Меркел се повлекува од партиското претседателство


Берлин, 29 октомври, 2018 - 11:43 (META) 

Германската канцеларка, Ангела Меркел им пренела на првите луѓе во нејзината Христијанско-демократска унија (ЦДУ) дека нема повторно да се кандидира за претседател на партијата на изборната конференција што ќе се одржи в декември, јавија светските агенции, повикувајќи се на некои германски емдиуми.

„Блумберг“ јави дека веднаш по објавувањето на веста во Берлин, бил забележан пад на еврото на берзата.

„Билд“ пишува дека Меркел знае да ги чита знаците, па проценила дека е време некој друг да ја води „локомотивата Европа“.

На вчерашните регионалните избори во земјата, во покраината Хесен, конзервативната Христијанска демократска унија (ЦДУ), со која сега раководи Меркел, и Социјалдемократската партија на левиот центар доживеаја значителен пораз, додека Партијата на зелените и екстремно десничарската Алтернатива за Германија бележат подобри резултати.

Во последните месеци, ЦДУ и СПД ја губат поддршката на национално ниво, а коалицијата речиси дојде до колапс. Изборите во Хесен се само две недели по оние во Баварија, каде партијата на Меркел претрпи огромни загуби.

Меркел раководеше со ЦДУ од 2000 година.


По маратонските преговори, Меркел и Шулц постигнаа договор за формирање на влада


Берлин, 7 февруари, 2018 - 12:53 (META) 

Конзервативците на Ангела Меркел и социјалдемократите на Мартин Шулц, постигнаа договор за формирање на владејачка коалиција, јавуваат светските медиуми.

Според пишувањата на медиумите, социјалдемократите ќе го добијат министерството за надворешни работи и за финансии, што се оценува како добар преговор од страна на Шулц откако претходните осум години, ова министерство беше во рацете на Христијанско-демократската унија (ЦДУ). Новиот министер за финансии треба да биде градоначалникот на Хамбург, Олаф Шолц.

Маратонската рунда преговори помеѓу Меркел и Шулц почна од вчера претпладне кога требаше да биде и последниот ден за преговори помеѓу двете страни, почнат на почетокот на јануари. Последните спорни точки во преговорите, се однесувале на распределбата на министерските места, реформите во здравството и договорите за работа на неодредено време.

Договорот, треба да го одобрат околу 460.000 членови на Социјалдемократската партија (СПД) што може да трае и неколку недели.

Многу членови на таа партија се скептични кон новата коалиција со конзервативците. Ако членовите на оваа партија бидат против новата коалиција, Меркел ќе треба да избере или малцинска влада или нови избори.


Меркел се надева дека ќе има нова влада до април


Берлин, 13 јануари, 2018 - 14:08 (META) 

Германската канцеларка Ангела Меркел изрази надеж дека новата влада ќе биде формирана до Велигден, јави ДПА.

Во својот изборен округ во Тринвилерсхаген, во североисточната провинција Мекленбург-Западна Померанија, синоќа маратонските разговори меѓу нејзиниот блок ЦДУ/ЦСУ и социјалдемократите за тоа дали да влезат во официјални преговори за коалицирање, Меркел ги нарече „првиот чекор во еден долг процес”.


Меркел и Шулц начелно се договорија за нова влада


Берлин, 12 јануари, 2018 - 10:42 (META) 

Конзервативците на германската канцеларка Ангела Меркел и социјалдемократите на Мартин Шулц утрово постигнале начелен договор за формирање на новата влада на Германија, јавуваат светските агенции, повикувајќи се на свои извори.

Компромисот бил постигнат по преговорите кои траеле повеќе од 24 часа.

Начелниот договор, според агенциите, во текот на денот треба да го потврдат управните одбори на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Ангела Меркел и на Социјалдемократската партија (СПД).

Вчера беше последниот ден од преговорите зад затворени врати, на кои на маса требаше да бидат ставени чувствителните прашања, како мигрантската политика, здравството и финансиите.

Конзервативците и СПД заедно ја водеа Германија во два мандати во последните 12 години.


Се зголемува рејтингот на конзервативниот блок на Меркел и на социјалдемократите


Берлин, 26 ноември, 2017 - 20:03 (META) 

Рејтингот на конзервативниот блок на германската канцеларка Ангела Меркел и на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) се зголемил за време на дискусијата за формирање нова голема коалиција, покажува анкетата што ја изврши агенцијата „Емнид“, по нарачка на „Билд ам зонтаг“.

Според резултатите, рејтингот на христијанско-демократскиот сојзу (ЦДУ) на Меркел и на христијанско-социјалниот сојуз (ЦСУ) на Хорст Зехофер се зголемил за 2 проценти во споредба со минатата недела и сега изнесува 33 проценти.

Поддршката за социјалдемократската партија, предводена од Мартин Шулц, се зголемила за еден процент и изнесува 22 проценти.

Рејтингот на крајно десничарската Алтернатива за Германија (АФД), според анкетата, паднал за 2 проценти и партијата сега има поддршка од 11 проценти. Тоа е најнискиот рејтинг за АФД од парламентарните избори, што се одржаа во септември, кога оваа партија освои 13 проценти од гласовите и стана трета по сила партија во Бундестагот.

Пад бележат и рејтинзите на либералната партија ФДП и партијата на зелените, откако минатата недела пропаднаа преговорите за формирање влада меѓу конзервативниот блок на Меркел и овие две партии. ФДП и партијата на зелените загубиле по еден процент од поддршката и сега имаат 10, односно 9 проценти.

Анкетата била спроведена на 1.225 граѓани на Германија со право на глас.


Меркел категорично против нови избори


Берлин, 25 ноември, 2017 - 22:25 (META) 

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека е категорично против предвремени парламентарни избори, по неуспехот да формира влада со либералната партија ФДП и со партијата на зелените.

– Апсолутно не сум убедена дека треба да ги повикаме граѓаните да гласаат повторно – изјави Меркел на конференција на нејзината Демохристијанска партија (ЦДУ), пренесуваат агенциите.

Таа истакна дека на Европа ѝ е потребна силна Германија и дека е пожелно бргу да се формира влада.

Меркел е подготвена да почне разговори со Социјалдемократската партија на Германија (СПД) за повторно формирање на голема коалиција.

Лидерот на социјалдемократите, Мартин Шулц, кој е под голем притисок да прифати нова коалиција со ЦДУ, заедно со Меркел и со лидерот на нејзината сестринска партија ЦСУ, Хорст Зехофер, в четврток треба да има заедничка средба со претседателот на Германија, Франк Валтер Штајнмаер.


„Конрад Аденауер“ жестоко ja искритикува ВМРО-ДПМНЕ


Бон, 22 декември, 2016 - 17:11 (META) 

Во анализа под наслов „Народот одлучи“, Фондацијата „Конрад Аденауер“ на германската владејачка конзервативна партија ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел, упатува остри критики за недемократско однесување на „сестринската“ партија во Македонија – ВМРО-ДПМНЕ, поради нејзиното одбивање да се реформира, дезавуирањето на државните институции, како и поради критиките кон странските амбасадори, пренесува „Дојче веле на македонски јазик“.

Анализата, потпишана од Јоханес Реј, наведува дека изборите, иако биле досега најслободните и најдемократски, не донеле политичка стабилност, туку, напротив, изминативе неколку дена се пример за „недемократско однесување пар екселанс“.

„Кризата во државата нема крај. Последиците би можеле да бидат и немири“, пишува Реј.

Тој оценува дека доколку СДСМ успее да освои уште едно пратеничко место по прегласувањето во Теарце в недела, тоа би им ги зголемило шансите за создавање коалиција, но, од друга страна, посочува дека „партијата на долгогодишниот премиер Никола Груевски уште пред одлуката на Управниот суд најави дека нема да учествува во прегласувањето“.

Анализата упатува серија критики кон ВМРО-ДПМНЕ, во кои се вели дека со губењето на 19 пратенички места, „гласачите ѝ испратија јасен сигнал за промени, сигнал кој ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќа“.

„Наместо да се иницираат внатрепартиски реформи, се прави обид да се задржи еродираната власт. Со објавата на прогласот и говорот на Груевски пред седиштето на Државната изборна комисија минатата сабота, се попречуваат ДИК и Управниот суд, нивните членови се игнорираат и се затвора вратата за меѓународната заедница. Останува нејасно зошто партискиот врв, без потреба, уште пред одлуката за жалбите на опозицијата, ѝ го соопшти ова на јавноста. Очигледно не постои никаква доверба во државните институции“, се вели во анализата.

Во неа понатаму се критикува создавањето „непријателски имиџ“ кон странците од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

„Легитимно е да се критикува политичката улога на некои амбасадори и не секогаш вештата посредничка улога на Европската Унија. Но, да им се префрла на амбасадорите и на странските претставници за мешање во внатрешните работи и за директно влијание врз работата на поединци во ДИК е проѕирен маневар, за да се прикријат сопствените проблеми. Заканата, преку нова финансиска регулатива да се потчинат невладините организации, нема да успее. Демократијата мора да поднесе и спротивно мислење“, се наведува во анализата.

Околу можниот исход од изборите и идните коалиции, Фондацијата „Конрад Аденауер“ прогнозира дека досега владејачката ДУИ, поради големите изборни загуби и внатрепартиски превирања, „нема повторно да коалицира со конзервативците“, јасно алудирајќи на ВМРО-ДПМНЕ.

„Следните недели ќе бидат возбудливи. Од нови избори напролет заедно со локалните избори, па сè до отворена борба за превласт, сè е можно. Никој не може да гарантира дека ќе остане мирно. Додека обичните луѓе луто гледаат од страна, атмосферата кај членовите на сите партии е многу напрегната. Партиските лидери имаат обврска да бидат воздржани во реториката, да дејствуваат смирувачки пред своите поддржувачи и да не го закопуваат легитимитетот на државните институции. Со големата излезност на изборите, гласачите ја покажаа својата зрелост и со својот глас побараа промени во политичкиот естаблишмент. Но, нивната желба за политичка стабилност и нормалност и понатаму не се почитува. Личните интереси повторно се ставаат над добробитта на заедницата. Македонија загазува уште подлабоко во криза“, заклучува фондацијата „Конрад Аденауер“.

Фондацијата „Конрад Аденауер“ е активна преку своја канцеларија во Македонија од 2000 година. Оттогаш, Фондацијата која важи за блиска до германската конзервативна Христијанско-демократска унија (ЦДУ) поддржала бројни проекти за евроатлантската интеграција на земјата. Притоа, преку разни семинари, конференции и работилници се обучуваа и политичари, новинари и општествени чинители. Особено блиска соработка оваа фондација има со ВМРО-ДПМНЕ, која важи за сестринска конзервативна партија на германската ЦДУ.


Груевски – Фрај: Изборите се излез за надминување на кризата


Скопје, 7 ноември, 2016 - 12:36 (META) 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, се сретна со пратеникот во германскиот Бундестаг од редовите на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и член на комисијата за надворешни работи на германскиот парламент, Торстен Фрај, информираат од владејачката партија.

На средбата, како што се појаснува во партиското соопштение, тие разговарале за претстојните парламентарни избори, како и за надминувањето на политичката криза.

Груевски истакнал дека се исполнети сите услови за одржување на изборите и дека тие се излезот во насока на надминување на кризата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакнал дека граѓаните ќе имаат можност да одлучат за иднината на државата и да се определат меѓу концептот на градење и проекти и концептот на создавање кризи и деструкција, застапуван од опозицијата.

Исто така, на средбата станало збор за македонско-германските односи, особено за зголемениот број германски инвестиции и нови фабики во Македонија, вклучително и за евро-атлантските интеграции кои преставуваат заедничка стратешка цел.

ВМРО-ДПМНЕ и ЦДУ, како сестрински партии, се долгогодишни партнери во рамките на Европската народна партија (ЕНП), со постојана соработка на билатерално и на мултилатерално ниво.


Меркел размислува за построги закони за мигрантите по новогодишните напади врз жени


Келн, 9 јануари, 2016 - 10:28 (META) 

Германската канцеларка, Ангела Меркел, изјави дека се разгледуваат можности за измени во законската регулатива на земјата што ќе овозможат полесна депортација на мигрантите што сториле некакво кривично дело.

Ваквите најави доаѓаат по сексуалните напади и разбојништва врз жени што се случија на 31 декември во градот Келн и кои ја шокираа германската јавност.

Според актуелните германски закони, барателите на азил можат да бидат вратени во земјите на потекло доколку сториле кривично дело за кое е предвидена казна од најмалку три години затвор, под услов да не постои ризик по нивните животи во замјата од која доаѓаат.

Се очекува официјални претставници на конзервативната Демохристијанска партија (ЦДУ) на канцеларката Меркел да предложат законски измени со кои ќе се овозможи депортација на мигранти осудени на каква било затворска казна.

„Мислам дека постојат индиции дека промени мора да има. Министерот за внатрешни работи и министерот за правда веќе дискутираат за тоа што може да се направи“, изјавила Меркел, пренесува „Би-Би-Си“.

Партиското раковдство на ЦДУ денеска треба да одржи состанок во Мајнц, посветен на овие прашања.

Германската јавност е во шок по откривањето дека на 31 декември дошло до повеќе сексуални напади, силувања и разбојништва врз жени во неколку поголеми германски градови, од страна на мажи од Северна Африка.

Според полицијата, повеќе од десетици жени пријавиле дека биле сексуално нападнати и ограбени за време на новогодишната ноќ. Биле поднесени најмалку 90 кривични пријави, вклучително и една пријава за силување.


Партијата на Меркел бара забрана на носење бурка


Берлин, 11 декември, 2015 - 11:04 (META) 

Под притисок да го заостри ставот кон имигрантите, конзервативците на германската канцеларка Ангела Меркел повикаа да се забрани носење бурка во јавност.

Во резолуцијата, која в понеделник ќе се усвојува на партискиот конгрес во Карлсруе, раководството на ЦДУ се спротивстави на барањето на некои членови за одредување горна граница за бројот на бегалци што можат да влезат во Германија.

Во резолуцијата, која е напишана на 18 страници, се вели дека бурката се коси со германските вредности.

Соседна Франција во 2011 година забрани носење бурка, а Германија тогаш се противеше на таквиот чекор.

Резолуцијата, исто така, предупредува дека ако ЕУ не може да ги контролира своите надворешни граници, шенгенската зона за слободно движење на луѓето нема долго да остане на сила.