!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Труење или стомачен вирус испрати гости на струшки хотел в болница


Струга, 17 јули, 2017 - 15:23 (META) 

Гостин на хотелот „Изгрев“ на струшкото крајбрежје се пожали на „Мета“ дека попладнето во саботата, откако претходно појадувале во хотелот, тој и неговото семејство почнале да чувствуваат мачнина, а потоа почнале и да повраќаат, поради што побарале лекарска помош во Општата болница во Струга, каде разбрале дека имало и други туристи од хотелот „Изгрев“ со исти симптоми. Гостинот се сомнева дека во прашање е труење со храна. Но, како што дознаваме, причините би можеле да бидат и други, односно можно е и да станува збор за стомачен вирус, бидејќи во последниот период во Охридско-струшкиот Регион се забележани позначителен број вакви случаи.

Од Општата болница во Струга велат дека во текот на викендот примиле тројца странски државјани со симптоми што може да значат и труење, но и друго, на пример, стомачен вирус. Како што велат, за причините за симптомите, засега не можат да се изјаснат. Напоменуваат дека пациентите се соодветно третирани според симптомите.

Од хотелот „Изгрев“ ни рекоа дека и кујната и целиот хотел ги исполнуваат сите стандарди и дека секогаш се подготвени за соработка со властите доколку нешто треба да се утврдува. Сепак, и оттаму ни посочија дека е можно да станува збор за состојба поврзана со неприлагоденост на организмот на некои туристи кои доаѓаат од климатски постудени подрачја или, пак, за стомачен вирус. Велат и дека е можно, ако навистина станува збор за труење со храна, да е во прашање храна што туристите ја консумирале на друго место.

– Кај нас минатата недела санитарна инспекција изврши редовен надзор, ни провери сè и сè беше в ред. Имаме записник од тоа, сè е како што треба. Некои од луѓето пред да дојдат кај нас имаат поминато и во неколку други хотели. Ние имаме персонал 200 луѓе, а повеќе од 1.000 луѓе се во хотелот и нема други такви проблеми. Овие појави се можни затоа што минатата недела температурата на воздухот беше премногу висока, па се појавуваат стомачни вируси. Болниците во Охрид и во Струга се полни поради тие стомачни вируси, тоа е јавна тајна… Ние правиме сè што се бара, работиме законски, а нашата кујна работи по сите светски стандарди – изјави за „Мета“ Илија Џајковски од хотелот „Изгрев“.

За проверка со состојбата со стомачните вируси се јавивме и на инфективното одделение во Општа болница Охрид, каде началникот, д-р Лидија Љаткоска, појасни дека и кај нив викендот се примени и странци и македонски граѓани со симптоми на гастроентеритис. Вели дека бројката на вакви случаи, иако повисока од другите периоди на годината, е сепак во рамките на очекуваното за туристичката сезона, односно во последните десетина дена немало нагло зголемување на бројката на пациенти примени со симптоми на повраќање и со висока температура.


АХВ: Храната во „Леар“ била соодветно чувана и послужена, а мензата чиста


Скопје, 9 јули, 2017 - 14:40 (META) 

Храната во „Леар“, каде 23 лица вчера пријавија лесни симптоми на труење, била соодветно дистрибуирана, чувана и послужена, во оригиналното пакување и со адекватен рок на употреба, а мензата ги исполнува хигиенските услови поради што не е изречена мерка за нејзино привремено затворање, соопшти денеска Агенцијата за храна и ветеринарство.

Инспектори на АХВ во соработка со Санитарната инспекција денеска и вчера направиле вонредна контрола во тетовската фабрика при што зеле мостри за лабораториско испитување од храната која била послужена, од работните површини во мензата, како и од вработеното лице што ја послужувало храната, а на кое му било извршен и дополнителен здравствен преглед

– Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи да го следи случајот и да ја информира јавноста за секоја новина поврзана со него. Како одговорна институција за безбедноста на храната, Агенцијата за храна и ветеринарство апелира во услови на висока температура и зголемен ризик од расипување на храната и појава на труења, граѓаните да внимаваат од каде купуваат храна, односно да ја набавуваат од регистрирани оператори, каде се запазени безбедносните критериуми, како и да водат сметка за личната и за хигиената при подготовка и чување на храната – апелираат од АХВ.


Повторно труење со храна кај вработени во тетовската фабрика „Леар“


Тетово, 8 јули, 2017 - 16:41 (META) 

Дваесет и пет вработени од фабриката „Леар“ биле примени во тетовската клиничката болница заради интервенција поради гадење и повраќање. Работниците потоа се пуштени на закрепнување дома. Тоа се случило по денешниот појадок, а од тетовската брза помош информираа дека кај дел од луѓето интервенирале во фабриката, а некои самите дошле да побараат помош.

Според неофицијалните сознанија, труењето најверојатно настанало од консумирање салама или паштета кои за време на појадокот им биле дадени на работниците.

– Колегите добиле повик, па на самото место во фабриката за производство интервенирале и на прв преглед кај четворица констатирале симптоми на гадење, повраќање и болки. Не им дале терапија, туку ги однеле во инфективна клиника за да се консултираат со инфектолог. По некое време со возила на „Леар“ донесени во нашата служба се околу седум пациенти со гастроинтестинални симптоми, со повраќање и со болки, а некои и колабирале, но без драматична клиничка слика. Потоа дошле уште од работниците и во инфективна клиника. По добиената терапија сите се испратени дома – изјави доктор Гзим Нуредини од тетовската брза помош.

Ова е вторпат да се случи вработените да имаат здравствени проблеми по јадење во фабриката. Во март дури 223 работници беа однесени во болница поради повраќање и слични симптоми поради стафилокока во тестенините со месо, кои ги конзумирале во фабриката.


Град Скопје реагира на труењето животни


Скопје, 8 април, 2017 - 19:45 (META) 

Градот Скопје најостро ја осудува постапката на одредени неодговорни поединци или групи, кои фрлаат отров и отровни материи заради труење на бездомни животни, се вели во соопштението што денеска го испратија градските власти.

Реакцијата уследи денеска, откако оваа и претходната седмица реагираа неколку скопски општини, а постојано реагираа и здруженија за заштита на животните и многу поединци.

„Оваа постапка е крајно неодговорна и претставува сериозна опасност по здравјето и животот на луѓето и на животните, а воедно претставува и кривично дело. Градот Скопје остро го осудува ваквото поведение на некои несовесни граѓани и уште еднаш апелира, доколку се забележи ваков случај, веднаш да се пријави во полиција. Доколку забележите појава на труење на животни, покрај во полиција на телефонот 192, истото пријавете го во ЈП „Комунална хигиена“ на телефонскиот број 02 321 66 44 и во стационарот „Вардариште“ на телефон 02 820 13 57“, се вели во соопштението.


„Леар“: Фабриката ќе биде затворена сè додека не се реши случајот со труењето


Тетово, 31 март, 2017 - 15:30 (META) 

Во писменото соопштение на фабриката „Леар“, каде што синоќа беа затруени околу 200 луѓе, се вели дека фабриката ќе биде затворена сè додека не се реши случајот и додека не се осигурат дека нема да се повтори.

„За компанијата „Леар“ ништо не е поважно од здравјето и од благосостојбата на вработените. Ние имаме одлични услови за здравје и за безбедност во нашите фабрики. Внимателно ги следиме инструкциите на локалните здравствени власти за да го истражиме овој изолиран инцидент“, велат оттаму.

Во Клиничката болница во Тетово во моментов на лекување е задржано едно лице од вкупно 183 работници, информираше директорот, Флорим Бесими.

 


Бесими: За 48 часа треба да се знаат причините за труењето на работниците во „Леар“


Тетово, 31 март, 2017 - 14:18 (META) 

Во Клиничката болница во Тетово во моментов на лекување е задржано едно лице од вкупно 183 работници од фабриката „Леар“ во ТИРЗ Тетово, кои рано утрово биле хоспитализирани на клиниката поради симптоми на труење од храна, вели директорот на Клиничката болница, Флорим Бесими.

– Во раните утрински часови, за краток период поголем број пациенити, масовно побараа лекарска помош во нашата институција. Сите имаа исти симптоми – стомачни тегоби и повраќање. Ние ги ставивме на располагање сите наши капацитети, и кадровски и просторни и материјално-технички, и ги згриживме сите пациенти, на кои им беше укажна соодветна помош. Вкупната бројка на лица што побарале помош е 183, а запишани, со име и со презиме и со други податоци, поради итноста на болничката процедура, имаме 127 лица. Ова беше направено за на што поголем број лица што побргу да им биде дадена потребна лекарска помош. Во моментот само едно лице сè уште е задржано кај нас, но и тоа е во добра, стабилна здравствена состојба – вели директорот на тетовската Клиничка болница.

Според кажувањата на затруените работници, тие сите претходно јаделе иста храна, макарони со сос и со мелено месо. Бесими вели дека резултатите од испитувањата се очекуваат за 48 часа и тие ќе ја покажат точната причина за труењето.

Како што информираше Бесими, формирано е координативно тело од сите здравствени институции во Тетово, односно Клиничката болница, Здравствениот дом, Центарот за јавно здравје и санитарната инспекција, чии екипи веќе биле на терен за утврдување на состојбата и на причините за труењето на работниците.

– Ние остануваме во состојба на подготвеност за справување со кој било случај на труење што би можел да се јави понатаму бидејќи ова се податоци со кои располагаме за примените пациенти само во нашата болница, а можеби има и такви што побарале помош кај матичните лакари и во Гостивар. Од нашата болница немаме препратено ниту еден пациент во друга институција бидејќи сите што се пуштени на домашно лекување имаат добиено соодветен медицински третман и препорачана терапија – вели Бесими.

Како што изјави тој, во транспортот на пациентите од фабриката до болница биле ангажирани екипи на брза помош, а дел пристигнале на друг начин. На триесетина работници им била пружена лекарска помош на самото место и за време на транспортот до болницата.

Од Јавното обвинителство денеска соопштија дека надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово и екипа на полицијата вршат увид во фабриката „Леар“, каде се затруле работниците.


Околу 220 вработени во фабриката „Леар“ во ТИРЗ Тетово биле затруени од храна


Тетово, 31 март, 2017 - 10:10 (META) 

Околу 220 вработени во фабриката „Леар“, која се наоѓа во технолошко-индустриската развојна зона во Тетово, ноќеска биле затруени, најверојатно со храна, информираат извори од Клиничкиот центар во Тетово.

Според првичните информации, тие вечерале околу еден часот по полноќ и неколку часа по вечерата, почувствувале стомачни тегоби, по што добиле дијареа.

Околу четири часот по полноќ, вработените со возила на итна медицинска помош биле пренесени во тетовската Клиничка болница, а дел од нив биле препратени во гостиварската болница.

Во Клиничкиот центар во Тетово, од околу 200 луѓе кои се примени утринава, само двајца се задржани на лекување, а другите се пуштени дома. Во болницата во Гостивар, од 30 примени пациенти, седуммина се задржани на лекување.


На Меѓународниот ден на водите, „Арсена“ потсети на загадената вода во Гевгелија


Гевгелија, 22 март, 2017 - 18:09 (META) 

Граѓанската иницијатива „Арсена“ подели пакувања чиста вода на штанд поставен на градското шеталиште во центарот на Гевгелија, по повод Меѓународниот ден на водите.

Мотото на оваа акција беше „Здрава вода за здрав живот“, а целта беше да се актуелизира долгогодишниот проблем на гевгеличани со потребата од чиста вода за пиење, поради присуството на енормно високи концентрации на отровниот металоид арсен во водите од градскиот водовод.

„Ова што се случува со водата во Гевгелија е трагично и неодговорно. Сите сакаме чиста вода и сите заслужуваме да ја имаме дома како корисници на јавниот водоводен систем. Но, работите се надвор од секаква контрола на локалните власти. Изгледа, сиве овие години, поважан им беше мирниот мандат и бенефициите од мандатот, наместо задоволување на потребите на граѓаните за чиста вода“, изјавија од „Арсена“.

Од оваа иницијатива најавуваат формирање на правен тим кој ќе се занимава со правните консеквенци на одговорните за долгогодишното труење на гевгеличани со арсенот во гевгелиската вода.


Пакистан: Најмалку 26 лица починале од отровен алкохол


Исламабад, 27 декември, 2016 - 13:05 (META) 

Најмалку 26 лица од областа Пенџаб, во источниот дел на Пакистан, починале, а дванаесетмина се тешко болни откако пиеле отровен алкохол во неделата за Божиќ, соопштиле локалните власти, пренесува „Би-би-си“.

Починатите, од кои 24 биле христијани, а двајца муслимани, консумирале домашна ракија, која ја набавиле од засега непознато место. Полицијата почнала истрага за да открие каде бил направен и продаден алкохолот.

Во Пакистан постојат строги закони за продажба на алкохол. На муслиманите им е строго забрането консумирањето алкохол, додека на припадниците на христијанската и на другите малцински заедници им се потребни посебни дозволи за негова набавка. Поради строгата регулатива, голем број луѓе илегално произведуваат алкохол, кој честопати содржи метанол, кој е отровен.

Во истата област и претходно имало смртни случаи од труење со алкохол, а во 2014 година за само неколку дена од отровна ракија починаа 40 лица.


21-годишна девојка од Скудриње починала од труење со јаглерод моноксид


Гостивар, 4 ноември, 2016 - 12:12 (META) 

Дваесет и едногодишна девојка од долнореканското село Скудриње починала, најверојанто од труење со јаглерод моноксид, а најзината една година постара сестра е пренесена на лекување во скопските клиники.

Трагичниот настан се случи ноќеска, додека двете сестри спиеле во просторија од нивниот семеен дом, која се затоплувала со печка на дрва.

Сестрите, кои биле во бесознание, ги забележале нивните родители. Прва помош им била пружена во најблиската амбуланта во Ростуше, а потоа веднаш биле испратени во гостиварската болница, но по пат помладата сестра починала.

Јавното обвинителство и полицијата извршиле увид и работат на целосно расчистување на случајот.