Николовски: Тутунарите ќе добијат повисоки субвенции


Скопје, 13 февруари, 2018 - 15:54 (META) 

Тутунарите ќе добиваат повисоки субвенции почнувајќи од реколтата 2017 година, информираше денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Тој рече дека се направени измени во висината на субвенциите, со што, директно се стимулира производство на квалитетен тутун.

– Воведени се субвенции на три нивоа, и тоа, субвенцијата за прва класа тутун ќе изнесува 80 денари по килограм, што е прво ниво. За втората класа или второ ниво, предвидени се субвенции од 70 денари и третото ниво на субвенционирање изнесува 60 денари по килограм и важи за трета и четврта класа, како за двете дополнителни класи – изјави Николовски.

Политиките за развој на производството на тутун, како што информираше, ќе се реализираат и преку измените во новиот Закон за тутун и тутунски производи.

– Со новиот Закон кој е веќе подготвен и очекуваме да биде донесен наскоро, ќе се укине поднесување на евидентни листови. Тутунарите директно ќе склучуваат договори со откупните претпријатија. На овој начин им ја олеснуваме административната процедура за склучување на договорите за производство – додаде Николовски.

Тој оцени дека ланската реколта е една од најдобрите споредено со изминатите години. Просечната цена на еден килограм откупен тутун изнесува  217,5 денари.

– Согласно откупната цена по класи, вкупната исплатена сума кон тутунарите ќе биде над 80 милиони евра. Со зголемените субвенции ќе им бидат исплатени околу 28 милиони евра субвенции. Што значи дека реколтата 2017 година на 23.000 семејства им обезбедува приход од вкупно 100 милиони евра – појасни Николовски.


Откупени 8.000 тони тутун по просечна цена од 185 денари за килограм


Прилеп, 4 јануари, 2016 - 15:41 (META) 

Од почетокот на откупот на тутунот, откупени се 8.000 тони тутун со просечна цена од 185 денари по килограм.

За реколтата 2015/2016 година, склучени се 28.454 договри со тутунарите, што е за 17 проценти помала бројка во однос на минатата година, кога бројот на склучени договори изнесувал 34.500.

Откупот треба да заврши на 20 февруари.

 


Тутунарите незадоволството од продажбата на тутунот ќе го изразат со протест


Струмица, 27 декември, 2014 - 12:38 (META) 

Сојузот на синдикати на земјоделски производители најави дека денеска ќе одржи мирен протест на тутунарите од струмичко-радовишкиот регион, кои се незадоволни од откупот на тутунот.

Протестот, односно блокадата, ќе се орджи  на магистралниот  пат Струмица – Радовиш, кај „Слобода“, и  на магистралниот пат Радовиш – Штип, кај клучката кон селото Ињево. Блокадата би требало да трае до 13 часот.

Протестот на тутунарите е поради незадоволството од откупот на тутунот, кој е проценет претежно во трета и во четврта класа.
Од здружението на тутунари „Басмак“ од општината Василево, пак, се против протестот и повикаа земјоделците да не излегуваат на него.


Утре тутунарите ќе го блокираат патот Струмица – Штип


Штип, 26 декември, 2014 - 17:37 (META) 

Незадоволните тутунопроизводители од Радовиш и од Струмица, утре од 12 до 13 часот ќе го блокираат магистралниот пат Струмица – Штип. Самостојниот синдикат на земјоделците блокадата ја организира поради ниската откупна цена и процентуално високите одбитоци за влага и за песок.

Магистралниот пат ќе биде блокиран на две места: на патот Струмица – Радовиш кај „Слобода“ и Радовиш – Штип на клучката кај селото Ињево.

На блокадата се противи Сојузот на здруженијата на тутунопроизоводели. Сојузот се сомнева дека блокадата е политички мотивирана и ги потсетува земјоделците на ефектот од протестот во 2010 година, кога откупните претпријатија го прекинале откупот.


Поради погрешни матични броеви, прилепските тутунари останаа без субвенции


Прилеп, 7 ноември, 2014 - 17:55 (META) 

Пред просториите на Сојузот на тутунарите „Мице Козар“ во Прилеп, денеска протестираа стотина тутунари од прилепскиот и од долненскиот регион, барајќи ги неисплатените субвенции за предадениот тутун од ланската реколта во износ од пет милиони евра.

Претставници од Сојузот на тутунските здруженија велат дека за ланскиот тутун Владата исплатила повеќе од 26 милиони евра субвенции, а остатокот ќе се исплати во текот на идната недела. Причина за оваа заостаната обврска се грешките во матичните броеви на тутунарите што ги направиле откупните компании, како и неисплатените обврски на тутунарите за пашарина и други законски давачки.