Земјотрес во Хондурас со јачина од 7,6 степени


Тегусигалпа, 10 јануари, 2018 - 10:22 (META) 

Силен земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтерова скала погоди остров кој припаѓа на Хондурас, а потресот се почувствувал низ цела Централна Америка.

Властите издале предупредување за можност од појава на цунами.

Иако епицентарот на земјотресот бил оддалечен 519 километри од главниот град на Хондурас, Тегусигалпа, од силната на земјотресот се треселе прозорите.

За сега нема пријава дека е причинета некаква материјална штета.

Пацифичкиот центар за предупредување за цунами издаде соопштение дека можното формирање на цунами се однесува и на Пуерто Рико и на Девствените острови.


Се зголемува бројот на повредени во земјотресот што ги погоди Грција и Турција


Анкара, 21 јули, 2017 - 11:53 (META) 

Бројот на повредени лица во земјотресот што ги погоди грчките и турските туристички места се зголеми на 180, а двајцата загинати на Кос се туристи, еден Швеѓанец и еден Турчин.

Официјална Анкара ја потврди смртта на турскиот државјанин и додаде дека уште еден турски државјанин е потешко повреден и префрлен во болница во Атина.

Евакуиран е и еден тракт на кој се наоѓале 200 турски државјани, кои од Кос пловеле кон Бодрум.

Турската сеизмичка опсерваторија „Кандили“ при Универзитетот „Богазичи“ во Истанбул соопшти дека земјотресот, кој бил на длабочина од 10 километри, предизвикал цунами со висина од десет метри.

Турската телевизија НТВ јавува дека цунамито кај Бодрум ги поплавило патиштата.


Силен земјотрес ги погоди Грција и Турција, двајца загинати и 170 повредени


Атина, 21 јули, 2017 - 9:51 (META) 

Најмалку две лица загинаа, а 170 се повредени во земјотресот со јачина од 6,7 степени според Рихтеровата скала, што утринава беше регистриран во Егејското Море, во близина на грчките и на турските туристички места. Хеликоптери ги превезуваат повредените во околните болници.

На грчкиот остров Кос, како што јавуваат локалните власти, две лица загинале, а 100 се повредени во земјотресот, кој предизвикал и помало цунами.

Во турското летувалиште Бодрум, околу 70 лица се повредени и се хоспитализирани.

Грчките власти испратиле хеликоптери за да ги префрлат повредените на поголемиот грчки остров Родос, за да им биде пружена лекарска помош. Според информациите на грчката крајбрежна служба, земјотресот предизвикал штета и во пристаништето на островот Кос.

На сликите на социјалните мрежи се гледаат оштетени објекти и поплави, кои ги предизвикало малото цунами.

Во Турција, властите го предупредиле населението дека се очекуваат повратни потреси и дека земјотресот не причинил материјална штета.

Европската агенција за земјотреси (ЕМСЦ) соопшти дека би можело да дојде до појава на помало цунами, но турските телевизии, повикувајќи се на турски експерти, јавија дека можна е појава само на поголеми бранови.


Силен земјотрес регистриран кај Папуа Нова Гвинеја


Порт Морсби, 22 јануари, 2017 - 13:41 (META) 

Земјотрес со јачина од 7,9 степени според Рихтеровата скала, денеска ја погодил Папуа Нова Гвинеја, соопшти американскиот геолошки институт, јавуваат светските агенции.

Потресот се случил на 40 километри западно градот Пангуна, на островот Бугенвил, во Папуа Нова Гвинеја, на длабочина од 153 километри, соопштил американскиот институт. Оттаму проценуваат дека е можно земјотресот да предизвикал умерена штета на осторовот Бугенвил.

Центарот за тревога од цунами на Пацификот првично издал предупредување дека се можни опасни бранови во некои од крајбрежните делови на Папуа Нова Гвинеја и на соседните Соломонски Острови, но подоцна предупредувањето било повлечено.

Земјотрес со иста јачина ја погоди Папуа Нова Гвинеја кон средината на декември минатата година, но не беше предизвикана никаква штета.

Архипелагот Папуа Нова Гвинеја се наоѓа во јузопадниот дел на Тихиот Океан, и во т.н. пацифички Огнен прстен, територија подложна на силна сеизмичка активност.


Силен земјотрес го погоди Чиле, издадено предупредување за цунами


Сантијаго, 25 декември, 2016 - 17:19 (META) 

Земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтерова скала го погоди јужниот дел на Чиле, а властите издадоа предупредување за цунами.

Предупредувањето важи за зоната што се наоѓа околу илјада километри од епицентарот на потресот, кој се случил на 225 километри југозападно од местото Пуерто Монт.

Пацифичкиот центар предупреди дека се можни опасни бранови на крајбрежјето, кое се наоѓа на 1.000 километри од епицентарот.

Чиле се наоѓаа во огнениот појас на Пацификот, каде има засилена сеизмичка активност.


Нов силен земјотрес во Јапонија, можна е појава на цунами


Токио, 24 ноември, 2016 - 10:19 (META) 

Земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтеорвата скала денеска го погоди североисточниот дел на Јапонија.

Епицентарот на земјотресот бил на 20 километри источно од префектурата Фукушима.

Јапонските власти објавија тревога за цунами, но јапонските метеоролози смируваат дека брановите нема да достигнат голема висина и оти тешко веројатно е дека ќе предизвикаат некаква штета.

Земјотресот се случил во истото подрачје каде пред два дена беше регистриран потресот од 7,3 степени според Рихтеровата скала.


Се зголеми бројот на повредени лица во земјотресот во Јапонија


Токио, 22 ноември, 2016 - 12:51 (META) 

Според последниот биланс по силниот земјотрес што синоќа ја погоди јапонската префектура Фукушима, 14 лица се повредени, а најмалку тројца од нив имаат потешки повреди, јавуваат светските медиуми.

Епицентарот на земјотресот, кој беше со интензитет од 7,4 степени, бил во морето, на длабочина од 25 километри, соопшти Јапонската метеоролошка служба.

Од потресот се појавија и цунами-бранови, кои достигнаа височина до еден метар.


Цунами по земјотресот во Јапонија


Токио, 22 ноември, 2016 - 9:49 (META) 

Најмалку шест лица се повредени, а илјадници се евакуирани во повисоките делови на островот откако јапонските власти издадоа предупредување за цунами по земјотресот со јачина од 7,4 степени и серијата повратни потреси во префектурата Фукушима.

Епицентарот на земјотресот бил во морето, на 67 километри североисточно од градот Иваки, кој се наоѓа во крајбрежниот регион Хамадори.

Како што јавува Јапонската метеоролошка агенција (ЈМА), земјотресот се случил на длабочина од 25 километри, а по него следувале уште седум повратни потреси. Од силните потреси во морскиот предел се регистрирани цунами, кои првично се предвидуваше дека може да достигнат височина и до три метри.

Првите цунами-бранови што удрија во брегот на Јапонија беа со височина од 65 сантиметри, а подоцна успеаја да достигнат височина и до еден метар.

Во меѓувреме, јапонските власти соопштија дека опасноста од нови и поголеми цунами-бранови е намалена.

Системот за ладење на третиот реактор во нуклеарната електрана „Фукушима“ престанал да ја циркулира водата веднаш по силниот земјотрес. Како што соопштија од управата на централата, причината за настанатиот проблем била дефект на пумпата, која веројатно откажала од потресот. Сепак, проблемот со ладењето е решен во рок од 90 минути, поради што не се предизвикани никакви штети на работењето на нуклеарната електрана.


Земјотрес од 7,3 степени и цунами ја погодија Јапонија


Токио, 21 ноември, 2016 - 23:28 (META) 

Земјотрес со јачина од 7,3 степени според Рихтеровата скала ја погоди Јапонија, а првите цунами-бранови, со височина од 60 сантиметри, веќе удриле во брегот на Јапонија. Постои опасност за нови и поголеми бранови, па властите издадоа предупредување од цунами, јавуваат светските медиуми.

Епицентарот на земјотресот бил во перфектурата Фукушима, на 67 километри од градот Иваки, а издадено е предупредување за цунами-бранови кои би можеле да достигнат височина и до три метри.

Во предупредувањето се наведува дека земјотресот бил во морето и оти поради тоа е можна појава на цунами. Во прогласот се наведува дека локални бранови можат да настанат поради потрес со јачина од 6,8 степени, а големи, регионални и океански – при потрес со сила што надминува 8 степени според Рихтеровата скала.

Метеоролошкиот центар на Јапонија соопшти дека налетот на цунами е можен во секој момент.

Епицентарот бил во морето, во близина на островот Хоншу, на околу стотина километри од нуклеарната електрана „Фукушима“, која е тешко оштетена од земјотресот и од цунами што пред неколку години го погодија островот.

Телевизијата НХК ги повика граѓаните да го напуштат крајбрежниот дел бидејќи се очекуваат бранови високи до три метри.

Бранот цунами кој уништи голем дел од Јапонија во 2011 година беше висок 39 метри.


Земјотрес во Нов Зеланд, нема штети и цунами


Велингтон, 15 ноември, 2016 - 9:33 (META) 

Земјотрес со јачина од 5,4 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди Нов Зеланд, но нема извештаи за предизвикана штета или цунами.

Геолошкиот институт на САД соопшти дека епицентарот бил на 45 километри југоисточно од градот Бленхајм, на длабочина од 10 километри.

Спасувачките служби на Нов Зеланд, со помош на брод и на хеликоптер, и денеска ќе продолжат со евакуацијата на илјадници туристи кои од неделата се блокирани откако земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала ја погоди островската земја, при што загинаа две лица, а причинета е голема штета.

Бродот на новозеландската морнарица исплови од Окленд и би требало да стигне во Каикоура, регион на Јужниот Остров за да се евакуираат 500 туристи.

Големите одрони, кои ги предизвика потресот, ги пресекоа патиштата и пругите до градот Каикоура, каде се заглавени меѓу 600 и 1.000 туристи, претежно странци, кои дошле да ги набљудуваат китовите.
Во евакуацијата ќе учествуваат и четири воени хеликоптери, авион „херкулес ц-103“, кој од воздух ќе испушта помош во градот, како и педесетина цивилни хеликоптери.