Обид за шверц на два килограми кокаин на скопскиот аеродром


Скопје, 7 декември, 2018 - 13:27 (META) 

Два килограми кокаин, кои биле скриени во багажот на Венецуелец, се откриени на Меѓународниот аеродром „Скопје“, соопшти Царинската управа на Република Македонија. Дрогата при продавање во количества „на мало“ би достигнала цена од околу 570.000 евра, се објаснува во соопштението.

Шверцерот слетал на скопскиот аеродром завчера во 20.30 часот со лет од Цирих и бил издвоен за детален преглед, по што била откриена дрогата за која и анализата од цариниците и втората анализа од вештаци потврдила дека е кокаин.

„Вредноста на запленетата дрогата, на црниот пазар во Република Македонија, изнесува околу 140.000 евра, додека истата при продажбата на мало би била повеќекратно зголемена и би достигнала вредност околу 570.000 евра“, соопшти Царина, нагласувајќи дека е поднесена кривична пријава против Венецуелецот.


На „Богородица“ фатени 130 килограми марихуана скриени во шупливи штици


Скопје, 3 мај, 2018 - 15:08 (META) 

Царинската управа соопшти дека на граничниот премин „Богородица“ вчера бил спречен шверц на вкупно 130 килограми марихуана, кои биле скриени во шупливи штици во полуприколка влечена од шлепер.

Како што објаснија, околу 3 часот вчера на граничниот премин за излез од Македонија се пријавил С.Р. (37) од Албанија, кој управувал со шлеперот со албански таблички. Тој на цариниците им рекол дека камионот е празен, а од Албанија преку Македонија и Грција требало да стаса до Турција, каде требало да товари стока.

Но царинските службеници извршиле контрола на возилото, при што во внатрешноста на дрвените странични штици што ја држат церадата од полуприколката, пронашле „бункери“ во кои имало вкупно 323 пакувања марихуана, со вкупна тежина од 130 килограми, која при продажба на мало на црниот пазар би чинела 390.000 евра.

Царинската управа против возачот на шлеперот поднела кривична пријава за трговија со дрога, по што Основниот суд во Велес му одредил 30-дневен притвор.

Ова е втор поголем случај на заплена на дрога годинава. Претходно на 28 јануари, исто така на „Богородица“ е спречен шверц на вкупно 310 килограми марихуана.


Сообраќајот кон Грција денеска во прекин поради штрајк на грчките цариници


Скопје, 19 октомври, 2017 - 10:17 (META) 

Денеска ќе биде во прекин сообраќајот за сите видови возила на границата помеѓу Македонија и Грција, освен за пешаци, поради штрајк на грчките царински служби, информираат од Министерство за внатрешни работи.

„Прекинот на сообраќајот на граничниот премин Богородица ќе биде од 6 часот утре до 6 часот, на Меџитлија од 6.30 часот до истиот термин на 20 октомври, а на преминот Дојран од 5 часот до 23 часот утре“, се вели во соопштението на МВР.


Компаниите бараат етички кодекс за работа на цариниците


Скопје, 2 октомври, 2017 - 13:46 (META) 

Стопанските комори во соработка со УСАИД спроведуваат проект „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“, со кој на компаниите им се помага полесно да ги имплементираат законите што се однесуваат на нивното работење.

Честите законски измени изминатите години им создваа проблеми при работењето, а покрај тоа компаниите детектирале 60 проблеми при примената на одредени закони, изјави денеска Јадранка Аризанковска, виш советник во Стопанска комора на Македонија.

Покрај проблемите детектирани при примената за Законот за работни односи, даноците, животната средина, компаниите упатиле забелешки и на работењето на царинските работници, па оттука бараат етички кодекс за нив.

– Компаниите детектирале непрофесионален однос кај дел од царинските службеници, односно субјективно и различно толкување на законите. Оттука, бараат етички кодекс за нивната работа. Исто така, во поглед на царината, тие бараат царински олеснувања за малите и средни претпријатија, намалување на глобите доколку се утврдат грешки при царинењето кои некогаш се и од технички карактер – изјави Павлина Димовска, правен советник за регулатива во рамките на УСАИД.


Заврши штрајкот на грчките цариници – сообраќајот на граничните премини се нормализира


Скопје, 2 јуни, 2017 - 10:45 (META) 

Сообраќајот на граничните премини со Грција се одвива нормално, без поголеми задржувања, соопшти денеска Автомото-сојузот на Македонија, наведувајќи дека просечното чекање на македонската граница изнесува околу 15 минути.

Во еден часот изутринава, заврши 24-часовниот штрајк на грчките цариници поради новите мерки на штедење на грчката влада. За време на штрајкот, целосно затворени за сообраќај беа граничните премини Дојрани и Ники, каде границата можеше да се мине само пеш, додека на граничниот премин Евзони, на секој час границата се отвораше за патнички возила и за автобуси во траење од 15 минити.

Поради денешниот празник и продолжениот викенд, фреквенцијата на македонско-грчката граница е зголемена. Од АМСМ соопштија дека интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е зголемен, а на граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од земјата.


Долги колони на грчките гранични премини поради штрајкот на цариниците


Скопје, 1 јуни, 2017 - 10:42 (META) 

Долги колони автомобили и автобуси има на граничниот премин Евзони поради штрајкот на грчките цариници, кој почна на полноќ, потврдија за „Мета“ од грчкиот граничен премин.

Како што соопштија, на преминот Евзони, на секои 60 минути границата се отвора за минување на возила во траење од 15 минути. Сообраќајот на граничниот премин е целосно затворен за товарни возила.

Од АМСМ соопштија дека на грчките гранични премини Дојрани и Ники сообраќајот е целосно затворен и за патнички и за товарни возила и дека забраната за влез во Грција ќе остана на сила до полноќ, односно до 1 часот по македонско време.

Границата на овие премини е отворена само за пешаци.

Грчките цариници синоќа на полноќ стапија во 24-часовен генерален штрајк поради новите мерки на штедење на грчката влада.


Затворен бугарскиот граничен премин Лесово кон Турција, 30 цариници приведени


Бургас, 2 ноември, 2016 - 23:44 (META) 

Бугарската полиција спроведе акција на граничниот премин со Турција, Лесово, при што се приведени повеќе од 30 царински службеници, јави дописничката на „Мета“ од Софија.

Првиот човек на специјализираното јавно обвинителство Иван Гешев истакнал дека на граничниот премин била спроведена истрага поради основано сомневање за постоење на организирана криминална група која ја сочинувале царински инспектори.

Акцијата била спроведена од 300 специјалци на безбедносните сили, а уапсените биле осомничени дека земале поткуп во различен износ. Спред Гешев, тие биле следени неколку месеци и притоа биле користени различни разузнавачки методи.

Вечерва на пунктот Лесово, но и во градовите Бургас и Јамбол се вршеле претреси и имало заплена на службени простории и na станови.

Сведоците биле испрашувани од двајца судии од специјализиран kривичен суд. Истрагата ќе продолжи и во следните денови.

Бугарската гранична полиција препорачува патниците кои патуваат кон Турција да ги користат другите гранични премини, Капетан Андреево и Малко Трново.

Поради акцијата на граничниот премин Лесово, била создадена трикилометарска колона, а полицијата ги пренасочувала возилата на другите гранични премини.