!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Нападнати полицајци пред парламентот на Тунис


Тунис, 1 ноември, 2017 - 11:05 (META) 

Маж вооружен со нож ранил двајца полицајци во близина на парламентот во Тунис. Напаѓачот е уапсен.

Како што соопшти туниското министерство за внатрешни работи, станува збор за осомничен исламист кој од претходно ѝ е познат на полицијата по своите радикалните ставови.

Едниот од повредените полицајци е ранет во вратот и е префрлен во болница, а другиот добил полесни повреди.


Македонските ракометари со 34:30 го совладаа Тунис на СП во Франција


Мец, 12 јануари, 2017 - 21:21 (META) 

Македонската ракометна репрезентација вечерва во Мец го совлада тимот на Тунис со резултат 34:30 и со победа го почна настапот на Светското ракоментно првенство што се одржува во Франција.

Најефикасен стрелец на мечот беше капитенот на македонската репрезентација, Кире Лазаров, кој постигна 12 гола, а по седум запишаа Дејан Манасков и Стојанче Стоилов. Кај селекцијата на Тунис најефикасен беше Теџ Исам, со седум гола.

Првото полувреме репрезентацијата на Македонија го заврши со еден гол негатива (13:14), но второто го доби со пет гола разлика (21:16), за конечен резултат од 34:30.

Следниот натпревар македонската репрезентација го игра задутре против Ангола.


Во Тунис уапсен роднина на напаѓачот од Берлин


Тунис, 24 декември, 2016 - 15:20 (META) 

Министерството за внатрешни работи на Тунис соопшти дека се уапсени три лица осомничени дека му помогнале на Анис Амри да го изврши нападот на божиќниот базар во Берлин

Во нападот убиени беа 12 лица, а ранети повеќе од 50. Еден од уапсените осомничени е роднина на Амри.

Како што се наведува во соопштението на министерството, тројцата осомничени биле членови на терористичка мрежа која била поврзана со Анис Амри.

Исламска држава вчера објави снимка на која се гледа како Амри му се заколнува на верност на лидерот на ИД, Абу Бакир ал Багдади. На снимката се гледа како Амри стоејќи на мост во Берлин со слушалки на ушите на мобилен телефон се снима себе како ја изговара заклетвата на верност кон Багдади.

На снимката се слуша како Амри го најавува нападот и вели дека сака да умре како „маченик“.


Тунис: Парламентот му изгласа недоверба на премиерот Хабиб Есид


Тунис, 31 јули, 2016 - 11:30 (META) 

Тунискиот парламент синоќа со 118 гласа му изгласа недоверба на премиерот Хабиб Есид, кој пред 18 месеци стапи на функција.

Само тројца пратеници гласаа Есид да остане на функцијата, додека 27 беа воздржани.

Владата на Есид се најде на мета на критики поради тоа што не успеа да се справи со економската криза во државата, високата стапка на невработеност, како и поради серијата напади на радикални исламисти.
Притисокот врз Есид се зголеми откако претседателот Бежи Каид Есебси упати критики до владата и предложи формирање влада на национално единство.


Убиени седум милитанти на границата на Тунис со Либија


Тунис, 9 март, 2016 - 17:02 (META) 

Туниските сили за безбедност денеска убиле седум напаѓачи во немирите на границата со Либија, со што бројот на убиените милитанти во последните два дена порасна на 55.

Туниските власти соопштија дека потрагата по милитантите на Исламска држава продолжува по најновите напади на безбедносните сили, извршени во текот на ноќта меѓу понеделник и вторник.

Во акцијата на туниските сили се ангажирани хеликоптери за да се откријат вооружените милитанти што се кријат надвор од местото Бен Гуердан, во ненаселените куќи на регионот.

Ниту една група не ја презеде одговорноста за нападот во тој регион.

Тунискиот премиер Хабиб Есид за нападот ја обвини ИД и предупреди дека напаѓачите се обидуваат да преземат контрола врз воената база во Бен Гуердан.


Тунис ја затвори границата со Либија, во терористички напад загинаа 53 лица


Тунис, 7 март, 2016 - 21:07 (META) 

Најмалку 53 лица загинаа во конфликт на туниските сили и на екстремистите во близина на границата со Либија, соопшти владата на Тунис.

Вооружени мажи во зора извеле напад на градот Бен Гердан, а борбата продолжила и во текот на вечерта.

Во нападот загинале 35 терористи, седум цивили и 11 припадници на безбедносните сили, се наведува во соопштението на владата на Тунис.

Тунис ја затвори границата со Либија, а министрите за внатрешни работи и за одбрана отидоа во Бен Гердан да ја надгледуваат операцијата, се неведува во заедничкото соопштение на двете туниски министерства.

Владата на Тунис сè уште не ги идентификуваше напаѓачите, а засега ни една група не презема одговорност за нападот, меѓутоа две веб-страници блиски на терористичката организација Исламска држава, наведуваат дека екстремистите на таа група учествувале во борбата.

Претседателот на Тунис, Бежи Каид Есеби, изјави дека по нападот неговата земја ќе води војна против варварите.

– Ова е напад без преседан, кој е планиран и организиран. Неговата цел веројатно била да се преземе контрола над оваа област и да се прогласи за нов емират. Поголемиот дел од Тунис сега се наоѓа во состојба на војна против варварите – изјави Есеби.


Полицијата во Тунис убила 21 лице


Тунис, 7 март, 2016 - 12:54 (META) 

Министерството за внатрешни работи на Тунис соопшти дека се убиени 21 милитант во судирите на туниските сили и на исламистичките милитанти во близина на границата со Либија. Судирите доаѓаат во период на зголемена загриженост на туниските власти дека насилниот екстремизам во Либија би можел да го дестабилизира регионот.

Во судирите настрадало и 12-годишно девојче, соопшти претставник на локалната болница.

Властите соопштија дека напаѓачите во зора ја нападнале полициската станица и воените објекти во пограничниот град Бен Гирдан на истокот на Тунис, соопшти портпаролот на туниското МВР, Јасер Мосбах.

Војската го спречила нападот на касарната во градот и убила најмалку 10 напаѓачи, соопшти портпаролот на Министерството за одбрана, Рашид Бухула, додавајќи дека уапсен е еден напаѓач, кој бил ранет.

Туниските власти минатата недела во истата област убија пет тешко вооружени лица, кои во земјата влегле од Либија за да изведат терористички напади, рече премиерот Хабиб Есид.


Тунис ја затвора границата со Либија


Тунис, 25 ноември, 2015 - 20:54 (META) 

Тунис денеска објави дека во наредните 15 дена границата со Либија ќе биде затворена.

Причината за ова е самоубиствениот напад што се случи во вторникот, во кој загинаа 12 лица од претседателската гарда, во центарот на главниот град Тунис. Одговорноста за нападот ја презеде ИД.

Одлуката на Советот за национална безбедност на Тунис стапува на сила на полноќ.

Донесено е решение и да се засилат операциите за блокирање интернет-страници кои се поврзани со тероризам. Ќе бидат преземени и итни мерки за лицата кои се враќаат од зони на конфликти.


Квртетот за дијалог во Тунис ја доби Нобеловата награда за мир


Осло, 9 октомври, 2015 - 11:55 (META) 

Нобеловата награда за мир е доделана на Националниот квартет за дијалог во Тунис, за придонес во револуцијата во таа земја во 2011 година и во градењето на демократијата.

Револуцијата што ја покрена Арапската пролет, позната и како „јасмин-револуција“, настана врз основа на договорот на четирите организации – Лига за човекови права, Редот на адвокатите, Здружението на работниците и Обединетите синдикати.

Квартетот доби Нобелова награда за „одлучниот придонес во изградбата на плуралистичката демократија во Тунис, по јасмин-револуцијата во 2011 година.


Во Тунис убиен џихадист


Тунис, 24 јули, 2015 - 15:05 (META) 

Еден џихадист е убиен, а 16 осомничени терористи се уапсени во акција на безбедносните сили во регионот Бизерте, при што се конфискувани оружје, експлозиви и муниција, соопшти денеска министерството за внатрешни работи на Тунис.

Безбедносните сили вчера утрото ја почнале акцијата против терористите во градот Сежнан, кој се наоѓа во регионот Бизерте.