!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Четири луѓе вчера биле пријавени за исчезнати


Скопје, 10 август, 2017 - 15:31 (META) 

Во текот на вчерашниот ден, во полиција четири лица биле прогласени за исчезнати. Како што се дознава од полицискиот билтен, исчезнатите се од скопското село Црешево, Тетово, кавадаречкото село Сопот и од Скопје.

Б.П. (73) од скопското село Црешево во полициската станица Гази Баба вчера пријавил дека во петокот од дома излегол неговиот 35-годишен син С.П. и оттогаш не се вратил.

Во полициската станица во Тетово, С.Р. (74) од Тетово пријавил дека во четвртокот од дома излегла неговата сопруга М.Р. (50) и се упатила на пазарот во Тетово, но оттогаш не се вратила и не била достапна на мобилниот телефон.

К.Н. (38) од тиквешкото село Сопот во полициската станица во Кавадарци пријавил дека завчера неговиот брат С.Н.(36) излегол од дома и рекол дека со автобус ќе оди во Кавадарци, но не се вратил.

Последниот случај на исчезнување е во Скопје, а се трага по 28-годишната Р.А. Како што во полициската станица Чаир кажал нејзиниот 50-годишен татко, таа излегла од дома завчера претпладне и не се вратила.

МВР информира дека по сите исчезнати се трага.


Земјотрес со јачина од 3,7 степени повторно почувствуван во Скопје


Скопје, 12 септември, 2016 - 14:36 (META) 

Земјотрес повторно го затресе Скопје попладнево во 14.19 часот. Овојпат земјотресот беше со јачина од 3,7 степени според Рихтеровата скала.

Земјотресот бил на длабочина од 10 километри и се случил на 2 километри североисточно од скопското село Булачани.

Послаб земјотрес скопјани почувствуваа и претпладнево, во 11.50 часот, со јачина од 2,3 степени. До 10 часот утрово сеизмолошката опсерваторија регистрирала десетина послаби земјотреси.

По вчерашниот земјотрес со јачина од 5,3 степени, кој ги исплаши скопјани, отворен е посебен телефонски број 195, на кој сите граѓани можат да побараат проценка дали нивните објекти се безбедни за живеење.

Како што информира владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, АРМ и МВР, како и надлежните институции, се во состојба на зголемена готовност.