми, што „Топлификација“ АД ги дала на ТЕ-ТО АД, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Македонската берза за хартии од вредност.

За овој предмет првостепениот суд еднаш донесе пресуда во корист на „Топлификација“ АД, на што ТЕ-ТО АД поднесе жалба во Апелацискиот суд, кој го врати предметот во Основен суд, кој повторно донесе иста пресуда како претходно. На втората жалба на ТЕ-ТО, Апелацискиот суд ја отфрлил тужбата од „Топлификација“ и пресудил во полза на жалителот.

ТЕ-ТО АД е когенеративна термоелектрана на природен гас во Скопје, со капацитет од 220 мегавати за производство на електрична енергија и 160 мегавати за производство на топлинска енергија.


Кежаровски: Четири години откако ме уапсија и малтретираа Врховниот суд се уште молчи


Скопје, 28 мај, 2017 - 11:49 (META) 

Пред четири години на денешен ден полицијата упадна во домот на новинарот Томислав Кежаровски и го уапси за оддавање на идентитет на заштитен сведок во текст напишан во 2008 година.

„Цел вод припадници на специјалната полиција вооружени со автоматски пушки, со пиштоли и бомби, како најозлогласен криминалец со лисици на рацете ме извадија од дома. Никому не му беше гајле дека сето тоа се прави пред сопругата и малолетната ќерка. Со полна уста во затворот ми велеа дека ќе ме скршат и ќе ме уништат. Многу се трудеа, ама за жал не успеаја. Не јас немам право да заборавам што ми се случи. Немам право заради себе, заради сопругата и ќерката и заради оние луѓе кои ги изгубивме како последица од вандализмот на Фамилијата“, вели Кежаровски на својот „Фејсбук“ профил.

Кежаровски за „Мета“ вели дека откако процедурата за неговиот случај ќе заврши во државата, тој можно е да се обрати до Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Но, вели дека неговиот случај веќе четири години е заглавен во Врховен суд.

– Врховен суд не го става мојот случај на дневен ред веќе четврта година. Откако сето тоа ќе заврши кај нас, тогаш може да подигнам преиспитување на правото во судот за човекови права во Стразбур. Јас следната недела ќе побарам да направам увид во предметот и да видам зошто тој не се става на дневен ред – вели Кежаровски.

Новинарот вели дека за целата негова голгота потсетник ќе му биде болеста на тироидната жлезда со која се здобил поради прекумерен стрес.

– Откако се вратив дома ми открија дека тироидната жлезда воопшто не ми лачи, и сега до крајот на животот ќе мора да пијам апчиња како потсетник на стресот кој го доживеав изминатите години – додава Кежаровски.

Кежаровски беше осуден на четири ипол години затворска казна поради откривање на идентитетот на заштитен сведок во случајот „Ореше“, судски процес за убиство на велешанецот Лазо Милошевски, а апелациониот суд Скопје му ја намали казната на две години затвор.

Кежаровски помина во притвор една година и девет месеци, а за негово ослободување, но и на преиспитување на пресудата повикаа повеќе домашни и странски невладини организации, како и ОБСЕ.


Словенечкото обвинителство поднесе тужба против Јанша и бара да му се одземат 400.000 евра


Љубљана, 20 април, 2017 - 12:32 (META) 

Словенечкото Специјално државно обвинителство поднесе тужба против лидерот на опозицијата, Јанез Јанша, и побара да му се одземе незаконски стекнатиот имот во вредност од 400.000 евра, јавија словенечките медиуми.

Во соопштението на обвинителството не се наведува идентитетот на Јанша, но весникот „Дело“ наведува дека нема сомнежи дека станува збор за претседателот на Словенечката демократска партија (СДП), пратеник во парламентот и некогашен премиер.

Тужбата е поднесена по финансиската истрага почната во 2013 година, во која се испитувало потеклото на имотот на Јанша, на неговата сопруга Уршка, нејзината роднина Наташа Пајенк, која управувала со нивните сметки, неговиот брат Рајко Јанша и на некогашниот секретар на партијата, Јоже Загожен, кој во меѓувреме почина.

Обвинителството одлучило да го тужи Јанша, кај кого во период за кој се однесува истрагата, од 2010 до 2013 година, е утврдена разлика меѓу пријавениот и стекнатиот имот во финансиски средства и во недвижности од 395.388 евра.


Вучиќ: Барањето на БИХ за ревизија на пресудата во Хаг е неодговорен потег


Белград, 24 февруари, 2017 - 14:41 (META) 

Највисоките државни функционери на Србија како „неодговорен потег“ го оценија и го осудија отворањето на постапката за ревизија на пресудата на Меѓународсниот суд на правдата во Хаг по тужба на Босна и Херцеговина против Србија за геноцид и предупредија дека со ваквиот чекор целиот регион се враќа во минатото.

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека барањето на БИХ е неодговорен потег со кој се создава многу лоша атмосфера, а тешко градените односи на Србија и на БИХ се враќаат во минатото. Вучиќ оцени дека со поднесувањето на барањето за ревизија потресена е стабилноста на целиот регион. Тој повтори дека Србија секогаш ќе го почитува интегритетот на БИХ и ќе се залага за зачувување на мирот и на стабилноста, но дека по ниедна цена нема да дозволи да бидат загрозени српските државни и национални интереси.

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, рече дека потегот на членот на претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, е во длабока спротивност со настојувањата за постигнување сеопфатно помирување во регионот. Тој додаде дека Србија ќе ги преземе сите мерки да ги заштити своите и интересите на српскиот народ во БИХ.

Министерката за правда на Србија, Нела Кубуровиќ, изјави дека поднесувањето на барањето за ревизија на тужбата против Србија кое доаѓа по волјата на еден човек, а не на институциите на БИХ, го наметнува прашањето за легитимноста на самото барање. Кубуровиќ додава оти се надева дека во новата постапка Меѓународниот суд на правдата во Хаг ќе знае да ги одвои правото и правдата од политичката пропаганда.


Со тужбата се врши мобинг врз Панчевски, тврдат неговите адвокати


Скопје, 24 февруари, 2017 - 11:26 (META) 

Судењето против поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, кого службеникот во одделот за човечки ресурси во судот, Горан Стаменковски, го тужи за мобинг, е повторно одложено. На денешното рочиште во Основниот суд Скопје 2, не се појавија ниту Панчевски, ниту тужителот Стаменковски, а присутни беа само нивните адвокати.

Одбраната на Панчевски, како што пренесува „Телевизија 24“, деновите го доставила одговорот на тужбата до адвокатте на Стаменковски, кои побараа одложување на денешното рочиште за да можат да го разгледаат одговорот.

Адвокатите на Стаменковски во изјава за медиумите рекле дека тужениот Панчевски се обидува да ја одолжи постапката, додавајќи дека Стаменковски покрај постапката за мобинг, бил повторно казнет со суспензија, што, според адвокатите, претставува притисок врз него.

Адвокатот на Панчевски, Митко Соколов, изјавил дека тужбата против поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје е беспредметна и дека немало никакви основи за обвинување за мобинг. Тој нагласи дека мобинг се врши врз Панчевски со постапката што се води против него, а за да му се наруши угледот како поранешен претседател на Основниот суд Скопје 1 и како кандидат за нов мандат за прв човек на Кривичниот суд.

Следното рочиште е закажано за 16 март.