Исплатата на субвенциите за тутунот ќе почне в четврток


Скопје, 15 мај, 2018 - 14:26 (META) 

Исплатата на субвенциите за тутунот од реколтата 2017, ќе почне в четврток информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Според податоците од Агенцијата за финансиска поддршка, во земјоделството и руралниот развој зголемени субвенции ќе добијат над 23.400 тутунари, по просечна цена од 217,6 денари за килограм.

„Со новиот начин на зголемено субвенционирање во три нивоа кој започнува со реколтата 2017, субвенцијата за прва класа тутун е 80 денари субвенција, за втора класа 70 денари и 60 денари е третото ниво за трета и четврта класа како и за дополнителни класи. Целта на новиот модел на субвенционирање е да се поттикнат тутунарите да произведуваат поквалитетен тутун за да добијат повисока субвенција“, се вели во соопштението на МЗШВ.


Горивата од ноќеска на полноќ поскапуваат до два денари


Скопје, 14 мај, 2018 - 13:34 (META) 

Цената на горивата од ноќеска на полноќ се зголемува од еден до два денари, одлучи денеска Регулаторна комисија на енергетика.

Цената на „еуросупер БС – 98“ се зголемува за два денара за литар, на „еуросупер БС-95“ за еден ипол денар, а на „еуродизелот“ се зголемува за еден денар.

Просечната цена на суровата нафта во изминатите 14 дена изнесуваше 75,134 долари за барел, а курсот на денарот во однос на доларот 51,30 денари.


Бензините поскапуваат за половина, a дизелот за еден денар


Скопје, 16 април, 2018 - 12:59 (META) 

Малопродажната цена на бензините од ноќеска нa полноќ се зголемува за половина, а на дизелот за еден денар, одлучи Регулаторна комисија за енергетика.

Новата цена на „еуросупер БС-95“ ќе изнесува 68 денари, на „еуросупер БС-98“ ќе биде 69,50 денари, „еуродизелот“ ќе се продава по 60 денари за литар.

Зголемувањето на цените на бензините се должи на тоа што, просечната цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатите 14 дена изнесуваше 68,9 долари за барел, а курсот на денарот во однос на доларот 50.003 денари.


Горивата поскапуваат од ноќеска на полноќ


Скопје, 2 април, 2018 - 15:12 (META) 

Цените на бензините и дизел-горивото се зголемуваат од ноќеска на полноќ, одлучи денеска Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ).

Бензинот „еуросупер БС-95“ се зголемува за два денари, додека цените на „еуросупер БС-98“ и дизелот се зголемуваат за 1,50 денари.

Новите повисоки цени на бензините следуваат поради повисоката цена на нафтата на светскиот пазар изминатите две недели.


Филипче: Намалени се максималните цени на 336 генерички лекови


Скопје, 29 март, 2018 - 13:11 (META) 

Министерот за здравство, Венко Филипче информираше дека намалени се максималните цени на вкупно 336 генерички и 222 оригинаторни лекови, односно таканаречени иновативни лекови.

Тој додаде дека согласно Законот за лекови и медицински средства и методологијата за начинот на утврдување на цените на лековите, Министерството за здравство спроведе годишна ревизија на цените на сите лекови, кои се издаваат на рецепт.

– Намалувањето на максималните цени доведува до намалување и на големопродажните и малопродажните цени на лековите, кои ќе важат од 1. април 2018 година. Заштедата кај генерички лекови на годишно ниво изнесува 993 илјади евра, додека кај оригинатори, односно иновативни лекови изнесува 1.388.600 евра или вкупно 2.381.600 евра – информираше Филипче.

Тој додаде дека за споредба, во 2016 година вкупната заштеда е 1.126.000 евра, а во 2017 година вкупната заштеда е 398.315 евра.

– Со оваа најголема заштеда во лековите досега, граѓаните ќе добијат поевтини лекови и можност за лекување со нови терапии, односно можност за проширување на позитивната листа на лекови- додаде тој.


ЕЛЕМ објави тендер за купување на механизација за РЕК Битола


Скопје, 26 март, 2018 - 16:47 (META) 

ЕЛЕМ денеска објави тендер за купување на помошна механизација за РЕК Битола, бидејќи ангажирањето механизација при ископот е еден од главните трошоци на компанијата, информираат од таму.

– За таа услуга ЕЛЕМ постојано им плаќа на надворешни фирми, бидејќи сопствена механизација нема. Планираме за 41 милион евра да ја купиме целата потребна механизација и да копаат нашите работници. Со тоа ќе се изврши заштеда, а таа заштеда ќе се одрази на производствената цена на електричната енергија – изјави директорот Драган Миновски.

За ископ на јаглен, преку ангажирање на надворешни фирми ЕЛЕМ последните пет години платиле 212 милиони евра.

Доколку тендерската постапка се одвива во предвидените рокови, машините треба да бидат испорачани до крајот на годината. Со тоа, во 2019 година помошна механизација од надворешни фирми во РЕК Битола нема повеќе да се користи.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на пресот на Миновски и во соопштението велат дека „управувањето на ЕЛЕМ од страна на СДСМ го чинело претпријатието осум месеци без сопствена опрема.“

„Откако СДСМ ја поништи набавката отпочнато во време на ВМРО-ДПМНЕ, набавка која во целост ги задоволуваше потребите на РЕК  Битола, сега распиша парцијален оглас за опрема, која не може во целост да ги покрие потребите на претпријатието“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.


Дизелот поевтинува за половина денар, цената на бензините останува иста


Скопје, 19 март, 2018 - 13:02 (META) 

Од ноќеска на полноќ дизелот поевтинува за половина денар, а цената на бензините останува иста, одлучи Регулаторна комисија за енергетика.

Цените на „еуросупер БС-95“ и „еуросупер БС-98“ остануваат 65,5 денари, односно 67,5 денари за литар.

Нова цена на дизелот ќе изнесува 57,5 денари за литар.


Советот на Скопје ја поскапи водата за индустрискиот комплекс „Железара“


Скопје, 1 март, 2018 - 14:10 (META) 

Советот на Град Скопје, на предлог на градоначалникот Петре Шилегов, денеска како прва точка на дневниот ред ја стави и ја усвои новата повисока цена на водата за „РЖ Услуги АД Скопје“ („Железара“). За предлогот гласале 38 советници.

Со новата цена на водата, сепак овој комплекс ќе плаќа речиси три пати помалку од домаќинствата за кубен метар вода.

„Овој капацитет воопшто не плаќаше за оваа услуга во периодот од 1997 година до почетокот на 2016 година, кога РЖ Услуги АД Скопје почнаа да плаќаат симболична цена од 2,54 денари, а од 2017 година 3,55 денари за кубен метар вода. Сумата што ја плаќале досега е за 10 пати пониска од цената што ја плаќаат жителите на Скопје, а околу 16 пати пониска од цената што ја плаќаат другите правни субјекти во Скопје“, велат од Град Скопје.

Цената на водата што ќе ја плаќа РЖ Услуги АД Скопје за 2018 година ќе изнесува 11,65 денари за кубен метар вода, во 2019 година 22,75 денари, во 2020 година 34,20 денари, а во 2021 година ќе се искачи до 46,63 денари за кубен метар вода.

Компаниите во комплексот, како што објаснуваат од Град Скопје, минатата година имаат потрошено 4.857.073 кубни метри вода, или околу 30 проценти од вкупнато количество од изворот Рашче.


РКЕ новите цени за водата ги донела по локалните избори, наместо во 2016 година


Скопје, 21 февруари, 2018 - 9:46 (META) 

Владата на вчерашната 55. седница ја разгледала информацијата за обврските и роковите кои произлегуваат од Законот за утврдување на цени на водните услуги.

„Врз основа на оваа информација, од анализата произлегува дека Регулаторната комисија за енергетика не ги почитувала роковите утврдени согласно Законот за утврдување на цени на водните услуги. Наместо да бидат донесени во 2016, Регулаторната комисија за енергетика новите цени за водата ги донела по завршувањето на локалните избори во 2017 година“, се вели во соопштението на Влада.

Од таму додаваат дека „оваа постапка сериозно ја доведува во прашање независноста на Регулаторната комисија за енергетика која очигледно ги синхронизирала одлуките за поскапување на водата со резултатите од локалните избори.“

„Согласно ова сознание, Владата им препорача на водостопанските претпријатија, дека можат да поднесат барање за измена на решенијата за тарифите за водна услуга согласно ставот 2 од членот 17 од Законот за утврдување на цените за водите“, се додава во соопштението.

На вчерашната седница Владата го разгледала и утврдила предлог-законот за бесплатна правна помош, со одлука да биде доставен до Собранието на усвојување.

„Со овој закон се уредуваат општите правила за обезбедување на бесплатната правна помош, а негова цел е да се овозможи и унапреди правото на физичките лица на пристап до правдата и правичната судска заштита преку обезбедување финансиска поддршка од страна на државата“, информираат од Владата.


Дизелот поевтинува, а бензинот поскапува одлучи РКЕ


Скопје, 5 февруари, 2018 - 13:04 (META) 

Цените на дизел горивата од ноќеска на полноќ поевтинуваат за еден денар, а бензинот „еуросупер БС-95“ поскапува за половина денар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Новата малопродажна цена на „еуросупер БС-95“ ќе изнесува 68 денари, а цената на бензинот „еуросупер БС-98“ е непроменета, односно 69,5 денари за литар. „Eуродизел“ ќе се продава за 59,5, денари.

Како причина за промената на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 0,7 отсто пониската просечна цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатие 14 дена и за 1,28 отсто понискиот курс на доларот во однос на денарот.