Пратениците попладнево релаксирани, Џафери им се заблагодари за трпението – и спасението


Скопје, 30 јануари, 2018 - 19:46 (META) 

Со зборовите „За продолжението дополнително ќе бидете известени, благодарам за трпението – и спасението“, претседателот на Собранието на Република Македонија вечерва ја заврши 32-та седница, на која поради немање кворум во попладневното продолжение само еден закон со гласање беше пратен на комисиска расправа. Во салата не беа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Сите други предлог-закони и одлуки поминаа без расправа, оти речиси никој не се пријавуваше за збор. Во салата имаше многу малку пратеници, па немаше услови да се врши гласање.

Поради тоа Џафери рече дека гласање за точките ќе има на продолжението на седницата, за која првично зборуваше дека ќе се одржи в четврток, за потоа на самиот крај да се поправи и да каже дека поради други обврски на пратениците в четврток, накнадно ќе го закаже продолжението на 32-та седница.

Расправа од говорницата имаше само Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ, кој зборуваше за предлог-законите за намалување на парите што ќе се исплаќаат за патни трошоци на пратениците, односно предлог законите за измена на Законот за плати  и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија и на Законот за пратеници. Притоа, Тунтев и Џафери навлегоа во долга расправа  за издржаноста на некои решенија и за надлежностите на собранискиот спикер.


Заев за БГНЕС: Противникот не е подготвен да ја предаде власта, треба многу трпение


Софија, 2 мај, 2017 - 20:57 (META) 

„Очекувам демократските процеси во државата да се одвиваат во согласност со Уставот, деловникот и со законите. Тоа значи новоизбраниот претседател на Собранието да ги добие печатите, неговиот избор да биде објавен во „Службен весник“ и потоа тој да испрати писмо до претседателот Ѓорге Иванов за да го даде мандатот за формирање нова влада“, изјавил лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за бугарската новинска агенција БГНЕС.

Заев вели дека за ова треба многу трпение, бидејќи политичкиот противник не е подготвен да ја предаде власта, иако изборот на новиот спикер бил поздравен од Европската Унија и од Соединетите Американски Држави.

Тој го повторил партискиот став дека СДСМ е против промената на уставното име и на државните симболи.


Рама: Албанците во Македонија не треба да бидат алиби за конфликт


Тирана, 30 април, 2017 - 20:10 (META) 

Премиерот на Албанија, Еди Рама, коментирајќи ги последните настани во Македонија, изјави дека во борбата за власт, како алиби биле вклучени Албанците. Рама ги повика Албанците на мир и на трпение во овие тешки услови за да не се дозволи тие да бидат искористени како алиби за конфликт, пренесе телевизија „Алсат-М“.

– Имаме право да ги потсетиме нашите соседи Македонци дека многу би сакале Албанците во Македонија, кои не се малцинство, туку се државотворно население, да ги уживаат почитта, слободите и правата рамноправно со Македонците. Ние сакаме стабилна Македонија, демократски и економски развиена, бидејќи ние сакаме Македонија да биде пример на хармонија меѓу соседите и да биде место каде ниеден Албанец не се чувствува како граѓанин од втор ред. Повторениот повик за мир, трпение и за што повеќе волја и во овие тешки услови за да не се вклучиме во политички конфликт и да не дозволиме Албанците да се наведуваат како алиби за тој конфликт е израз на нашата голема желба Македонија да ја надмине оваа криза која продолжува да ескалира, каде, за жал, во борбата за власт, Албанците се вклучија како алиби – изјави Рама.


Заев: Празникот на духовното помирување нека донесе лична и општествена зрелост


Скопје, 26 февруари, 2017 - 12:28 (META) 

По повод празникот Прочка, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, упати честитка до граѓаните што го чествуваат овој голем христијански празник, до поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, до Синодот и до претставниците на МПЦ.

„На овој голем празник на духовно помирување, да се издигнеме над искушенијата што ја испитуваат нашата определба кон вредностите што ни се потребни како луѓе, но и како граѓани на едно општетство во кое живееме и имаме обврска да го градиме сите. Го избравме доброто наспроти злото, вистината наспроти лагата, правдата наспроти неправдата, заедничкиот живот наместо поделби. Покажавме трпение, толеранција, мудрост и отвореност кон решенијата што носат мир и благосостојба на секој човек. Тоа е патот на нашето индивидуално и колективно помирување, а таква силна порака носи и овој голем верски празник. Во нас е совеста, пред нас е институционалната и општествена зрелост“, вели Заев во честитката.


Ѓорчев: Заев и тие околу него си играат со трпението на народот


Скопје, 13 декември, 2016 - 16:48 (META) 

„Заев и тие околу него треба да знаат дека си играат со трпението на трпелив човек, се играат со гневот на трпелив човек. Овој народ покажа трпеливост, но ако некој сака да ја украде неговата волја, ќе стане гневен“, рече носителот на кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ во шестата изборна единица, Влатко Ѓорчев.

– Поразениот Зоран Заев сака да ви ја украде победата, сака да ги помножи вашите гласови со нула. Поразениот, убедливо поразениот Заев, сака да стане победник. Народот одлучи, народот гласаше, Македонија гласаше. Нема да му дозволиме да ја украде победата на граѓаните на Република Македонија. Имаме кристално чиста победа, победа во мандати, победа во општини, јасна победа во шест од седум изборни единици. Победа во гласови кои се верификувани и констатирани од ДИК – рече Ѓорчев.

Тој додаде дека Заев не одлучува кој ќе ја составува владата туку за тоа одлучуваат граѓаните на Македонија преку слободно изразена волја.

– Заев излезе пред еден час и се закани. Продолжува да се заканува, нека води сметка дека се заканува на 453.000 граѓани на Македонија. Граѓаните се народот, народот гласаше и народот нема намера да дозволи Заев со грст луѓе и соработници да ја украде демократски изразената волја на граѓаните на Македонија – додаде Ѓорчев.

Според Ѓорчев, Заев треба да престане да ја продолжува кризата и порача дека изборите биле чисти како солза. Тој од опозицијата побара да ѝ честитата на ВМРО-ДПМНЕ за изборната победа.


Иванов: Трпението на населението е веќе при крај


Скопје, 22 октомври, 2015 - 16:38 (META) 

Tоа што го договориле e oбврска на политичките лидери и роковите што ги поставиле мора да ги почитуваат, изјави денеска претседателот Ѓорге Иванов, при посета на прифатниот центар за мигранти во Гевгелија.

– Нашите политички лидери се согласиле да постигнат договор и го потпишале. Со тоа што го потпишале, презеле обврска да го извршат. Така што, нивна обврска е сето тоа што го презеле и роковите што ги поставиле, да ги почитуваат. За жал, како одминува времето и како се пробиваат роковите и не се исполнуваат преземените обврски, ни се усложнува состојбата. Предолго трае оваа криза во државата и навистина секој треба да биде одговорен и да ја сноси својата одговорност, затоа што решенијата се одлoжуваат – рече претседателот Иванов.

Претседателот побара одговорност од вклучените страни во разговорите, бидејќи, како што рече, трпението на населението е при крај.

– Уште еднаш ги повикувам сите вклучени во целиот овој процес, да постапуваат онака како што се договориле, затоа што трпението на населението е веќе при крај. Сето тоа влијае и на бизнисот, влијае и на планирањата, влијае на тоа што луѓето го замислиле да го остварат во својот живот. Неопходна е многу поголема одговорност на сите што се вклучени во целиот процес – изјави Иванов.