!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Дебармаалци порачаа дека тротоарите се за пешаци, а не паркинг-простор за заработка


Скопје, 21 август, 2017 - 20:49 (META) 

Жителите на Дебар Маало попладнево излегоа на протест, на кој ги повикаа Општината Центар, Градот Скопје, МВР и полицијата да преземат мерки за да ги заштитат пешаците, а особено децата од опасносностите кои демнат од тротоарите окупирани со возила, од неорганизираниот сообраќај и од неконтролираното градење.

Протестот, организиран од граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“, се одржа пред зградата на Министерството за култура, во близина на Основното училиште „Коле Неделковски“, каде минатата недела загина жена која беше прегазена од комби кое вршеше дотур на производи.

Граѓаните со транспаренти на кои пишуваше „Здравјето пред профитот“ и „Вратете ни ги тротоарите“ ги повикаа надлежените наместо да си ја префрлаат одговорноста едни на други, да почнат да работата и да соработуваат за решавање на проблемот во интерес на граѓаните, пред се на децата.

Јана Белчева во името на граѓанската иницијатува истакна дека работите наместо да се решаваат се влошуваат, а најстрашно од сè тоа што од тротоарите, наменети за пешаците, се заработува, бидејќи на нив се означени места за паркирање на возила, што се наплаќа.

– Повеќе од две години се обидуваме да дојдеме до некое решение кај инситутцииуте, но, за жал оттаму немаше никаква реакција. Го повикуваме градоначалниците Општина Центар, на Град Скопје, инспекциските служби, МВР и собраќајна полиција да почнат да соработуваат за да се решаваат проблемите, а не да си ја префрлаат одговорноста во ситуација кога се одговорни пред законот – рече Белчева.


Дебармаалци попладнево ќе протестираат за безбедни улици


Скопје, 21 август, 2017 - 11:19 (META) 

Граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“ денеска во 18 часот на протест пред Министерството за култура ќе ги повикаат Општина Центар и Град Скопје да ги применат постоечките закони за да ги заштитат пешаците од, како што велат „опасноста предизвикана од тротоари окупирани од возила и кафеани, опасно неорганизиран сообраќај и неконтролирано градење“.

Протестот кој се одржува под слоганите „Вратете ни ги тротоарите“ и „Здравјето пред профитот“, ќе се одвива од 18 до 19.30 часот, на улицата Антоние Грубишиќ, на потегот од ОУ „Коле Неделковски“ до Министерство за култура.

Минатата недела, кај ОУ Коле Неделковски загина постара жена која одеше по коловозот на улицата Антоние Грубишиќ.

„Тротоарите се постојано зафатени со возила, а комбето што ја усмрти се движеше во рикверц затоа што нема простор и затоа што дотур се прави во најфреквентните часови и во текот на цел ден. Брзината, иако формално ограничена, никој не ја санкционира, бучавата ги надминува сите дозволени граници, градежните активности продолжуваат и покрај тоа што граѓаните го оспорија предложениот Детален урбанистички план. Иако градоначалникот на Центар и Општината се обврзани со закон да одговорат на анкетните ливчиња за ДУП-от, градоначалникот Андреј Жерновски и Општината го прекршија законот и сѐ уште одбиваат да одговорат на над 400 анкетни забелешки од граѓаните“, велат од граѓанската иницијатива, потсетувајќи дека повеќе од две години предупредуваат на опасноста и бара од градоначалниците на Центар Андреј Жерновски и Скопје Коце Трајановски.


Жителите на Дебар Маало утре ќе протестираат за безбедни улици и тротоари


Скопје, 20 август, 2017 - 13:45 (META) 

Жителите на Дебар Маало во Скопје, утре ќе протестираат за безбедни улици и тротоари за пешаци пред Министерство за култура, во 18 часот.

„Окупираните тротоари, неконтролираното градење, нерешениот паркинг-простор и лошиот режим за дотур на роба, го направија маалото небезбедно за живеење“, се вели на фејсбук-страницата „Вратете ни ги тротоарите“.

Настанот е во организација на иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“ која долго време реагира за да се реши сообраќајниот хаос.

На 17 август, во близина на Министерството за култура беше прегазена жена која почина на самото место на несреќата.


Град Скопје: Утрово фрлени 50 тони сол на улиците и на булеварите


Скопје, 16 јануари, 2017 - 10:06 (META) 

Од почетокот на снежните врнежи утрово, екипите на зимската служба на Град Скопје фрлиле 50 тони сол на градските улици и булевари, соопштија од Град Скопје.

Оттаму велат дека паралално со коловозите, екипи од јавните претпријатија на Градот Скопје работат на расчистување на снегот и на мразот од тротоарите и од јавните површини.

„Во расчистувањето на тротоарите и јавните површини ангажирани се 100 работници и механизација од ЈП „Комунална хигиена“, работници и механизација од ЈП „Паркови и зеленило“, како и работници од ЈП „Водовод и канализација“ кои работат на чистење на сливниците“, стои во соопштението.

Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите.

„Потсетуваме дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување. Апелираме до граѓаните, куќните совети и до сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти. JП „Комунала хигиена“ апелира општините да ја реализираат нивната обврска за чистење на улиците кои се во надлежност на општините и апелира за поголема ажурност во оваа област заради непрекинато собирање на комуналниот смет“, стои во соопштението од Град Скопје.


Општина Тетово: Снегот се расчистува според приоритет, прво улиците, па тротоарите


Тетово, 10 јануари, 2017 - 15:06 (META) 

Од кризниот штаб на Општина Тетово велат дека постојано се работи на расчистување на улиците од снегот. Според нив, сите коловози се проодни и механизација постојано работи на терен и ја контролира состојбата.

– Наши екипи постојано се на терен и реагираат веднаш на расчистување на патиштата од снегот, кој периодично, поради силниот ветер, понекогаш може да се спушти на некој коловоз – вели Ука Алити од кризниот штаб од Тетово.

Граѓаните велат дека сепак снегот се чисти делумно. Тротоарите, според нив, воопшто не се исчистени.

– Тротоарите не се исчистени ниту во центар, а камоли на друго место. Човек може да падне и да скрши нога, се лизга – вели една повозрасна жителка на Тетово.

Од кризниот штаб од Тетово, пак, велат дека јавните површини се расчистувале според приоритет. Денеска општински екипи работеле на расчистување на снегот од тротоарите.

Денеска во Западна Македонија наврна нов снежен нанос, кој не предизвика проблеми во патниот сообраќај. Сите автопати и регионални патишта во овој дел на Македонија се проодни.


Кампања на „Мобилност“: „И мојот глас се брои“


Тетово, 16 ноември, 2016 - 14:10 (META) 

За време на денешната кампања „И мојот глас се брои“, членовите на здружението „Мобилност“ сликовито посочија со кои проблеми се соочуваат додека се движат низ Тетово.

За да пристигнат до седиштето на нивното здружение, тие мораа да се движат по улица ризикувајќи ги своите животи. Тротоарите беа узурпирани од автомобили и од трактори на кои се продава зеленчук.

– Тротоарите се високи и не можеме да се качиме со нашите колички, а и да се качиме со триста маки, веднаш наидуваме на паркирани возила на тротоарите и мора пак да се симнеме на улица, каде продолжува нашата голгота – вели Абдимсамет Џини.

Членовите на „Мобилност“ велат дека ретко која институциија има направено рампи за инвалидизираните лица.

– Во последно време се соочуваме со проблеми со паркирањето во градот, а на патарините почнаа да ни наплаќаат билет – велат лицата со посебни потреби.

Претседателот на здружението „Мобилност“, Велибор Јакимовски, уште еднаш ги потсети институциите да преземат итни чекори за подобрување на инфаструктурата во градот, со што треба да се олесни движењето на инвалидизираните лица.

– Ако институциите конечно решат да ни излезат во пресрет на нашите барања во однос на подобрување на инфраструктурата, нека не го прават тоа без нас, затоа што ние најмногу ги знаеме нашите потреби – изјави Јакимовски.

Здружението „Мобилност“ има 700 члена.


По стотици повреди, мразот е исчистен од битолските улици


Битола, 12 јануари, 2015 - 10:45 (META) 

По фрапантаната бројка од речиси 150 повредени битолчани поради лизгање на мраз и десетици скршеници и операции на раце и на колкови, јавните претпријатија во Битола со вонреден ангажман викендов ги исчистија тротоарите и пешачките премини од мразот.

ЈП „Комуналец“ од петокот до вчера во доцните попладневните часови ги расчистуваше тротоарите и споредните улици од мразот.

– Се работеше вонредно и брзо бидејќи следуваа нови најави за врнежи од снег. Мразот е исчистен од тротоарите, пешачките премини и од парковите, бидејќи новиот снег можеше да ги замаскира овие површини, па да настанеа поголеми проблеми – вели Зоран Соклевски, директор на ЈП „Комуналец“ од Битола.

Ноќеска во градот под Пелистер наврнаа околу 15 сантиметри снег, а од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека нема пријавено проблеми во ниту едно населено место.

Од ЈП „Нискоградба“, кое е задолжено за чистење на патиштата, велат дека сите улици од прв и од втор приоритет се проодни.

– Уште во претпладневните часови ќе работиме да го исчистиме снегот и по улиците од трет приоритет. Ноќеска на патиштата и на улиците околу и во градот се фрлени 18 тони сол и 14 кубни метри ризла. Состојбите со новиот снег се под контрола – вели Кире Крстевски, директор на ЈП „Нискоградба во Битола“.

А.Б.