Грција ја поддржa Македонија за приклучување кон Јадранско-јонската иницијатива


Скопје, 23 февруари, 2018 - 10:33 (META) 

Грција ја поддржува кандидатурата на Македонија за членство во Јадранско – јонската иницијатива, јавува Македонската информативна агенција (МИА).

– Заменикот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, со допис до надлежните комесари за проширување, Јоханес Хан и за регионална политика, Корина Крецу, ја објави намерата на Грција да ја поддржи кандидатурата на ПЈРМ во рамките на стратегијата на Европската унија за Јадранско –јонскиот регион (EUSAIR) – пишува во соопштението од грчкото МНР.

Од грчкото МНР потсетуваат дека во иницијативата вклучени се Грција, Италија, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина, а соработка се реализира преку четири столба кои се однесуваат на „синиот раст“, односно растот во морските и поморските сектори, поврзувањето, односно транспорт и енергетика, животна средина и туризам.

Грчката поддршка за македонската кандидатура во Јадранско – јонската иницијатива, беше договорена и соопштена на средбата на Зоран Заев и Алексис Ципрас во Давос, како една од двете отстапки што ќе ги направи официјална Атина откако Македонија ги преименува аеродромот и автопатот.


Туристичките работници се соочуваат со нелојална конкуренција и сива економија


Скопје, 11 декември, 2017 - 15:45 (META) 

Здружението на угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија ќе поднесе иницијатива за изменување и дополнување на Законот за туристичка дејност и Законот за угостителска дејност, за да се намалат нелојалната конкуренција и сивата економија во овој сектор, но и да се подобри квалитетот на услугите.

Заменик-претседателот на Здружението, Славе Сирачевски информираше дека ќе се предложи обновување на лиценцата за работа по одреден период од две или три години, за да се обезбеди систем на самоконтрола на пазарот.

– Здружението иницира измена и на процесот на исплата на субвенциите, бидејќи постапката е сложена и обемна, со многу непотребни детали, поради што доаѓа до доцнење во исплата на субвенциите – изјави Асим Мемедовиќ, член на Здружението.

Измени и дополнувања, туристичките работници предлагаат и во делот на дефинирање на работата на туристичките водичи. Во угостителството, Здружението предлага да се направи категоризација на сите угостителски објекти за сместување.

– Тоа подразбира дека освен сегашната категоризација за хотели, мотели и пансиони, од исклучителна важност е да се категоризираат туристичките апартмани, планинарски и ловни домови. Најголемиот проблем во моментов е непостоењето категоризација на апартманите – посочуваат од Здружението.

Туристичките работници, нелојална конкуренција имаат и во продажбата на аранжмани преку онлајн-платформите.

Инаку, според податоците на Државниот завод за статистика, во првите девет месеци годинава, во однос лани, бројот на туристи е зголемен за 16,7 проценти, а бројот на ноќевањата е зголемен за 12,4 проценти.

Најмногу туристи има од Србија, Хрватска, Албанија, Косово, Германија, Бугарија, Полска и Грција. Согласно политиката на субвенционирање, од 2010 година заклучно со 2017 година ќе бидат исплатени 11,9 милиони евра.


Економската соработка со Црна Гора ќе се продлабочува во повеќе сектори


Скопје, 3 ноември, 2017 - 13:57 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, и министерот за економија, Крешник Бектеши, се сретнаа со министерката за економија на Црна Гора, Драгица Секулиќ, на маргините на економската конференција „Предизвици на патот кон ЕУ“, која завршува денеска во Будва,

На средбата се разговарало за начините за продлабочување на економските односи меѓу двете земји во сите области, меѓу кои и слободно движење на добра, услуги, луѓе и капитал, зголемување на бројот на туристи меѓу двете земји, зголемена соработка во енергетскиот, транспортниот и во земјоделскиот сектор.

Анѓушев истакнал дека е неопходно што поскоро воспоставување на директни авионски линии со Подгорица и со градовите во регионот, како и подобрување на патната инфраструктура, што ќе обезбеди побрз протек на стоки и засилена комуникација на деловниот сектор и на туристите.

Со тоа, како што истакнал вицепремиерот Анѓушев, ќе се отворат и нови економски перспективи, ќе се зајакне културната и соработката во областа на спортот, на образованието и сите други аспекти на секојдневниот живот на граѓаните.

Министерот Бектеши ја истакнал потребата договорот за соработка во областа на туризмот помеѓу двете земји, потпишан во 2009 година, да почне да се имплементира и економиите на двете земји да ги почувствуваат ефектите од туристичката соработка и во практиката.


Компанијата „Аркиа“ заинтересирана за воведување на авиолинија Скопје – Тел Авив


Скопје, 1 ноември, 2017 - 13:32 (META) 

Mинистерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, денеска се сретнал со претставници од авиокомпанијата „Аркиа“ од Израел. На средбата се разговарало за воспоставување на нова линија на релација Скопје -Тел Авив.

Министерот Сугарески ги презентирал можностите и условите што државата ги нуди за авиокомпании заинтересирани да оперираат од домашните аеродроми.

– Тие ги презентираа плановите за ширење на нивната мрежа и во Македонија со воспоставување нова линија. Доколку во наредниот период постигнеме договор, овие планови ќе ги реализираме. Да се надеваме дека тие позитивно ќе одлучат и ќе се воспостави директен лет од Скопје до Тел Авив – изјави Сугарески.

На средбата се разговарало и за придобивките што ќе ги имаат двете земји во однос на зголемување на туризмот, економските односи и на културните врски доколку се воспостави оваа авиолинија.


Зелен и современ Охрид бара „Охрид СОС“ од идниот градоначалник


Охрид, 12 октомври, 2017 - 11:04 (META) 

Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ до кандидатите за градоначалници се обрати со своја „Платформа за зелен и современ Охрид“.

Од иницијативата велат дека проектите што досега се предлагале биле за развој на масовен туризам кој е надминат, неодржлив, со краткотрајна и ограничена добивка и е сосема несоодветен за регионот.

„Охрид нема стратегија за развој на турзимот, ниту стратегија за управување со УНЕСКО-регионот. Заштитата на Охридското Езеро се раководи според Законот за трите езера од 1977 година и езерото веќе бележи знаци на неблагопријатни ефекти врз екосистемот. Студенчишко Блато десетици илјади години ја прочистува езерската вода, а сепак му се закануваше целосно бетонирање. Галичица е еден од само 20 прекугранични биосферни резервати на УНЕСКО во целиот свет, а со предлог-измените за управување со Националниот парк, повеќе од 604 хектари треба да го изгубат степенот на заштита, стотици хектари шума ќе бидат на удар, од кои 84 хектари само од ендемичниот македонски даб“, се вели во соопштението.

Од „Охрид СОС“ велат дека потребна е вистинска валоризација на брендот УНЕСКО, отворање на нови пазарни сегменти и следење на промените во побарувачката на глобално ниво, креирање туристички производ со поголема додадена вредност со таргетирање на општествено одговорни посетители.


Туристичките работници бараат законски измени за лиценцирање водичи


Скопје, 18 септември, 2017 - 14:51 (META) 

Здруженијата на угостителство и туризам и на туристичките водичи при Стопанската комора на Македонија бараат законски измени да се овозможи лиценцирање на туристичките водичи за поквалитетни услуги за туристите, како и за да се воведе републичка туристичка инспекција.

Лиценците треба да ги заменат сегашните легитимации кои туристичките водичи ги добиваат со полагање седум испити на кој било факултет за туризам во земјава. Новите лиценци би се обновувале на определен број години врз основа на проверка на знаење.

Според здруженијата, проблем е и дефицитот на водичи со познавање странски јазици за кои има потреба. Најголемиот дел од 380 активни водичи од вкупно регистрирани 760, зборуваат англиски, турски, француски, германски и италијански.

Холандски јазик знаат само двајца водачи, иако од Холандија има голем број туристи.

Од здруженијата, кои денеска потпишаа меморандум за соработка, реагираат и на тоа дека сегашната регулатива не предвидува директни санкции за странските туристички групи без водичи затоа што инспекторите немаат овластувања да ги казнат туку само да ја известат пазарната инспекција.


Локалитетите за спортско качување ќе се користат за привлекување туристи


Скопје, 15 септември, 2017 - 10:02 (META) 

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) во соработка со Македонската спортско-качувачка федерација ќе го промовира авантуристичкиот туризам во земјава преку спортското качување.

За подобрување на условите на качувачките локалитети кај Матка, Маврово и кај Кадина во близина на Скопје, поставени се добро оклинчени спортско-качувачки насоки и сидришта, обележани и лесно достапни за секого.

„Туристичките трендови се во прилог на Македонија и на регионот, а создавањето и одржувањето на локални продукти се квалитетен и автентичен начин да се промовира уникатното од земјите. Туристите кои практикуваат авантуристички туризам се почитувани патувачи и се многу повредни за лакалната економија. Важен е податокот дека 74 проценти од финансиските средства кои ги трошат остануваат кај локалното население, за разлика од другите туристите кои патуваат организирано“, изјави директорот на АППТ, Александар Донев.

Според претседателот на Македонска спортско-качувачка федерација, Владимир Трповски, спортските качувачки клубови имаат активни членови со професионални инструктори на вештачки и на природни карпи.


Бектеши го промовира туризмот во Кина, а со Рифаи разговарал за негово унапредување


Ченгду, 11 септември, 2017 - 12:27 (META) 

Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска ја почна официјалната посета на Кина, а воедно ја предводи и македонската делегација на 22. седница на Генералното собрание на Светската туристичка организација (UNWTO) што се одржува во градот Ченгду, Кина.

На конференцијата, на која присуствуваат министрите за туризам од целиот свет, ќе се разговара за развојот на светскиот туризам, новите трендови во туризмот, подобрувањето на туристичките услуги и за одржливиот туризам. Бектеши на самитот ја претставил стратегијата за туризам на нашата земја.

Тој се сретнал и со генералниот секретар на UNWTO, Талеб Рифаи, со кој договориле реализација нa одредени проекти.

„Меѓу проектите што Бектеши и Рифаи се согласија да ги реализираат се и поддршката на експерти за измени на законите за туризам и за угостителство, прописите за категоризација на угостителските објекти, поддршката за имплементација на системот за одзив на туристи ТСА (tourist satellite account), обуки за вработените во секторот туризам во седиштето на UNWTO во Мадрид, како и обука на студентите кои се запишани на универзитет за туризам“, се вели во соопштението од Министерството за економија.


Бектеши ги презентирал можностите за инвестирање на бизнис-форумот во Ерусалим


Ерусалим, 4 септември, 2017 - 15:33 (META) 

На бизнис-форумот во Ерусалим, министерот за економија Крешник Бектеши ги запознал бизнисмените со можностите што ги нуди Министерството за економија за странски директни инвестиции во различни области, како што се енергетиката, туризмот и слободните економски зони кои се извозно ориентирани.

Тој истакнал дека израелското искуство во деловното работење е од големо значење со оглед на деловната клима што ја има таа земја, како меѓународен фактор во производството, туризмот и особено во областа на иновациите.

Тој предложил воведување директна авиолинија Скопје – Тел Авив, како и потпишување договор во областа на туризмот.

Министерот за економија е во официјална посета на Израел, како дел од владината делегација предводена од премиерот Зоран Заев, која од 2 до 4 септември е во посета на таа земја на покана на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Дел од делегацијата се вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за земјоделство Љупчо Николовски.


Бектеши: Работниците со примања до 22.000 денари можат да користат бесплатен одмор


Скопје, 30 август, 2017 - 15:25 (META) 

„По предлог на Министерството за економија, Владата донесе мерка со која им нудиме на работниците со примања до 22.000 денари да искористат годишен одмор надвор од сезона во туристичките центри на Македонија, во вкупна вредност од 15.000 денари“, изјави денеска на прес-конференција во Владата, министерот за економија Крешник Бектеши.

Потврдите ќе ги издава Министерството за економија по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Александар Донев, ги повика менаџерите на хотелите и на мотелите да се пријават на јавниот повик што ќе биде објавен во дневните весници и на веб-страницата на Министерството за економија.

– Таму ќе може да ги најдат сите подетални информации за начинот на користење на средствата и за текот на реализација на програмата. Рокот за прием на апликациите за сместувачките туристички капацитети е до 5 септември годинава – истакна Донев.