Има одлука од Патријаршијата за црквата на северниот сосед, вели грчката влада


Атина, 31 мај, 2018 - 9:44 (META) 

Нова демократија не треба да брза. До овој момент не постои никаков договор, велат од кабинетот на грчкиот премиер во одговор на прашањата од опозициската партија, пренесува МИА.

Од таму додаваат дека единствено што за сега постои е одлуката од Вселенската патријаршија во однос на името на македонската црква.

– Единствено што постои до овој момент е одлуката на Светиот синод на Вселенската Патријаршија да се спроведе потребното за да се задоволи барањето на премиерот на ПЈРМ за бришење на терминот „Македонија“ од името на црквата на нашите северни соседи – пишува во соопштението.

Во одговорот до Нова демократија кабинетот на Ципрас ги повторува позициите на грчката Влада во преговорите за името.

– Предуслов за решение и интеграција на ПЈРМ во НАТО и ЕУ е договор за сложено име со географска или временска одредница, што ќе важи за сите, нешто за што предуслов е и уставна ревизија –  соопштуваат од кабинетот на грчкиот премиер.

Од таму, и порачале на опозициската партија дека набргу, доколку постои договор, ќе сфати дека ќе треба долго време да бара некаков аргумент за да не го поддржи договорот.

Повикувајќи се на вчерашните изјави на македонскиот премиер Зоран Заев на прес-конференцијата, Нова демократија побара од грчката Влада да одговори дали Ципрас веќе прифатил признавање на македонски јазик и македонски идентитет, дали се повлекол од националната позиција за ерга-омнес име и дали веќе се обврзал да дозволи интеграција на Македонија во НАТО, „без да бидат отстранети од Уставот сите неприфатливи иредентистички наводи“.


Јавноста исклучена, во судница се слушаат прислушувани разговори за „Поткуп“


Скопје, 12 април, 2018 - 13:10 (META) 

На судењето на случајот „Поткуп“, во кој обвинет е премиерот Зоран Заев, во судницата се слушаат прислушувани разговори кои со употреба на посебни истражни мерки биле обезбедени во истрагата за овој случај, објави „Фокус“.

Поради тајноста на овие докази, а на кои се слуша гласот на Заев, јавноста беше исклучена од рочиштето.

Засега е непознато и дали во судница јавно ќе биде презентирана снимката на која Заев и бизнисменот Сачавалиев зборуваат за донација за изградба на црква.

Заев и неговите адвокати побараа оваа снимка да биде презентирана јавно, бидејќи, според нив, снимката која беше објавена на „Јутјуб“, а со која се создаде впечаток дека Заев барал поткуп, е нецелосна.

Обвинителката во случајот, пак се спротивстави на ваквото барање и поднесе жалба до Апелација, која што треба да одлучи дали новинарите ќе можат да го видат овој доказ.

Адвокатите на Заев на денешното рочиште побараа исказот на сведокот Иван Николов да не се прифати како доказ во судската постапка против премиерот Зоран Заев, бидејќи, како што велат, тој бил агент – провокатор, односно бил инструиран да бара поткуп.

По ова барање, судскиот совет рече дека дополнително ќе се изјасни. Потоа обвинителката Валентина Бислимовска ги изведуваше писмените докази.


Г.г Стефан: Не бараме ништо повеќе од она што го заслужува нашиот православен народ


Скопје, 5 април, 2018 - 9:59 (META) 

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан и Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА во посланието по повод претстојниот празник Воскресение Христово – Велигден истакнуваат дека животот на сите вистински следбеници на Христа е исполнет со искушенија, со духовни падови и подеми – со крст, но и со воскресение.

„Нашиот народ и нашата Охридска и Македонска црква се сведоци за тоа низ сета своја историја. За жал, еве и по 60 години, црковно оправданата постапка на македонскиот православен народ е дочекана со неодобрување, преку селективното и пристрасно разбирање на каноните, кои се толкуваат и применуваат по нечија дневна потреба – се вели во посланието.

Во него се вели дека Црквата и народот не губат надеж и веруваат дека ќе ни се врати местото во сеправославното семејство.

„Затоа, трпеливо молиме, бараме и чукаме на портите од срцата и совеста на нашите православни браќа. А што бараме? Бараме да нè препознаат дека сме тоа што сме биле, чеда на своја вековна Црква, во која исповедаме и живееме „според верата на апостолите и на отците, верата православна – верата што ја утврди вселената“. Не бараме ништо повеќе од тоа што го имал, од тоа што го заслужува, и што му припаѓа на нашиот православен народ. Зашто, со нашата полна црковна самостојност, ќе се збогати и ќе се умножи Црквата Христова. Со тоа и православните браќа и Помесните цркви ќе ја избегнат можноста да паднат во негативните расположби и постапки на своето историско минато“ стои во посланието.


Петрова-Митевска: Манастирот Св. Андреја во Матка е ќе биде трајно заштитено културно добро


Скопје, 4 април, 2018 - 14:39 (META) 

На 62. седница, владата ја одобри предлог-одлуката за прогласување на манастирот Св. Андреја на Матка, (изграден во 1388 – 1389 година), за културно наследство од „особено значење“, во поткатегоријата „големо значење“.

„Со ова се овозможува трајно зачувување на манастирот во изворната состојба, создавање на поволни услови за опстанок на манастирот, задржување на интегритетот и на сите податоци кои ги носи во себе како сведоштво“, се вели во заклучокот на Влада.

Директорката на Управата за заштита на културното наследство, Елеонора Петрова-Митевска за „Мета“ вели дека со ова прогласување на манастирот за културно наследство од особено значење, во поткатегоријата големо значење, се обезбедува воспоставување на трајно заштитено добро, при што, институциите и публиката ќе имаат поголем увид во значењето како споменик на културата.

– Иако е мала црква, претставува значајна градба и како архитектонско решение и поради фрескоживописот што го имаат внатре. Затоа заслужуваше да се најде на листата на заштитено културно наследство. Црквата до сега ретко беше отворена, но од сега, публиката ќе има можност одблиску да се запознае со целиот објект – вели Петрова-Митевска.

Таа додава дека барањето од Управата за заштита на културното наследство било поднесено во 2016 година, а лани била спроведена процедурата за негово прогласување.


Анкета: 42,6 отсто не ја оправдуваат одлуката на МПЦ-ОА да побара од БПЦ да и биде мајка-црква


Скопје, 13 март, 2018 - 13:02 (META) 

Двете најголеми верски заедници МПЦ-ОА и ИВЗ имаат големо влијание врз политиката, покажува истражувањето „Религија-Политика-Општество: Влијанието на Религијата во Политиката и Општеството” на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во соработка со Институтот за Политички истражувања-Скопје и молитвеникот за информации Религија.мк.

Поголемиот дел од анкетираните – 42,6 отсто не ја оправдуваат одлуката на МПЦ-ОА да побара од БПЦ да и биде мајка-црква, додека овој потег на МПЦ го поддржуваат 35,4 отсто од граѓаните.

Високи 89,1 отсто од граѓаните сметаат дека МПЦ-ОА не треба да отстапи од барањето за автокефален статус, а 42,1 процент сметаат дека Српската православна црква (СПЦ) треба да биде првата црква која ќе го признае автокефалниот статус на МПЦ-ОА наспроти 18,6 отсто кои сметаат дека тоа треба да биде бугарската.

На прашањето, дали има и колкаво е влијанието на МПЦ-ОА врз политиката 33 отсто од испитаниците одговориле дека МПЦ-ОА има големо влијание, 32,2 отсто сметаат дека има мало влијание, а дека нема влијание сметаат 26.6 отсто од анкетираните.

Дека ИВЗ има големо влијание врз политиката сметаат 46,2 отсто од граѓаните, 20,3 отсто сметаат дека има мало влијание, а дека нема влијание мислат 21,3 отсто од испитаниците.

Мислењата се поделени на прашањето, дали верски претставници треба да присуствуваат на камен-темелник или отворање на државни објекти, па така резултатите покажуваат дека 47 отсто од граѓаните сметаат дека не треба, а 42,6 отсто сметаат дека треба.

Повеќе од половина од испитаниците – 52,6 отсто сметаат дека црквите и верските заедници треба да бидат повеќе активни во социјалниот живот во општеството, а 27,5 проценти сметаат дека треба да бидат помалку активни.

На прашањето дали покрај државата и верските заедници би требало да отвораат домови за деца без родители или болници за социјално загрозени 81,2 отсто од анкетираните одговориле потврдно а само 10,8 отсто дека не се согласуваат.

Високи 75,9 отсто од граѓаните сметаат дека во Македонија во моментов има доволно верски објекти.

Анкетата била спроведена на национално ниво во текот на месец јануари оваа година на 1.107 испитаници.


Православните христијани денеска го слават Божиќ


Скопје, 7 јануари, 2018 - 10:30 (META) 

Православните христијани во Македонија денеска го слават Рождеството Христово-Божиќ. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат божиќни литургии, a централното одбележување е во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, каде што архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи литургија на Св.Василиј Велики.

Во неговата порака која што ја упати по пово Божик, тој рече дека „новородениот Богомладенец постојано не повикува преку верата и добрите дела да се спасуваме од суетите и минливоста, не повикува да не ги заборавиме оние коишто страдаат и имаат потреба од помош, од подадена рака и утеха.“

„Претстојното лето Господово нека биде исполнето со надеж дека и во Македонија, и помеѓу иселените нашинци и насекаде по светот ќе завладеат мирот и добрата волја. Ние како народ – тоа најдобро ќе го постигнеме ако живееме според верата и преданието на светата Црква. Треба да опстоиме во борбата за нашето право, достоинство и наследство, мудро чувајќи ја и вреднувајќи ја жртвата на нашите доблесни предци“, се вели во пораката на г.г Стефан.


Г.г Стефан: Овде и меѓу иселениците нека завладеат мирот и добрата волја


Скопје, 5 јануари, 2018 - 10:12 (META) 

Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан испрати божикна порака по повод претстојниот празник Рождество Христово – Божик.

„Претстојното лето Господово нека биде исполнето со надеж дека и во Македонија, и помеѓу иселените нашинци и насекаде по светот ќе завладеат мирот и добрата волја. Ние како народ – тоа најдобро ќе го постигнеме ако живееме според верата и преданието на светата Црква. Треба да опстоиме во борбата за нашето право, достоинство и наследство, мудро чувајќи ја и вреднувајќи ја жртвата на нашите доблесни предци“, се вели во пораката на г.г Стефан.

Во неа исто така се додава дека „новородениот Богомладенец постојано не повикува преку верата и добрите дела да се спасуваме од суетите и минливоста, не повикува да не ги заборавиме оние коишто страдаат и имаат потреба од помош, од подадена рака и утеха.“


Потребно ни е помирување и толеранција, порача Мицкоски од црква во Струмица


Струмица, 24 декември, 2017 - 14:22 (META) 

Новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска беше во посета на црквата свети Петнаесет Тивериополски маченици во Струмица и порача дека на граѓаните им треба помирување.

-Луѓето во текот на нивниот животен пат носат многу одлуки, дел од тие одлуки некогаш знаат да бидат и погрешни, најголемиот дел се исправни. Како луѓе и како христијани треба да научиме на простување да посочуваме на грешките и истите да ги разбираме, а оние кои што грешат треба да научат да извлечат поука од грешките и истите да не ги повторуваат. Како народ и како граѓани на оваа држава ни е потребно помирување, толеранција и разбирање за сите останати – вели Мицкоски.

Тој рече дека одлучил мандатот како претседател на ВМРО-ДПМНЕ да го започне во црква и да побара спокој за себе и сите граѓани.


МПЦ: Решението на БПЦ дава надеж за конечно решение на нашата автокефалност


Скопје, 27 ноември, 2017 - 13:49 (META) 

Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) изрази благодарност до бугарскиот патријарх Неофит и до членовите на Светиот архиерејски синод на Бугарската православна црква, кои денеска донесоа решение за да прифатат да бидат мајка црква на МПЦ.

„Донесеното решение на САС на БПЦ дава надеж за конечно решавање на статусот на легитимната автокефалност на Македонската православна црква во семејството на помесните православни цркви. Очекуваме, и во иднина, Бугарската православна црква на МПЦ-ОА да ѝ биде постојан сотрудник во остварувањето на потребната богоугодна цел“, се вели во соопштението од МПЦ-ОА.

Од МПЦ-ОА посочуваат дека двете цркви имаат одговорност пред своите едноверни, благочестиви и православни народи кои споделуваат мноштво заеднички христијански вредности низ вековниот опстој.

Светиот синод на Бугарската православна црква на денешната седница одлучи да се ангажира и да ја застапува МПЦ пред помесните православни цркви за востановување на канонскиот статус на Македонската православна црква.


Патријархот Иринеј ја освети црквата која ја градеше фондацијата на Николиќ


Белград, 27 мај, 2017 - 14:53 (META) 

Патријархот на Српската православна црква Иринеј денеска го освети Храмот на светиот маченик Димитриј во Бајчетина чиј ктитор е претседателот на Србија, Томислав Николиќ.

Изградбата на црквата која е во родното место на Николиќ, започна во 2013 година и чини како што наведуваат медиумите, околу милион евра. Николиќ за претседател на Србија беше избран во 2012 година.

Црквата е богата со мозаици од различни периоди, вклучувајќи ги и оние кои се однесуваат на страдањата на крагуевачките ученици во Втората светска војна и жртвите од бомбардирањето на НАТО во 1999 година.

Изградбата е во мермер, а владејачкиот трон е од македонски камен и златен оникс од Аризона.