Шилегов: Ќе го решавам проблемот со воздухот и ќе ги изградам тунелите под Кале!


Скопје, 27 април, 2018 - 15:47 (META) 

Со проекти во вредност од 300 до 350 милиони евра во текот на неговиот мандат, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов очекува дека ќе ги реши во целост или барем во голем дел најголемите проблеми на градот, како што се загадениот воздух, преоптоварениот сообраќај, притоа плаќајќи, како што вели, разумни суми, за разлика од претходното раководство. Фасадата на Сити Галери чинела 2 милиони евра, а  новиот мост што треба да почне да се гради во септември и да ги спои Аеродром и Гази Баба би чинел 3-4 милиони евра, потенцира тој.

Во интервјуто за „Вистиномер“ направено во рамките на проектот „До отчетни општини преку активни граѓани“, спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“, а поддржан од американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy), скопскиот градоначалник вели дека ќе се зафати со решавање на проблемот со загадениот воздух во Скопје, колку и да чини тоа.

Една од неговите идеи за тоа е Град Скопје да ја преземе топловодната мрежа и топланите, а потоа напоредно да ја врши и гасификацијата до крајните потрошувачи, притоа работејќи по стратегија за тоа кој дел треба да добива централно греење, а кој дел гас.

Планира и концесии за помали топлани кои би работеле на гас, а би обезбедувале централно греење за помали области.

Делот на градската територија северно од Вардар, според Шилегов, е местото каде што треба да се насочи идниот развој на градот. Затоа во мај ќе биде распишан тендер за тунели по Кале, зацртани во Генералниот урбанистички план на Скопје од 1965 година, за кои вели дека ќе го поттикнат развојот на северната територија, заедно со продолжување на булеварите „Словенија“ и „Христијан Тодоровски – Карпош“, како и претворање на улицата „Босна и Херцеговина“ во булевар кој ќе се надоврзе на „Словенија“.

Јавниот превоз треба да се врши со еколошки автобуси – на струја или на гас, а тие би биле и поисплатливи од сегашните, објаснува скопскиот градоначалник.

Целото интервју на градоначалникот Шилегов може да го прочитате тука.


Владата уверува дека следната година исклучените нема да плаќаат паушал за парно


Скопје, 22 декември, 2017 - 13:40 (META) 

Владата на Република Македонија денеска порача дека домаќинствата кои се исклучени од централното греење во град Скопје, во наредната година ќе бидат ослободени од плаќање на паушалот кој во моментов го плаќаат.

„Проблемот со кој се соочуваат граѓаните, владата предвиде да го реши во рамките на новиот предлог Закон за енергетика. Имено во подзаконските акти на Законот за енергетика кој ќе се воведе во текот на 2018 година се предвидени специфични решенија со кои во рамките на законската регулатива ќе се реши оваа наследена ситуација“, се вели во соопштението од Владата.


Владата и германската КФВ ја разгледуваат можноста Битола да добие парно


Скопје, 15 ноември, 2017 - 14:48 (META) 

Воведување на систем за централно греење во Битола било во фокусот на средбата на премиерот Зоран Заев со делегација од германската КФВ банка за подршка на развојни проекти, предводена од Кристоф Дискенс, директор на групацијата за Југоисточна Европа и Турција.

На средбата присуствувале и заменик-амбасадорот Германија во Македонија, Марко Акватичи и советникот за економија на премиерот, Ванчо Узунов.

„Во фокус на средбата беше можноста за воспоставување на систем за централно греење во Битола, односно изградба на цевковод од РЕК Битола до градот, со што, во првата фаза на овој проект, ќе се воведе централно греење во јавните социјални и образовани институции како градинки, училишта и болници“, стои во соопштението на владината прес-служба.

Заев на средбата истакнал дека Владата е отворена за соработка со германската владина финансиска групација КФВ за изградба на канализациони системи, во помалите и поголеми рурални средини во земјата и дека програмите на оваа банка се инвестиции кои имаат потенцијал да го зајакнат и зголемат бруто домашниот производ на земјава.


БЕГ потсетува станарите да ја проверат инсталацијата за централно греење


Скопје, 30 септември, 2017 - 14:35 (META) 

Во согласност со законските прописи, грејната сезона може да почне секој ден почнувајќи од денеска доколку временските услови тоа го наложуваат, информираше компанијата „Балкан енерџи груп“, која е давател на услугата централно греење во Скопје.

Компанијата апелира станарите да ја проверат внатрешната инсталација, а куќните совети и управителите на згради да овозможат непречен пристап на службените лица до потстаниците за да може грејната сезона да почне навремено. Исто така, треба редовно да се плаќаат сметките за електрична енергија за потстаниците, за да не биде исклучена струјата, без која потстаниците не би можеле да функционираат.

Од БЕГ испратиле писма до сите заедници на станари, односно до фирмите кои управуваат со станбените единици, за нивните обврски за непречен почеток на грејната сезона, но во околу 200 објекти сè уште не се обезбедени бараните услови, поточно има дефекти во внатрешната инсталација, оневозможен е пристап на екипите до топлинските станици или нема електрична енергија во потстаниците.

За информации или пријави за одредени интервенции, потрошувачите може да се јават во центарот за грижа за потрошувачи на телефонскиот број 02/3076-200.


Трошоците за живот незначително намалени во август во однос на претходниот месец


Скопје, 7 септември, 2016 - 14:22 (META) 

Трошоците за живот во август, во споредба со истиот месец лани, бележат намалување од 0,3 отсто, а индексот на цените на мало бележи намалување од 0,2 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Трошоците за живот во август во однос на претходниот месец се намалени за 0,1 отсто.

Намалувањето на цените е резултат на пониските индекси на замрзнатото овошје за 2,9 проценти, свежото и разладеното овошје за 2,5 проценти, оризот за 2,4 проценти, брашното и другите житарици и компирот за 1,7 отсто, другите прехранбени производи за 0,7 отсто.

Во август, исто така, намалување на индексите на трошоците за живот е забележано и кај централното греење за домаќинствата за 10,7 проценти, течните горива за домаќинствата за 5,8 проценти, течните горива и мазива за 3 проценти, гасот за домаќинствата за 2 проценти.

Пораст на индексот на трошоците за живот во август, во споредба со претходниот месец, е
забележан кај месото за 1 процент, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,9 отсто.