Од годинава сите царински декларации ќе се поднесуваат електронски


Скопје, 8 јануари, 2019 - 12:15 (META) 

Годинава сите царински деклариции и акцизни документи ќе се обработуваат електронски. Ова беше истакнато денеска при посетата на министерот за финансии Драган Тевдовски на посетата на Царинската управа. Системот за управување со царински декларации на почетокот на февруари ќе почне да се применува на 11 пилот-проекти царински испостави, а веќе од средината на годината ќе почне да се применува во сите царински испостави во земјава.

-На овој начин за фирмите, значително се скратуваат трошоците и се намалува времето. Сите документи ќе се поднесуваат електронски. Наша цел е да автоматизираат процесите и со тоа  да им се понудат подобри услуги и на граѓаните и на компаниите – рече министерот за финансии Драган Тевдовски.

Системот за обработка на царински декларации и акцизни документи ќе овозможи и размена на податоците со другите институции, како на пример, Управата за јавни приходи при поднесување на ДДВ пријави кон кои се поднесуваат царински декларации или Завод за статистика и Народна банка за податоци за увоз и извоз.

Во првата половина од годинава ќе биде пуштен и нов терминал на граничниот премин Ќафасан. Проширувањето на царинскиот премин Ќафасан опфаќа нов увозно-извозен царински терминал од 9,5 илјади м2, пристапни патишта, објекти за царинење и други инспекциски органи како и реконструкција на постојните објекти.

-Општата цел на проектот e олеснување на прекуграничните постапки и спроведување на законите, што ќе се постигне со реконструкција на објектите за царинење и инспекција, обезбедени подобри услуги за економските оператори и побрз проток на стоката, како и зајакната заштита на државата и општеството – рече директорот на Царинската Управа, Ѓоко Танаскоски.

Инаку минатата година, како што истакна Танаскоски, беше пуштен во употреба новиот царински терминал на граничниот премин Табановце. Надградбата на терминалот, овозможува олеснување на прекуграничната трговија долж Коридорот 10 и спроведување на царинските постапки во модерни капацитети.

Во доменот на примена на концептот Овластен економски оператор, беше посочено дека идните активности на Царинската управа ќе тежнеат кон зголемување на бројот на издадени одобренија. преку натамошна промоција на концептот, и советување на компаниите и помош при соочувањето со новините од овој концепт.


Царинската управа вработува 78 лица поради зголемен обем на работа


Скопје, 8 јануари, 2019 - 10:12 (META) 

Царинската управа објави оглас за вработување на 78 извршители на определено време до крајот на тековната фискална година, а како главна причина за тоа е наведен привремено зголемен обем на работа до крајот на 2019 година.

Во огласот се бараат советници, цариници, виши цариници, кандидати за началник на Одделение кабинет на директор во Царинска управа, инспектор со мобилен скенер, шеф на служба за проекти во Одделение за меѓународна соработка и за други работни места.

Основната нето плата за работно место началник на одделение е 39.899 денари, за шеф на служба е 34.067 денари, за водител на смена е 33.432 денари, за самостоен советник е 32.401 денари, за советник е 30.724 денари, за виш цариник е 31.053 денари, за работно место цариник е 22.887 денари, за администартивен оператор е 24.060 денари и за наплатувач е 16.571 денари.


Глобите за царински прекршоци намалени за 75 отсто


Скопје, 6 август, 2018 - 9:30 (META) 

За 75 проценти во просек се намалени глобите за царинските прекршоци за кои е предвиден мандатен платен налог, односно за оние кои можат да се платат на лице место, информираат од Министерство за финансии.

Од таму додаваат дека со измените на Царинскиот закон се врши намалување на глобата од 250 евра на 50 евра за правно лице и од 50 евра на 15 евра за физичко лице.

„Како што истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, целта на измените е подобрување на легислативата во насока на создавање на униформна, правична и пропорционална примена на прекршочните одредби, соодветно на тежината на сторениот прекршок. Со измените на Царинскиот закон се овозможува и побрз проток на стоките. Имено, тој овозможува взаемното признавање на издадените одобренија за овластен економски оператор во рамките на ЦЕФТА. Ова е голема придобивка за македонските трговски друштва кои тргуваат во регионот“, се вели во соопштението.

Од Министерство за финансии додаваат дека признавањето на одобренијата за економски оператор ќе овозможи побрз проток на стоката која се извезува, помалку физички и документарни контроли и можност да се одбере местото каде ќе се спроведат контролите.

„Со измените на законот се врши и усогласување со Конвенцијата за заедничка транзитна постапка. Со нив се усогласуваат одредбите кои се однесуваат на употреба на гаранции за обезбедување на плаќање на царинскиот долг или други давачки кои можат да настанат во врска со стоката ставена во транзитна постапка. Измените на законот стапуваат на сила кон средината на овој месец“, се додава во соопштението.


Бектеши: Косово целосно ја повлече одлуката за зголемени царини


Скопје, 31 јули, 2018 - 16:37 (META) 

Косовската Влада во целост ја укина одлуката за зголемени царини, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.Тој додаде дека одлуката треба да се спроведе од утре, откако претходно косовските власти ќе испратат официјално писмо до нивните царински служби.

– На владината седница на косовската Влада, биле земени предвид аргументите што беа изнесени од македонската страна на петочната средба во Приштина – рече Бектеши.

Тој потсети дека по писмената реакција и по најавата за состанокот во Белград следеше измена во Одлуката од косовска страна, со која што мерката остана да важи за седум производи, и тоа домати, пиперки, јаболка, грозје, круши, сливи и малини.

– Оваа одлука не ни одговараше нам, т.е. на нашите земјоделски производители, бидејќи станува збор за сезонски производи и на нив отпаѓа најголем дел од македонскиот извоз на косовскиот пазар. Токму тоа му го предочив на министерот Хасани, истакнувајќи ги загубите на бизнис заедницата, кои се на двете страни огромни.  Посебно ми е драго што наидов на разбирање од косовската страна и што, нашата средба вроди со плод, па како што ми беше ветено, на првата седница на Влада нашите аргументи беа презентирани и земени предвид – рече Бектеши.

Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство треба да направи проценка за штетите, по што Владата треба да помогне на трговците што претрпеа загуби.

Бектеши јавно се заблагодари за одлуката косовската влада и како што истакна целта е да се обезбеди поголем пазар, не само за македонските, туку за сите компании во регионот.


Собранието го усвои Царинскиот закон за олабавување на казнена политика


Скопје, 31 јули, 2018 - 10:19 (META) 

Хармонизација со законодавството на Европската унија, побрз проток на стоки и олабавување на казнената политика, предвидуваат измените и дополнувањата на Царинскиот закон, кои ги усвои Собранието на вчерашната седница.

– Целта на измените е подобрување на легислативата во насока на создавање на униформна, правична и пропорционална примена на прекршочните одредби, соодветно на тежината на сторениот прекршок. Со предложените измени во прекршочните одредби се врши намалување на глобата од 250 евра на 50 евра за правно лице и од 50 евра на 15 евра за физичко лице, за делот од царинските прекршоци за кои е предвиден мандатен платен налог – рече министерот за финансии Драган Тевдовски во експозето на законот.

Со предложените измени се овозможува взаемното признавање на издадените одобренија за овластен економски оператор во рамките на ЦЕФТА, што ќе придонесе за олеснување на регионалната трговија.

„Ова е голема придобивка за македонските трговски друштва кои тргуваат во регионот, на кои ќе им се овозможи побрз проток на стоката која се извезува, помалку физички и документарни контроли и можност да го одберат местото каде ќе се спроведат контролите. Со измените на законот се врши и усогласување со Конвенцијата за заедничка транзитна постапка. Со овие измени се усогласуваат одредбите кои се однесуваат на употреба на гаранции за обезбедување на плаќање на царинскиот долг или други давачки кои можат да настанат во врска со стоката ставена во транзитна постапка“, се вели во соопштението на Министерство за финансии.


Бектеши: За најскоро време очекуваме взаемно прифатливо решение со Косово


Приштина, 27 јули, 2018 - 16:42 (META) 

По средбата помеѓу министерот за економија Крешник Бектеши и косовскиот министер за трговија и индустрија Бајрам Хасани, забелешките за комплетно отстранување на заштитната мерка за повисока царина на одредени земјоделски производи, треба да се најдат пред косовската Влада.

Иако мерката е делумно повлечена за поголем број производи, односно од 21, остана на сила за само седум сезонски производи за доматите, пиперките, грозјето, сливите, јаболката, крушите и малините, на нив отпаѓа најголем дел од македонскиот извоз на косовскиот пазар.

„Токму тоа му го предочив на министерот Хасани, истакнувајќи ги загубите на бизнис-заедницата, кои на двете страни се огромни. Добив уверување од косовската страна дека овие наши забелешки ќе бидат земени предвид. Имајќи предвид дека станува збор за владина одлука, на првата наредна седница, аргументите кои ги дадовме од наша страна ќе бидат изнесени пред членовите на Владата на Косово за да се изнајде решение кое ќе биде взаемно прифатливо. Лично верувам дека во најсокоро време ќе ја продолжиме досегашната одлична трговска соработка, во корист на земјоделските производители и бизнис заедницата од двете страни“, изјави Бектеши по средбата.

Средбата уследи по официјалното писмо што Бектеши го упати до косовскиот колега пред една недела и по состанокот на ЦЕФТА земјите во Белград, на кој беше поздравена одлуката на косовската Влада за делумно укинување на трговските бариери и Приштина беше повикана во целост да ги укине царините за останатите производи опфатени со одлуката.


Бектеши од Хасани денеска ќе бара целосно укинување на царината од Косово


Приштина, 27 јули, 2018 - 11:43 (META) 

Mинистерот за економија Крешник Бектеши денеска ќе се сретна со косовскиот колега Бајрам Хасани за повлекување на царините за земјоделските производи кои останаа неопфатени со одлуката на косовската Влада.

„Во име на досегашната успешна трговска и, воопшто, економска соработка со Република Косово се надевам дека ќе најдеме заеднички јазик со мојот косовски колега, а дека средбата ќе резултира со решение кое ќе биде од взаемен интерес. Уверен сум дека имаме заедничка цел, а тоа е олеснување на трговијата на Западен Балкан, согласно правилата на договорот ЦЕФТА и принципите на слободна трговија“, вели Бектеши.

Царина од Косово се уште важи за доматите, пиперките, јаболката, крушите, сливите, малините и грозјето.Владата се уште дава можност за преговорите да успеат и не воведува контрамерки за косовските производи.

Министрите од регионот денеска во Белград на заеднички состанок ја повикаа косовската Влада целосно да ги укине зголемените царини за извоз на земјоделски производи во Косово.


МЗШВ очекува целосно повлекување на одлуката на Косово


Скопје, 26 јули, 2018 - 15:09 (META) 

Разговорите кои Владата и надлежните министерства ги водеа со Косово во изминатиот период вродија со плод, Приштина веќе ја повлече зголемената царина за дел од производите, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

„Утре, министерот за економија Крешник Бектеши, ќе се сретне со неговите колеги во Косово каде ќе се бара решение и надминување на проблемот. Сите досегашни преговори, ни даваат за право да очекуваме целосно укинување на зголемените царини. Затоа во овој момент, Македонија останува на ставот барем засега да не се воведуваат контрамерки. По утрешниот состанок ќе имаме и многу повеќе детали за наредните чекори. Приоритетна цел на министерството за земјоделство во моментов е утврдување на начин како да ги заштитиме земјоделците“, се вели во соопштението на МЗШВ.


Министрите од регионот го повикаа Косово целосно да ги укине зголемените царини


Белград, 25 јули, 2018 - 15:07 (META) 

Министрите од регионот денеска во Белград на заеднички состанок ја повикаа косовската Влада целосно да ги укине зголемените царини за извоз на земјоделски производи во Косово, информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Тие ја поздравиле одлуката на Косово за делумно укинување на зголемените царини, но побарале од Приштина итно и целосно да ги укине воведените зголемени царини за извоз на земјоделски производи.

Иницијатор на средбата и домаќин бил српскиот министер за трговија Расим Љајиќ, а на средбата учествувал и македонскиот министер за земјоделство Љупчо Николовски.

– Сметам дека енергијата која ја дадовме до сега вроди со плод. Вчера на владина седница, Приштина донесе одлука за повлекување на царината од поголем дел од производите. Но,имајќи предвид дека на сила се мерки за зголемена царина за дел од производи за кои Македонија има извоз во моментов, бараме укинувањето на одлуката да се случи веднаш. Сметаме дека е потребно итно отповикување на оваа одлука која е спротивна на договорот ЦЕФТА, но и на СТО. Ние очекуваме укинување на оваа одлуката – изјави Николовски.

Љајиќ ги повикал и останатите членки на договорот ЦЕФТА да работат на укинување и отстранување на сите трговски бариери кои се спротивни на принципите на слободната трговија.

Учесниците на денешниот состанок истакнале дека се залагаат за реформа на ЦЕФТА, за олеснување на трговијата на Западен Балкан.


Димитров: Со контрамерки кон Косово кризата ќе ескалира, мора да најдеме решение


Приштина, 20 јули, 2018 - 15:08 (META) 

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров при денешната посета на Косово рече дека ако Македонија воведе контрамерки работата ќе ескалира во лош правец и потоа, повторно ќе мора да се седне за да се најде решение, осврнувајќи се на косовската одлука за зголемувањето на царините на овошјето и зеленчукот.

Тој е убеден дека двете држави ќе ја следат новата европска практика и низ брз дијалог ќе се надмине ова прашање.

– Во време на поврзување и имплеменитрање на Берлинскиот процес кој токму тоа го налага, треба да се елиминираат бариерите. Мислам дека само тоа е патот за заштита и на нашите и на вашите производители. Мислам дека не можете да се заштитите себе си ако го повредите соседот. Не може една мерка да биде добра за Косово, ако не е добра за пријателот во соседството. Мора да најдеме решение – рече Димитров.