!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Габриел: Ердоган бара непријател за да ја прикаже Турција понижена, а Западот – арогантен


Берлин, 18 март, 2017 - 13:18 (META) 

Шефот на германската дипломатија, Зигмар Габриел, денеска им порача на турските функционери дека Германија ќе им забрани да учествуваат на собири за поддршка на турскиот референдум на нејзина територија.

„Тој што ја преминува границата во однесувањето не смее да мисли дека може да ги шири своите ставови и кај нас“, вели Габриел за германскиот неделеник „Шпигел“.

Тој вели дека нема само Турција право да биде почитувана, туку дека истото право го има и Германија, додавајќи дека постојат и ограничувања, одредени од германските закони.

Тензиите помеѓу Турција и неколку европски земји почнаа пред неколку недели, откако Германија, во која живеат голем број Турци, забрани три собири за промоција на референдумот во Турција за јакнење на власта на претседателот на земјата, Реџеп Таип Ердоган.

Турскиот претседател оттогаш изразува незадоволство и упатува тешки вербални обвинувања на сметка на европските земји, а за Германија изјави дека продолжува со „нацистичката практика“.

Габриел вели дека Германија нема намера да одговори на турските провокации, бидејќи тоа би било во интерес на Ердоган.

„Нему му е потребен непријател за време на кампањата, за да ја прикаже Турција како понижена земја, а Западот како арогантен“, вели министерот за надворешни работи на Германија.

Референдумот за воведување на претседателски систем во Турција, со кој се зголемуваат овластувањата на Ердоган, е закажан за 16 април оваа година.