!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Турски товарен брод исчезна во Црно Море


Истанбул, 1 ноември, 2017 - 10:00 (META) 

Товарен брод со десетчлен екипаж исчезна на Црно Море од радарите во близина на азиската страна на Истанбул.

Турските власти почнаа потрага по бродот, со кој крајбрежната стража не може да воспостави комуникација.

Претставник на крајбрежна стража соопшти дека властите ги проверуваат наводите дека бродот исчезнал кај брегот на Сила.


Товарен брод се преполови во Црното Море


Истанбул, 27 август, 2017 - 17:10 (META) 

Монголски товарен брод се распукал на два дела во Црно Море, кај северозападот брег на Турција, јавуваат светските медиуми, додавајќи дека бродската посада е спасена.

Бродот, кој превезувал товар во цврста состојба и е долг 114 метри, почнал да пука кај брегот на Килиос, во истанбулскиот регион.

Половина од бродот успешно е одвлечкан до брегот, додека остатокот од пловниот објект постепено тоне во морето.

Турските медиуми јавуваат дека бродот, кој е изграден во 1975 година, пловел кон истанбулското бродоградилиште „Тузла“, каде требало да биде реконструиран.


Романија: Пресретнат брод со мигранти во Црното море


Букурешт, 13 август, 2017 - 15:36 (META) 

Романската крајбрежна стража во Црното море пресретнала брод со 69 мигранти со потекло од Ирак, пренесува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

Крајбрежната стража го забележала бродот, кој пловел под турско знаме, на околу 16 километри од пристаништето Мангалија, кое се наоѓа во југоисточниот дел на Романија, во близина на границата со Бугарија.

Во бродот, кој бил испратен до брегот, имало 30 мажи, 10 жени и 29 деца. Со бродот управувале Бугарин и лице од Кипар.

Од романската полиција соопштиле дека во тек е истрага.


На романскиот брег на Црно Море починале 119 делфини


Букурешт, 4 август, 2017 - 13:37 (META) 

Романската група за заштита на животната средина „Маре нострум“ соопшти дека 119 делфини годинава загинале долж романскиот брег на Црно Море, како последица на вплеткување во рибарските мрежи.

Во соопштението на невладината организација се наведува дека ова е најлошата година по 2012 година, кога 177 делфини починаа како последица на рибарските мрежи. Еден од трите видови делфини во Црно Море се смета за згрозен.
Активистите на „Маре нострум“ ги повикаа граѓаните да „посвојат делфини“.

Групата соопшти дека ги алармирала властите дека и понатаму се користат забранети техники на риболов, кои доведуваат и до смрт на делфините.

Во Романија е забрането да се убиваат делфини, особено зашто во водите на Црно Море живеат само неколку илјади од овие цицачи, чиј број пред 50 години бил 300.000.


ОМВ и „Газпром“ го оживуваат проектот „Јужен тек“


Виена, 14 јуни, 2017 - 10:59 (META) 

Австриската нафтена компанија ОМВ и руски „Газпром“ го оживуваат проектот за гасоводот „Јужен тек“, кој заобиколувајќи ја Украина треба да го донесе гасот од Русија до Виена, пишува австриски „Стандард“.

Како што појаснува австрискиот медиум, станува збор за гасовод кој преку Црно Море треба да стигне не само до Југоисточна Европа, туку и до Централна Европа.

Пред десетина дена, австрискиот канцелар Кристијан Керн разговарал со рускиот претседател Владимир Путин по повод учеството на Меѓународниот економски форум, но медиумите пишуваат дека информациите за гасоводот, барем засега, се кријат од јавноста.

Според аналитичарите, реализацијата на проектот нема само економска заднина, туку би имала и геополитички импликации.


Товарен брод потона во Црно Море


Москва, 19 април, 2017 - 13:56 (META) 

Товарен брод со 12-член екипаж од Русија, Украина и од Грузија денеска потона во Црното Море, соопшти руското Министерство за вонредни ситуации.

Спасувачите пронашле едно лице, а уште четири се локализирани и се подготвуваат за нивно префрлување на спасувачки брод, соопшти висок претставник на министерството на Крим, Владимир Иванов, кој не наведе што се случило со другите членови на екипажот.

На бродот „Герои арсенал“ се наоѓале двајца Руси, девет Украинци и еден граѓанин на Грузија.

Како што јавува новинската агенција ТАСС, бродот пратил сигнал за помош во 3.30 часот по московско време (4.30 по централноевропско време) и потонал на околу 30 километри од ’ртот Зелен Рог.

Портпаролот на Сојузната морнарица соопшти дека бродот кој пренесувал житарки, бил сопственост на турска компанија, регистрирана на Маршалските Острови, а пловел под знамето на Панама.


Извлечено телото на пилотот на рускиот авион кој се урна во Црно Море


Сочи, 26 декември, 2016 - 19:21 (META) 

Нуркачите го извлекоа на површина телото на Роман Волков, пилотот на авионот „ту-154“, кој вчера падна во Црно Море две минути по полетувањето, при што загинаа 92 лица.

Според извори од местото на акцијата, нуркачите што учествувале во операцијата за извлекување на телата на жртвите и на деловите на авионот, пронашле уште едно тело, а кога го извлекле на површина, врз основа на униформата заклучиле дека се работи за Волков.

Истиот извор наведува дека претходно на површина извлечени биле уште 70 посмртни остатоци на жртвите на несреќата.

Во Москва утринава пристигна првиот авион со телата на загинатите и почна процесот на нивна идентификација.


Телата на жртвите од падот на рускиот авион ги бараат 27 бродови


Сочи, 25 декември, 2016 - 14:35 (META) 

Руското министерство за одбрана соопшти дека 27 бродови и чамци, како и повеќе од 3.000 луѓе и 100 нуркачи ги бараат телата на жртвите од авионската несреќа која се случи во близина на Сочи.

„Вкупно 27 бродови и чамци, 37 возачи, четири хеликоптери и дронови, како и подморница ја пребаруваат областа во која се урна рускиот воен авион“, се наведува во соопштението.

Авионот на руското министерство за одбрана „ту-154“ се урна во Црно Море во близина на Сочи, непосредно по полетувањето за Сирија, при што загинаа 93 лица.

Сè уште се истражуваат причините за несреќата.


Во падот на рускиот авион загинаа хористите од „Ансамбл Александров“


Сочи, 25 декември, 2016 - 10:46 (META) 

Руското министерство за одбрана ја објави листата на патници на авионот „ту-154“ кој со 92 патници и членови на екипажот се урна во Црното Море откако од Сочи полета кон Сирија.

Во леталото имало 64 членови на официјалниот воен хор на руските вооружени сили „Ансамбл Александров“, кој требало во руската воена база Хмеимин да учествува во прославата за Нова година. Во авионот се наоѓала и извршната директорка на хуманитарниот фонд „Праведна помош“, Јелисавета Глинка.

Воените истражувачи на истражувачкиот комитет на Русија отворија кривична истрага, а портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, истакна дека претседателот на Русија, Владимир Путин, ги добил информациите за падот на авионот и дека е навремено брифиран за ситуацијата.

– Прерано е што било да се каже, претседателот чека сликата да биде целосна – рече Песков, кој додаде дека рускиот министер за одбрана, Серфеј Шојгу, е на постојана телефонска врска со Путин.

Засега е пронајдено тело на една од жртвите, како и документи на новинар од рускиот „Канал 1“.

Портпаролот на руското министерство за одбрана, Игор Конашенков, изјави дека во авионот имало осум членови на екипажот и 84 патници. Освен музичарите, помеѓу патниците имало војници и новинари.

Руската воена телевизија „Звезда“ соопшти дека помеѓу новинарите имало тројца нивни колеги, а дека тројца од новинарите се од „Канал 1“.


Руски воен авион со 92 патника падна во Црно Море


Сочи, 25 декември, 2016 - 9:35 (META) 

Руски воен авион со 92 патника и членови на екипажот се урна на пат од Сочи кон Сирија, пренесуваат руските медиуми.

Истражниот комитет на Русија веднаш отвори кривична истрага за трагедијата, а портпаролката Светлана Петренко вели дека нема информација за бројот на загинатите или преживеаните.

Таа наведе дека кривична истрага е отворено поради „кршење на правилата на летачката безбедност или подготовката за нив“. Наведено е дека запленети се документи и се испрашуваат лицата кои го подготвувале авионот за лет.

Авионот исчезнал од радарот околу 5 часот и 40 минути по московско време, кратко по полетувањето од Сочи.

Дел од руските медиуми наведуваат дека спасувачките екипи ги лоцирале остатоците од леталото на околу 1,5 километар од брегот, на длабочина од 50 до 70 метри.

Најголемиот дел од патниците биле музичари на рускиот воен хор кои тргнале во руската база Хмеимин каде требало да учествуваат во прославата за Нова година. Со нив биле и девет претставници на медиумите, шест војници и осум членови на екипажот.