!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Туск во Софија на бугарски ги воспеа и им го направи ќеифот на Бугарите


Софија, 12 јануари, 2018 - 14:25 (META) 

Добро е што еден од приоритетите на бугарското претседателство е иднината на Западниот Балкан, порача вчера на бугарски јазик претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, говорејќи на церемонијата за бугарското претседавање со Советот на ЕУ, која се одржа во театарот „Иван Вазов“ во Софија, јавуваат бугарските медиуми.

Говорот го одушеви и Џејмс Крисп, дописникот на лондонски „Телеграф“ од Брисел, кој на „Твитер“ порача дека Туск „убивал“ во својот говор на бугарски, цитирајќи го споменувањето на Спартак, „Игра на тронови“ и Христо Стоичков.

Обраќајќи се на бугарски, Туск нагласи дека Бугарија е „најстарата држава во Европа“, која никогаш не загубила воено знаме во битка, а Бугарите се потомци на познатиот роб-востаник од Тракија, Спартак.  

Говорот што ги одушеви Бугарите, Туск го почна со цитат на првата строфа од познатата поема „Отечество љубезно“ од Иван Вазов.

– Како Полјак, многу добро сфаќам колку многу работа, смелост и решителност ви требало вам, Бугарите, да ги постигнете овие европски успеси за вашата татковина. Никој не ви дал ништо дарум, вие самите на прво место сте творците на овој историски пресврт, на овие понови убавини – рече Туск, споменувајќи го и познатиот актер Захари Бахаров, кој се прослави со својата улога во култниот серијал „Игра на тронови“, а потоа и познатиот фудбалер Христо Стоичков, а на крајот го пофали и бугарскиот премиер Бојко Борисов, за кого рече и дека „би можел да преплаши не само еден тракиски војник“.


Јункер и ЕК утре во Софија за отпочнувањето на бугарското претседателство со ЕУ


Софија, 10 јануари, 2018 - 14:13 (META) 

Членови на Европската комисија (ЕК) и нејзиниот претседател Жан Клод Јункер утре и задутре ќе престојуваат во Софија, поради отпочнувањето на бугарското претседателство со Советот на ЕУ.

Церемонијата во главниот град на Бугарија ќе почне утре во 19 часот, по што ќе биде организирана свечена вечера.

Утредента, в петок, членовите на ЕК ќе имаат средби со бугарските министри, на кои ќе се разговара за основните приоритети на бугарското претседателство, по што ќе има заедничка седница на Колегиумот на комесарите и на бугарската влада, по што Јункер и бугарскиот премиер Бојко Борисов ќе одржат прес-конференција.

Јункер при дводневната посета на Софија ќе се сретне и со бугарскиот претседател Румен Радев и со претседателката на бугарскиот парламент Цвета Карајанчева.


Свечена промена на државното знаме кај Иванов


Скопје, 7 септември, 2017 - 10:08 (META) 

Денеска ќе биде извршено свечено менување на државното знаме пред кабинетот на претседателот на Република Македонија. На церемонијата ќе присуствува претседателот на државата, Ѓорге Иванов.

На свеченоста, како што соопштија од кабинетот на Иванов, ќе присуствуваат и ученици од Основното училиште „Тихомир Милошевски“ од Ново Село, Скопје, од ООУ „Александар Здравковски“ од Јагуновце и од ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ од општина Аеродром.

Промената на државното знаме ќе го изврши гардиската единица на Армијата Република Македонија.

„Манифестацијата на промена на државното знаме е со цел подигнување на чувството и почитта кон знамето на Република Македонија како репрезент и симбол на државноста на нашата земја“, стои во соопштението од кабинетот на Иванов.


Бектеши ги повика компаниите да се пријават за субвенции за халал-стандард


Скопје, 20 јуни, 2017 - 12:39 (META) 

Само една компанија годинава аплицирала за искористување на средства од Министерство за економија за имплементација на халал-стандард во своето работење, информираше министерот за економија, Крешник Бектеши.

Оттука, на церемонијата на доделување сертификати на компании што го имплементирале халал-стандардот, тој ги повика компаниите да ги искористат средствата за оваа намена.

Бектеши истакна дека глобалниот халал-пазар се проценува на повеќе од 800 милијарди долари, додека само европскиот надминува 66 милијарди долари годишно.

Лани, буџетот на министерството за оваа намена изнесуваше 1,8 милиони денари, а финансиска подршка добија шест компании.


Србија го одбележува Денот на сеќавање на жртвите во бомбардирањето на НАТО на СРЈ


Белград, 24 март, 2017 - 10:29 (META) 

Денеска во Србија со комеморативни собори, со полагање венци и цвеќе на спомениците на воените и на цивилните жртви, се одбележува 18-годишнината од почетокот на бомбардирањето на НАТО на тогашна Сојузна Република Југославија (СРЈ).

Државната делегација на церемонијата ќе ја предводи премиерот на Србија, Александар Вучиќ. Церемонијата ќе биде одржана кај железничкиот мост во Грделичката клисура, на кој во април 1999 година беше погоден патнички воз.

Воздушните напади на НАТО почнаа на 24 март 1999 година, пред 20 часот, и траеја 11 недели. Во нив, според проценките на различни извори, загинаа помеѓу 1.200 и 2.500 луѓе. Во бомбардирањата, кои без прекин траеја 78 дена, тешко беше оштетена инфраструктурата, фабрики, училишта, здравствени установи, медиумски куќи и споменици на културата.

Акцијата на НАТО, која тогашната влада на СРЈ ја оцени како агресија, уследи по неуспешните преговори за решение на кризата на Косово, кои се одржаа во Рамбуе, кај Париз, во февруари и во март 1999 година.


Новата естонска влада положи заклетва


Талин, 23 ноември, 2016 - 18:54 (META) 

Новата естонска коалициска влада денеска положи заклетва на церемонија во парламентот во Талин.

Кабинетот на премиерот Јуриј Ратас, кој го сочинуваат 15 членови, ќе ја замени владата на Тави Роивас, кој поднесе оставка од функцијата премиер бидејќи му беше изгласана недоверба во собранието.

Ратас кој е поранешен градоначалник на Талин, ја предводи тричлената коалиција во која се наоѓаат неговата Естонска партија, Социјалдемократската партија и конзервативната партија ИРЛ.

 


Полиција и обезбедување му го чуваа грбот на Телески на денот на ослободувањето на Битола


Битола, 4 ноември, 2016 - 21:05 (META) 

Четири лица, најверојатно обезбедување, ги пречекаа од автомобилот градоначалникот на Битола, Владимир Талески, и неговата сопруга и ги внесоа во свечената сала на градскиот театар, каде се одржа церемонијата по повод 4 Ноември, денот на ослободувањето на градот.

Многубројно беше приватното обезбедување, а голем беше бројот и на полициски службеници во униформа и во цивил во свечената сала, каде Талески држеше долг говор, зборувајќи за успесите на Општината во изминатата година, за новите инвестиции и за сè што планира да направи до крајот на својот мандат, идната пролет.

На крајот Талески ги повика на сплотување тие што, како што рече, сакаат да го поделат македонското ткиво.

– Максимата „раздели па владеј“ има високи резултати. Убеден сум дека денешниот ден и деновите што следуваат ќе ни дадат доволно здравје, ум и разум да се завртиме кон она што е позитивно и што создава подобри услови за живеење, кон она што дава надеж, сила, услови за нашите деца да живеат во поубава Битола. Оние што се деструктивни, ги повикувам да го прифатат нашиот концепт и да ни се придружат – рече Талески на свеченоста.

На церемонијата не дојде добитничката на наградата „4 Ноември“ за животно дело, уметницата Милица Шперовиќ-Рибарски, туку го испрати синот Емил кој го зеде признанието од градоначалникот Талески.


Денеска се одбележува Денот на АРМ


Скопје, 18 август, 2016 - 9:54 (META) 

Денеска на платото пред Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на Република Македонија ќе се одржи централната свеченост за одбележување на Денот на АРМ. На свеченоста свои обраќања ќе имаат претседателот на државата и врховен командант Ѓорге Иванов и Министерот за одбрана Зоран Јолевски.

Иванов, како што соопштија од неговиот кабинет, по повод Денот на АРМ, со Орден за воени заслуги ќе ги одликува Баталјонот на воената полиција и Инженерискиот баталјон при АРМ.

Вчера по повод 18 Август на градските гробишта „Бутел“, армиски и државни делегации положија венци свежо цвеќе на вечните почивалишта на претседателите и врховни команданти Борис Трајковски и Киро Глигоров, на гробот на генерал Михаило Апостолски и на партизанските гробишта.

Синоќа, со почесна артилериска стрелба, со 10 плотуни од артилериски орудија во касарната „Илинден“, беше најавено одбележувањето на 18 Август, Денот на АРМ.

Инаку, оваа година Денот на Армијата се одбележува симболично поради поплавите кои на 6 август го погодија Скопје и околината.

На 18 август 1943 на Славеј Планина, Дебарца, беше формиран Баталјонот „Мирче Ацев“, што се смета за прва организирана воена формација на Народноослободителната борба (НОБ) на Македонија. Овој ден се смета за роденден на Армијата на Република Македонија.


Бил Клинтон ќе говори на погребот на Мохамед Али


Скотсдејл, 5 јуни, 2016 - 13:59 (META) 

Мохамед Али ќе биде погребан на 10 јуни, во родниот град Луисвил, Кентаки, соопшти портпаролот на семејството на легендарниот боксер.

На церемонијата ќе говорат поранешниот американски претседател Бил Клинтон, новинарот Брајан Гембел и актерот Били Кристал, рече портпаролот на семејството, Боб Ганел, на прес-конференција во Скотсдејл, Аризона.

Церемонијата ќе се пренесува во живо преку интернет. Семејството на еден од најдобрите боксери на сите времиња, ќе се собере на приватна церемонија в четвртокот.

– Мохамед Али починал како резултат на септичен шок од недефинирана природна причина – изјави Ганел.

Поранешниот светски шампион беше примен во болница во четвртокот со респираторни проблеми. Последните часови Мохамед Али ги поминал со своите блиски. Ноќта во петок спроти сабота, тој почина во болница на 74-годишна возраст, а во последните 32 години страдаше од Паркинсонова болест.


Папата Франциск: Мајка Тереза во септември ќе биде прогласена за светица


Рим, 15 март, 2016 - 12:27 (META) 

Папата Франциск денеска и формално одобри Мајка Тереза да биде прогласена за светица на 4 септември годинава, истакнувајќи дека тоа ќе се случи 19 години по нејзината смрт.

Неизвесно е дали церемонијата на канонизација ќе се случи во Калкута или во Рим.

Според новинарката Јасмина Миронски, авторка на неколку книги за животот на Мајка Тереза, за Македонија, а особено за нејзниот роден град Скопје што таа неизмерно го сакала, е исклучително значајно што ќе биде прогласена за светица.

– Иако оваа добитничка на Нобеловата награда за мир ја следат многу контроверзии, сепак нејзината светост останува недопрена – вели Миронски.

Мајка Тереза е родена како Агнеса Гонџа Бојаџиу во Скопје. Најголем дел од животот го помина помагајќи им на сиромашните во Калкута.

Во 1979 година доби Нобелова награда за мир, а во 2003 година во Рим беше прогласена за блажена.

Мајка Тереза почина на 5 септември 1997 година, на 87-годишна возраст.