!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Откриени 20 килограми марихуана на граничниот премин Блаце


Скопје, 22 март, 2017 - 16:43 (META) 

Царинските инспектори во соработка со Министерството за внатрешни работи вчера на граничниот премин Блаце, пронашле и заплениле 20 килограми марихуана, сокриена во возило што го управувал македонски државјанин.

Како што соопшти денеска Царинската управа, возилото вчера околу 10.30 часот се пријавило за влез во земјава.

„При прегледот на возилото, во задните врати на комбито помеѓу лимот и тапацирот, поточно во левата и во десната задна врата и во внатрешноста на моторот биле пронајдени 42 пакувања, со вкупна тежина од околу 20 килограми. Сите пакувања биле наполнети со растителна материја, а при нејзиното тестирање со тестер за дрога добиени се индикации дека се работи за марихуана. Сите подготвени документи, дрогата и лицето се предадени на службени лица од Министерството на внатрешни работи за понатамошна постапка“, стои во соопштението на Царинската управа.


Српски државајнин се обидел да изнесе фалсификувани евра од земјава


Куманово, 14 март, 2017 - 13:40 (META) 

Царинските службеници од граничниот премин Табановце вчера спречиле обид за изнесување од држвата на фалсификувани пари со вкупен износ од 27.700 евра. Фалсификуваните банкноти, како што информираат од Царинската управа, биле пронајдени во возило што го управувал српски државјанин, против кого е поднесена кривична пријава.

„На 13 март годинава, околу 7 часот наутро, на граничен премин Табановце за излез од Република Македонија се пријавило патничко возило со српски регистарски таблички управувано од српски државјанин. При контролата на возилото и на патникот, во потпирачот меѓу предните седишта, во врзано снопче со ластик, замотани во бела хартија, пронајдени биле девизи. Царинските службеници забележале дека има 39 банкноти во апоени од 100 евра со ист сериски број, потоа 39 банкноти во апоени од 200 евра со ист сериски број, како и 32 парчиња во апоени од 500 евра исто така со ист сериски број. При преглед со УВ-лампа, констатирано било дека девизите се со лош квалитет и се фалсификувани“, стои во соопштението на Царината.

Српскиот државјанин бил веднаш уапсен и предаден на инспекторите од одделението за истраги на Царинската управа, кои, според доказите, утврдиле дека осомничениот фалсификуваните евра ги направил сам и ги испечатил со печатач во боја на обична хартија, а истото го потврдиле од Народната банка на Република Македонија при вештачењето на парите.

„Царинската управа против осомничениот до Основното јавно обвинителство Куманово поднесе кривична пријава за фалсификување пари, а осомничениот е предаден на судија за претходна постапка во Основниот суд Куманово, кој му одреди мерка претпазливост – привремено одземање на патна исправа со обврска да се јавува во судот двапати неделно“, додаваат од Царинската управа.


Царината спречила шверц на 18 килограми марихуана, сокриена во плинска боца


Куманово, 26 јануари, 2017 - 13:49 (META) 

Царинските екипи на граничниот премин Табановце вчера спречиле обид за шверц на 18 килограми марихуана, што била сокриена во плинска боца.

Како што информираат од Царинската управа, вчера, околу 6 часот, на граничниот премин за излез од Македонија било пријавено возило, со албански регистарски таблички, а управувано од И.Ш., државјанин на Албанија. Возилото било селектирано за детална контрола и при прегледот на багажникот била пронајдена плинска боца, во која биле сокриени 15 вакумирани пакетчиња облепени со проѕирна леплива лента, наполети со марихуана со вкупна тежина од околу 18 килограми.

Во предистражната постапка, што ја спровеле инспекторите на одделението за истраги на Царинската управа, било утврдено дека осомничениот ја набавил марихуаната во Албанија и требало да ја прошверцува до Германија.

„Против сторителот, Царинската управа поднесе кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори до надлежното јавно обвинителство, а судијата на претходна постапка му изрече мерка притвор во траење од 30 дена“, стои во соопштението на Царината.

Оттаму додаваат дека во текот на декември, царинските екипи во соработка со Министерството за внатрешни работи заплениле 70 килограми марихуана, сокриена во ПВЦ-прозорци.


Царинската управа лани инкасирала 1,1 милијарда евра од давачки и акцизи


Скопје, 16 јануари, 2017 - 14:56 (META) 

Царинската управа на Република Македонија ја завршила 2016 година со вкупно остварени приходи од 72,9 милијарди денари (околу 1,1 милијарди евра, н.з.), што е за 8,5 отсто, односно за 5,7 милијарди денари (92 милиони евра, н.з.) повеќе од приходите во 2015 година.

„Ова претставува значителен успех при наплата на давачките во надлежност на Царинската управа, а тоа се давачки при увоз (царина, данок на додадена вредност, акцизи и надоместоци) и наплата на акциза не само при увоз, туку и во внатрешен промет“, стои во соопштението од Царинската управа.

Како што информираат оттаму, во 2016 година Царинската управа наплатила за 5,5 отсто, односно за 3,8 милијарди денари (61,7 милиони евра) повеќе од планираното.

„За 2016 година беше планирано да се наплати 69,5 отсто од даночните приходи во буџетот на Република Македонија, а наплатени се 73,3 отсто од нив. Во однос на реализираните приходи во 2015 година, во 2016 година остварено е значително зголемување на наплата на сите видови давачки. Ова зголемување е остварено при зголемување на вредноста на увозот од само 1,8 отсто“, велат од Царината.

Според Царинската упарава, во 2016 година таа наплатила:

  • 42,1 милијарда денари од ДДВ, што претставува за 6,5 осто, односно за 2,56 милијарди денари, повеќе од наплатата во 2015 година;
  • 4,76 милијарди денари од царинење, што претставува за 9,9 отсто, односно за 0,4 милијарда денари повеќе од наплатата во 2015 година;
  • 25,4 милијарда денари од акцизи, што претставува за 11,7 отсто, односно за 2,67 милијарди денари повеќе од наплатата во 2015 година;
  • 0,68 милијарда денари од надоместоци, што претставува за 8,4 отсто, односно за 0,53 милијарда денари повеќе од наплатата во 2015 година.

Зголемената наплата на приходите, како што информираат од Царинската управа, се должи на повеќе фактори, односно на зголемена финансиска дисциплина на сите учесници во трговијата, подобрување на системот за управување со ризик на Царинската управа при увоз, контролите кај компаниите по завршена постапка, односно постконтроли и подобрувањето на интерните контролни системи.


Спречен шверц на 8 килограми марихуана на граничниот премин Табановце


Куманово, 4 декември, 2016 - 15:35 (META) 

Царинските екипи на граничниот премин Табановце вчера спречиле обид за шверц на осум килограми марихуана, која била сокрина во автомобил што го управувал 56-годишен државјанин на Република Албанија.

„На 3 декември 2016 година, околу 15 часот, на излез од Република Македонија, на граничниот премин Табановце, се пријавило патничко моторно возило марка „смарт“ со албански регистарски ознаки, а управувано од осомничениот Б.О. (56) од Р.Албанија. При прегледот на возилото, во задниот дел од левиот и десниот праг, во фабричка шуплина, царинските службеници пронашле вкупно 27 пакетчиња со различна големина, облепени со кафеава леплива лента, наполнети со наркотична дрога – марихуана со вкупна тежина од околу осум килограми“, стои во соопштението од Царинската управа.

Во разговор со осомничниот било утврдено дека за паричен надомест од 4.000 евра, тој се договорил со лица од Албанија да пренесе поголемо количество дрога од Албанија во Чешка.

Против албанскиот државјанин Царинската управа до надлежното јавно обвинителство поднела кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.


Запленети 30 килограми марихуана на граничниот премин Долно Блаце


Скопје, 3 декември, 2016 - 13:15 (META) 

Екипи на Царинската управа синоќа на граничниот премин Долно Блаце откриле и заплениле 30 килограми марихуана, која била сокриена во возило што го управувал 53-годишен државјанин на Кралството Шведска, информираше МВР.

Дрогата била сокриена во посебно направен бункер во подот на возилото.

„На 2 декември 2016 година, во 21.30 часот, на граничниот премин Долно Блаце, при контрола на Т.Б.Л.А. (53) од Кралството Шведска, кој управувал патничко моторно возило од марката „крајслер“ со шведски регистарски ознаки, од страна на Царинска испостава Блаце и екипа на мобилната царина била извршена детална контрола на возилото, при што во посебно направен бункер во подот на возилото биле пронајдени 61 пакетчиња завиткани со леплива лента и со алуминиумска фолија со тревкаста материја, најверојатно наркотична дрога марихуана, со тежина од околу 30 килограми“, стои во информацијата на МВР за случајот.

Странскиот државјанин од страна на Царинската управа биле задржан за понатамошна постапка.


Царината заплени 29 килограми марихуана на граничниот премин Блаце


Скопје, 1 ноември, 2016 - 14:49 (META) 

Царинските екипи на граничниот премин Блаце вчера во возило во кое се превезувале четворица албански државјани, пронашле и заплениле 29 килограми марихуана, соопшти денеска Царинската управа.

Како што информираат оттаму, возачот на автомобилот 26-годишниот Б.Г., и тројцата негови сопатници, синоќа, околу 22.30 часот, се пријавиле за влез во земјава. Цариниците го селектирале возилото за детален перглед и под подот откриле специјално направен бункер, наполнет со 29 пакетчиња со марихуана.

„Дрогата требало да биде однесена до Германија, а нејзината цена на западно-европскиот пазар би достигнала вредност од околу 120.000 евра“, велат од царината.

Случајот бил предаден на инспекторите од одделението за истраги на Царинската управа, кои по собирањето на сите докази, до надлежното обвинителство против возачот ќе поднесат кривична паријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Од Цариската управа информираат дека во текот на минатиот месец нивните службеници во четири одвоени случаи заплениле вкупно 65 килограми марихуана.


Запленети 2,7 килограми марихуана на граничниот премин Ќафасан


Струга, 10 октомври, 2016 - 15:00 (META) 

Царински екипи вчера, на граничниот премин Ќафасан на македонско-албанската граница, заплениле 2,7 килограми марихуана, сокриена во автомобил со македонски регистарски ознаки, што го управувал 34-годишниот Е.М., соопшти денеска Царинска управа.

Во автомобилот, според царината, биле пронајдени 12 најлонски пакетчиња со марихуана, сокриени на повеќе места во возилото.

„Во багажниот простор под резервната гума, пронајдени се четири најлонски пакетчиња, наполнети со тревкаста материја со зеленкаста боја и со карактеристичен мирис. При понатамошниот преглед, во кој беше користено и царинско куче за откривање наркотици, беа пронајдени уште осум најлонски пакетчиња со иста содржина, во багажниот простор во внатрешниот дел на левото задно крило, во делот за вентилација во предниот дел од моторот и во просторот над предната светилка која се наоѓа на покривот од возилото. Тестерот за наркотици покажа дека се работи за наркотично средство – канабис сатива. Вкупната тежина на откриената дрога изнесува околу 2 килограми и 688 грама“, стои во соопштението од Цариската управа.

Осомничениот бил веднаш уапсен и предаден на инспекторите од одделението за истраги. Во предистражната постапка, според царината, било утврдено дека осомничениот ја купил марихуната во Елбасан за 500 евра.

„По комлетирање на сите докази, Царинската управа против сторителот ќе поднесе кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори до надлежното јавно обвинителство, а сторителот ќе биде предаден на надлежен судија на претходна постапка“, додаваат од царината.


Запленети злато и платина на граничниот премин Богородица


Гевгелија, 14 септември, 2016 - 16:27 (META) 

Царинските службеници на граничниот премин Богородица, на македонско-грчката граница, вчера заплениле околу еден килограм златна жица во парчиња и 57 грама платина, соопшти денеска Царинската управа.

Како што информираат оттаму, вредноста на запленетото злато и платина е проценета на околу 38.000 евра.

Златото и платината биле сокриени во пластичен сад наполнет со ориз, што цариниците го нашле во возило што го управувал германски државјанин, кој вчера околу 8.15 часот се пријавил за излез од Македонија. Тој бил заедно со уште еден сопатник, а на цариниците им рекол дека нема ништо за пријавување.

„При преглед на багажниот простор од возилото, во една патничка торба со прибор за автомобил, во пластичен сад наполнет со ориз, царинските службеници пронајдоа 948 грама златна жица во парчиња и 57 грама платина во парчиња. По направена проценка од стручни лица, констатирано е дека златната жица е со чистота од 24 карати, чија вкупна берзанска вредност изнесува 36.000 евра, додека гранулите преставуваат благороден метал платина со берзанска вредност од 1.630 евра. Вредноста на непријавената стока изнесува 2.322.849 денари, а висината на избегнати царински давачки е 426.418 денари“, стои во соопштението од Царинската управа.

Инспекторите од одделението за истраги при Царинската управа по документирањето на целиот случај и по прибирањето на сите материјални докази поднеле кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија против осомничениот, кој се товари за криумчарење.

Судија на претходна постапка на осомничениот му одредил притвор од осум дена.


Албански државјанин шверцувал свежа риба на Ќафасан


Струга, 13 септември, 2016 - 14:01 (META) 

Царинска управа на Република Македонија открила и запленила 20 килограми свежа риба на граничниот премин Ќафасан, кај Струга.

Шверцуваната риба била откриена при контрола на албански автомобил, управуван од албански државјанин, пријавен за влез во земјата на граничниот премин на албанско-македонската граница.

Непријавените риби, пронајдени во две торби, кои биле сместени пред совозачкото седиште, се привремено здржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.