Тетовци се жалат на квалитетот на водата за пиење – надлежните смируваат


Тетово, 9 октомври, 2018 - 11:40 (META) 

Граѓаните на Тетово повторно реагираат за квалитетот на водата за пиење. Велат, во текот на вчерашниот ден, водата имала чуден мирис и вкус. Некои се жалат и на болки во стомакот. Ваквите реакции се должат на честите проблеми кои градот ги има со водоводната мрежа и квалитетот на водата за пиење.

Сепак, надлежните велат дека нема простор за паника. Од Центарот за јавно здравје Тетово, информираат дека водата за пиење е технички исправна, што се потврдува преку досегашните спроведени анализи. Секоја година, во есенскиот период, се вклучува филтер станицата, па мирисот и вкусот на водата привремено се менуваат, заради мешањето на површинските води од река Пена. Се работи за вообичаени промени, кои не се воопшто сериозни, информираат надлежните.

Од Центарот за јавно здравје истакнаа дека состојбата со квалитетот на водата за пиење постојано се следи. Сепак, од таму велат дека доколку некој чувствува тегоби, деновиве да не ја консумира, бидејќи иако водата е технички исправна, реагирањето, дури и на минимални промени, е индивидуално.


Неисправна водата за пиење од јавните чешми во Лениште и на Плетвар


Прилеп, 30 ноември, 2017 - 16:08 (META) 

Одделот за хигиена на Центарот за јавно здравје информира дека јавните чешми во Лениште и кај ресторанот „Че“ на Плетвар немаат исправна вода за пиење, соопшти денеска Општина Прилеп.

Според препораките на медицинските стручњаци од одделот за хигиена, пред употреба водата задолжително треба да се преврива 10 минути.

„Овие чешми се во надлежност на Општина Прилеп, а не на Јавното претрпријатие „Водовод и канализација“. Општината ги известува месните заедници на овие населени места да ги информираат жителите да ги следат препораките на Центарот за јавно здравје“, стои во соопштението.


Во Тетово се создаде дива депонија со органски отпад која никој не ја чисти


Тетово, 16 септември, 2016 - 15:26 (META) 

Месо, коски, рогови и други остатоци од разни животни скапуваат кај стариот градски стадион во Тетово на локацијата каде за време на празникот Курбан Бајрам, се продаваа и колеа животни. Од ова место кое е на само неколку метри од приватни домови, а на стотина метри од центарот на градот се шири непријатна миризба.

– Ова е неподносливо, смрди па и многу инсекти се собираат околу скапаното месо, стравуваме за нашето здравје – изјави жителка на Тетово, чиј дом се наоѓа на само неколку метри од местото каде се продаваше стоката.

Од Центарот за јавно здравје Тетово советуваат местото ургентно да се исчисти

„Локацијата сега преставува дива депонија со органски отпад и е голема закана и за околината и за човековото здравје. Локацијата е плодно тло за создавање на опасни бактерии. Тука се движат и кучиња скитници кои можат да ги разнесат остатоците од разни животни низ цел град“ велат од Центарот за јавно здравје.

И покрај неколкуте телефонски повици и СМС пораки, општинските власти не одговорија дали нивни екипи ќе преземат соодветни мерки за чистење на локацијата, која деновиве се користеше како импровизиран сточен пазар.


Ученик од скопска гимназија заболел од туберкулоза


Скопје, 10 декември, 2015 - 21:34 (META) 

Ученик од трета година во средното училиште „Зеф Љуш Марку“, во скопската населба Бутел, од понеделник е на болничко лекување во Институтот за ТБЦ, откако му била дијагностицирана туберкулоза, пренесува порталот „Здравство 24“.

Од Здравствен дом Скопје за порталот соопштиле дека во согласност со законските прописи, било испратено писмо до училиштето во кое било побарано соучениците на заболеното момче да дојдат во диспанзерот и да направат контрола.

Инкубацискиот период на болеста е шест недели.

Како што пренесува „Здравство 24“, по откривањето на случајот, скопскиот центар за јавно здравје и државниот санитарен и здравствен инспекторат направиле увид во училиштето, каде не нашле забелешки, но препорачале повеќе проветрување и одржување на личната хигиена. Денеска била направена и дезинфекција во училиштето.

Оваа година се регистрирани два случаи на туберкулоза во образовни установи.