Рударите ќе се пензионираат на 50 години


Скопје, 11 септември, 2018 - 15:59 (META) 

Владата денеска усвоила измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување со кои се предвидува рударите да се пензионираат на старосна возраст од околу 50 години. Како што соопштија министрите за труд и социјална политика и за економија, Мила Царовска и Крешник Бектеши, измените наскоро ќе бидат доставени на гласање во Собранието, а ќе почнат да се применуваат од почетокот на идната година.

При пресметките за основа ќе се зема бенефицираниот стаж.

– Рударите ќе можат да остварат право на старосна пензија со навршување на 40 години пензиски стаж за мажи, односно 35 години пензиски стаж за жени. Тоа значи дека ако сега рудар се пензионира со навршени 58 години, со новото решение ќе се пензионира на околу 50 години – објасни Царовска на заедничката прес-конференција.


Спасовски: Не сум разрешен, на работа сум


Скопје, 14 декември, 2016 - 12:13 (META) 

Оливер Спасовски и Фросина Ташевска-Ременски сè уште се министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика и категорично негираат дека биле разрешени. Тие денеска за „Мета“ потврдија дека се на работа во ресорните министерства и велат дека таму и ќе останат сè додека Државната изборна комисија не ги објави конечните резултати од изборите.

Оливер Спасовски за „Мета“ вели дека откако ДИК ќе одлучи по приговорите и ќе ги соопшти конечните резултати, ќе заврши и неговиот мандат.

– Како може влада да нè разреши кога Собрание нè назначило? Јас сум на работа и ја извршувам министерската функција. Законот јасно кажува дека нашиот мандат престанува кога ќе бидат конечни резултатите од изборите. Кога ДИК ќе одлучи по сите 16 поднесени приговори, кога ќе заврши целата процедура, тогаш барајте нов министер – вели Спасовски.

На иста линија со Спасовски е и неговата колешка, министерката за труд и социјална политика, Фросина Ташевска-Ременски, која вели дека редовно си ги извршува обврските во министерството.

– Ако досега гласот и зборот на Никола Груевски биле над законот, тогаш тоа е друг проблем. Она што го кажа партискиот лидер не се конечни резултати. За тоа треба да се произнесе ДИК која сè уште не ги кажала конечните резултати. Нашите мандати како преодна влада завршуваат во моментот кога ДИК ќе го каже финалниот збор. Јас имам полн мандат и редовно си ги извршувам обврските во министерството – вели Ременски за „Мета“.

Според Договорот од 20 јули, со објавувањето на конечните резултати од изборите од страна на Државната изборна комисија (ДИК), автоматски им завршува мандатот на министрите и на дополнителните заменици-министри во министерствата за внатрешни работи, труд и социјална политика, министерствата за земјоделство, шумарство и водостпанство и за администрација и информатичко општество.

Заради организирање на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, кои ќе се одржат во 2016 година, Собранието на Република Македонија на предлог на претседателот на Владата на Република Македонија, сто дена пред денот на одржувањето на избори за пратеници во Собранието на Република Македонија избира министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика, на предлог на опозицијата, со мандат кој трае до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, по што мандатот им престанува по сила на закон (став 1 од членот 1 од измените на Законот за Влада, донесен на 28 јули годинава, врз основа на Договорот од Пржино и на Договорот од 20 јули.)

Функцијата министри до формирањето на новата влада, според овие измени, по заминувањето на Спасовски и на Ременски, треба да го преземат актуелните заменици-министри во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за труд и социјална политика, Агим Нухиу, односно Ибрахим Ибрахими.

Откако ДИК официјално ќе ги објави конечните резултати, им завршува мандатот и на дополнителните заменици-министри, Оливер Андонов (МВР), Диме Спасов (труд и социјална политика), Љупчо Николовски (земјоделство), Александар Кирацовски (администрација и информатичко општество) и Кире Наумов (финансии).


Ременски: Директорите што потпишаа менаџерски договор не се разрешени


Скопје, 13 јануари, 2016 - 15:32 (META) 

Пет од вкупно 28 директори на кои им бил понуден менаџерски договор не се разрешени затоа што уредно ги потпишале менаџерските договори и ја исполниле својата законска обврска за склучување менаџерски договор со министерот за труд и социјална политика, истакна денеска на прес-конференција Фросина Ременски, министерка за труд и социјална политика.

– Разешувањето на директорите е направено поради неисполнување на законските обврски за поднесување годишен извештај за материјално-финансиско работење до министерот и на законската обврска за склучување менаџерски договор. Диме Спасов, како министер за труд и социјала, избрал 28 директори на јавни установи, но не ја искористил законската обрска да склучи менаџерски договор со нив. За ова непостапување, јас во понеделникот поднесов кривична пријава против дополнителниот заменик-министер Диме Спасов – рече Ременски.

Таа додаде дека Спасов наместо да се затскрива зад разрешените директори и наместо да покажува лажно душегрижнитво, треба да им објасни на разрешените директори зошто се ставил над законот и не склучил менаџерски договор со нив. Таа побара тој да објасни и зошто партиски ја координирал непослушноста на директорите кон министерот за труд и социјала, поради што сега 23 директори се разрешени од работното место.

Одговарајќи на новинарско прашање, Ременски рече дека испратиле барања до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да им се одговори од која буџетска сметка е исплатен доглот кон приватните пензиски друштва, од таа за 2015 година или за 2016 година. Според неа, со тоа ќе се знае дали парите досега не се исплатени поради административни проспусти или, пак, поради немање пари.